дома блог страница 591

Прилепчанец објави фотографија од снежната покривка на Баба Планина

Фото/ФБ/Filip Ilioski

Познатиот алпинист и велосипедист од Прилеп, Филип Илиоски, на својот ФБ профил објави фотографија, на која се гледа колкава снежна покривка се формира викендов на Баба Планина.

-01.12.2024, Баба Планина со над 1 метар снег денеска не ни дозволи да се искачиме до Неолица. Прекрасен ден со многу снег! – напиша Илиоски.

Започнува НОВОГОДИШНАТА МАГИЈА во Битола – се украсува на повеќе места во градот, за брзо ќе биде позната и програмата за “Зимската приказна” (ФОТО)

Од денес започна новогодишното украсување на Битола, со кое годинава ќе бидат опфатени повеќе локации, почнувајќи од Офицерскиот дом, низ Широк Сокак, Плоштадот Магнолија, Старата битолска чаршија. Украсувањето вклучува и многу нови елементи, кои ќе бидат значајно надополнување на минатогодишните украси, а истовремено ќе создадат посебна новогодишна атмосфера низ битолските улици.

Комплетното украсување на градот, планирано е да биде завршено до 10 декември.

Локалната самоуправа, годинава планира и неколку новитети кои ќе ја збогатат празничната радост на сите генерации, а дополнително новогодишната магија од 20 декември до 6 јануари ќе биде исполнета и со Програмата на „Зимска приказна“, манифестација која општината ја реализира четврта година по ред, а има за цел да го поттикне културниот туризам и да овозможи прекрасна предновогодишна атмосфера во Битола.

Топлината на празничните денови кај Офицерскиот дом ќе биде збогатена и со традиционалните куќички со пијалоци, храна и сувенири. Секој ден ќе биде исполнет со концерти на локални и регионални бендови, како и детски претстави кои ќе ја воодушеват најмладата публика. Празничниот базар ќе понуди рачно изработени производи, локални деликатеси и сувенири кои ја рефлектираат магијата на Битола.

„Зимската приказна“ и оваа година со посебна програма ќе ја заживее Старата чаршија спојувајќи ја историјата и современоста преку уметнички и културни настани, изведби на улични уметници, промоција на традицијата, занаетчиството и гастрономијата, а нема да изостанат ниту културните содржини низ Широк Сокак.

Со завршувањето на планираните подготвителни активности, Битола ќе добие прекрасен предновогодишен блесок во кој граѓаните навистина ќе уживаат.

(Првата фотографија (бр.1) ги отсликува денешните активности, а останатите се кратко потсетување на дел од атмосферата за време на претходните изданија на „Зимска приказна“)

Joвчески се обрати до граѓаните: “Инвестиравме 120 милиони во патишта и улици, 60 милиони во училишта, ja завршивме градинката…” (ВИДЕО)

Почитувани сограѓани, денес, со гордост и благодарност за вашата доверба, сакам да ви ги претставам резултатите од нашето тригодишно работење како локална власт во Општина Прилеп. Со целосна транспарентност, одговорност и посветеност, успеавме да ги стабилизираме финансиското работење на општината, да реализираме клучни проекти од јавен интерес и значително да го подобриме секојдневието на нашите сограѓани. На почетокот на нашиот мандат, наследивме обврски од 292 милиони 562 илјади денари, или околу 5 милиони евра. Со добро менаџирање и рационално користење на ресурсите, успеавме речиси целосно да ги исплатиме овие обврски. Тоа ни овозможи да воспоставиме стабилна финансиска конструкција, со која обезбедивме основа за континуиран развој и подобрување на услугите за сите наши граѓани, истакна Борче Јовчески, градоначалник на Општина Прилеп.

-Во делот на инфраструктурата, ја спроведовме најобемната реконструкција на патната мрежа во изминатите децении. Рехабилитиравме над 80.000 квадратни метри улици и патишта во градот за што издвоивме 120 милиони денари.

