дома блог страница 532

Во Битола изложба на фотографии „Идни спомени“ на Дамијана Ристевска

Во Центарот за култура во Битола вечерва ќе биде отворена изложбата на фотографии „Идни спомени“ чиј автор е Дамијана Ристевска, ученичка во четврта година во гимназијата „Јосип Броз Тито“.

Фотографиите на Ристевска се со уметнички израз и ги претставуваат ликовите низ социјалната средина во гимназијата. Преку нејзините фотографии може да се почувствува атмосферата и енергијата која владее низ гимназијата, низ училниците и училишниот двор, во училишната библиотека, насекаде…

Изложбата „Идни спомени“ е четврта по ред самостојна изложба на Ристевска подготвена под менторство на професорот по ликовна уметност Александар Поповски и е во рамки на свечената програма посветена на јубилејот – 80 години настава на современ македонски јазик во СОУ Гимназија „Јосип Броз Тито“ во Битола.

Дамијана Ристевска е талентирана фотографка и составен дел од тимот на семејниот инфо-портал Bitolanews.

12 години од кобниот пожар во манастирот Трескавец – Моменти кога човек ќе ја почувствува вистинската беспомошност!

Изминаа точно 12 години од кобниот пожар кој ги пеплоса конаците во древното манастирско светилиште – Успение на Пресвета Богородица – Трескавец, кај Прилеп.

На 04.02.2013година Прилеп и Македонија ги обзеде голема тага, пожар изби во конаците на манастирот Трескавец, пожар кој до темел ги изгоре конаците на светилиштето кое датира од XIII век.

Прилепчани се сеќаваат колку беспомошни беа против огнената стихија, но за среќа успеаја заедно со пожарникарите да ја спасат древната црква.

Конаците денес се обновени и се поубави од било кога, но сеќавањата на кобниот датум ќе продолжат да живеат.

Виктор Николоски успешно опериран: “Ви благодарам на сите што ми подадовте рака, се надевам дека еден ден оваа добрина ќе ја вратам на некој друг”

Младиот прилепчанец, Виктор Николоски, кому му беше дијагностициран тумор на главата, успешно е опериран во Турција. 26-годишниот Виктор изминатата недела го обедини Прилеп во хуманост. За неколку денови се собра огромна сума на пари за операција и негово лекување, а сега тој преку социјалните мрежи упати благодарност до сите хумани граѓани и организации.

-Драги пријатели, познати, непознати хумани луѓе и сите што ми подадовте рака во најтешките моменти потребната сума е собрана.
Благодарност до Фондација Павел Андреев Македонија , до Општина Прилеп , до сите граѓани на општина Прилеп кои се заложивте за мене и моето семејство.

Од дното на срцето ви благодарам за вашата несебична поддршка, љубов и дарежливост. Благодарение на вашите донации, мојата операција беше изведена на 30.01.2025, професорот презадоволен од направеното, патологијата мора да ја чекаме некои 2 недели за да знаеме што понатаму и сега сум во процес на опоравување.

Не постојат доволно зборови со кои би можел да ја искажам мојата благодарност. Вашата помош ми даде надеж, сила и верба дека не сум сам во оваа борба. Вие сте доказ дека хуманоста и добрината сè уште постојат, и секој ваш гест значеше неизмерно многу за мене и моето семејство.
Се надевам дека еден ден ќе можам да ја вратам оваа добрина на некој друг кој ќе има потреба, исто како што вие ми помогнавте мене. Нека вашата добрина ви се врати со многу среќа, здравје и љубов.

Со огромна благодарност,

Виктор Николоски

Мицкоски одличен: Да се пријави секој што цени дека може да даде вредност и ќе биде вклучен на анкета

Премиерот Христијан Мицкоски очекува најголемиот дел од имињата за кандидати за градоначалници на коалицијата „Твоја Македонија“ предводена од ВМРО-ДПМНЕ да бидат познати во втората половина на мај, првата половина на јуни.

Одговарајќи на новинарски прашања за подготовките за Локалните избори наесен, на прес-конференција тој соопшти дека општинските комитети и коалициските партнери во рамки на, како што рече, внатрепартиска и демократска процедура, добиле порака да се пријави секој што смета дека има амбиција, програма, визија и платформа за да води некоја од општините.

-Да се пријави секој што цени дека може да додаде вредност и ќе биде вклучен во мерењата. Тоа е еден партиски и коалициски механизам кој ние го имаме, во мерењата помеѓу граѓаните, во средината во која поединецот има амбиција и, откако ќе ги сублимираме резултатите, тогаш ќе излеземе во јавноста со имиња, рече Мицкоски на прес-конференцијата со министерот за локална самоуправа Златко Перински за вториот повик за финансирање проекти на општините.

