дома блог страница 574

Општина Прилеп објави кој ќе ги забавува прилепчани за најлудата ноќ во годината

Општина Прилеп ја објави музичката програма за дочек на Новата година на плоштадот “Александрија”.

Прилепчани за најлудата ноќ ќе ги забавуваат познатото диџеј дуо Cyrillic и “Балканика Бенд” придружувани со вокалот на победникот од шоуто “Никогаш не е доцна”, Сашо Башески.

Забавата во центарот на Прилеп ќе започне во 22:00 часот.

Детска програма:

За најмалите, забавата започнува уште напладне! На Камената Бина, во 12:00 часот, ќе се одржи фестивалот „Весели Ѕвончиња by Jana“ – вистинско уживање за децата и нивните семејства!

Локација: Плоштад „Александрија“, Прилеп

Да се обединиме сите за Марина – самохрана мајка на две деца од Прилеп, која мора да замине на лекување во Турција

Пријатели, потребни сме и на 43 годишната Марина Гулеска од Прилеп! Парализирана младата Марина треба да замине на лекување во Турција каде ќе биде третирана со матични клетки. Овој зафат чуни 21.000 евра, средства кои Марина како невработена и самохрана мајка на 2 деца, не може сама да ги обезбеди.

Марина од се срце се надева и посакува и овој пат да и бидеме поддршка и помош да го изоди овој пат и да успее во оваа борба која би ја подобрила нејзината сосотојба.

“Ви посакувам се најубаво на сите што ќе оодлучите да ми помогнете, како и на сите останати кои пројавија желба за донација. Можеби неможам да ви возвратам за вашата хуманост, но можам само да ви посакам здравје, среќа и долг живот”, вели Марина.

За Марина можете да донирате со повик на телефонските броеви:

За корисниците на Телеком: 143 113
За корисниците на А1: 143 469

Или на следната жиро сметка:

Ќе се снима филм, серија и документарец за животот на Тоше, конкурсот ќе биде објавен во 2025 година

Министерот за култура и туризам, Зоран Љутков информира дека во 2025 година ќе биде објавен конкурсот од Македонската радио-телевизија во врска со снимањето на филмот за Тоше Проески, а проектот треба да се реализира во рок од две години.

-Пред два дена го најавивме снимањето на играниот филм, серијата и документарниот филм за Тоше Проески. Средствата ќе бидат обезбедени од буџетот на државата преку Министерството за дигитализација, а проектот ќе го води Македонската радио-телевизија. Во проектот ќе бидат вклучени многу повеќе копродуценти, се надевам дека ќе бидат копродуценти скоро сите национални телевизии од Балканот, бидејќи навистина има многу голема заинтересираност, рече Љутков на денешниот брифинг со новинарите.

Во однос на тоа кога ќе почне снимањето, министерот рече дека зависи од тоа како ќе тече конкурсот.

-Во овие две години ќе бидеме постојано информирани за се што се случува и треба да бидат снимени трите проекти, тоа е серијата, играниот филм и документарецот. Работиме на тоа и да можеме да направиме едно музичко шоу, за млади таленти кое што би го носело името на Тоше Проески, на малку повисоко ниво, но за тоа се уште разговараме, додаде Љутков.

И фенерџијата Радовиш на секои 130 секунди постигнуваше гол во Прилеп

Ракометарите на РК Прилеп го забележаа шестиот сезонски триумф во Супер лигата, откако со високи 22:37 го совладаа “фенерџијата” Радовиш.

Интересно за овој натпревар беше тоа што радовишани иако требаше да бидат домаќини, натпреварот се играше во Прилеп, тоа поради реновирањето на спортската сала во овој град.

Избраниците на Божидар Мојсов го контролираа резултатот во текот на целиот натпревар и постојано беа во високо водство, но она што загрижува е одново односот на одбраната. Радовишани сепак постигнаа 22 голови, ефект кој не се очекуваше од толку слаб противник.

Очигледно е дека недостига вистински столб во одбраната на прилепчани, па резултатите и примените голови во првиот дел од сезоната, треба да бидат аларм за раководството, да се размрдаат и да ангажираат дополнително засилување во пресрет на пролетниот дел од првенството.

Со овој триумф прилепчани се доближија на два бода од петтото место на табелата, кое носи во плеј-оф разигрувањето, а каде во моментов се наоѓа Бутел.

Токму Бутел ќе биде идниот противник на прилепчани во вториот дел од сезоната, кој стартува на 9. февруари идната година.

(Фото галерија) Ристески и Дурмиши извршија инспекција во маркетите: Новогодишната кошница се спроведува без проблеми, граѓаните да пријават злоупотреби!

