дома блог страница 578

Одличен потег! Во Битола поставени фотоволтаици на шест основни училишта

Градоначалникот на општина Битола, Тони Коњановски, денес информираше дека, Општина Битола во соработка со Фондацијата ,,Отворено општество” – Македонија, успешно ја заврши имплементацијата на проектот ,,Сончеви училишта”, со кој инсталирани се фотоволтаични соларни централи на училиштата: „Елпида Караманди“, „Стив Наумов“, „Коле Канински“, „Св. Кирил и Методиј“, „Александар Турунџев“ с. Кукуречани и ОУ „Крсте Петков Мисирков“ од с. Бистрица. Проектот има бенефит и за животната средина, а ќе придонесе и за заштеда на финансиски средства:

„Согласно договорената динамика, проектот е веќе реализиран, со што наскоро училиштата ќе можат да ги почувствуваат бенефитите од нивното поставување.

Електричната енергија што ќе ја произведуваат овие централи ќе даде бенефит и за училиштата и за општината, а вкупната потрошувачка на струјата и резултатите ќе бидат крајно видливи преку сметките за електрична енергија. Она што училиштата во соодветната година ќе го заштедат, повторно ќе може да се искористи за реализација на проекти за нивните соодветни потреби.

Финансиската конструкција целосно е обезбедена од страна на Фондацијата „Отворено општество” – Македонија, на кои што уште еднаш јавно им се заблагодарувам, што ја поддржаа нашата општина за подобрување на енергетската ефикасност на основните училишта со инсталирање на соларни фотоволтаични системи.

И преку овој проект уште еднаш ја докажавме нашата заложба како локална самоуправа, да делуваме во насока на заштита на животната средина и подобрување на условите во училиштата, бидејќи постигнуваме двоен ефект. Го намалуваме влијанието од енергија од фосилни горива со чиста и обновлива енергија, а истовремено имаме заштеди кај сметките за електрична енергија, кои ќе се реинвестираат во подобрување на условите во училиштата.

Би истакнал и уште една важна компонента, која доаѓа заедно со проектот. Во секое училиште се поставени тв монитори, на кои што сите ученици, наставници, вработени во училиштата, но и родителите, ќе можат да го следат производството на енергегија во моментот. Едукацијата и вклученоста на учениците и вработените, овозможува зголемување на знаењето за производство и користење на енергијата од обновливи извори. Така, за времена образовниот процес, учениците ќе можат да се стекнат со знаења, вештини но и сопствени мислења, за заштита на животната средина и иднината на зелената економија“, изјави градоначалникот на општина Битола, Тони Коњановски на денешната прес конференција.

Нови цени на горивата од полноќ

Малопродажните цени на ЕУРОСУПЕР БС-95 и на ЕУРОДИЗЕЛ (Д-Е V) од ноќеска на полноќ се зголемуваат за половина, а на ЕУРОСУПЕР БС-98 за еден денар за литар, одлучи денеска Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и услуги за управување со комунален отпад (РКЕ). Со одлуката се врши зголемување на малопродажните цени на нафтените деривати во просек за 0,53 отсто.

Новата малопродажна цена на ЕУРОСУПЕР БС – 95 е 76,5 денари за литар, ЕУРОСУПЕР БС – 98 ќе се продава за 79, а ЕУРОДИЗЕЛ БС (Д-Е V) за 70,5 денари за литар. Малопродажната цена на Екстра лесното масло за домаќинство (ЕЛ-1) не се менува и останува 69,5 денари за литар.

Со одлуката на РКЕ за 0,01 денар за килограм се намалува и малопродажната цена на Мазутот М-1 НС и ќе изнесува 45,765 денари.

Од РКЕ посочуваат дека референтните цени на нафтените деривати на светскиот пазар во споредба со претходната пресметка бележат зголемување кај бензините во просек:за 2,663 отсто, кај дизелот за 0,726 и кај мазутот за 0,145 отсто, додека кај екстра лесното масло има намалување за 0,975 отсто. Курсот на денарот во однос на доларот во споредба со претходната пресметка е понизок за 0,1387 отсто.

