дома блог страница 585

Димитриевски: Утре сум на распит кај обвинител за 27-ми април, осудените не се тepopисти

Коментирајќи за ослободителната пресуда за „Организаторите на 27 април“, градоначалникот на Куманово, Максим Димитриевски во „Клик Плус“ на ТВ21 откри дека утре е на распит во обвинителството за овој случај.

Димитриевски во тој момент беше во Собранието кога се случи тој немил настан.

„Утре сум повикан на распит во Обвинителството за овој предмет после 6-7 години. Историјата ќе каже кој бил во право, но факт е дека од поединци имаше сериозни кривични дела. Останатите беа учесници на толпа, не терористи. На крајот на краиштата јас не треба да коментирам судска одлука“, рече Димитриевски.

Тој вели дека не може со сигурност да тврди кој беше „сценарист“:

„Беа осудени лица за дела кои всушност не ги направиле. Бев присутен во момент кога се самозаштитував себеси, имав на моменти рефлексни реакции за да се одбранам себеси или пак некој од моите колеги пратеници во тој момент. Гледам луѓе кои се обвинети на отслужување на казна затвор а знам дека не пипнаа никого со прст во мое присуство, од друга страна знаеме дека луѓе кои што буквално со метални предмети, конкретно мене, не млатеа по глава и тие не се на отслужување на казна. Да не беа отворени вратите на Собранието таа незадоволна толпа ќе останеше надвор, не се влегува така лесно во Собрание“, вели Димитриевски.

Полицајка на дисциплинска: Украла пушка од магацинот на работа

Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди при Министерството за внатрешни работи до Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција – Специјализирано одделение за гонење на кривични дела сторени од лица со полициски овластувања и припадници на затворска полиција, поднел кривична пријава против А.Д. поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело ,,несовесно работење во службата“ по член 353-в став 4 од Кривичниот законик.

МВР денеска соопшти дека на 31.12.2024, комисија формирана за вршење годишен попис во ЕВР Карпош извршила попис и броење на оружјето во магацините за оружје, за кои била задолжена полициската службеничка А.Д..

– По извршениот попис, било констатирано дека недостасува една автоматска пушка од главниот магацин за оружје во Полициската станица Карпош, сопственост на Министерството за внатрешни работи. Исто така, на 11.01.2025 повторно била извршена контрола во магацинските простории во Полициската станица Карпош во присуство на раководните полициски службеници во станицата и од Одделот за внатрешна контрола, при што повторно било констатирано дека недостасувала една автоматска пушка и дека пристап до клучот за магацинот имала само ракувачот со материјално -технички средства на Полициската станица Карпош, пријавената А.Д.. Со овие дејствија пријавената го сторила делото за кое е поднесена пријавата, се појаснува во соопштението.

Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди ќе поднесе предлог за поведување на постапка за утврдување на дисциплинска одговорност и полициската службеничка ќе биде суспендирана од своето работно место до завршување на дисциплинската постапка

Николоски: Во 2025 година Македонија ќе биде лидер во регионот во економски раст

Македонија во 2025 година ќе биде број еден со економски раст во регионот, тоа се должи на добрите економски политики што ги води Владата, а тие се во корелација со политиките што ги преземаме за сузбивање на корупцијата и криминалот, истакна вицепремиерот и мнистер за транспорт Александар Николоски во синоќешното гостување на ТВ Алфа.

Тој додаде дека македонската дијаспора има големо влијание врз домашната економија, истакнувајќи дека сите заинтересирани се добродојдени да инвестираат со цел да и помогнат на државата.

“Како потпретседател на Владата, ги знам економските текови и ние со ова производство и овие даноци кои што ги имаме дома, не можеме да направиме некој квантен скок во развојот и не можеме да направиме некои гигантски чекори, затоа што немаме доволно финансии. Единствениот начин да ги обезбедиме тие финансии е да соработуваме со големи групации, да имаме со нив добри односи и на тој начин да ја градиме соработката, затоа што голем прилив на свеж капитал ние не можеме да генерираме од домашното стопанство. Но, прилив на свеж капитал ќе значи заживување на домашното стопанство”, истакна Николоски.

Врз растот на економијата, потенцираше вицепремиерот, огромно влијание има и борбата против корупцијата, процес кој веќе успешно се спроведува со смена на власта, додаде тој.

