дома блог страница 52

Четврток секогаш звучи поубаво во Cipriani – Еве како да го започнете овој продолжен викенд

Во Прилеп се знае, четвртокот е резервиран за уживање во совршен амбиент и совршена кујна, заедно со одлична музика во Cipriani.

Ништо поразлично нема да биде ниту утре, кога за прв пат во Cipriani настапува Goran Slide, добро познат низ локалите ширум Македонија, секогаш подготвен да ја направи вечерта поубава за секој од вас.

Без разлика дали планирате романтична вечера, дружење со пријателите или едноставно сакате да уживате во квалитетна музика и одлична атмосфера, Cipriani секогаш е вистинското место за вас.

Резервирајте го вашето место навреме на 078 534 334 или испратете порака на Facebook и Instagram.

Тимот на Cipriani ве очекува на уште една незаборавна летна вечер!

Министерот Борко Ристовски во посета на Прилеп

Без присуство на медиумите, денеска во Прилеп, поточно на Градскиот базен „Маркови Кули“, во посета бил министерот за спорт Борко Ристески.

Засега не се познати целите и причините за посетата. Се очекува дополнително известување од надлежните институции со повеќе информации за активностите на министерот во Прилеп.

СДСМ Прилеп: “Советниците на ДПМНЕ одбија да ги наградат пожарникарите и да доделат финансиска помош за штетите од невремето”

Советниците од владејачкото мнозинство предводено од ДПМНЕ во Советот на Општина Прилеп денеска не ги поддржаа предлозите на СДСМ и коалицијата за еднократна парична награда, во висина од една месечна плата, за пожарникарите од ТППЕ Прилеп, како и за финансиска помош за граѓаните погодени од неодамнешното невреме.

Како што соопштија од СДСМ Прилеп, предлогот предвидувал пожарникарите да добијат еднократна награда во висина од една месечна плата, имајќи го предвид нивниот ангажман во справувањето со големите пожари во Мариово.

Од опозициската партија посочуваат дека пожарникарите деноноќно биле на терен и со својата пожртвуваност придонеле за заштита на животот и имотот на граѓаните и спречување на дополнителни штети.

Советниците од ДПМНЕ, според СДСМ, не го прифатиле ниту предлогот за доделување финансиска помош во висина од 7,5 милиони денари за штетите предизвикани од невремето што на 24 август го зафати атарот на селата Мажучиште, Мало и Големо Коњари.

Од СДСМ тврдат дека невремето предизвикало значителни штети врз земјоделските култури, поради што побарале општината да обезбеди финансиска поддршка за погодените жители.

Од опозициската партија ја критикуваат одлуката на советничкото мнозинство и ја доведуваат во прашање, како што велат, „грижата“ на локалната власт за пожарникарите, земјоделците и граѓаните на Општина Прилеп.

https://www.facebook.com/photo?fbid=1374756704830009&set=a.278309981141359

Во недела кај Саатот во Прилеп, по четврт пат интернационална берза на винили и други носачи на звук

Во недела, 30 август, кај Саатот во Прилеп ќе се одржи четвртата прилепска интернационална берза на винили и други носачи на звук. Настанот ќе трае од 11 до 17 часот и ќе понуди богата програма исполнета со музика, колекционерски предмети и интерактивни содржини за посетители од сите возрасти.

На берзата ќе учествуваат 10 излагачи од Прилеп, Куманово, Штип, Скопје и Белгија, кои ќе понудат разновиден избор на винилни плочи и други носачи на звук.

Како дел од програмата, посетителите ќе имаат можност да го разгледаат подвижниот ретро музеј на музички аудио-антиквитети, презентиран од Зоки Мува. Предвидена е и музичка работилница посветена на аудиофилството и колекционерството, која ќе ја реализира Борче Мавро.

Настанот е во организација на Блаже Томески Бицо, Јавен Простор Прилеп и Винтер Априкот.

Организаторите упатуваат благодарност до кафе Чоше, кафе Сидро, гастробар Монака, Декор завеси и Еуротрек за поддршката и придонесот во реализацијата на настанот.