(Фото галерија) Можело и вака! Маркетите ги објавија цените во Новогодишната кошница – дел од продуктите намалени и за 40-50 денари

Министерот за економија и труд Бесар Дурмиши заедно со заменик министерот Марјан Ристески и директорот на Државниот пазарен инспекторат Влатко Стојкоски денеска одржаа прес-конференција на која информираа за акцијата “Новогодишна кошница“ која што започна вчера, 15. декември и ќе трае до 15. јануари 2025год.

“Како што информиравме и како што беше најавено, вчера започна акцијата „Новогодишна кошница“ која што ја најавивме уште на почетокот на есента. Задоволство ми е да кажам дека бројот на производи во “Новогодишната кошница“ континирано расте и заклучно денешниот ден достигна 1036 производи. Во акцијата досега се приклучени над 90 производители и дистрибутери на производи, а производите од вчера се достапни за граѓаните во 38 ланци на маркети. Оваа акција е направена на иницијатива на бизнис секторот, каде тие понудија производите кои сe понудени по пониски цени за граѓаните од најмалку 10 проценти и ќе таре од 15 декември 2024 до 15 јануари 2025 година. Преку оваа мерка директно помагаме за подобрување на животниот стандард на граѓаните новогодишните празници да ги поминат во пристојни услови. Сите производи кои се опфатени со акцијата се обележани на рафтовите на маркетите со ознаката „Се грижиме! Помалку трошоци, повеќе за тебе“ истакна министерот Дурмиши.

Како што појасни министерот иако вчера за голем дел од маркетите низ државата беше неработен ден, односно работеа маркетите само во трговските центри и во туристичките места, производите на рафтовите беа обележани како што тоа го забележа Државниот пазарен инспекторат. Сите информации за акцијата, листата на производи и компаниите кои се дел од кошницата (производители, дистрибутери, маркети…) се објавуваат на интернет страната www.mojakosnica.mk. Листата на производи не е затворена и сите заинтересирани можат да се пријават со свои производи на [email protected].

Заменик министерот Ристески пак на својот ФБ профил објави фотографии од намалените цени во дел од маркетите, каде се гледаат старите и новите намалени цени на продуктите.

-Преку оваа мерка директно помагаме за подобрување на животниот стандард на граѓаните новогодишните празници да ги поминат во пристојни услови.Сите производи кои се опфатени со акцијата се обележани на рафтовите на маркетите со ознаката „Се грижиме! Помалку трошоци, повеќе за тебе“. Во акцијата досега се приклучени над 90 производители и дистрибутери на производи, а производите од денес се достапни за граѓаните во 38 ланци на маркети – стои во објавата од Ристекси.

Од фотографиите се гледа дека дел од продуктите се со намалување и до 40-50 денари.

Намалување има кај лебот, сувомеснатите производи, млекото и млечните производи, овошјето, зеленчукот….

Изложбата на икони „Благовестие во бои“ од уметникот Златко Лечовски, во среда во фоајето на ЦК “Марко Цепенков” во Прилеп

На 18 декември 2024 /среда/ од 12.00 ч. во влезното фоаје од ЦК „Марко Цепенков“ ќе биде отворена изложбата на икони „Благовестие во бои“ од уметникот Златко Лечковски.

Изложбата, на која ќе бидат претставени 20 икони, е дел од прославата на патрониот празник на градот „Св. Никола 2024“ и ја реализираат Општина Прилеп и ЦК „Марко Цепенков“

Податоци за авторот:

ЗЛАТКО ЛЕЧКОВСКИ, роден 1982, во Битола.

Од најмала возраст се пронаоѓа во ликовната уметност.Како средношколец, две години работи како ученик во ателјето при храмот “Пресвета Богородица“ во Битола, кај еминентните зографи Ристо Димовски и Никола Крнчев, и тогаш за првпат зема учество во групната изложба на икони, во организација на таа иконописна работилница.

Во периодот што следува, се посветува на изработка на икони за иконостаси, како и делови од живопис на ѕид, во неколку цркви и манастири во Преспанскиот регион, како и во соседна Грција. Со негови икони учествувал во неколку заеднички изложби, како и 10-тина самостојни, во најразлични градови од нашава земја Негови дела можат да се видат низ земјите од Европа, а значајно е да се спомнат неколкуте икони што ги изработува за бискупот на Англиканската црква Ричард Чартрес и една икона за папата Франциско……Живее и работи во Битола.

