дома блог страница 534

Од полноќ се намалуваат цените на горивата

Од полноќ ќе има нови цени на горивата согласно денешната одлука на Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и услуги за управување со комунален отпад (РКЕ). Според РКЕ, ќе се точат поевтини горива.

Малопродажната цена на бензинот ЕУРОСУПЕР БС-95 се намалува за 1,00 ден/лит, во однос на малопродажната цена утврдена со одлуката за утврдување на највисоки малопродажни цени на нафтените деривати и горива за транспорт од 30.01.2025 година и со тоа малопродажната цена на ЕУРОСУПЕР БС-95 изнесува 79,00 ден/лит.

Малопродажната цена на бензинот ЕУРОСУПЕР БС-98 се намалува за 0,50 ден/лит, во однос на малопродажната цена утврдена со одлуката за утврдување на највисоки малопродажни цени на нафтените деривати и горива за транспорт од 30.01.2025 година и со тоа малопродажната цена на
ЕУРОСУПЕР БС-98 изнесува 81,50 ден/лит.

Малопродажните цени на ЕУРОДИЗЕЛ (Д-Е V) и на Екстра лесното масло за домаќинство на (ЕЛ1), се намалуваат за 1,50 ден/лит, во однос на малопродажните цени утврдени со одлуката за утврдување на највисоки малопродажни цени на нафтените деривати и горива за транспорт од 30.01.2025 година и со тоа, малопродажната цена на ЕУРОДИЗЕЛ (Д-Е V) изнесува 73,00 ден/лит, додека малопродажната цена на Екстра лесното масло за домаќинство на (ЕЛ-1) изнесува 72,00 ден/лит.

Малопродажната цена на Мазутот М-1 НС, се зголемува за 0,141 ден/кг, во однос на малопродажната цена утврдена со одлуката за утврдување на највисоки малопродажни цени на нафтените деривати и горива за транспорт од 30.01.2025 година и со тоа малопродажната цена на Мазутот
М-1 НС изнесува 44,672 ден/кг.

120 вработени во прилепската болница останаа без работа, сега ќе го бараат Миле Талевски?

Новинарот од Прилеп, Зоран Момироски, објави дека на 120 времено вработени во времето на минатата Влада во прилепската болница “Борка Талески”, им се прекинати договорите и истите од денеска се без работа.

-На околу 120 времено работно ангажирани здравствени работници во ЈЗУ Општа болница Прилеп им се прекинати договорите и побарано е од нив да ги напуштат работните места. Има и такви кои со ваков третман работеа кој 2, кој 5, а има и по 8 и по повеќе години. Иста наредба да се прекинат вакви договори има и во други здраствени установи, болници, поликлиники и клиники во државава. Сега да ги прашам ,,јаките, силните и принципиелните,, Миле Талески, Зоран Пачешкоски-Цакио, Илија Јованоски-Муцето, Роза Пиличева, Кети Смилеска и другите, кои си ги средивте жените, децата и се што мрда во фамилија. Вие господа, ако сте господа, кои ,,колевте и бесевте,, со години. Вие кои ,,јававте до небото,, на овие и слични гласачи со кои манипулиравте со години, ЌЕ ИЗЛЕЗЕТЕ ПРЕД ОВИЕ ЛУЃЕ, ИЛИ ЌЕ БЕГАТЕ И ЌЕ ИЗБЕГНУВАТЕ СРЕДБИ!? За ова и дел од другите игранки со човечките судбини во петок во 114 колумнна – напиша новинарот Момироски.

Млади од Пелагонискиот регион се обучуваат во областа на медиумската писменост (ФОТО ГАЛЕРИЈА)

Медиумската писменост е во фокусот на обуките кои се одржуваат во рамките на проектот „Младинска медиумска лабораторија“, кој го имплементира граѓанската организација „Граѓански Патеки“ во партнерство со здруженијата „ИКТ Свет“, „Журналист“, „Од млади за млади“, „Младинска Граѓанска Акција“ и „Еко герила Преспа“.