Продолживме и оваа година и асфалтиравме улици и изградивме нови патишта во 15 населени места, што беше долгогодишна потреба на локалното население. Особено сме горди што успеавме да реконструираме улици кои не беа обновени повеќе од 30 години.

Комплетно ја реконструиравме пешачката улица Борка Талески којашто е дел од плоштадот Методија Андонов Ченто со површина од три ипол илјади метри квадратни, инвестиција од 25 милиони денари.

Во областа на образованието, направивме сериозни инвестиции за подобрување на условите за учење на нашите деца. Инвестиравме над 60 милиони денари за реконструкција и модернизација на училиштата. Реконструиравме училници, спортски сали и тоалети, поставивме смарт табли, набавивме компјутери и телевизори, а во многу училишта извршивме адаптација на неискористени простори. Покрај тоа, хортикултурно ги уредивме дворовите, со цел да создадеме пријатна средина за нашите ученици.

За прв пат во Општина Прилеп, воведовме бесплатни оброци за учениците од прво и второ одделение, за што издвоивме околу 8 милиони денари од буџетот на општината.

Обезбедивме и стипендии за 20 најдобри студенти, како и за социјално ранливи категории студенти. Исто така, доделивме вредносни ваучери за ученици и наставници кои постигнаа успеси на државно и меѓународно ниво, рече Јовчески и додаде:

„Еден од нашите приоритети беше заштитата на животната средина. Засадивме над 5,000 садници, спроведовме чистење на речните корита, депониите и градските зелени површини, и набавивме специјални комунални возила за ефикасно одржување на јавните простории. Благодарение на поддршката од нашите пратеници, обезбедивме 90 милиони денари за изградба на фабрика за рециклирање на отпад, проект што ќе ја заштити животната средина, ќе создаде нови работни места и ќе го поттикне развојот на зелената економија, во моментов во тек е јавната набавка и за скоро почнуваме и со изградба.

Во делот на водоснабдувањето, реконструиравме 2,540 метри водоводна мрежа и изградивме нови канализациски линии. Инвестиравме во SCADA систем за мониторинг, што овозможува 24-часовна контрола на водоснабдувањето на целата општина. Еден од најзначајните проекти беше изградбата на водоводна линија до манастирскиот комплекс „Трескавец“, за што обезбедивме 3 милиони денари кофинансирање, како и изградба на нови хидротехнички објекти во Канатларци за што изградивме нова водоводна мрежа со инвестиција од 18 милиони денари.

За прв пат во Општина Прилеп воведовме и исплаќање еднократна парична помош за секое новороденче во нашата општина во висина од 6,000 денари.

Во социјалниот сектор, воведовме бесплатен јавен превоз за околу 1,000 пензионери со ниски примања, а преку проектот „Помош и нега во домот“ се грижиме за 150 лица од третата доба. Обезбедивме нова опрема и фотоволтаични системи за Домот на стари лица „Киро Крстески-Платник“, со што значително ги подобривме условите за живот на највозрасните граѓани.

За нашите најмлади и најмили, ја завршивме изградбата на новата детска градинка во населбата Точила, со капацитет за 250 деца, капитален проект кој беше делумно започнат имаше многу недостатоци коишто ги решивме и морам да истакнам станува збор за проект којшто беше целосно финансиран од буџетот на Општина Прилеп со вкупна вредност од 133 милиони денари.

Изградивме и мултифункционално игралиште во ООУ Добре Јованоски и ново инклузивно детско игралиште во паркот на Могилата.

Во моментов во завршна фаза е изградбата на новата спортска сала во ООУ „Блаже Конески“ со што решаваме децениски проблем и докажуваме дека продолжуваме да инвестираме во спортот и образованието.

Во центарот на градот на раскрсницата кај Домот на култура Марко Цепенков изградивме нов кружен тек за подобрување на сообраќајот и поголема безбедност на нашите сограѓани а исто така сме во завршна фаза на изградба на нова катна гаража на паркинг просторот зад Леоне во центарот на Прилеп со што го решаваме големиот недостаток на паркинг места за нашите сограѓани во централното градско подрачје.

