дома блог страница 53

Мицкоски и Николоски денеска на поставување камен-темелник за изградба на автопатот Скопје-Блаце

default
default

Премиерот Христијан Мицкоски и министерот за транспорт, Александар Николоски, денеска ќе присуствуваат и ќе се обратат на поставувањето камен-темелник за изградба на автопатот Скопје-Блаце.

Изведувач на автопатот со должина од 10,5 километри, во вредност од 222 милиони евра, е градежната компанија „Гранит АД Скопје“ која треба да го заврши за четири години. Делницата треба да се спои со веќе изградените 1,5 километри од автопатот Скопје-Блаце во близина на граничниот премин Блаце.

Договорот за изградба на патниот правец на 20 август годинава го потпишаа градежното друштво Гранит АД Скопје и Јавното претпријатие за државни патишта.

Од егзотичната Хавана до францускиот шарм, оваа недела AVRA ве води на четиридневно коктел патување низ светот!

Има места каде што се оди на пијалак, но има и места каде што секоја посета е целосно искуство.

AVRA е токму такво место, вистински дијамант во прилепската угостителска сцена и локал со концепт каков што ретко се среќава не само во Прилеп, туку и во цела Македонија. Со внимателно креирана атмосфера, музика, врвни коктели и тематски вечери, AVRA оваа недела повторно поставува нови стандарди.

Од четврток до недела, ве очекуваат четири различни искуства, четири различни атмосфери и коктел приказни инспирирани од различни култури и вкусови.

ЧЕТВРТОК, 27 АВГУСТ – CUBAN DAILY COCKTAIL EXPERIENCE

Ве носиме директно во Хавана! Кубански звуци, тропска атмосфера и специјално креирано мени со коктели кои совршено го доловуваат духот на Куба.

На менито се: Café Espresso, Cuban Belle, Golden Mummy, Mojito, Havana Rogue и Cuban 75.

Сите коктели по цена од 280 МКД

ПЕТОК, 28 АВГУСТ – FRENCH DAILY COCKTAIL EXPERIENCE

Во петок AVRA се облекува во француска елеганција. Париски шмек, препознатливи звуци и селекција на класични коктели за совршен почеток на викендот.

Очекувајте: Belle Epoque, French 75, Sidecar, Kir Royale и French Martini.

Сите коктели по цена од 270 МКД

САБОТА, 29 АВГУСТ – AVRA MULE ALL DAY EXPERIENCE

Саботата е резервирана за љубителите на Mule коктелите!

Со house ритми и ледено освежување, пробајте ги различните варијации на легендарниот Mule: Moscow Mule, London Mule, Havana Mule, Irish Mule, како и специјалниот Signature AVRA Mule.

Цена на сите коктели 270 МКД

НЕДЕЛА, 30 АВГУСТ – SUNDAY CHEERS COCKTAIL PARTY

И за крај, недела за уживање без многу размислување.

20% ПОПУСТ НА СИТЕ КОКТЕЛИ!

Соберете го омиленото друштво, уживајте во атмосферата на AVRA и заокружете го викендот со вашите омилени коктели по специјални промотивни цени.

Четири дена, четири различни приказни, десетици коктел комбинации и една адреса.

AVRA, место каде што Прилеп добива светски коктел доживувања.

Резервирај го своето место на: 078 564 477

Цените на училишниот прибор се намалуваат за најмалку 15 отсто, Владата донесе одлука за училишна кошничка

Владата на денешната седница донесе одлука со која се намалуваат цените на училишниот прибор во периодот од објавувањето на одлуката во Службен весник, односно од денеска, заклучно со 30 септември 2026 година.

Одлуката, како што изјави денеска портпаролката на Владата Марија Митева, има за цел да им се помогне на семејствата, да се намалат трошоците и да се заштити животниот стандард на граѓаните.

-​Со оваа одлука, трговците на големо се задолжуваат цените на училишниот прибор да ги намалат за најмалку 10 отсто, додека пак, трговците на мало се задолжуваат да обезбедат намалување од најмалку 15 проценти, изјави Митева.

​Мерката опфаќа широк спектар на производи кои се неопходни за почетокот на учебната година: ранци и ташни; тетратки, блокови, колажи, моливи и пенкала; боички, пластелин, теста за моделирање, подлоги, фломастери и текст маркери; темперни, акрилни и водени бои и четки; ​линијари и дидактички материјали; ​острилки и гуми за бришење; ​детски ножици, футроли, лепила, шестари; ​дигитрони, украсна хартија, папки и картонски ташни.

