дома блог страница 592

Оваа среда во Прилеп гостува “Антикорупцискиот караван”: Дојди, постави прашања и вклучи се во борбата против корупцијата!

Тимот на програмата Граѓаните против корупцијата“ со задоволство Ви го најавува настанот „Антикорупциски караван“ што ќе се одржи на 4 декември (среда) пред „Саат кулата“ во Прилеп со почеток од 11:00ч.

-Целта на настанот е преку директна комуникација тимот на програмата  и претставниците на државните институции, граѓанските организации и медиумите одблиску  да ги информираме граѓаните за значењето на борбата против корупцијата, да дискутираме за предизвиците како и да ги презентираме можностите за пријавување на случаи на корупција во Општина Прилеп – велат од Македонски центар за меѓународна соработка

Овој Антикорупциски караван е можност да добиеш одговори директно од претставниците: на Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК), Управата за финансиска полиција и Општина Прилеп;

да се запознаеш со последните наоди за потенцијални коруптивни случаи во твојата општина;

да дознаеш повеќе за алатката „Реагирај“ и да се приклучиш во борбата против корупцијта.

MОН со известување до студентите: Побрзајте, рокот за пријавување за субвенциониран студентски оброк тече!

Министерството за образование и наука потсетува дека од 1 до 5 декември 2024 е отворен рокот за пријавување за правото на субвенциониран студентски оброк за академската 2024/2025 година.

Сите студенти кои ги исполнуваат условите, а не аплицирале досега, може да поднесат апликација електронски преку порталот: https://e-uslugi.mon.gov.mk.

Во објавата на МОН се достапни информации за условите и критериумите за остварување на правото, а за дополнителни информации студентите може да го контактираат МОН по е-пошта на [email protected] или да ја посетат канцеларијата на приземјето во зградата на Министерството.

МОН посочува дека сите студенти на кои претходно им било прекинато правото, а сметаат дека ги исполнуваат условите, може повторно да аплицираат. Овој рок е, исто така, отворен за студенти кои не аплицирале во претходните активни рокови.

Нов влажен бран пред крајот на неделата – до четврток стабилно

Времето денеска претпладне ќе биде умерено до значително облачно со појава на слаб локален дожд и снег особено во јужните делови од земјата. Попладне променливо облачно со сончеви периоди. Ќе дува слаб до умерен ветер од северен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од -2 до 5, а максималната ќе достигне од 2 до 8 степени.

Во Скопје претпладне облачно, преку денот тивко, а облачноста ќе се намалува.

Минималната температура ќе се спушти до 2 , а максималната ќе достигне до 8 степени.

До средината на неделата времето ќе биде стабилно со услови за појава на магла по котлините, а постојната снежна покривка постепено ќе се намалува. Наоблачување со појава на повремен дожд, а на планините и дел од повисоките места од снег ќе има во ноќта кон четврток и потоа преку денот.

Oглас за 101 вработување во МВР – се бараат кандидати и со средно и со високо образование

Министерството за внатрешни работи објави јавен оглас за прием на приправници со или без работно искуство. Работните позиции се отворени за подрачјето на цела државата.

Во продолжение може да ги прочитате условите кои се наведени во јавниот оглас.

I. За прием на 101 извршител за работа во Министерството за внатрешни работи на неопределено време, од кои:
– 48 извршители (приправници – со или без работно искуство) со високо образование VII/1 степен (четиригодишни студии) или најмалку 180 кредити според ЕКТС во областа и
– 53 извршители (приправници – со или без работно искуство) со завршено четиригодишно средно образование или завршено четиригодишно средно образование во областа, и тоа за:

1. Подрачје на Град Скопје (со седиште во Скопје)
1.1 – 19 извршители со завршено високо образование – Правен факултет, Економски или безбедност;
1.2 – 9 извршители со завршено високо образование – Електро-технички факултет, Природно-математички факултет или факултет од областа на информатичката технологија;
1.3 – 7 извршители со завршено високо образование – биологија, биохемија или хемија;
1.4 – 4 извршители со завршено средно образование – електро-техничко образование и друго средно од областа на информатика, телекомуникации или електроника;
1.5 – 24 извршители со завршено средно образование и
1.6 – 3 извршители со завршено средно образование и возачка дозвола Б, Ц, Д и Е категорија.

2. Подрачје на Сектор за внатрешни работи – Битола
2.1 – 1 извршител со завршено високо образование – Правен факултет (со седиште во Битола);
2.2 – 4 извршители со завршено средно образование (со седиште во Битола) и
2.3 – 2 извршители со завршено средно образование (со седиште во Прилеп).

