Ивана Атанасоска – првенец на генерацијата 2022-2026, во Гимназија „Мирче Ацев“ – Прилеп
Со особена гордост ја претставуваме Ивана Атанасоска, првенец на генерацијата во гимназијата “Мирче Ацев” Прилеп.
Основното образование го заврши во ООУ „Кочо Рацин“ – Прилеп, средното образование во Гимназијата „Мирче Ацев“.
Со посветеност, истрајност, одговорност и искрена љубов кон знаењето го постигна својот највисок успех, да биде избрана за првенец на генерацијата.
Од самиот почеток на гимназиското образование, Ивана успешно се вклучи во повеќе училишни активности сите 4 години, а учествувајќи на повеќе натпревари, на сите нивоа, почна да нижи успеси и да собира награди по физика, англиски јазик, биологија, македонски јазик и литература, географија…
Најголеми нејзини успеси се освојувањето на два бронзени медала на 17-тата Светска олимпијада по геонауки IESO2024, која се одржа во Пекинг, Кина, а секако и добивањето на најпрестижната градска Третоноемвриска награда во 2024 год.
Низ целиот свој гимназиски период, Ивана се истакнуваше со одличен успех, активно учество во училишниот живот и примерен однос кон своите наставници и соученици.
Покрај училишните активности и успеси, Ивана наоѓа време да го негува македонскиот фолклор. Таа е член на КУД „Мирче Ацев“ Прилеп од 2012 година и низ народните ора, музика, песни и носии, го чува македонскиот идентитет и ја претставува Македонија во светот.
Нејзината желба постојано да учи, да напредува и да ги надминува предизвиците ја направи вистински пример за својата генерација.
Титулата првенец на генерацијата не е само признание за постигнатите оценки, туку и потврда за нејзиниот карактер, труд и истрајност.
Ивана покажа дека вистинскиот успех се гради со упорност, дисциплина и верба во сопствените можности.
Своето високо образование ќе го продолжи на еден од престижните универзитети во Канада, каде ќе студира во областа на физиката.
На Ивана ѝ посакуваме нејзиниот досегашен успех да биде само почеток на едно уште посветло патување.
Нека знаењето, амбицијата и храброста секогаш ја водат кон нови достигнувања.
Честитки, Ивана и со гордост продолжи да чекориш кон своите соништа!






