Овие проекти се од суштинско значење за подобрување на урбаната мобилност и создавање на функционални јавни простори.

Со поддршката на Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ, преку повикот на министерството за локална самоуправа продолжуваме со изградба на капитални проекти кои ќе донесат долгорочен напредок на нашата општина. Веќе со крајот на оваа година започнуваме со изградба на три капитални проекти за коишто имаме добиено средства а тоа се изградба на кружен тек на мостот Табана, изградба на улица Победа и реконструкција на водоводни линии во централното градско подрачје.

Работиме со целосна посветеност, во интерес на сите наши сограѓани, за достоинствен живот и подобра иднина на сите. Прилеп со оваа локална власт е на вистинскиот пат и ќе продолжиме заедно со поддршката од Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ, да реализираме конкретни и капитални проекти со кои ќе ги подобриме условите за живот во заедницата како за сегашните така и за идните генерации“.

10.000 евра и 100% стипендија за Бреинстер НЕКСТ факултетот за Дамјан Давков, победникот на најголемиот математички натпревар UltiMATH

По два дена исполнети со многу возбуда, знаење и натпреварувачки дух, Македонија го доби шампионот на најголемиот натпревар по математика за средношколци – UltiMATH. Првата награда, 10.000 евра, 100% стипендија за студирање на факултетот Бреинстер НЕКСТ и бројни сертификати, му припадна на средношколецот Дамјан Давков.

Дамјан не е непознат во светот на математиката. Со своето знаење и исклучителни математички вештини, тој досега има освоено бројни награди на домашни и на меѓународни натпревари, вклучувајќи и златен медал на Интернационална математичка олимпијада во Англија што се одржа во јули оваа година.

Второто место на UltiMATH го освои Алексеј Тасиќ, додека третото место му припадна на Ивано Божновски. И двајцата се наградени со 50% стипендија за студирање на факултетот Бреинстер НЕКСТ, ваучер за NU Колеџот за средношколци и други сертификати. Алексеј и Ивано, исто како и Дамјан, имаат значајно искуство, награди и признанија од голем број на натпревари, меѓу кои и бронзен медал за Алексеј и пофалница за Ивано на истата Интернационална математичка олимпијада.

Организаторите на UltiMATH, Бреинстер НЕКСТ факултетот и NU Колеџот за средношколци кои се дел од Brainster Group, изразија задоволство од високото ниво на подготвеност, ентузијазам и посветеноста на сите учесници.

„Дамјан, Алексеј и Ивано се инспирација за сите млади во Македонија. Нивните успеси покажуваат дека со труд и посветеност може да се постигне врвност и ние сме среќни што UltiMATH е платформа која го овозможи тоа. Овој натпревар ја потврди важноста на математиката како алатка за размислување, решавање на проблеми и градење аналитички вештини“, изјави Петар Ниновски, основач на Brainster Group.

Дамјан Стојанов, Марко Серафимовски и Марко Митевски, кои се пласираа на 4, 5 и 6 место освоија 50% стипендија на факултетот Бреинстер НЕКСТ, ваучер за NU Колеџот за средношколци и бројни сертификати. Награди има и за финалистите кои беа рангирани на 7, 8, 9 и 10 место. Тие освоија ваучер за NU Колеџот за средношколци, серификат за учество на UltiMATH и сертификат за положен приемен испит на Бреинстер НЕКСТ факултетот.

„Не помалку важни се и останатите учесници на UltiMATH кои се пласираа меѓу 10-те најдобри натпреварувачи. Нивното знаење и посветеност заслужуваат поддршка, бидејќи тие имаат огромен потенцијал за понатамошен успех“, истакна Ниновски.

Тој додава дека сите 350 учесници покажаа дека иднината е светла, а дека улогата на образованието е клучна. Награда не изостана ниту за останатите 340 учесници кои добија сертификат за потврда за положен приемен испит за НЕКСТ и ваучер за NU Колеџот за средношколци.