35 талентирани основци во Битола, ќе добијат парични награди од општината по повод Денот на заштитникот на градот “Св. Нектариј Битолски”

Трета година по ред, Општина Битола, по повод Денот на заштитникот на градот „Свети Нектариј Битолски, ги наградува талентираните ученици од основните и средните училишта во Битола, кои аплицираа на јавниот повик на општината и ги исполнуваат условите наведени во повикот.

На јавниот повик, аплицираа вкупно 146 ученици, од кои 35 ученици се наградени, додека 73 ученици не биле прво, второ или трето рангирани, 23 ученици аплицирале со награди од онлајн натпревари, неакредитирани натпревари и имаат дипломи кои не соодветствуваат на условите во повикот, а кај 15 ученици, комисијата утврди дека, изјавата која ја доставиле не била заверена на нотар.

Паричната награда за талентираните наградени ученици изнесува 5.000 денари за освоено прво место на државни натпревари, односно 6.000 денари за прво место на меѓународни натпревари.

Листата на наградени талентирани ученици е објавена на следниот линк https://www.bitola.gov.mk/wp-content/uploads/2024/12/Nagradeni_ucenici_agenda_1224.pdf, a наградите ќе ги додели градоначалникот на Општина Битола, Тони Коњановски на 18.12.2024 година, во Офицерскиот дом, со почеток во 12:00 часот.

На настанот се покануваат да присуствуваат наградените ученици, заедно со нивните ментори.

Воведувањето на оваа награда од страна на Општина Битола, има за цел да ги мотивира учениците на понатамошно постигнување високи резултати, јакнење на натпреварувачкиот дух и градење на вистински вредности. Општината и понатаму, продолжува да биде поддржувач и поттикнувач на учениците, со воведување на нови начини на стимулирање на нивните нови успеси и достигнувања.

Од денеска целосно затворена за сообраќај делницата Мало Коњари-Кривогаштани

Македонија пат и Авто мото сојуз на Македонија известуваат дека од 16.12.2024 год., па до завршување на градежните активности, во целост ќе биде затворена патната делница Мало Коњари–Кривогаштани:

-Времена измена на режим на сообраќај на регионален пат Р1306 делница Прилеп-Крушево-Сладуево, заради започнување со градежни активности во врска со проект Санација на оштетувања на регионален пат Р 1306 делница Прилеп-Крушево-Сладуево, во вид на слегнувања на трупот на патот на стационажа од км 15+100 до км 15+600. Заради тоа од 16.12.2024 год. па се до завршување со градежни активности ќе се изврши целосно затворање на делницата во потег од Мало Коњари до Кривогаштани. При тоа сообраќајот ќе се одвива по друга делница во склоп на поставената сообраќајна сигнализација, согласно Одобрение за времена измена на режим сообраќај и сообраќаен проект.

Полицијата влезе во домот на Груби: Претреси на повеќе локации, сомнежи за криминал во Лотарија

Полициски екипи утринава вршат претреси на повеќе локации поради сомнеж за сторен организиран криминал во Лотарија. Според информации на Курир, претрес е извршен и во домот на поранешниот прв вицепремиер Артан Груби, но како што е познато тој не е пронајден.

Извори за Курир брифираат дека се трага и по екс директорот на Лотарија, Прпарим Бајрами за кој постои сомнеж дека пред неколку месеци избегал во Косово.

При извршените претреси, неофицијално пронајдена е поголема сума на пари.

Артан Груби, од пред само два дена „поранешен“ висок функционер на ДУИ се наоѓа на Косово.

По медиумските објави дека човекот кој минатиот понеделник се разбуди на црната листа на САД за случај со значителна корупција и директна вмешаност во судски скандал со мито и корупција е во бегство и на Косово, лично Груби пиша и потврди на Фејбук дека е на Косово во наводна приватна посета, демантирајќи дека избегал.

-Веднаш штом ги завршам обврските, ќе се вратам дома кај моето семејство, напиша Груби.

Сепак, останува неизвесно дали навистина ќе биде така.