3. Подрачје на Сектор за внатрешни работи – Велес
3.1 – 2 извршители со завршено високо образование – Правен факултет (со седиште во Велес);
3.2 – 1 извршител со завршено високо образование – Правен факултет, Економски или безбедност (со седиште во Кавадарци);
3.3 – 1 извршител со завршено високо образование – Правен факултет, Економски или безбедност (со седиште во Неготино) и
3.4 – 3 извршители со завршено средно образование (со седиште во Велес).

4. Подрачје на Сектор за внатрешни работи – Охрид
4.1- 2 извршители со завршено високо образование – Правен факултет, Економски или безбедност (со седиште во Охрид);
4.2 – 2 извршители со завршено средно образование (со седиште во Охрид) и
4.3 – 1 извршител со завршено средно образование (со седиште во Струга).

5. Подрачје на Сектор за внатрешни работи – Струмица
5.1 – 4 извршители со завршено високо образование – Правен, Економски или безбедност (со седиште во Струмица);
5.2 – 3 извршители со завршено средно образование (со седиште во Струмица) и
5.3 – 1 извршител со завршено средно образование (со седиште во Гевгелија).

6. Подрачје на Сектор за внатрешни работи – Тетово
6.1 – 3 извршители со завршено средно образование (со седиште во Тетово)

7. Подрачје на Сектор за внатрешни работи – Штип
7.1- 2 извршители со завршено високо образование – Правен факултет (со седиште во Штип) и
7.2 – 3 извршители со завршено средно образование (со седиште во Штип).

II. Кандидатите потребно е да ги исполнуваат следните општи услови:
– да се државјани на Република Северна Македонија,
– да се полнолетни,
– активно да го користат македонскиот јазик и неговото кирилско писмо,
– да се здравствено и психофизички способни,
– да имаат завршено најмалку четиригодишно средно образование,
– со безбедносна проверка да е утврдено дека за истите не постои безбедносен ризик од вработување,
– со правосилна пресуда да не им е изречена казна забрана на вршење професија, дејност или должност,
– да не се членови на политичка партија или членови на органи и тела на политичка партија и
– да имаат положено тест за интегритет.

Кандидатите потребно е да ги исполнуваат следните посебни услови:
– основно познавање на англиски јазик (познавање на други светски јазици се смета за предност) и
– познавање на работа со компјутери.

III. Право на поднесување на пријава имаат сите граѓани на Република Северна Македонија кои ги исполнуваат општите и посебните услови. Заинтересираните кандидати заедно со пријавата потребно е да ги достават доказите за исполнување на пропишаните услови во оригинал или копија заверена на нотар, и тоа:
– диплома или уверение за завршен степен на образование;
– извод од матичната книга на родените;
– доказ дека со правосилна пресуда не им е изречена казна забрана за вршење на професија, дејност или должност;
– сертификати и дипломи за завршени стручни курсеви и обуки (доколку ги поседува) и
– кратка биографија (CV).

IV. Кандидатите се должни уредно да ја пополнат и потпишат пријавата. Во пријавата, кандидатите задолжително го наведуваат подрачјето и редниот број за кој се пријавуваат.

Кон пријавата кандидатите може да достават мотивациско писмо во кое ќе ги наведат причините за аплицирање, очекувањата од работата и целите во кариерата, како и да приложат и други документи од нивен интерес.

Пријавата со потребната документација, кандидатите може да ја поднесат лично во едно од определените места за пријавување секој работен ден во текот на работното време (08:00 – 16:00 часот), и тоа:
– За Сектор за внатрешни работи Скопје во:
Полициска станица од општа надлежност – Гази Баба,
Полициска станица од општа надлежност – Бит Пазар и
Полициска станица од општа надлежност – Карпош.
– Сектор за внатрешни работи Битола;
– Сектор за внатрешни работи Велес;
– Сектор за внатрешни работи Куманово;
– Сектор за внатрешни работи Тетово;
– Сектор за внатрешни работи Охрид;
– Сектор за внатрешни работи Струмица и
– Сектор за внатрешни работи Штип.

Заинтересирани кандидати потребната документација заедно со пријавата може да ја поднесат и по пошта на адреса: ул.„Димче Мирчев“ бр.9, 1000 Скопје со назнака “за оглас за прием на 101 извршител“.

V. Постапката за селекција на кандидатите ја спроведува Комисија за селекција формирана од страна на министерот согласно одредбите од Законот за внатрешни работи и Правилникот за начинот на селекција и избор на лица кои засноваат работен однос во Министерството за внатрешни работи и истата се спроведува во следните фази:
– административна селекција;
– писмено тестирање (стручен тест);
– психолошко тестирање (тест за интегритет и психолошки тест);
– интервју;
– безбедносна проверка и
– здравствен преглед.

За пријавените кандидати се врши безбедносна проверка врз основа на нивна претходна писмена согласност. Доколку лицето ја одбива безбедносната проверка, се смета дека не ги исполнува условите за засновање на работен однос во Министерството.