На прашањето дали ВМРО-ДПМНЕ на локалните избори ќе ги поддржи кандидатите на коалицијата Вреди и за кои општини би имало таква коалиција, претседателот на Владата одговори дека нема конечна одлука и оти во наредните седум месеци до стартот ана кампањата ќе разговараат со коалициските партнери во Владата, но дека „природен след на настаните“ е „соработката на централно ниво да се преслика на соработка на локално ниво“.

-Природно е Владата вака како што функционира, а функционира со исклучителна кохезија, да продолжи да функционира и во избори и надвор од изборни процеси. Нечесно е политика на двојни стандарди – да имате заедничка платформа и програма и така функционирате, а на Локални избори да препознаете друга платформа или политика, додаде Мицкоски.

Прашан за амбицијата и желбата да учествува како кандидат за градоначалник на Скопје на Локалните избори, министерот Перински одговори дека тој тоа му го соопштил на претседателот на партијата, а потоа и на јавноста. Нагласи дека најважно е во рамки на органите на партијата на транспарентен и, како што рече, „кристално чист начин да се избере најсоодветното решение“.

-Затоа што извесно е дека тој ќе биде и победникот. Сметам дека можам да одговорам на предизвикот затоа што имам визија, имам план како Скопје конечно да стане европска метропола, но, секако, таа одлука ќе ја оставам на претседателот и на извршните тела на партијата. Јас сум убеден дека кој и да биде кандидатот, ќе биде едногласно поддржан од сите нас, додаде Перински.

Витаминка ги претстави своите производи пред светската јавност на саемот ISM во Германија (ФОТО)

Витаминка и оваа година ги претставува своите производи на саемот ISM 2025 во Келн, Германија, кој се одржува од 2 до 5 февруари. Целосниот асортиман од слатката програма на Витаминка, кондиторски производи, солени и крцкави закуски се изложени на најголемиот саем кој претставува центар на иновациите и најновите трендови во кондиторската индустрија.

„Тука се презентираат нови трендови, иновативни производи и перспективи пред најголемите компании од секторот од голем број држави, почнувајќи од Германија и нејзините соседни земји, до Гана и Индонезија, преку Австралија и Костарика. Витаминка е редовен изложувач на ISM и во досегашното искуство сме се увериле во придобивките и реалните резултати. Нашето учество на овој саем има исклучително значење, бидејќи го претставуваме и промовираме македонското производство и воспоставуваме нови бизнис соработки“, вели Илија Наумоски, помошник оперативен директор на Витаминка.

На саемот беа присутни и претставници од секторите на Витаминка, Извоз, Производство и Развој.

Пред халите за влез, хостеси делеа флаери и познатиот Стоби флипс, со што учесниците и посетителите имаа можност да се запознаат со производите на компанијата и да го дегустираат уникатниот флипс.

Витаминка е една од 1500-те компании од 70 држави кои учествуваат на саемот ISM 2025. Со учеството на овој саем се отвора можност за запознавање со најголемите технолошки иновации и трендови во кондиторската индустрија, со главен фокус врз потребите на потрошувачите и стимулирање на компаниите за проширување на својот спектар со нови и иновативни производи што ќе одговорат на барањата на консументите.

(ФОТО) Одбележани 153 години од раѓањето на Гоце Делчев во Прилеп

По повод 153 години од раѓањето на Гоце Делчев, еден од најзначајните македонски револуционери, идеолог и визионер, Општина Прилеп оддаде почит на неговото бесмртно дело.

Делегација од Општина Прилеп, предводена од претседателката на Советот, Ирена Стерјовска-Локвенец, заедно со претставници од училиштата, наставници, ученици, претставници на политички партии и граѓански здруженија, положија свежо цвеќе и се поклонија пред бистата на Делчев во дворот на ООУ „Гоце Делчев“.

-Со својата борба за слобода Гоце Делчев останува светол пример за непокорот, единството и љубовта кон татковината. Неговата жртва и идеали се темел на македонската борба за самостојност и независност, а неговите зборови и дела сè уште горат како факел во срцата на Македонците. Учениците предводени од директорката и наставниците од училиштето, носејќи го гордо неговото име, преку различни наставни и воннаставни активности го одбележаа ликот и делото на револуционерот, потсетувајќи на неговата вечна порака за слободна и напредна Републија Македонија. Општина Прилеп и понатаму ќе го негува историското наследство, пренесувајќи ги вредностите на македонската самобитност и патриотизам и на идните генерации – стои во соопштението од општина Прилеп.