Според анализа на податоците од учесниците, топ 25 натпреварувачи доаѓаат од 12 училишта од Македонија. Од нив, осум учесници се од „Математичко-информатичката гимназија“-Скопје, четири учесници се од „Јахја Кемал“-Скопје, по два учесника од „Nova International School“-Скопје, „Алгоритам“-Скопје и „Јосип Броз-Тито“- Битола. Од улилиштата „Орце Николов“-Скопје, „Раде Јовчевски-Корчагин“-Скопје, ОСТУ „Гостивар“ „Ѓорѓи Наумов“-Битола, „Љупчо Сантов“-Кочани, „Мирче Ацев“-Прилеп и „Славчо Стојменски“-Штип  имаа по еден учесник во топ 25 натпреварувачи.

„Сакам да упатам искрени честитки до сите училишта кои дадоа свој придонес во успехот на UltiMATH и чии ученици се пласираа помеѓу овие 350 учесници. Овие училишта се симбол на посветеност, квалитетно образование и поддршка за младите математички умови. Нивните ученици се пример за тоа што може да се постигне со упорност и напорна работа. Бреинстер ќе продолжи да вложува во нив за да ги мотивираме да ги следат своите интереси и таленти,“ истакна Ниновски.

Награда од 1.500 евра беше доделена и на ДСУ „Математичко-информатичка гимназија“ каде што ученик е првонаградениот Дамјан.

Натпреварот UltiMATH се одржа за прв пат оваа година, но идејата на организаторот е тој да прерасне во годишен натпревар. Предизвикот на UltiMATH го прифатија околу 2.500 средношколци од 28 градови од Македонија кои учествуваа во квалификациската рунда, што се одвиваше онлајн. Од нив, 350 продолжија во останатите 4 рудни на натпреварување што викендов се одржаа во Ист Гејт Мол.

UltiMATH доби поддршка од повеќе средни училишта во Македонија и од компании и организации, како Ист Гејт Мол, WVP Fund Management, iBorn, The Beetles, Горска, Urban FM, МОФ – Младински образовен форум и други. UltiMATH е поддржан и од Активноста на USAID North Macedonia за млади кои активно создаваат можности – Youth Actively Create Opportunities.

Дури за 1 денар! Од полноќ се намалуваат цените на горивата

Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и услуги за управување со комунален отпад на Република Македонија (РКЕ) донесе Одлука со која се врши намалување на малопродажните цени на нафтените деривати во просек за 0,72 % во однос на одлуката од 25.11.2024 година.

Референтните цени на нафтените деривати на светскиот пазар во споредба со претходната пресметка бележат намалување во просек: кај бензините за 2,985%, кај дизелот за 3,209%, кај екстра лесното масло за 2,935% и кај мазутот зголемувањето е за 0,902%.

Курсот на денарот во однос на доларот во изминатиот период по кој беа формирани цените со претходната пресметка е повисок за 0,5679%.

Од 3.12.2024 година од 00:01 часот максималните цени на нафтените деривати ќе изнесуваат:

Моторен бензин ЕУРОСУПЕР БС – 95 76,00 (денари/литар)
Моторен бензин ЕУРОСУПЕР БС – 98 78,50 (денари/литар)
Дизел гориво ЕУРОДИЗЕЛ БС (Д-Е V) 71,00 (денари/литар)
Масло за горење Екстра лесно 1 (ЕЛ-1) 69,50 (денари/литар)
Мазут М-1 НС 45,258 (денари/килограм)

Малопродажните цени на бензинот ЕУРОСУПЕР БС-95, како и на ЕУРОДИЗЕЛ (Д-Е V) и на Екстра лесното масло за домаќинство на (ЕЛ-1) се намалуваат за 1,00 ден/ли.

Малопродажната цена на бензинот ЕУРОСУПЕР БС-98 се намалува за 0,50 ден/лит

Малопродажната цена на Мазутот М-1 НС се зголемува за 0,521 ден/кг и сега ќе изнесува 45,258 ден/кг.