Важно соопштение од прилепските црковни храмови до верниците за престојната градска слава – Св. Николај Чудотворец

Браќа и сестри во Христа, наши прилепчани, ве известуваме дека ЛЕПЧИЊАТА ЗА СЛАВА ЌЕ СЕ ПЕАТ ИСКЛУЧИВО ВО ЦРКОВНИТЕ ХРАМОВИ.

За претстојната слава, на СВЕТИ НИКОЛА, во храмот Св. Кирил и Методиј (Параклис) и во храмот св. Петка во населбата “Точила”, лепчиња ќе се креваат преку целиот ден, во ВТОРНИК (17.12.2024) од 07:30 – 17.00 ЧАСОТ, во СРЕДА (18.12.2024) од 07.30 до 17.00 ЧАСОТ И НА САМИОТ ПРАЗНИК (наредниот ден), САМО ПО ЗАВРШУВАЊЕТО на Божествената Литургија.

Во храмот СВЕТО БЛАГОВЕШТЕНИЕ (СТАРА ЦРКВА) во вторник на 17.09 – од 07.30 до 17.00 часот.

Во среда, на 18.09:

-СВЕТО БЛАГОВЕШТЕНИЕ (СТАРА ЦРКВА) – од 07.00 до 17.00 часот.
-СВЕТО ПРЕОБРАЖЕНИЕ (ГРЧКА ЦРКВА) – од 15.00 до 16.30 часот.
-СВЕТИ ПАНТЕЛЕЈМОН (БОЛНИЦА) од 11.00 до 13.00 часот.
-СВЕТИ КОНСТАНТИН И ЕЛЕНА (ТИПСКИ) од 11.00 до 13.00 часот.

И на самиот празник, на 19.09 утрото во СВЕТО БЛАГОВЕШТЕНИЕ (СТАРА ЦРКВА).

Честита слава на сите кои го чествуваат светиот Николај како закрилник на нивните домови т.е. домашна слава!

Нека ни е за многу години и на помош!

БИДИ ПОЛИЦАЕЦ! МВР објави оглас за нови 600 полицајци (ВИДЕО)

Врз основа на член 79 став 1 од Законот за внатрешни работи („Службен весник на Република Македонија“ бр.42/14, 116/14, 33/15, 5/16, 120/16, 127/16, 142/16, 190/16 и 21/18, „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 108/19 и 275/19, 110/21 и 89/22) и член 97 став 1 од Законот за полиција („Службен весник на Република Македонија” бр. 114/06, 6/09, 145/12, 41/14, 33/15, 31/16, 106/16, 120/16, 21/18 и 64/18, „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.294/21 и 89/22), а во врска со одредбите од Правилникот за начинот на спроведување на селекција и избор на кандидат за полицаец и начинот на работа на комисијата за избор на кандидат за полицаец („Службен весник на Република Македонија“ бр.8/15 и 130/16, „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.125/22), Министерството за внатрешни работи на Република Северна Македонија, објавува

ЈАВЕН ОГЛАС

I. За засновање на работен однос на 600 извршители на работно место „Полицаец“ за работа во Министерството за внатрешни работи, и тоа:

1. во Сектор за внатрешни работи Скопје ———————————— 300 извршители
2. во Сектор за внатрешни работи Охрид ————————————– 30 извршители
3. во Сектор за внатрешни работи Куманово ———————————- 15 извршители
4. во Сектор за внатрешни работи Штип —————————————- 35 извршители
5. во Сектор за внатрешни работи Тетово ————————————— 20 извршители
6. во Сектор за внатрешни работи Битола ————————————— 15 извршители
7. во Сектор за внатрешни работи Велес —————————————– 15 извршители
8. во Сектор за внатрешни работи Струмица ———————————– 40 извршители
9. во Регионален центар за гранични работи Север ————————– 25 извршители
10. во Регионален центар за гранични работи Запад ————————– 20 извршители
11. во Регионален центар за гранични работи Исток ————————– 20 извршители
12. во Регионален центар за гранични работи Југ ——————————- 15 извршители
13. во Оддел за специјални полициски операции ——————————- 50 извршители

1. Кандидатите треба да ги исполнуваат следните општи услови:

– да е државјанин на Република Северна Македонија;
– да е полнолетен, а да не наполнил 25 години живот ако за првпат заснова работен однос на работно место во Министерството за кое е предвидено средно образование;
– активно да го користи македонскиот јазик и неговото кирилско писмо;
– со безбедносна проверка да е утврдено дека не постои безбедносен ризик од вработување на кандидатот;
– да има завршено најмалку четиригодишно средно образование;
– да е здравствено и психофизички способен;
– со правосилна пресуда да не му е изречена казна забрана на вршење професија, дејност или должност;
– да не е член на политичка партија или член на органи и тела на политичка партија и
– да има положено тест за интегритет.

2. Кандидатите треба да ги исполнуваат следните посебни услови:
– потребна телесна висина од најмалку 175 см. (маж), односно 165 см. (жена)
– висока лична физичка подготвеност.

3. Заинтересираните кандидати задолжително да достават докази за исполнување на потребните услови за работното место, во оригинал или копија заверена на нотар и тоа:
– извод од матична книга на родените,
– диплома за завршено четиригодишно средно образование и
– две фотографии, со димензии 3,5 см х 4,5 см.

Кон пријавата, кандидатот задолжително доставува своерачно потпишана изјава со која потврдува дека истиот не е член на политичка партија или член на органи и тела на политичка партија.

Пријавата со потребната документација, кандидатот е должен да ја поднесе ЛИЧНО во едно од определените места за пријавување, и тоа:
– Сектор за внатрешни работи Скопје:
– Полициска станица од општа надлежност-Гази Баба,
– Полициска станица од општа надлежност-Бит Пазар и
– Полициска станица од општа надлежност-Карпош.
– Сектор за внатрешни работи Битола;
– Сектор за внатрешни работи Велес;
– Сектор за внатрешни работи Куманово;
– Сектор за внатрешни работи Тетово;
– Сектор за внатрешни работи Охрид;
– Сектор за внатрешни работи Струмица,
– Сектор за внатрешни работи Штип.

При поднесување на пријавата лицето го наведува бројот на организациската единица за работно место за кое се пријавува согласно точка I од огласот.
Кандидатот е должен при поднесување на потребните документи, со себе да носи лична карта или пасош за идентификација.
Потребната документација од точка 3, кандидатите ја доставуваат секој работен ден во определениот рок, во текот на работното време (08,00-16,00 часот).

4. При поднесување на пријава кандидатот потпишува изјава за доброволно пристапување кон селекција за избор на кандидат за полицаец со неможност за барање на отштета од Министерството во случај на повреда за време на спроведување на селекцијата.

5. Постапката за селекција на кандидатите ја спроведува Комисија за избор на кандидат за полицаец формирана од страна на министерот која го определува редоследот на фазите за селекција. Селекцијата се спроведува во следните фази:
– Административна селекција на поднесената документација (утврдување на навременост и потполност на поднесената документација, како и исполнетост на пропишаните услови);
– Проверка на моторички способности – моторичките способности на пријавените лица се утврдуваат преку изведување на следните вежби:
а) „Склекови“, се оценува бројот на правилно изведени склекови во интервал од 10 секунди. Минимален број на склекови за мажи е 9, а за жени е 6.
б) „Стомачни подигања“, се оценува бројот на правилно изведени стомачни подигања во интервал од 30 секунди. Минимален број на стомачни подигања за мажи е 16, а за жени е 12.
в) „Скок во далечина од место“, се мери должината на скокот од одразното место до доскочното место со петите на нозете. Минимална должина на скокот од одразното место до доскочното место изнесува 220 сантиметри за мажи и 160 сантиметри за жени. Скокот од далечина од место се изведува во два обиди, а во табеларниот преглед се бодира подобриот резултат.
г) „Спринт на 20 метри“, се мери времето од стартот до целната линија поставена на 20 метри. Минимално време за мажи изнесува 3,35 секунди, а за жени изнесува 3,50 секунди.
д) „Спринт на 100 метри“, се мери времето од стартот до целната линија поставена на 100 метри. Минимално време за мажи изнесува 15 секунди, а за жени изнесува 18 секунди.
ѓ) „Трчање на 1500 метри за мажи“, се мери времето од стартот до целната линија поставена на 1500 метри. Минимално време изнесува 5 минути и 25 секунди.
е) „Трчање на 800 метри за жени“ се мери времето од стартот до целната линија поставена на 800 метри. Минимално време изнесува 3 минути.
ж) Други физички проверки определени од страна на Комисијата.
Бодовите од проверка на моторички способности претставуваат збир од добиените бодови од сите поединечни вежби.
Доколку пријавеното лице не го исполни утврдениот минимум само на една од поединечните вежби, ќе се смета дека ја поминал фазата проверка на моторичките способности доколку кумулативниот збир на добиените бодови од останатите поединечни вежби изнесува најмалку 21.
– Психолошко тестирање (тест за интегритет и психолошки тест)
– Писмено тестирање (општо – образовен тест),
– Интервју (поединечен устен разговор со пријавеното лице),
– Безбедносна проверка и
– Здравствени прегледи (проверка на здравствените и психофизичките способности на кандидатите).