Битолчанка крадела во продавница во Прилеп – ја фатиле на дело

-На 03.02.2025 во 16.00 часот во продажен објект во Прилеп, полициски службеници од ОВР Прилеп ја лишиле од слобода Р.И. (41) од Битола затоа што била затекната при вршење кражба во објектот, при што одзела повеќе производи.

По целосно документирање на настанот против неа ќе следува соодветна пријава – информираат од ОВР Прилеп.

Мицкоски: Делчев е наш великан кој е дел од македонскиот идентитет, неговото дело не смее никогаш да биде заборавено

Премиерот Христијан Мицкоски на целата македонска јавност го честита родениот ден на македонскиот великан, идеолог и јунак Гоце Делчев.

Мицкоски положи свежо цвеќе во црквата Св. Спас во Скопје.

-Тоа што го правевме во минатото продолжуваме да го правиме и како Влада. Цениме дека македонската Влада треба да има традиција и во иднина да го чествува овој ден бидејќи ова е наш македонски великан кој е дел од македонскиот идентитет и неговото дело не смее никогаш да биде заборавено, рече Мицкоски.

Охридското Езеро станува нова дестинација – Туркиш ерлајнс на својата мапа го постави Охрид

Охрид и охридското крајбрежје станува нова дестинција за турските туристи и сите останите кои сакаат да ги истражат и да уживаат во убавините на Охрид, токму преку директниот лет Истанбул – Охрид, кој за прв пат се водведува со летниот ред на летање.

Туркиш ерлајнс на својата мапа на дестинации веќе го постави Охрид како атрактивна дестинација за патување и започна со продажбата на билети. Согласно летниот ред на летање, авиокомпанијата оваа линија започнува да ја оперира од 27 март со што официјално започнува и воспоставувувањето на директниот лет Истанбул -Охрид.

Туркиш ерлајнс на својата веб страна Охрид го опишува како “македонскиот бисер” најпопуларната туристичка дестинација на Балканот и дел од светското културно наследство.

Авиолинијата Истанбул – Охрид се воведува како резултат на политките на Владата и Мнистерството за транспорт за привлекување на нови дестинации. Со јавниот повик за финансиска поддршка освен Истанбул, од Охрид ќе се лета и кон Базел, а од скопскиот аеродорм се воведуваат летови кон Лион, Барселона, Штутгарт Дубаи, Париз, Женева и Истанбул.

-Многу со горд на оваа работа бидејќи направивме целосна промена на политиките на подршка на субвенционирање. Работиме проект кој што многу брзо очекувам да излезе во јавноста за реконструкција на терминалната зграда на охридскиот аеродром како и таму би се подобриле условите за работа. Работиме на најмалку уште две до три авиолинии кои што очекувам да излеземе со околу 12 и да заокружиме во овој период што ќе е дополнителен квалитет и патници во Македонија. Дел од тие линии се атрактивни и за дијаспората. На пример линијата Истанбул Охрид е многу атрактивна за дијаспората и за Австралија и за северноамериканскиот континнет бидејќи веќе се продаваат авионски карти Торонто-Охрид или Њујорк -Охрид или Вашингтон -Охрид или Сиднеј -Охрид. Исто така и линијата за Женева беше нешто што долго време ја бараше македонската дијаспора, така што мислам дека ќе имаме позитвни ефекти”– изјави недоамна вицепремиерот Николоски.

Фирма од Велес ќе ја гради новата улица “Победа” во Прилеп

Велешката фирма ИЗГРЕВ ИНЖЕЊЕРИНГ ДООЕЛ Велес ќе ја гради улицата “Победа” во Прилеп – еден од четирите капитални проекти со кои општина Прилеп аплицираше до Министерството за локална самоуправа, по повикот од Владата за државна финансиска помош на општините.

Улицата ,,Победа“ ќе обезбеди ново поврзување во градот, и тоа од крстосницата на ул.,,Александар Македонски“ кај Авто мото сојузот, до крстосницата со улица ,,Павел Шатев“.

Предвидени средства за изградбата на оваа улица беа 43 милиони денари, но според нашите информации, цената на тендерската постапка паднала до нешто над 30 милиони денари.

Според електронскиот систем за јавни набавки, конечната одлука за оваа постапка ќе ја донесе одговорното лице според законски предвидените рокови.

Оваа улица треба да обезбеди и нов пристап до новата елитна населба “Градина”, која исто така со години се планира во Прилеп.

Парите за изградбата на улицата “Победа” се обезбедени од буџетот на Министерството за транспорт и врски.