-Напоменуваме дека ова се максималните цени на нафтените деривати од 00:01 часот на 3.12.2024 година. Трговците на големо и трговците на мало со нафтени деривати и горива за транспорт можат да ги формираат цените на одделни нафтени деривати и горива за транспорт и пониско од највисоките утврдени цени, велат од Регулаторна.

Во пензија од 67 за мажи, од 65 за жени – Еве што предложи Фискалниот Совет за периодот од 2025-2029година

Во 2026 година да се зголеми старосната граница за одење во пензија на 67-годишна возраст и тоа и за мажи и за жени. Ваква препорака стои во Фискалната стратегија 2025-2029 година што ја изготви Фискалниот совет, а ја усвои Собранието.

Фискалниот совет е државна институција чиј основач е Собранието. Советот беше формиран лани, на барање на меѓународната заедница, со цел да биде контролен механизам на власта против високи буџетски дефицити и високи нивоа на јавниот долг. Фискалниот совет мониторира како власта го крои буџетот и како менаџира со јавниот долг на државата и укажува дали тоа е добро или лошо за фискалната одржливост. Во него членуваат и академик Абдулменаф Беџети, професорката од Економски факултет, Мирјана Трпеска, како и долгогодишниот банкар и професор Глигор Бишев. Членовите ги предложија три институции, и тоа Македонската академија на науките и уметностите, Државниот завод за ревизија и Народната банка на Македонија.

„Определбата за задржување на истите стапки на пензиско и инвалидско осигурување со значителното линеарно зголемување на пензиите на два пати по 2.500 денари не само што ќе го зголеми јазот помеѓу приходите од придонеси и расходите за пензии, а со тоа и потребата за покривање од Буџетот на државата, туку на подолг рок уште повеќе ќе ја наруши фискалната одржливост на ФПИОМ. Фискалниот совет е на мислење дека за одржување на ФПИОМ, за намалување на фискалните ризици и за консолдација на буџетот во наредниот среднорочен период, потребни се дополнителни мерки, како зголемување на работниот век на вработените, така и постепено (макар и благо) зголемување на стапката на придонесот за ФПИОМ. Тековната е 18,8% и е за 2,4% помала во однос на 2008 година, кога изнесуваше 21,2%. Кога на оваа би се додало стареењето на населението, а со тоа и секоја година зголемувањето на бројот на пензионери за околу 1.500 до 1.700 нови пензионери, придружено и со преференцијата за емигрирање на младите во странство, а со тоа и релативно намалување на покриеноста на пензионите приходи со наплатените придонеси, проблемот уште повеќе станува комплексен“, се вели во Стратегијата.

Оттука, се додава во документот, фискалната одржливост на Фондот за пензиско и инвалидско осифурување е посебен фискален ризик.

„Имајќи го в предвид значителното намалување на невработеноста и недостатокот од квалификувана и професионална работна сила, Фискалниот совет цврсто препорачува од почетокот на 2026 година да се зголеми старосната граница за пензионирање за мажи и жени на 67 години и истовремено да се зголеми стапката за пензиско осигурување за 0,7 процентни поени, односно да изнесува 19,5%. Потоа, во 2027 година би се направила дополнителна анализа на фискалната одржливост на ФПИОМ и во зависност од трендот и потребата би требало постепено да се зголемува стапката на најмалку 21% до 2029 година“.

Обвинителство: Запален автомобил на јавен обвинител

Три запалени автомобили и еден дуќан во Куманово се пријавите кои стигнале во МВР изминатата ноќ.