Kривична пријава за ПИРОМАН од Прилеп, трипати предизвикал пожар во Варош и кај новите гробишта

-СВР Битола поднесе кривична пријава против И.Ч.(58) од Прилеп поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „предизвикување општа опасност“. На 13.08.2026, пријавениот во три наврати предизвикал пожар на место викано „Бараките“ во близина на новите градски гробишта и во населба Варош, информираат од МВР.

Николоски: Автопатот Скопје – Блаце се гради на исклучително тежок терен. Проектот опфаќа 5 тунели, 4 галерии, 11 мостови или над 40 објекти на трасата

Автопатот Скопје–Блаце е значаен инфраструктурен проект кој треба да го зајакне транспортното и економско поврзување на Македонија и регионот, истакна денеска заменик пртеседателот на Владата и министер за транспорт, Александар Николоски, на поставување на камен темелник за изградба на автопатот Скопје-Блаце.

” Автопатска делница е во должина од 10 и пол километри, исклучително комплициран терен, исклучително тежок терен. Ќе имаме 5 тунели, 4 галерии, 11 моста, со сѐ помали објекти вкупно над 40 објекти треба да се изградат на оваа делница.

Иако во километри делницата е кратка, како што кажав, е доста комплицирана, но со завршувањето на оваа делница ќе имаме целосно автопатско поврзување помеѓу Скопје и Приштина. Исто така го отвораме Скопје и Македонија кон најмалку две пристаништа — ова е алтернативно поврзување со пристаништето Драч, но исто така и поврзување со пристаништето Бар.

Нашата визија како Влада е Македонија да стане инфраструктурно срце на Балканот. Низ Македонија се сечат двата паневропски коридори: Коридорот 8 и Коридорот 10. Исто така во близина е коридорот Струма којшто поминува низ Бугарија, а со овој автопат којшто денес го почнуваме ќе се поврземе и на Јадранско-јонската магистрала, со што визијата на Владата и на премиерот Мицкоски за ‘Македонија — срце на Балканот’ се остварува” истакна Николоски.

Николоски: Градиме нов автопат, за подобро поврзување со Косово и Црна Гора, ја градиме Македонија

Со поставување на камен темелник, денеска официјално започна изградбата на автопатот Скопје–Блаце, значаен инфраструктурен проект кој треба дополнително да го зајакне транспортното и економското поврзување на Македонија со Косово и со поширокиот регион.

На настанот присуствуваа премиерот Христијан Мицкоски, заменик-претседателот на Владата и министер за транспорт Александар Николоски, премиерот на Косово Албин Курти, претставници на државниот врв, како и претставници на Европската банка за обнова и развој (ЕБОР).

Вицепремиерот Николоски истакна дека проектот ќе донесе дополнителен развој и посилно регионално поврзување, отворајќи нови можности за пристап до пристаништата Драч и Бар и дополнително зацврстувајќи ја позицијата на Македонија како транспортна раскрсница на Балканот.

“Навистина е убаво кога се почнуваат нови проекти и кога се гледа нешто што во следните неколку години ќе донесе дополнителен развој, едно силно поврзување на нашата држава со Косово и со Црна Гора, отворање кон најмалку две пристаништа – дополнително отворање кон пристаништето Драч и отворање кон пристаништето Бар – и уште повеќе зацврстување на Македонија како една раскрсница на Балканот”, рече Николоски.

Тој посочи дека реализацијата на ваквите капитални проекти е дел од јасната визија на Владата Македонија да ја искористи својата географска положба и да стане „срце на Балканот“.

„Кога оваа Влада беше формирана во 2024-тата година, јасната политика и визија на премиерот Мицкоски беше дека Македонија треба да стане раскрсница на Балканот, да ја искористиме нашата уникатна положба каде што два паневропски коридори – Коридорот 8 и Коридорот 10 – се пресекуваат, а на нив се надоградуваат и Коридорот 11 и Коридорот 6″, додаде вицепремиерот Николоски.