14 млади луѓе од општините Битола, Прилеп, Новаци, Могила, Крушево и Ресен се приклучија на обуките во Битола, со што имаа можност да учат од истакнати медиумски професионалци и експерти во ИТ секторот.

Новинарките, д-р Анета Шијакова и м-р Жанета Здравковска, ги запознаа со основите на медиумската писменост, професионалните новинарски стандарди и потребата од проверка на фактите во функција на борба против дезинформациите. Д-р Зоран Котевски, редовен професор на Факултетот за информатички и комуникациски технологии, зборуваше за улогата на новите технологии во областа на медиумската писменост, но и нивната злоупотреба за дезинформирање како дипфејк манипулации и хибридни закани.

Младите учесници покрај тоа што се вклучени во обуки од областа на медиумската писменост, низ менторска програма ќе учат да пишуваат блогови и да креираат поткасти. Целта е зајакнување на вештините на младите за критичко разбирање на медиумските содржини.

Проектот се реализира во рамките на регионалната програма „Нашите медиуми: Акција на граѓанското општество за поттикнување на медиумска писменост и активизам, спротивставување на поларизацијата и промовирање на дијалогот“, која се имплементира со финансиска поддршка на Европската Унија од партнерските организации СЕЕНПМ, Албанскиот институт за медиуми, Медиацентар Сараево, Советот за медиуми на Косово, Црногорски институт за медиуми, Македонски институт за медиуми, Новосадската школа за новинарство, Мировен институт и Бианет.

Проектните активности се дизајнирани да ја едуцираат младата популација на критичко разбирање на информациите кои секојдневно им се пласираат преку медиумите и социјалните мрежи.

Проектот ги мобилизира младите од граѓанските организации во соработка со професионални новинари да учествуваат во едукацијата на поширока популација на млади и воопшто на граѓаните за улогата на професионалните медиуми и заканите од дезинформациите.

Да си ги намалиме функционерските плати, предлага градоначалникот

Доколку сите ние во законска рамка се согласиме да ни се намалат платите по 12.000 денари и притоа истите никако да не се покачуваат би генерирале заштеди во висина од 24.000.000 денари или околу 400.000 евра месечно.

Овие средства ќе бидат сосема доволни за имплементација на итни мерки, субвенции за населението, особено за цената на гасот, котли за гас, продолжување на секундарната гасификација, говорам за Струмица, објави синоќа на неговиот фејсбук профил градоначалникот на Струмица, Костадин Костадинов.

Неговото обраќање доаѓа по завчерашниот протестен марш против енормното загадување во Струмица што го организираа екологистите и препукувањата меѓу политичките партии за тоа кој е виновен за загадувањето во Општината.

Според струмичкиот градоначалник, во услови на ектремни цени, има реална можност да се прогласи економска криза, мерка со која би се замрзнале платите на функционерите.

-Да не бидам погрешно разбран и јас барам мојата плата да биде намалена. Со таквата мерка би биле опфатени над 2.000 функционери, напиша Костадинов.

Додава дека живееме во време кога мора тие кои ја имаат честа од граѓаните да ги водат да се направи чекор со кој ќе скратат од себе си, а за бенефит на нацијата.

Според него, решението е едноставно и реално можно.

СЕГА Е ВИСТИНСКОТО ВРЕМЕ ЗА ШОПИНГ во Bonatti! Цел месец попусти и до -50%

Во срцето на Прилеп, на бул. Гоце Делчев бр. 6-3, наспроти “Ла Страда”, oд неодамна работи продавницата на Bonatti, единствено место каде љубителите на квалитетната и елегантна долна облека можат да го најдат совршениот избор за себе или за подарок на блиска личност.

Со врвен квалитет и внимание на секој детал, Bonatti создава парчиња што ги надминуваат сите очекувања. Без разлика дали станува збор за секојдневна долна облека или ексклузивни сетови за посебни пригоди, Bonatti секогаш успева да ги задоволи вкусовите на најпребирливите купувачи.

Продавницата во Прилеп е совршено место за сите оние што сакаат да се чувствуваат убаво и самоуверено во својата кожа. Со широк асортиман на производи, вклучувајќи долна облека, пижами, аксесоари и други модни детали, посетителите ќе можат да го најдат совршениот избор за себе или за подарок на блиска личност.