Здравствените прегледи во постапката за селекција за проверка на здравствените и психофизичките способности на кандидатите се утврдуваат од страна на Здравствена комисија формирана од министерот за внатрешни работи.

Документот за докажување на државјанство на кандидатот го обезбедува Министерството за внатрешни работи по службена должност.

VI. По спроведената селекција, избраните кандидати склучуваат договор за вработување во Министерството за внатрешни работи на неопределено време, како приправник за одредено работно место. Лицето се оспособува за самостојно и стручно вршење на работите со спроведување на обука во траење од девет месеци.

VII. Рокот за доставување на пријавите изнесува 15 (петнаесет) дена, сметано од наредниот ден од денот на објавување на јавниот оглас (не сметајќи го денот на самото објавување).

VIII. Кандидатите се охрабруваат да ја посетат web страната на Министерството за внатрешни работи www.mvr.gov.mk, каде и ќе биде објавен јавниот оглас и од каде можат да ја преземат пријавата за вработување или истата може да ја подигнат на едно од определените места за достава на документација.

IX. Ненавремената, непотполната и несоодветната документација нема да се разгледува.

Aко досега не ви исплатиле – Еве колку треба да изнесува К-15

Регрес за годишен одмор годинава ќе добијат сите, и работниците во приватниот и во јавниот сектор.

Над 84 илјади вработени во администрацијата ќе добијат по 11 илјади денари К-15. За вработените во приватниот сектор, К-15 годинава ќе биде околу 16.800 денари, односно 40 отсто од просечната плата исплатена во последните три месеци.

Исплатата треба да се изврши до крајот на годината, а законски може да почне да се исплаќа од мај.

Услов за исплата на К-15 е работникот најмалку шест месеци во календарската година да работи кај ист работодавец. К-15 им следува и на оние работници што ја смениле работата, ако претходно непрекинато работеле половина година во иста компанија.

За работодавците што нема да им исплатат регрес за годишен одмор на своите вработени, Законот предвидува казна до 4.000 евра, од кои од 2.000 до 3.000 евра за компанијата и од 500 до 1.000 евра за одговорното лице во неа.

Еден гол го реши победникот во Гевгелија – Победа одново влезе во негативна серија

Во Втората фудбалска лига викендов на програмата беше 14. коло, каде прилепска Победа гостуваше кај Кужуф во Гевгелија. По серијата добри резултати откако кормилото го презеде Дунимаглоски, црвено-белите одново влегоја во негативна серија, откако и на овој натпревар беа поразени со 1:0, што беше трет последователен неуспех.

Стрелец на голот за Кожуф беше Благој Стојанов во 76. минута.

Со овој пораз Победа одново се најде во долниот дел од табелата, а зад прилепчани се Осогово, Борец и Вардарски.

Во наредното 15. коло, Победа го пречекува Детонит.

Пожар во хотел во Крушево – се запалила котларата

-На 30.11.2024 година во 15.10 часот во ОВР Крушево било пријавено дека се запалила котларата во хотел во Крушево .

Од страна на Теритиријалната против пожарна единица Крушево пожарот е изгаснат при што повредени лица нема, причинета била само материјална штета.

Увидот го извршила увидната екипа на ОВР Крушево – информираат од МВР.

СНЕЖНА БАЈКА! Михајлово под дебела снежна покривка – за брзо ќе може и да се скија (ФОТО)

Снежна убавина во кавадаречко Михајлово, каде вчера наврнаа 25цм снежна прекривка. Во крајна фаза се и работите околу скијачкиот центар, каде љубителите на зимските спортови ќе можат активно да ја користат ски стазата и ски лифтот веќе од крајот на декември.

Општина Кавадарци забрзано се развива, а скијачкиот центар во Михајлово ќе значи огромен бенефит како за општината, така и за сите кавадарчани, кои во наредниот период ќе бидат домаќини на голем број посетители од земјата и странство.

На само бод од врвот! Прилепчани го “здрмаа” и силниот тим на Борец

Екипата на Мега Баскет од Прилеп синоќа на домашен терен триумфираше и над силната екипа на велешки Борец. Крајниот резултат синоќа во “Добре” беше 78:69, победа која прилепчани ги донесе само на еден бод од врвот на табелата, а беше само втор сезонски пораз за Борец.

Мега Баскет беше одличен во текот на целиот натпревар, доби три од четири четвртини, а најрасположени беа Јаневски со 18 поени, Велески со 15 и Кузманоски со 16 постигнати поени.

На табелата сега прилепчани се трети со 13 бода, колку што имаат и Соколи, додека пред нашата екипа се Борец и Ангели со по 14 освоени бода.

Во наредното коло Мега Баскет гостува кај Охрид.

