Ситно броиме до најголемиот музички спектакл! Каролина, Hounds и имиња од светската музичка сцена доаѓаат во Прилеп

Прилеп брои денови до најголемиот музички спектакл летово! На 28 и 29 август, Спортскиот аеродром кај Мало Коњари ќе биде местото каде што ќе се сретнат домашната и светската музичка сцена на второто издание на AirFlow Music Festiva.

Фестивалот годинава оди чекор понатаму и нуди разновидна програма во која се спојуваат рок, поп и електронската музика.

Првата фестивалска вечер, на 28 август, започнува во 19:00 часот, а на програмата се The Doctors, по кои во 20:00 часот следува настапот на легендарниот прилепски рок бенд The Hounds. Од 21:30 часот музичката програма продолжува со SEM Music, додека во 23:00 часот на сцената пристигнува едно од најатрактивните имиња на фестивалот – светското електронско дуо MĪMĪ x FY. Првата вечер ќе заврши со настапот на Rafael Cerato, кој е предвиден од 01:00 часот.

Вториот фестивалски ден, 29 август, започнува во 19:00 часот со Lockdown, а во 20:30 часот следува настапот на една од најголемите македонски музички ѕвезди – Каролина Гочева.

По Каролина, во 22:00 часот на сцената ќе настапи AMP, а програмата продолжува на полноќ со AMPOV x DIMCHUGA. За завршницата на фестивалот, од 02:00 часот, е предвиден настапот на C.I. Igor Cige.

Посебен дел од фестивалското искуство и оваа година ќе биде Sky Show, со атрактивни акробации кои дополнително ќе ја збогатат атмосферата на Спортскиот аеродром и ќе понудат визуелен спектакл за посетителите.

Едно од најинтересните имиња во програмата е MĪMĪ x FY, интернационално електронско дуо кое зад себе има настапи на големи светски фестивали и настани, меѓу кои Tomorrowland, Zamna Festival и Exit Festival, како и Formula 1 настани во Монако и Абу Даби. Во својата кариера настапувале и со големи имиња од електронската музика, меѓу кои Keinemusik, Black Coffee, Adriatique и Argy.

Но AirFlow Music Festival не е само музика и забава. Хуманоста останува еден од најважните белези на фестивалот.

Дел од средствата од продадените влезници ќе бидат наменети за лекувањето на малиот Никодим Мидоски и неговата терапија во Турција. Тоа значи дека секој посетител кој ќе купи билет за фестивалот, покрај незаборавно музичко искуство, ќе даде и свој придонес во една важна хуманитарна цел.

Хуманитарната мисија не е новина за AirFlow. На премиерното издание минатата година беа собрани 807.500 денари, кои беа донирани за поддршка на повредените во трагичниот пожар во Кочани.

Организаторите и оваа година се погрижија посетителите да имаат полесен и побезбеден пристап до фестивалот. Со секоја купена влезница следува и превоз од Хотел Липа до AirFlow Music Festival и назад, во текот на фестивалот. Превозот ќе се одвива на секои 30 минути, а во првите два часа ќе биде организиран на секои 15 минути.

Билетите за AirFlow Music Festival може да се набават на продажните места Cafe Onyx и Skycorner, како и онлајн преку мрежата на Wayin.

Не пропуштајте го најголемиот музички настан летово во Пелагонија!




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.