А сега е вистинското време да ги посетите! Во Bonatti на изненадувањата им нема крај! До 27.02. искористете ги неверојатните попусти до -50%

Направете ја неодоливата комбинација, почестете се себе си или некој ваш близок со нешто посебно и удобно!

СЕГА е вистинското време за шопинг во Bonatti!!!

СВР Битола предупредува: Измамите зачестија, граѓаните да бидат максимално внимателни и да не споделуваат лични податоци со непознати лица

СВР Битола ги известува граѓаните и правните субјекти дека Отсекот за компјутерски криминал при СВР Битола во изминатиот период забележа зголемена активност на измамници, кои преку социјалните мрежи се претставуваат како „финансиски советници“ и најчесто нудат услуги за тргување со криптовалути или услуги за посредување при остварување на право на наследство од друга држава.

Овие лица користат лажни профили или спонзорирани реклами, често ветувајќи висока заработка и брзи добивки, со што успеваат да ги привлечат жртвите. По воспоставувањето контакт преку социјалните мрежи, измамниците комуницираат со жртвите преку телефонски повици, користејќи VOIP броеви, кои обично изгледаат како локални броеви, за жртвите да стекнат доверба. Во текот на разговорот, тие ги убедуваат жртвите да инсталираат софтвер за далечински пристап, под изговор дека им е потребен за да им помогнат со поставување на платформата за тргување.

Откако ќе добијат далечински пристап до компјутерот или мобилниот уред на жртвата, измамниците пристапуваат до електронското банкарство и ги префрлаат парите од банкарските сметки, со што им предизвикуваат значителни финансиски штети.

Исто така, во континуитет се присутни и таканаречените „Phishing“ измами кои функционираат на тој начин што до граѓаните се праќаат пораки од модифициран меил или лажиран локален телефонски број, во кои најчесто стои URL линк, кој води до веб страна што е дизајнирана да изгледа како легитимна веб страна на пошта, некоја државна институција или правен субјект, при што од граѓаните и правните субјекти по разни основи се бара да внесат податоци од платежни картички, сметки и други лични податоци кои потоа се злоупотребени на најразлични начини.

Некој викендов во Прилеп ги наполнил апаратите, па крив му бил излогот? (ФОТО)

Нервозен “комарџија” или случајност, што мислите вие?!

150 автомобили од цела држава на едно место! Одличен хуманитарен настан за Виктор во Прилеп (ВИДЕО)

Во Прилеп на 02.02.2025 во катната гаража кај старата автобуска, a во организација на клубовите Wanted Club Prilep i BrotherHood Club Prilep се организираше хуманитарен собир со возила за нашиот прилепчанец Виктор Николоски.

На настанот присуствуваа околу 150 возила од цела Македонија, а целта на овој настан беше со собраните средства од влезот и кутијата за донации, да се обезбедат што повеќе средства за лекувањето на 26-годишниот Виктор Николоски.

-Им благодариме на сите спонзори и на сите присутни на овој хуманитарен настан. Во иднина Wanted Club i BrotherHood ќе продолжат со организирање на секаков вид на собири. Убавата сума на средства собрани од настанот ќе биде уплатена на сметката од Виктор – велат организаторите.

Кога таа гостува во Прилеп атмосферата е жешка и спектакуларна, а за 15. февруари ветува уште едно уживање (ВИДЕО)

Над 30 години на сцената и се’ уште спектакуларна и единствена. Порано како Funky G, а денеска самостојно ја гази сцената и воопшто не се променила. Анабела е секогаш синоним за одлична забава и жешка атмосфера, а така ќе биде и овој 15. февруари, кога популарната пејачка гостува во клуб Déjà Vu во Прилеп.

Анабела на “Пиво Фест 2017”

За нејзините настапи во Прилеп секогаш се барала карта повеќе, а ништо поразлично нема да биде ниту сега, па наш совет е да побрзате и навреме да си купите влезници.

Бидете дел од најдобрите ноќни забави во Прилеп! Клуб Déjà Vu како и секогаш ве очекува заеднички да градиме вредни спомени.