Тука спаѓаат и материјали за изработка, практично сè што е потребно за стартот на учебната година.

-Особено важно е што со одлуката се обезбедува и транспарентност во однос на намалувањето. Трговците се должни, покрај новата намалена цена на производот, да ја прикажат и старата цена која важела на 1 јуни 2026 година, затоа што токму оваа цена се зема како базична врз основа на која се утврдува намалувањето, нагласи Митева.

Таа потсети дека одлуката важи од денот на нејзиното објавување до 30 септември 2026 година и тоа значи дека во овој период граѓаните треба да имаат можност да ги набават производите опфатени со мерката по намалени и јасно означени цени.

-​Ова е конкретна мерка насочена кон директна поддршка на семејствата во период кога имаат зголемени трошоци за подготовка на децата за новата учебна година. Намалувањето на цените на училишниот прибор е уште еден чекор во насока на заштита на животниот стандард на граѓаните, како и намалување на притисокот врз семејниот буџет. Нашата цел е јасна: родителите да можат да го обезбедат потребниот училишен прибор за своите деца по пониски цени, со јасно прикажана базична, но и намалена цена и со правила кои важат подеднакво за сите трговци, рече Митева во изјава пред Владата по владината седница.

Прилепчани имаат хит кој руши рекорди: „Води ме со тебе“ на Connect Band надмина 70.000 прегледи на YouTube

Прилепската музичка сцена добива сериозна потврда дека квалитетната домашна музика знае да стигне до широка публика. Најновата песна на Connect Band, „Води ме со тебе“, веќе надмина 70.000 прегледи на YouTube, бројка која претставува исклучителен успех за една македонска авторска песна, а особено за музички проект кој доаѓа од Прилеп.

За македонски услови, ваквиот интерес е навистина редок. Уште позначајно е што станува збор за авторско дело на прилепски музичари, создадено со сопствена енергија, посветеност и јасна визија за современ звук. „Води ме со тебе“ очигледно успеа да ја пронајде својата публика, а бројката од над 70.000 прегледи е најдобар показател за тоа.

Песната е модерна љубовна нумера со впечатлива мелодија, певлив рефрен и современа продукција, а дополнителна емоција ѝ дава вокалната интерпретација на Игор Чадамов, чиј препознатлив глас одлично се вклопува во атмосферата на композицијата.

Зад песната стои петчлениот Connect Band, составен од Игор Чадамов, Петар Цветаноски, Влатко Милески, Благојче Чиртоски и Мартин Јанкоски. Со своите настапи и долгогодишно присуство на музичката сцена, бендот веќе има изградено препознатлив стил, а со „Води ме со тебе“ прави уште еден чекор напред – овојпат со авторска песна која добива сериозен одѕив кај публиката.

Голем дел од приказната е и видео спотот, кој е снимен во едни од најубавите македонски предели – Охрид и Преспа. Прекрасните езерски пејзажи и внимателно осмислената визуелна приказна дополнително ја надополнуваат музиката и создаваат спот кој остава впечаток уште од првото гледање.

Авторскиот тим зад „Води ме со тебе“ го сочинуваат:

Музика: Петар Цветаноски
Текст: Весна Малинова
Аранжман: Петар Цветаноски и Јордан Манов
Продукција: Јордан Манов – Devil’s Eye Studio
Видео, продукција и сценарио: Epik Visuals – Љупчо Атанасоски
Камера 2: Димитар Долгоски

Над 70.000 прегледи на YouTube не се само бројка. Тие се потврда дека една песна создадена од прилепски музичари може да привлече сериозно внимание и да ја надмине локалната рамка.

„Води ме со тебе“ е пример дека и од Прилеп може да пристигне музика која ќе биде слушана, споделувана и препознаена од публика која не е ограничена само на градот или регионот.

Connect Band повторно покажува дека Прилеп има музички потенцијал, а „Води ме со тебе“ веќе се наметнува како еден од оние проекти за кои бројките најдобро ја раскажуваат приказната.