“Ова е прва Влада која што еве седум месеци нема ниту една корупциска афера, што не е мала работа, а имуноста на корупција ќе ги носи добрите економски резултати, затоа што бизнисот сака средина која што не е корумпирана, а во таа насока тоа треба да биде следено со активност на судството и обвинителството, каде што претходните корумпирани ќе одговараат. Се надевам ќе бидат многу поактивни од тоа што се сега”, истакна Николоски кој порача дека одговорност мора да има и не смее повеќе да има неказнивост во Македонија.

Да ја помогнеме оваа благородна и света мисија на жителите од с.Пашино Рувци – сакаат да кренат 10-метарски крст во паркот “Карпалак”

Група жители од населеното место Пашино Рувци, во општина Кривогаштани, во соработка со манастирскиот, црковниот одбор и месната заедница во ова населено место, започнаа иницијатива за подигнување на десетметарски крст, кој треба да се изгради во склоп на паркот кај споменикот Карпалак.

Со цел исполнување на оваа света мисија, жителите имаат потреба од донации, па секој кој е во можност и сака да ја помогне изградбата на крстот, тоа може да го направи на следниот ЛИНК: https://www.gofundme.com/f/10m-svet-krst-vo-parkot-kaj-spomenikot-karpalak

 

Поради загадувањето на воздухот, општина Битола организира бесплатен превоз до скијачките центри Стрежево и Пелистер

Поради температурната инверзија која што деновиве се случува во Пелагониската котлина, особено во Битола, што резултира со ниски
температури и густа магла, општина Битола за време не пресојниот викенд ќе организира бесплатен превоз до скијачките терени на Стрежево и кон Инфоцентарот на Пелистер, каде што граѓаните ќе можат да уживаат во сонцето, повисоките температури и чистиот воздух.

Во текот на утрешниот ден, детално ќе бидат соопштени деталите околу превозот.

Во меѓувреме, Општина Битола редовно го следи состојбите со квалитетот на амбиенталниот воздух во градот, преку двете официјални мерни станици Битола 1 и Битола 2, како и препораките кои што доаѓаат од страна на Министерството за животна средина и просторно планирање. Во текот на вчерашниот ден, општина Битола веќе објави дека во текот на два последователни дена, прагот е надминат во мерната станица Битола 2.

Исто така, општина Битола веќе врши вонредни инспекциски надзори за контрола на Б интегрирани дозволи, казнување и опомена за горење на несоодветни опасни материјали, забраната за горење на отворено итн, согласно мерките пропишани од страна на Министерството за животна средина и просторно планирање за инспекциски надзори од страна на општинските служби.

Трамп воведува „политика на едно знаме“, нареди да се отстранат ЛГБТ знамињата во институциите дома и во странство

Rainbow and American flags in the wind flying proudly together. Image shot with Canon 5D Mark 4, EF 70-200mm f/2.8L lens.

Државниот департмент на САД, под раководство на Доналд Трамп, во понеделникот ја воведе знаковната „Политика на едно знаме“, со која се забранува издигнување на кое било друго знаме освен американското на дипломатските мисии во САД и странство.

Rainbow and American flags in the wind flying proudly together. Image shot with Canon 5D Mark 4, EF 70-200mm f/2.8L lens.

Новата наредба, копија од која беше објавена на конзервативниот портал Washington Free Beacon, практично ја спречува можноста американските институции да изложуваат знамиња поврзани со левичарски движења, како што се знамето на ЛГБТИ+ заедницата или знамето на движењето Black Lives Matter. Овие знамиња беа поставувани над владини објекти за време на администрацијата на Џо Бајден.

„Од денес, единственото знаме што е дозволено да се издигнува или изложува во американските институции, како во САД, така и во странство, е знамето на Соединетите Американски Држави,“ се наведува во наредбата.

„Американското знаме ги обединува сите Американци под универзалните принципи на правда, слобода и демократија. Овие вредности, кои се темел на нашата голема земја, ги споделуваат сите американски граѓани – минати и сегашни.“

Во наредбата се предвидуваат дисциплински мерки за секој службеник што ќе ја прекрши оваа политика, вклучително и отпуштање или прераспределба. Единствените други знамиња што ќе бидат дозволени се знамето за воени затвореници и исчезнати во акција (POW/MIA) и знамето за неправедно притворени лица (Wrongful Detainees Flag).