Картите се веќе во продажба по 400 денари! Резервирајте навреме на телефонскиот број: 070-304-967.

80 години од првото училишно ѕвоно во прилепската гимназија “Мирче Ацев” (Фото галерија)

Президиумот на АСНОМ, на своето заседание одржано на трети ноември 1944год. во с.Горно Врановци, донесе решение за отворање на гимназии и учителски школи.

Во согласност со ова решение, прилепскиот народно-ослободителен одбор побрзал со активности за да ја активира прилепската гимназија во која учениците ќе учат, ќе зборуваат и ќе творат на својот мајчин Македонски јазик.

Првиот Наставнички совет, одржан е на 30 јануари 1945 год. На советот се предложени имињата Пере Тошев и Мирче Ацев, од кои народно-ослободителниот одбор го избра името на нашиот загинат сограѓанин, поранешен гимназијалец – Мирче Ацев за име на училиштето.

На 1 февруари 1945 год. започнува да се изведува наставата во Гимназијата „Мирче Ацев“, за прв пат на МАКЕДОНСКИ ЈАЗИК.

По тој повод, во петокот, на 31.01.2025, во просториите на Гимназијата се организираа неколку активности, со цел да се одбележат овие значајни датуми за училиштето, за Прилеп и за Македонија.

Активностите започнаа во спортската сала со турнир во одбојка помеѓу мешани ученички екипи од средните училишта.

Потоа отворена беше изложба на слики во училишниот ходник.

Во 11.30 часот со интонирањето на државната химна, започна работата на свечената седница на Наставничкиот совет со која раководеше директорката Весна Михаиловска, и на која имаше неколку точки на дневниот ред.

На седницата поканети беа и присуствуваа многу гости, претставници на локалната самоуправа, поранешни наставници и директори во гимназијата, родители, ученици и новинарски екипи.

На седницата свое обраќање за значењето на гимназијата, за успесите, за активностите на наставниците и учениците во изминатите 80 години имаше директорката, а потоа пред присутните се обрати Претседателот на Советот на Општина Прилеп г-ѓа Ирена Стерјовска Локвенец. Таа потенцираше дека стекнатото знаење и гимназиското искуство е нешто што трајно останува кај секој гимназијалец, а потоа се наврати на деновите кога и самата била гимназијалка, сподели спомени од часовите, професорите и нивните животни поуки.

Следуваа обраќања на Ристо Бојкоски, Димче Настоски и Трајче Зуљамоски, поранешни наставнци и директори на училиштето, како и на Стевка Небрежанец и Мирјана Бошковска поранешни професорки во Гимназијата.

Последна пред присутните од говорницата се обрати Евгенија Димитриовска, ученик во втора година и претседател на Ученичкиот парламент.

Седницата заврши со историски час подготвен од учениците Евгенија Димитриовска, Леонид Гешовски, Софија Оџаклиеска и Илин Ристески и професорот по историја Николче Богданоски.

По свечената седница, следуваше кратка програма со рецитации, песни на учениците како и еден драмски перформанс.

Рецитираа учениците Искра Спиркоска, Софија Оџаклиеска и Евгенија Димитриовска, музички изведби имаа солистите Ана Цветаноска, Сергеј Стевананџија и Софија Настоска со гитарската поддршка на Кирил Младеноски, а драмскиот перформанс го реализираа Стефан Петрески, Ангела Чупетреска, Марија Јованоска, Искра Спиркоска, Матеја Илијеска, Иван Здравески и Евгенија Димитриовска.

Ментори на учениците им беа професорите Татјана Ивановска, Мартин Наумоски и Дарко Ристески.

Прославата на осумдесеттиот роденден на Гимназијата „Мирче Ацев“ не би била целосна без роденденска торта и мала закуска.

За тортата се погрижија од Слаткарница „Дизниленд Трејд“.

Деликатесните производи беа подготвени од „Ана-Марија Храна“.

Кифличките беа направени од Пекара „Џулијано“

Техничката поддршка на настанот беше на Тони Сваќароски.