Од прилепската Гимназија до престижен универзитет во Канада: Запознајте ја Ивана Атанасоска, првенец на генерацијата

Ивана Атанасоска – првенец на генерацијата 2022-2026, во Гимназија „Мирче Ацев“ – Прилеп

Со особена гордост ја претставуваме Ивана Атанасоска, првенец на генерацијата во гимназијата “Мирче Ацев” Прилеп.

Основното образование го заврши во ООУ „Кочо Рацин“ – Прилеп, средното образование во Гимназијата „Мирче Ацев“.

Со посветеност, истрајност, одговорност и искрена љубов кон знаењето го постигна својот највисок успех, да биде избрана за првенец на генерацијата.

Од самиот почеток на гимназиското образование, Ивана успешно се вклучи во повеќе училишни активности сите 4 години, а учествувајќи на повеќе натпревари, на сите нивоа, почна да нижи успеси и да собира награди по физика, англиски јазик, биологија, македонски јазик и литература, географија…

Најголеми нејзини успеси се освојувањето на два бронзени медала на 17-тата Светска олимпијада по геонауки IESO2024, која се одржа во Пекинг, Кина, а секако и добивањето на најпрестижната градска Третоноемвриска награда во 2024 год.

Низ целиот свој гимназиски период, Ивана се истакнуваше со одличен успех, активно учество во училишниот живот и примерен однос кон своите наставници и соученици.

Покрај училишните активности и успеси, Ивана наоѓа време да го негува македонскиот фолклор. Таа е член на КУД „Мирче Ацев“ Прилеп од 2012 година и низ народните ора, музика, песни и носии, го чува македонскиот идентитет и ја претставува Македонија во светот.

Нејзината желба постојано да учи, да напредува и да ги надминува предизвиците ја направи вистински пример за својата генерација.

Титулата првенец на генерацијата не е само признание за постигнатите оценки, туку и потврда за нејзиниот карактер, труд и истрајност.

Ивана покажа дека вистинскиот успех се гради со упорност, дисциплина и верба во сопствените можности.

Своето високо образование ќе го продолжи на еден од престижните универзитети во Канада, каде ќе студира во областа на физиката.

На Ивана ѝ посакуваме нејзиниот досегашен успех да биде само почеток на едно уште посветло патување.

Нека знаењето, амбицијата и храброста секогаш ја водат кон нови достигнувања.

Честитки, Ивана и со гордост продолжи да чекориш кон своите соништа!

Вежба за евакуација и противпожарна заштита на стадионот “Петар Милошевски” во Битола

На стадионот „Петар Милошевски“ во Битола денеска беше реализирана вежба за евакуација и противпожарна заштита, со цел практично да се провери подготвеноста на вработените од институциите, одговорните лица и останатите учесници за навремено, организирано и ефикасно постапување во случај на пожар или друга вонредна ситуација.

Вежбата беше организирана од „Премиум Сејфти Солушн“, од каде посочуваат дека ваквите активности се особено значајни за објекти од јавен карактер, како што е градскиот стадион, каде при зголемена посетеност може да се најдат голем број луѓе на ограничен простор. Во такви услови, брзината, организираноста и координацијата при евакуацијата се од клучно значење за заштита на човечкиот живот.

Вежбовните активности ги проследи и градоначалникот на Битола, Тони Коњановски, кој истакна дека превенцијата и подготвеноста се од особено значење, не само при пожари, туку и во сите вонредни ситуации со кои граѓаните можат да се соочат.

„За да можеме да делуваме во било која ситуација, треба да сме свесни и рационално да размислуваме, без паника, туку смирено и разумно да реагираме. Токму оваа вежба за евакуација и противпожарна заштита ќе биде лекција за тоа како да постапуваме“, истакна Коњановски.

Тој упати апел до граѓаните за совесно однесување и внимателност, особено во периодот кога земјата се соочува со зголемен ризик од пожари.

Коњановски нагласи дека Општина Битола продолжува да дава поддршка на активностите насочени кон унапредување на превентивното дејствување, безбедноста и подготвеноста за реакција при пожари и други вонредни ситуации.

На прес-конференцијата градоначалникот информираше и дека во завршна фаза е изградбата на новата противпожарна зграда во поранешната касарна. Новиот објект, како што посочи, ќе ги исполнува потребните стандарди и ќе овозможи поефикасно дејствување на противпожарните служби.