Министерот за економија и труд Дурмиши и заменикот министер Ристески, заедно со директорот на Државниот пазарен инспекторат, Влатко Стојкоски, денеска посетија неколку маркети во Скопје, каде извршија увид во спроведувањето на акцијата “Новогодишна кошница”.

-Заедно со министерот Дурмиши и директорот на Државниот пазарен инспекторат Влатко Стојкоски посетивме неколку маркети во Скопје каде извршивме увид во спроведувањето на акцијата „Новогодишна кошница“. Според првичните информации од ДПИ, досега нема некои поголеми проблеми, акцијата се спроведува, инспекторите и понатаму ќе бидат на терен и ќе ја контролираат акцијата, напиша Ристески на Фејсбук.

Новогодишната кошница која се спроведува на иницијатива на стопанствениците и маркетите, донесе пониски цени на над 1.000 производи досега. Акцијата започна на 15. декември и ќе трае до 15. јануари.

-Повторно сакам да се заблагодарам на компаниите, кои како општествено одговорни чинители ја креираа Новогодишната кошница, самите ги избраа производи од нивните асортимани и ги понудија на граѓаните со најмалку 10 % пониска цена на рафтовите на маркетите. Ме радува фактот што постојано расте интересот за акцијата, од околу 600 производи пред 2 недели, денес имаме речиси 1100 производи кои се понудени од 96 производители и дистрибутери и се достапни во 50 ланци на маркети и маркети, стои во објавата од заменик министерот на социјалните мрежи.

Тој апелираше до компаниите доследно да ја почитуваат акцијата која што самите ја креираа, а доколку граѓаните имаат забелешки истите да ги пријават до Државниот пазарен инспекторат на бесплатниот телефонски број 191 или на веб страната www.dpi.gov.mk

Производите од новогодишната кошница граѓаните можат да ги видат на веб страната www.mojakosnica.mk, а сите заинтересирани производители, дистрибутери и маркети можат се’ уште да се пријавуваат со свои производи на е-маил адресата: [email protected].

Најмладите ќе уживаат! Две премиери во Битолскиот театар во пресрет на празниците – “Снежана и седумте џуџиња” и “Снежната кралица”

Битолскиот театар во последните 3 (три) месеци успеа да реализира 7 (седум) премиери на театарски претстави, успеа да ја зголеми посетеноста на изведбите, успеа да го врати театарот на публиката.

„Чудата се случуваат само ако верувате во нив“, истакна на денешната прес конференција директорот Васко Мавровски, а по повод најновите премиери, спектаклот за деца “Снежана и седумте џуџиња” и новогодишна претстава “Снежната кралица”. Тој се осврна на сите проекти кои беа реализирани во периодот од 4.септември до денес.

„Успеавме нашите театарски сали да бидат исполнети до последно место, за 30 проценти зголемена е посетеноста на сите претстави. Благодарност за целиот тим на Битолскиот театар, кој веруваше и верува во мотото „Театарот повторно твој“. Работиме се со цел да го вратиме театарот каде некогаш беше. Започнати се и проектите за унапредување на условите за работа, завршивме со проектот дигитализација на репертоарот, набавен е софтвер за дигитално архивско работење. Тука е и трајната постановка на наградите и признанијата, во завршна фаза е видео надзорот со кој се заштитува сопственоста на Народен театар Битола. Ќе имаме видео снимки од театарските претстави, се реновираат многу простори каде актерите работат во текот на подготвување на претставите. Со други зборови успеавме за многу кратко време да направиме многу работи и сум горд на вработените на театарот кои во ниту еден момент не ме оставија сам да ги придвижам овие работи“.

За следната година Мавровски најави фокусирање на претстави на македонски автори и режисери. Па така ќе биде изведена претставата по текст на Игор Кузмановски, „Жиголо“, во режија на Благој Мицевски кој е и костимограф на претставата, композитор Марјан Неќак, сценограф Сергеј Светозарев. Премиерата ќе биде на 1.март и тоа ќе биде првата премиера на НТБ за 2025, и е реализирана со сопствени средства.

“Снежана и седумте џуџиња” е по текст на Љубивое Ршумовиќ во режија на Драгана Милошевски Попова, драматург Билјана Крајчевска, сценографија Валентин Светозарев, костимограф Андреј Ѓоргиевски, композитор Марјан Неќак.