Наредбата беше издадена од новоименуваниот државен секретар, Марко Рубио, кој доби поддршка со 99 гласа „за“ во Сенатот. Оваа одлука е дел од пошироките реформи што администрацијата на Трамп ги спроведува со цел елиминирање на „воук“ политиките од американските институции.

“Најдобар градоначалник од осамостојувањето” – Ристески би бил сигурен победник: Еве што мислат прилепчани!

Во внатрепартиските кругови на ВМРО-ДПМНЕ привршува процедурата за тоа кои имиња ќе бидат ставени на анкета за иден “татко” на Прилеп.

ВМРО-ДПМНЕ преку своите претседателства на месните комитети ги сумира резултатите и неофицијално преку војлата на членството, како кандидат доминирал Марјан Ристески, а зад него некој од актуелните пратеници, еден директор и претседателката на Советот.

Откако Маркукуле ја објави оваа информација, следуваше лавина коментари на социјалните мрежи од граѓани кои даваат поддршка за Ристески одново да го предводи градот под Марковите Кули.

“Не само најдобар градоначалник кој го имал Прилеп, туку беше и е најдобар градоначалник кој го имала Македонија од осамостојувањето, напред Марјан, цел Прилеп ќе гласа за тебе”, вели во коментар еден граѓанин.

“Ако сакате да му се врати сјајот на градот и да се обнови разурнатото и уништеното и да се изгради ново, само тој”

“Само Марјан и не треба воопшто да размислувате за друг кандидат, а докторите да ги оставите да си ја работат хуманата работа за која учеле и дале заклетва, затоа што ем немаме доктори, ем не ги бива за градоначалници, докажано во досегашните нивни избори, размислете малку, за таа функција треба да имаш менаџерски способности”

“ПРАВ ЧОВЕК НА ПРАВО МЕСТО, БОРЕЦ ЗА УНАПРЕДУВАЊЕ НА НАШИОТ ГРАД, ЌЕ ПОБЕДИ УБЕДЛИВО УШТЕ ВО ПРВИОТ КРУГ”

“Откако дојде Марјан за градоначалник на Прилеп градот заличи за град. Тој е вистински човек за градоначалник”

“КОЛКУ ТОЈ ШО ГО ИМА СРЕДЕНО ПРИЛЕП СИТЕ ЗАЕДНО 3% НАМААТ СРАБОТЕНО”

“Марјан Ристески потребен си му на градот за да го вратиш повторно стариот сјај на градот, чист град, средени паркови, обнова на канализационата мрежа, организирање на безброј манифестации, културно уметнички проекти, а секако и на “Пиво фест” по кој Прилеп стана препознатлив на Балканот”

“Марјан Ристески тоа што го среди, уреди и направи за Прилеп, другите градоначалници не можат да го одржуваат, НЕ па да направат! После Марјан сите други се лага”.

Oва се само мал дел од коментарите на граѓаните кои бараат токму Ристески да биде кандидат на владеачката партија на престојните локални избори.

Останатите коментари можете да ги погледнете на ЛИНКОТ во продолжение:

Николоски за патот Прилеп-Градско: “Сомнежот е дека министерот и директорот не можеле да се договорат кој да го земе митото oд изведувачот”

Во период од 10 дена пуштање во употреба на три големи инфраструктурни проекти, нешто што се нема случено во историјата на Македонија. Експресниот пат Куманово-Страцин-Крива Паланка, делницата Градско-Дреново од експресниот пат кон Прилеп и железничката пруга Куманово-Бељаковце, се три проекти кои ја вратија позитивната енергија и дух помеѓу граѓаните, истакна во вечерашното гостување во емисијата „За или против” на ТВ Алфа, вицепремиерот и министер за транспорт, Александар Николоски.

-Јас не се сеќавам кога последно не само во Македонија, туку и во регионот се пуштиле во употреба 42 км експресни патишта и 31 км пруга во рок од две недели”, истакна Николоски кој на обвинувањата од опозицијата дека проектите ги добил готови, повторно ги потенцираше бројните проблеми со кои како министер се соочил при завршувањето на овие капитални инвестиции во патната и железничката инфраструктура.