Прилепскиот театар со “Девојките на Марко” гостува во Кривогаштани – претставата ќе се одигра под отворено небо

Претставата „Девојките на Марко“ во режија на Синиша Ефтимов, на театарот „Војдан Чернодрински“ на 26 август /среда/ од 20.00 часот ќе биде изведена во Кривогаштани, на отворено, во дворот на училиштето, a во рамките на Културно спортското лето Кривогаштани.

Жителите на општината ќе имаат можност да присуствуваат на изведбата на претставата (првпат на отворено), во која се говори за асимилација на ликовите и топонимите, а дејствието се пренесува во современ и модерен Прилеп од иднината или подобро кажано, Прилеп од паралелен универзум.

Воедно посетителите ќе можат да се насмеат затоа што има заплет, и претставата е за ведрата страна на животот. Играат Димитар Ѓоргиевски, Илија Волчески, Јасмина Мицовска – Станкоска, Марија Спиркоска Илијеска, Наташа Ачански и Лора Штарго.

Апел за хуманост и донација: Да и’ помогнеме на Марина Гулеска од Прилеп повторно да застане на нозе

Прилепчанката Марина Гулеска, невработена самохрана мајка на две деца, води долга и макотрпна борба со последиците од хеморагичен мозочен удар што го преживеала пред 18 години за време на бременоста. Денес, на Марина повторно ѝ е потребна нашата поддршка за да го изоди патот до целосно оздравување.

Благодарение на хуманоста на граѓаните кои сочувствуваа и донираа пред извесно време, со претходните терапии беше постигнат значаен напредок – нејзината состојба со делумна парализа и неможноста за движење на едната рака и нога (спастична левострана слабост) забележливо се подобри.

Сепак, за лекувањето да даде целосни и трајни резултати, медицинскиот тим препорачува нов третман со матични клетки и рехабилитација во Турција.

Потребни се 21.000 евра за подобрување на нејзиното здравје.

Овој медицински зафат и рехабилитациски процес чинат 21.000 евра сума која Марина, како невработена самохрана мајка што секојдневно се бори за егзистенцијата на своето семејство, не е во можност самa да ја обезбеди при што во моментот фалат уште 9.000 евра за нејзиното лекување.

Според официјалната медицинска документација (дијагнози I69 и G81.1), третманот во Турција е нејзината најголема шанса да ја врати функционалноста на телото и повторно да застане на нозе.

НАЧИНИ ЗА ДОНАЦИЈА:

Отворени се телефонските линии каде што со еден повик донирате за оздравување на Марина:

За корисниците на A1: 143 504
За корисниците на Телеком: 143 115

Емотивна порака од Марина до сите хумани луѓе:

  • „Ви посакувам сè најубаво на сите што ми помогнавте, како и на сите останати кои пројавија желба за донација. Можеби не можам да ви возвратам за Вашата хуманост, но можам само да ви посакам здравје, среќа и долг живот.“

Марина од сè срце се надева и посакува и овој пат да го почувствува добротворниот дух на граѓаните и заедно да успеат во оваа животна борба.

Да ја покажеме уште еднаш нашата солидарност — со секоја донација и споделување на овој апел сме чекор поблиску до победата на Марина!

ДОПОЛНИТЕЛНИ ИНФОРМАЦИИ ЗА ДОНАЦИИ

Ж-ка 210-7000006615/79

Тутунска Банка девизна сметка: Name/Surname: Marina Guleska

Address: Ul. Dimo Narednikot Br.53B-17 , 7500 Prilep

IBAN: MK07 2105 0166 1656 124 BIC/SWIFT: TUTNMK22 BANK

NAME: NLB BANKA AD SKOPJE BANK ADRESS:

UL. MAJKA TEREZA BR.1 , 1000 SKOPJE

Ситно броиме до најголемиот музички спектакл! Каролина, Hounds и имиња од светската музичка сцена доаѓаат во Прилеп

Прилеп брои денови до најголемиот музички спектакл летово! На 28 и 29 август, Спортскиот аеродром кај Мало Коњари ќе биде местото каде што ќе се сретнат домашната и светската музичка сцена на второто издание на AirFlow Music Festiva.

Фестивалот годинава оди чекор понатаму и нуди разновидна програма во која се спојуваат рок, поп и електронската музика.