Приведени четири лица: Носеле Бразилки во Македонија, за да нудат секcyaлни услуги во станови во комплексот „Џевахир Холдинг“

Единицата за трговија со луѓе и криумчарење мигранти при ОСОСК на МВР, во соработка со надлежен јавен обвинител и истражители од Истражниот центар при Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, вчеравечер (30.11.) реализираа случај во којшто од слобода се лишени четири лица. Имено, поради постоење на основано сомнение дека сториле кривични дела – „Посредување при вршење на проституција“ и „Перење пари и други приноси од казниво дело“ приведени се лицата Д.Ј.Н.М. (34), М.М. (57) и С.Д. (47), додека пак четвртоосомничениот Н.М. (23) за кривичното дело – „Перење пари и други приноси од казниво дело“.

Според досегашните сознанија, во периодот од декември 2023 година наваму првоосомничената, инаку бразилска државјанка, со дозвола за привремен престој во РСМ, заедно со второ и трето осомничените – македонски државјани, како и со две неидентификувани лица од Р.Португалија, од користољубие со умисла организирале врбување, прифаќање, превезување и сместување на женски лица од Бразил. Тие, во посочениот период, заради вршење на проституција, во РСМ, прифатиле пет бразилки од 26 до 38 години кои ги сместувале во претходно изнајмени станови во Скопје, во комплексот „Џевахир Холдинг“. Девојките во двата стана каде што биле сместувани давале сексуални услуги на клиенти кои со нив стапувале во контакт преку меѓународна веб страна наменета за понуда на ескорт девојки во цела Европа. На страницата девојките имале креирани еден или повеќе профили на кои биле постирани телефонски броеви, ценовник на сексуални и дополнителни услуги и фотографии со експлицитна содржина. Првоосомничената ги контролирала профилите на девојките, контактирала со потенцијалните клиенти: го организирала дневниот распоред на клиентите за секоја девојка; го определувала времетраењето на давање на услугите кои се движеле од 150 евра за половина час; 200 евра еден час; 300 евра два часа; 450 евра за три часа и 800 евра за цела ноќ за сексуални услуги; одобрувала дополнителни услуги за клиентите кои чинеле од 70 евра и повеќе; и гарантирала за безбедноста на девојките. За нејзиниот ангажман добивала 30% од заработувачката на девојките што ја делела со второ и третоосомничениот кои пак организирале прифаќање, превоз, сместување, безбедност и грижа за секојдневните потреби на девојките.

Со намера да го прикрие вистинскиот извор, локацијата, понатамошниот тек и вистинските сопственици на паричните средства стекнати со вршење на кривично дело „Посредување при вршење на проституција“, првоосомничената дел од паричните средства преку систем за електронски трансфер на пари за територијата на РСМ ги уплаќала, во износ од 26.151 евра, кон четири лица во Португалија и три лица во Бразил. Второосомничениот пак, во два наврати дел од паричните средства стекнати од претходно сторено кривично дело во износ од 3.000 УСД ги уплатил кон едно лице во Норвешка, а во повеќе наврати извршувал готовински исплати на парични средства во износи од 440 евра по основ на закупнина за становите, а направил и повеќе готовински исплати на парични средства за различни сопствени потреби и потреби на девојките. Третоосомничениот преку субагент за трансфер на пари износ од 1.965 евра испратил на првоосомничената на нејзина сметка во Португалија, а 150 евра испратил кон физичко лице во Колумбија.

Четвртоосомничениот пак, кој во повеќе наврати бил корисник на сексуални услуги од една од девојките, дури и со одобрување на првоосомничената и со паричен надоместок од најмалку 5000 евра по патување, што и било исплаќано на првоосомничената, бил придружуван од девојката при неговите патувања во Рим и Лондон. Откако ја стекнал довербата на девојката, со цел да ги пушти во оптек и да го прикрие потеклото на паричните средства што девојката ги прибавила со извршување на казнивото дело „Оддавање на проституција“ по чл.19 од Законот за прекршоци против јавниот ред и мир, ѝ креирал кориснички профил на веб платформа за тргување со електронски пари (крипто валути) иако знаел дека парите девојката ги прибавила со казниво дело. Преку профилот и со поседување на електронски паричник (wallet), девојката непречено можела да врши трансакции и да го прикрие изворот на паричните средства.

Инаку, врз основа на издадени наредби од Судија на претходна постапка од Основен кривичен суд Скопје, во рамки на активностите за расчистување и документирање на случајот, полициски службеници на подрачјето на Скопје и Куманово извршија пет претреси во дом и други простории кај пријавените лица. Од извршените претреси пронајдени и привремено одземени се 10 мобилни телефонски апарати, седум СИМ картички, лаптоп, огнено оружје (два пиштоли), одредена сума на девизни и денарски парични средства (2480 евра, 20 фунти, 27.100 денари), разна документација (шест потврди за брз трансфер на пари, договор за закуп на стан, четири банкарски картички) и друго.