„Ова е моја трета соработка со Битолскиот театар и секогаш со многу љубов се враќам во оваа куќа. Оваа приказна за Снежана, сите добро ја познаваме. Во последните години интензивно се занимавам со различни теми кои се обидувам да им ги раскажам на децата, па барам различни начини да им пренесеме нешто и да им го задржиме вниманието, во денешно време кое е многу брзо и со цела технологија околу нив. Нашата претстава зборува на еден специфичен јазик кој е поетски, но близок на денешните деца. Се обидовме да создадеме еден простор кој на различни генерации им е близок и да го споиме со денешното темпо и да создадеме еден нов автентичен свет“, истакна режисерката Милошевски Попова.

„Работењето на детска претстава е најкомплексното нешто“, додава драматургот Билјана Крајчевска.

„Темите и целта на овие претстави се многу важни. Се надевам дека со оваа претстава ќе почне една нова ера каде ќе се посвети внимание на децата. Ние постојано го поставуваме прашањето како да имаме подобро општество, една тема која треба најдобро што може да се обработи и од етичка и од естетска смисла, па така ние заклучивме дека е најдобро раскажувањето на приказни, после претставата децата да имаат можност да ја раскажат сопствената приказна.Текстот е на Ршумовиќ, но користиме и референци од бајките на браќата Грим“.

За прв пат во НТБ како кореограф работи Игор Киров, еден од најактуелните и најбарани светски кореографи.

„Се обидовме да создадеме една претстава која ќе ја гледаат не само децата, туку и возрасните. Мило ми е што театарот дава можности на македонските креативци, уметници да творат, како и мене кој сум долги години ангажиран на сцените надвор од Македонија, а на овој начин имам можност да го дадам својот допринос за развивање на нашата култура, да создадеме нешто кое се надевам ќе остане на репертоарот и сите ќе бидеме задоволни од крајниот производ“.

Во театарската изведба на ,,Снежана и седумте џуџиња“, публиката ќе биде сведок на борбата помеѓу доброто и злото, преплетена со хумор, емоции и музика . Секој лик -од прекрасната Снежана , низ мудрите и смешни џуџиња, до злобната кралица -оживува пред присутните, носејќи магија директно од бајката. Улогата на Снежана ја игра Ана Грамосли, а останатите улоги: Никола Стефанов, Јулијана Мирчевска, Катерина Аневска Дранговска, Борче Ѓаковски, Никола Пројчевски, Маријан Ѓоргиевски, Живко Борисовски, Александар Димитровски, Петар Спировски, Александар Копања и Марија Стефановска.Суфлер е Гордана Михајлова, инспициент Димитар Михајловски.

„Мило ми е што сум дел од ваков проект бидејќи играме пред најискрената публика и се надевам дека децата кога ќе излезат од салата ќе имаат нова љубов кон театарот, добра поука и насмевка“, рече актерката Ана Грамосли.

„Месец и половина работиме многу сериозно, напорно и ретко во нашите кариери се случува да сретнеме луѓе кои некогаш ќе чепнат во нешто друго кое го носиме, но сме го сокриле некаде. И покрај тоа што станува збор за детска претстава, пристапот е сериозен, сите бевме максимално вложени.Оваа комбинација од Драгана и Игор направи одлична работа, постигнавме нешто што не бевме свесни дека можеме, сите танцуваме, направија одлични сцени. Поместивме граници и на естетиката и на тоа што значи театар за деца со сите можности кои ги имаме во Битолскиот театар“, додава актерката Јулијана Мирчевска.

Претставата „Снежната кралица“ е работена со поддршка на Општина Битола и ќе се игра во рамките на Зимската приказна.Ќе има 8 изведби. Работена е според бајката на Андерсен, режија Јулијана Мирчевска, костимографијата е на Благој Мицевски, сценографија Валентин Светозарев. Во претставата играат: Јулијана Мирчевска, Хари Михајловски, Катерина Аневска Дранговска, Соња Михајлова, Огнен Дранговски, Марија Стефановска,Петар Спировски, Никола Пројчевски и Живко Борисовски. Музиката е на Миодраг Неќак.

Двете претстави се во рамките на програмата на НТБ на претстави за најмладите и мотото „Театарот повторно на децата“. Премиерата на “Снежана и седумте џуџиња” ќе биде изведена на 23.12 во 18 часот, а само два дена потоа и премиерата на детската новогодишна претстава “Снежната кралица” која ќе биде на репертоарот до 30.12.

Важно соопштение од Јавниот градски превоз Прилеп: Од 01.01.2025год. нов начин на плаќање!

Соопштение од Градскиот автобуски превоз Прилеп до корисниците на услугите:

-Се известуваат сите граѓани, корисници на автобусите од Автобуски Градски Превоз – Прилеп, започнувајќи од 01.01.2025 година наплатата во автобусите ќе биди исклучиво со електронски картички, кои ќе бидат персонализирани и истите можат да се купат во наплатниот центар.