На крај, Николоски посочи дека приоритет на оваа Влада е напредок, соработка и економски развој на државата и на целиот регион, а со реализација на вакви проекти, се потврдува таквата заложба.

“​Денеска почнуваме таков проект којшто оди во таа насока и само со една таква јасна политика и јасна визија ова може да се случи. Затоа што секоја Влада има различни приоритети, приоритетот на оваа Влада е напредок, соработка, економски развој и на тој начин развој на државата и на целиот регион”, потенцираше заменик претседателот на Владата, Александар Николоски.

NO FUN BEND со најголемите хитови на Пинк Флојд oвој четврток на Камена бина во центарот на Прилеп

Охридскиот бенд NO FUN BEND е следниот музички состав кој ќе биде претставен во рамките на проектот „Од 0 до КултурА“, носејќи го пред публиката звукот на една од највлијателните музички групи на сите времиња – Пинк Флојд.

Бендот е формиран во 2006 година, уште во средношколските денови, а членовите и денес се во истата постава. Христијан Бујароски, Ристе Гашоски и Дарко Бујароски низ годините ја граделе својата музичка приказна, љубовта кон музиката и препознатливиот стил.

Од 2008 година составот настапува во денешната форма: Христијан Бујароски на гитара и вокал, Ристе Гашоски на тапани и вокал и Дарко Бујароски на бас гитара и вокал.

Зад нив стојат две децении исполнети со настапи на различни локации, во локали, на натпревари, хуманитарни акции и бројни забави на отворено. Патот, како што велат самите членови, не бил секогаш лесен, особено на почетокот кога се соочувале со недостаток на соодветна музичка опрема.

„Имавме опрема за почеток, но беше многу стара и за денешно време несоодветна, особено разгласот. Но, со многу труд стигнавме до овие појачала, тапани, гитари итн. Интересот да се има бенд беше пред сè“, велат од NO FUN BEND.

Токму љубовта кон музиката и истрајноста ги одржале заедно низ годините, а сега нивното искуство и енергија ќе бидат претставени преку специјална изведба на најголемите хитови на Пинк Флојд.

Публиката ја очекува музичко патување низ безвременските композиции на легендарниот британски бенд, во изведба на охридските музичари кои речиси две децении ја живеат својата музичка приказна.

Проектот „Од 0 до КултурА“ продолжува да ја промовира локалната музичка сцена и луѓето кои со години создаваат, настапуваат и ја збогатуваат културната понуда.

Трескавец крие вековна легенда: Султанија, 500 војници и манастир кој не успеале да го скршат

На десетина километри оддалеченост од Прилеп, под врвот Златоврв, меѓу грамадните карпи распослан е манастирскиот комплекс “Успение на Пресвета Богородица” или попознат како Трескавец. Манастир кој е нем сведок за богатото културно и духовно наследство на Прилеп низ историјата, и светилиште кое традиционално за денешниот празник собира голем број верници. Така е и денеска, редици верници од утрово го посетија манастирот, запалија свеќи и се помолија за здравје.

Во продолжение прочитајте повеќе за ова древно светилиште кое е се’ за прилепчани.

До Трескавец, сега со новиот пат, изграден од 2013 година, се стигнува многу брзо, за разлика од порано кога се одеше пеш.

Кога и да појдете во манастирот љубезно ќе ве пречека домаќинот – отец Калист. Ќе ви посака добредојде, ќе ве остави малку да одморите од долгиот пат, за потоа да ви раскаже гордо за неговиот дом, за манастирот.

Последните години од манастирскиот комплекс побудува интерес особено кај странските гости. Доаѓаат од сите страни, дури и цели делегации. Сите се воодушевуваат од она што имаат можност да го видат, да го почуствуваат.

Просторот каде што е изграден манастирот е заштитен од сите страни. Се вели дека Бог го чувал манастирот од невреме и трескавици. Затоа местото се вика Трескавец. Со векови се пренесува преданието дека монасите од дамнина поставиле златно јаболко на највисоката точка од манастирот на над 1300 метри за да го чува од чести грмотевици. И сега го има.