Првата фестивалска вечер, на 28 август, започнува во 19:00 часот, а на програмата се The Doctors, по кои во 20:00 часот следува настапот на легендарниот прилепски рок бенд The Hounds. Од 21:30 часот музичката програма продолжува со SEM Music, додека во 23:00 часот на сцената пристигнува едно од најатрактивните имиња на фестивалот – светското електронско дуо MĪMĪ x FY. Првата вечер ќе заврши со настапот на Rafael Cerato, кој е предвиден од 01:00 часот.

Вториот фестивалски ден, 29 август, започнува во 19:00 часот со Lockdown, а во 20:30 часот следува настапот на една од најголемите македонски музички ѕвезди – Каролина Гочева.

По Каролина, во 22:00 часот на сцената ќе настапи AMP, а програмата продолжува на полноќ со AMPOV x DIMCHUGA. За завршницата на фестивалот, од 02:00 часот, е предвиден настапот на C.I. Igor Cige.

Посебен дел од фестивалското искуство и оваа година ќе биде Sky Show, со атрактивни акробации кои дополнително ќе ја збогатат атмосферата на Спортскиот аеродром и ќе понудат визуелен спектакл за посетителите.

Едно од најинтересните имиња во програмата е MĪMĪ x FY, интернационално електронско дуо кое зад себе има настапи на големи светски фестивали и настани, меѓу кои Tomorrowland, Zamna Festival и Exit Festival, како и Formula 1 настани во Монако и Абу Даби. Во својата кариера настапувале и со големи имиња од електронската музика, меѓу кои Keinemusik, Black Coffee, Adriatique и Argy.

Но AirFlow Music Festival не е само музика и забава. Хуманоста останува еден од најважните белези на фестивалот.

Дел од средствата од продадените влезници ќе бидат наменети за лекувањето на малиот Никодим Мидоски и неговата терапија во Турција. Тоа значи дека секој посетител кој ќе купи билет за фестивалот, покрај незаборавно музичко искуство, ќе даде и свој придонес во една важна хуманитарна цел.

Хуманитарната мисија не е новина за AirFlow. На премиерното издание минатата година беа собрани 807.500 денари, кои беа донирани за поддршка на повредените во трагичниот пожар во Кочани.

Организаторите и оваа година се погрижија посетителите да имаат полесен и побезбеден пристап до фестивалот. Со секоја купена влезница следува и превоз од Хотел Липа до AirFlow Music Festival и назад, во текот на фестивалот. Превозот ќе се одвива на секои 30 минути, а во првите два часа ќе биде организиран на секои 15 минути.

Билетите за AirFlow Music Festival може да се набават на продажните места Cafe Onyx и Skycorner, како и онлајн преку мрежата на Wayin.

Не пропуштајте го најголемиот музички настан летово во Пелагонија!

Крушево е светска сцена за најдобрите млади параглајдеристи: Отворено Светското јуниорско првенство во параглајдинг (Фото галерија)

Во Центарот за параглајдинг во Крушево вчера свечено беше отворен натпреварувачкиот дел од Светското јуниорско првенство во параглајдинг на ФАИ, „Крушево 2026“.

На првенството учествуваат млади пилоти и натпреварувачки тимови од 13 земји од целиот свет.

Свеченоста воедно беше можност за промоција на резултатите од проектот „Крушево и Елбасан, Патување во природа и авантура“, финансиран од Европската Унија преку ИПА III Програмата за прекугранична соработка Северна Македонија и Албанија.

Еден од најзначајните резултати на проектот во Крушево е изградбата на две нови полетувалишта на Црн Врв, како дел од развојот на Параглајдинг центарот Крушево.

Новите полетувалишта го зголемуваат капацитетот на центарот и создаваат подобри услови за пилотите и за организација на меѓународни натпревари. Со оваа инвестиција дополнително се зајакнува позицијата на Крушево како дестинација за спортски, активен и авантуристички туризам.

„Новите две полетувалишта се важен чекор за развојот на параглајдинг центарот и за создавање подобри услови за пилотите. Ова е инвестиција во спортот, туризмот и во идниот развој на Крушево. Воедно, претставува пример како природниот потенцијал на градот се претвора во конкретна развојна можност за локалната заедница”, изјави градоначалникот на Крушево, Нико Чонески.

На свеченоста присуствуваа претставници на Европската Унија, националните и локалните институции, Општина Елбасан, организаторите на првенството, проектните партнери, учесниците на првенството и претставници на локалната заедница.