Се замолуваат граѓаните да си набават електронски картички за превоз, бидејќи ќе има зголемена контрола на патниците во автобусите, па за да нема несакани ситуации во текот на превозот на патниците, пожелно е секој патник да го има регулирано своето возење преку електронска наплата во самите автобуси.

Плаќањето со монети (кеш) во автобусите се исфрла од употреба, односно е забрането.

Митрополитот Петар од Прилеп: “Да се прогласи Св. Никола за неработен ден, за сите да можеме да се најдеме во храмовите и заеднички да празнуваме” (ВИДЕО)

По 17-ти пат прилепчани вчера се поклонија пред својот заштитник на градот, Светиот Николај Чудотворец, празник кој најмасовно се празнува во градот под Марковите Кули.

Од 2006 година со акт на локалната самоуправа Св. Никола е прогласен за заштитник на Прилеп, а во центарот на градот беше подигнат и параклис во негова чест.

Како и секоја година, така и оваа празникот се одбележа со водосвет и прережување на празничниот колач пред параклисот, а потоа и со празнична посна трпеза на плоштадот “Александрија”, каде беа послужени традиционалните прилепски сармички, вкусно гравче и риба.

Пред верниците традиционално се обрати и Митрополитот Преспанско-Пелагониски и администратор Австралиско-Новозеландски, Владиката Петар, кој одржа прекрасна празнична проповед.

Митрополитот Петар меѓудругото упати апел до локалните власти, градоначалникот и општинската администрација, празникот од наредната година да биде неработен ден, за секој, од најмлад до највозрасен да може да присуствува во торжественото празнување и да може да ги посети светите храмови.

“Упатувам апел до градоначалникот, претседателот на Советот и општинарите, да се прогласи овој ден да биде ден слободен, неработен, и сите да се најдеме во храмовите, сите да прославуваме. Сега кога доаѓавме тука, дечињата од училиштето не’ забележаа и почнаа да ни тропаат на прозорците за да не поздрават. Зошто да не се и тие слободни денеска, сите да сме слободни, па ако нема друг начин за да се прогласи овој ден да биде неработен, односно ден на прослава, ден на заедничко славење на Светиот Николај, нека биде макар со одработување во друг ден од седницата”, порача Митрополитот Петар кој упати срдечни празнични честитки до сите верници.

Целото обраќање на Владиката Петар проследете го од четвртата минута во видеото во продолжение:

Битолчанка му пронашла дрога на сопругот, па го пријавила во полиција, друга пак пренесувала дрога до затвореник преку пакети со храна

СВР Битола поднесе кривична пријава против Т.Т.(28) од Битола поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „неовластено производство и пуштање во промет наркотични дроги, психотропни супстанци и прекурзори“. Во мај 2023 година, во повеќе наврати преку посредници кои ги користела како транспорт без нивно знаење, во пакет со храна, пријавената пренесувала марихуана до осуденик во Казнено – поправната установа Затвор Битола.

Исто така СВР Битола поднесе кривична пријава против Х.Г.(30) од Битола поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „неовластено производство и пуштање во промет наркотични дроги, психотропни супстанци и прекурзори“. На 26.05.2023 во СВР Битола, сопругата на пријавениот пријавила дека во домот пронашла метамфетамин, сопственост на пријавениот и ја предала на полициските службеници.

Актерот Борис Чоревски засади дрвце во Алејата на добитниците на награди за животно дело во Градскиот парк во Битола (ФОТО)

Доајенот на Народниот театар од Битола, актерот Борис Чоревски, овогодинешниот добитник на највисокото општинско признание, наградата „4 Ноември“ за животно дело, денес, ја продолжи традицијата на засадување дрвце во Алејата на добитниците на наградите за животно дело. На настанот присуствуваа Градоначалникот Тони Коњановски, директорот на ЈП Комуналец, Горан Степановски и други гости.

Градоначалникот Коњановски изрази задоволство што на денешниот празник „Свети Никола“ се реализира оваа активност и ја истакна можноста, во блиска иднина да се исправи неправдата спрема сите останати добитници на 4 Ноемвриската награда пред 2018 година и да се засадат дрвца во Алејата на добитници на наградата за животно дело.

Актерот Чоревски најпрво го честита празникот „Свети Никола“ на сите што го празнуваат и ја искажа својата благодарност кон Општина Битола и Советот на Општина Битола и сите оние кои одлучуваа да му се додели наградата за животно дело.

„Оваа награда ми значи многу, со своето постоење во овој град , со својот живот веќе 75 години јас сум среќен и радосен што сум добитник на оваа награда како признание на она што сум направил во Битола“ – рече Чоревски.