Комплексот го сочинуваат црквата Успение на Пресвета Богородица, опожарените манастирски конаци, кои се градат, трпезарија со магерницата, магерничкиот конак и влезната порта со кула – камбанарија.

Како донатори на манастирот се споменуваат византиските императори Андроник II и Михајло IX, а подоцна во 16 век српскиот крал Милутин, царот Душан и неговиот син Урош.

Трескавец е културно историски споменик заштитен со закон. Тој е на списокот за заштита меѓу стотте најзагрозени културно-историски споменици во светот.

Првиот христијански храм кај Трескавец датирал од VI век, а во XIV век манастирот бил на удар на разурнувачи. За неполни 100 години бил обновен и му била вратена автентичноста со нови религиски орнаменти, специфични за тој период. Но духовното светилиште Трескавец било погодено и од огнена стихија во 19 век и во 90 години на минатиот век, како и во 2013 година кога изгореа конаците.

Денешната црква е еднокорабна градба со тристрана апсида на источната страна. Страничните ѕидови се расчленети со по два пиластри кои преку лаци го прифаќаат централното кубе. На западната страна е наосот.

Живописот на црквата, кој се планира следната година да се конзервира и заштити, датира од повеќе временски периоди. Најстари се фреските во егзонартексот и двата компартименти со илустрација на календарот.

Манастирот поседува и други уметнички предмети како што се двокрилна врата работена во плитка резба, крстот Космитис од 16 век работен во резба и певница изработен во инкрустација. Богатиот ентериер на црквата го надополнуваа празничните икони, иконите со претстави на апостолите и други икони кои потекнуваат од 17, 18 и 19 век.

На една од куполите насликана е претстава за Божјиот Син како небески цар во трон со евангелие. Покрај него, во композицијата е царицата Богородица и царот Давид. Околу нив света војска пополнета со херувими, среафими, арахангели и ангели. Осум свети војници се меѓу прозорците и тие се поинакви од вообичаените композиции.

Манастирот со години не бил само монашко седиште, туку и книжевно средиште каде што монасите правеле ракописи со широко распространета препишувачка дејност. Во него имало и библиотека, но за жал сега нема останато ништо од тоа богато наследство.

За убавините на Трескавец репортажа пред години направи и британската телевизија BBC, а на овој предел се снимаа и повеќето македонски играни филмови.

Легендата што ја запишал Јордан Хаџи Константинов Џинот

Султанијата Кала-Мара, која била една од жените на турскиот султан Мурат II, застанала да се причести во манастирот на пат кон вилаетот во Мариово. Владиката не ги отворил портите и не дозволил причест за султанијата, оти живеела во брак со некрстениот султан. Кала – Мара се налутила и им наредила на 500 војници да го урнат манастрирот и да ги заколат сите монаси.

Според некои сознанија биле 300, а други извори велат дека 700 монаси завршиле по ножевите на збеснатиот аскер. Само владиката бил оставен жив за да раскажува за настанот. Некои историчари толкуваат дека султанијата од преданието била ќерка на српскиот деспот од бракот со неговата втора жена Ирена Кантакузина. Кала-Мара била родена во 1417 година и се омажила за султанот во 1435 година во Едрене.

Мицкоски и Николоски денеска на поставување камен-темелник за изградба на автопатот Скопје-Блаце

default
default

Премиерот Христијан Мицкоски и министерот за транспорт, Александар Николоски, денеска ќе присуствуваат и ќе се обратат на поставувањето камен-темелник за изградба на автопатот Скопје-Блаце.

Изведувач на автопатот со должина од 10,5 километри, во вредност од 222 милиони евра, е градежната компанија „Гранит АД Скопје“ која треба да го заврши за четири години. Делницата треба да се спои со веќе изградените 1,5 километри од автопатот Скопје-Блаце во близина на граничниот премин Блаце.

Договорот за изградба на патниот правец на 20 август годинава го потпишаа градежното друштво Гранит АД Скопје и Јавното претпријатие за државни патишта.