-Губење на време е да се коментира СДСМ, затоа што граѓаните тоа што имаа да кажат за нив на парламентарните избори освоија само 18 пратеници, што е најголем пораз на владеачка партија. Една од причините што доживеаја таков пораз е што ја потценуваат интелигенцијата на граѓаните. На Градско-Прилеп само што станав министер добив еден документ кој што значеше катастрофална ситуација таму. Изведувачот имаше почнато процедура за арбитража, која што Македонија сигурно ќе ја изгубеше и ја имаше напуштено државата. Недостасуваа некаде околу 13 милиони евра за да се заврши проектот, висеа карпи над патот необезбедени, косините не беа средени, два тунели водеа од нигде кон нигде, не беа завршени, експропријацијата не беше завршена и земја се спушташе на трасата цело време затоа што не беа обезбедени косините”, истакна Николоски кој како главна причина за ваквата состојба го потенцираше непотпишувањето на два додатоци на договорите со Европската Унија, кои цели година и пол претходното раководство на министерството ги одлагало, а не била формирана ниту заедничка Комисија со Јавното претпријатие за државни патишта.

“Можам само да се сомневам зошто таа комисија не се формирала. Некои велат дека не можеле министерот и директорот да се договорат кој да го земе митото од изведувачот и дека тоа било причината зошто не ја формирале оваа комисија. Јас кога бев избран и кога беше избран директорот на ЈПДП Трајановски веднаш ја формиравме таа комисија. Истата почна да работи во тек на месец август и веќе на 12. септември беа потпишани овие адендуми на договорот. Од 12 септември почна интензивно да се работи и веќе на 14 јануари го пуштивме патот во употреба”, истакна министерот Николоски.

Тој ги потенцираше проблемите со кои како министер се соочил и при изведбата на патот Куманово-Страцин-Крива Паланка, каде од вкупно 25,5 км на 19,5км воопшто немало асфалт.

-Тоа е пат каде што се случија доста иновации за македонски услови. Прв пат се воведе асфалтирање во ноќни услови и на ниски температури, прв пат се воведе тросменска работа, работа на дожд и прв пат се воведе комбинарана работа помеѓу повеќе изведувачи. И таму имавме проблем со еден дел од надзорот и еден од изведувачите беше заминат од државата, па го враќавме, потенцираше Николоски.

Министерот зборуваше и за состојбата која ја затекнал и на пругата Куманово-Бељаковце, каде трасата воопшто не била обезбедена, немало ставено заштитна ограда, пругата не била тестирана а не биле дозавршени ниту железничките станици.

Акција на полицијата – фатени дрвокрадци во Прилеп

-На 22.01.2025 во 03 часот на патот за Вештачкото езеро во Прилеп, полициски службеници од ОВР Прилеп од А.С.(47) и Е.А.(35), двајцата од Прилеп, одзеле по две запрежни коли натоварени со бесправно исечени огревни дрва.

Одземеното е предадено на Шумска полиција Прилеп, а по целосно документирање на случајот ќе биде поднесена соодветна пријава – информираат од МВР.

Да го оствариме сонот на Антонио од Прилеп! Сите можат да помогнат во овој хуман и благороден подвиг!

Антонио Пандовски од Прилеп годинава сака да си ја исполни својата животна желба, а тоа е со трчање и пешачење од Ниш да стигне до манастирот Свети Василиј Острошки во Црна Гора. Целта е благородна и хумана, а за да ја оствари на Антонио ќе му треба поддршка од сите нас, но и од општествено одговорни компании и фондации, кои се повикани да го помогнат овој негов подвиг.

-Сакам со вас да ја споделам мојата најголема животна желба и цек тоа е трчање-пешачење до Манастир Острог во чест на моите родители кои веќе не се меѓу нас. Овој подвиг ќе го реализирам во јули месец оваа година, ако биде се’ како што треба и оди се’ по план. Исто така овoј подвиг сакам да биде и како хуманитарен подвиг, собирање на средства за деца кои боледуваат од канцер. Сакам да се соединиме сите и да покажеме дека сме хумана држава. Јавно барам некоја фондација да се вклучи во овој мој проект и да направиме се’ што можеме да им овозможиме на нашите мали херои подобар живот. Исто така, ако има некој што сака да се вклучи како пратња да ми озвомозжи полесно трчање во овoј подвиг, oсобено велосипедиста, слободно нека ме контактира. Детали наскоро – напиша Антонио на својот Фејсбук профил.

Ајде сите заедно да се вклучиме во овој негов подвиг и да му помогнеме на Антонио да ја оствари својата хумана цел! Најмалку што можеш е да споделиш на социјалните мрежи, за идејата на овој млад прилепчанец да допре до што поголем број стопанственици и хумани граѓани.