„На 02.12.2024 во 03.20 часот во СВР Куманово било пријавено дека бил опожарен деловен објект на улица „11 Октомври“, сопственост на М.Ј. од Куманово. Исто така, било пријавено дека биле опожарени три патнички возила на улиците „Трст“, „Вардарска“ и „Никола Вапцаров“ во Куманово, и тоа патничко моторно возило „фолксваген пасат“ со кумановски регистарски ознаки, сопственост на Џ.Б., патничко моторно возило „ауди“ со кумановски регистарски ознаки, сопственост на А.Е. и патничко моторно возило „ауди“ со кумановски регистарски ознаки, сопственост на М.Ш.. Пожарите биле изгаснати од екипа на Територијалната противпожарна единица Куманово, а повредени лица нема. Увид извршила екипа од СВР Куманово, известен е и јавен обвинител. Се преземаат мерки за расчистување на случаите.“ – се вели во соопштението на МВР.

Извршен е увид од страна на јавен обвинител од Основното јавно обвинитество од Куманово на локациите каде синоќа биле опожарени два автомобила и една деловна просторија.

– Преземени се сите дејствија и се испитуваат причините и евентуалните мотиви за опожарувањето. Прибрани се траги од лице место кои ќе бидат предмет на вештачење, а се врши увид и во снимки од камери за видео надзор, информираа денеска од Јавното обвинителство.

Од Обвинителството информираат дека еден од автомобилите е сопственост на јавен обвинител.

Оваа среда во Прилеп гостува “Антикорупцискиот караван”: Дојди, постави прашања и вклучи се во борбата против корупцијата!

Тимот на програмата Граѓаните против корупцијата“ со задоволство Ви го најавува настанот „Антикорупциски караван“ што ќе се одржи на 4 декември (среда) пред „Саат кулата“ во Прилеп со почеток од 11:00ч.

-Целта на настанот е преку директна комуникација тимот на програмата  и претставниците на државните институции, граѓанските организации и медиумите одблиску  да ги информираме граѓаните за значењето на борбата против корупцијата, да дискутираме за предизвиците како и да ги презентираме можностите за пријавување на случаи на корупција во Општина Прилеп – велат од Македонски центар за меѓународна соработка

Овој Антикорупциски караван е можност да добиеш одговори директно од претставниците: на Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК), Управата за финансиска полиција и Општина Прилеп;

да се запознаеш со последните наоди за потенцијални коруптивни случаи во твојата општина;

да дознаеш повеќе за алатката „Реагирај“ и да се приклучиш во борбата против корупцијта.

MОН со известување до студентите: Побрзајте, рокот за пријавување за субвенциониран студентски оброк тече!

Министерството за образование и наука потсетува дека од 1 до 5 декември 2024 е отворен рокот за пријавување за правото на субвенциониран студентски оброк за академската 2024/2025 година.

Сите студенти кои ги исполнуваат условите, а не аплицирале досега, може да поднесат апликација електронски преку порталот: https://e-uslugi.mon.gov.mk.

Во објавата на МОН се достапни информации за условите и критериумите за остварување на правото, а за дополнителни информации студентите може да го контактираат МОН по е-пошта на [email protected] или да ја посетат канцеларијата на приземјето во зградата на Министерството.

МОН посочува дека сите студенти на кои претходно им било прекинато правото, а сметаат дека ги исполнуваат условите, може повторно да аплицираат. Овој рок е, исто така, отворен за студенти кои не аплицирале во претходните активни рокови.

Нов влажен бран пред крајот на неделата – до четврток стабилно

Времето денеска претпладне ќе биде умерено до значително облачно со појава на слаб локален дожд и снег особено во јужните делови од земјата. Попладне променливо облачно со сончеви периоди. Ќе дува слаб до умерен ветер од северен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од -2 до 5, а максималната ќе достигне од 2 до 8 степени.

Во Скопје претпладне облачно, преку денот тивко, а облачноста ќе се намалува.

Минималната температура ќе се спушти до 2 , а максималната ќе достигне до 8 степени.

До средината на неделата времето ќе биде стабилно со услови за појава на магла по котлините, а постојната снежна покривка постепено ќе се намалува. Наоблачување со појава на повремен дожд, а на планините и дел од повисоките места од снег ќе има во ноќта кон четврток и потоа преку денот.