6. За пријавените кандидати се врши безбедносна проверка врз основа на нивна претходна писмена согласност. Доколку лицето ја одбива безбедносната проверка, се смета дека не ги исполнува условите за засновање на работен однос во Министерството.

7. Здравствените прегледи во постапката за селекција за проверка на здравствените и психофизичките способности на кандидатите се утврдуваат од страна на Здравствена комисија формирана од министерот за внатрешни работи.

8. При спроведување на селекцијата на пријавените лица им се овозможува под еднакви услови да ги демонстрираат своите способности, независно од полот, расата, бојата на кожата, националното и социјалното потекло, верско уверување, имотна и општествена положба.

9. По спроведената постапка за селекција, избраните кандидати за полицаец склучуваат договор за основна обука за полицаец во времетраење од 1 (една) година, која ќе се спроведе во Центарот за обука во Министерството за внатрешни работи и на истата се упатуваат за 10% поголем број кандидати за полицаец од бројот на слободни места за кои е распишан овој оглас, односно во Центарот за обука ќе бидат упатени вкупно 660 кандидати.

10. По завршување на основната обука Министерството за внатрешни работи и кандидатот за полицаец, кој ја завршил основната обука за полицаец и кој врз основа на постигнатите резултати соодветно е внесен во ранг листата склучува Договор за вработување во Министерството, со кој кандидатот за полицаец се стекнува со статус „полицаец – приправник”.
Со договорот за вработување се уредуваат меѓусебните права и обврски и се утврдува дека полицаецот е должен да остане на работа во Министерството најмалку пет години сметано од денот на склучувањето на договорот за вработување. Во спротивно, истиот е должен да ги надомести трошоците направени за неговата обука зголемени за три пати.

11. Рокот за доставување на пријавите изнесува 15 (петнаесет) дена, сметано од наредниот ден од денот на објавување на јавниот оглас (не сметајќи го денот на самото објавување).

12.Ненавремената и непотполната документација нема да се разгледува.

РЕПУБЛИКА СЕВЕРНА МАКЕДОНИЈА
МИНИСТЕРСТВО ЗА ВНАТРЕШНИ РАБОТИ

Кој се сеќава, знае каква атракција беше лизгалиштето во Прилеп пред 10 години – Можеме ли да го вратиме во пресрет на празниците? (ФОТО)

Во декември 2013 година, непосредно пред зимскиот распуст, беше атакција во целата држава кога Прилеп доби лизгалиште во центарот на градот.

Лизгалиштето беше поставено на плоштадот пред Комерцијална банка и беше со капацитет за околу 30 лизгачи во една група. Младите прилепчани можеа да се дружат на лизгалиштето се до почетокот на март идната година, а наставници по физичко образование го користеа објектот и за одржување на дел од часовите од наставната програма.

За жал лизгалиштето во Прилеп постоеше само уште наредната година, а ниту една друга локална власт не се сети тоа да го повтори.

Вчера пак во пресрет на празниците, градоначалникот на општина Битола Коњановски, најави дека и градот на конзулите ќе добие слично такво лизгалиште на плоштадот “Магнолија”, што дополнително ќе ја збогати понудата на градот.