дома блог страница 526

Јовчески: Сите училиштата во Прилеп се безбедни, изречени се опомени на дел од угостителските објекти

Во име на Општина Прилеп и во мое име како градоначалник на Прилеп, сакам да ја информирам јавноста дека во изминатиот период беа спроведени засилени инспекциски надзори во повеќе сектори, со цел зголемување на безбедноста и заштитата на граѓаните, согласно актуелните случувања во државата – информираше на социјалните мрежи градоначалникот на општината, Борче Јовчески.

“Во периодот од 4 февруари до 6 март 2025 година, од страна на овластениот просветен инспекторат беа извршени редовни инспекциски надзори во сите основни и средни училишта во Општина Прилеп. Согласно наодите, не се утврдени никакви неправилности во функционирањето на образовните установи, а училиштата ги исполнуваат сите пропишани стандарди за безбедност. Исто така, тековно се вршат проверки во сите детски градинки, а согласно информациите од училиштата, Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС) и Центарот за управување со кризи (ЦУК) редовно вршат контроли, при што сите пропишани мерки се почитуваат.

Паралелно со овие надзори, во периодот од 19 до 24 март 2025 година, комуналната и даночната инспекција на Општина Прилеп изврши вонредни инспекциски контроли во 24 угостителски објекти. На дел од субјектите им беа изречени опомени за понатамошно постапување согласно законските прописи, особено во делот на користење јавна површина, плаќање комунални такси и даноци, како и одржување на јавната чистота.

Дополнително, во периодот од 20 до 24 март 2025 година, овластениот инспектор за животна средина изврши контрола на повеќе правни субјекти. При надзорот беше утврдено дека истите поседуваат соодветни елаборати и програми за управување со отпад, со што се потврдува нивното усогласување со законските регулативи.

Како градоначалник, во координација со Заедницата на единиците на локална самоуправа (ЗЕЛС), со колегите градоначалници и согласно препораките на Владата на Република Македонија, ќе продолжиме со координирано делување.

Наш приоритет останува безбедноста на сите наши сограѓани, создавање сигурни услови за работа, квалитетно образование за нашите деца и подобрување на квалитетот на живот за сите жители на Општина Прилеп.

Ги повикувам сите граѓани, институции и стопански субјекти да останеме одговорни и посветени на заедничката цел – безбедна и просперитетна заедница за сите”, напиша Јовчески.

Компанијата Кожувчанка ја лансира првата Апликација – Потсетник за пиење вода, од Изворска!

Компанијата Кожувчанка повторно ја изненадува јавноста со иновација и новитет создавајќи ја првата апликација во Македонија која ве потсетува да се напиете вода и да останете хидрирани во текот на целиот ден!

“Ние како Компанија секогаш ги слушаме потребите на нашите потрошувачи и дејствуваме за подобрување на квалитетот на нивниот живот. Живееме во ова брзо време што ни носи многу грижи, настани и предизвици со кои сите ние се справуваме, па често ни се случува да заборавиме на себе и своите потреби. Затоа ја создадовме Изворска Апликацијата која ќе ве потсетува во текот на денот дека треба да бидете хидрирани! Таа е бесплатна за преземање, па ви посакуваме на сите – Со здравје користење.” – изјавија од Маркетинг секторот на Компанијата.

Како работи апликацијата?

Со користење на функцијата за скенирање на баркодот од Изворска етикетата, апликацијата точно ќе го препознае количеството вода што ја пиете, и ќе ви покаже колку литри уште треба да испиете за да ја достигнете дневната цел за хидратација.

А, ова се нејзините основни карактеристики:

  • Бесплатна и лесна за користење: Преземете ја апликацијата и започнете веднаш!
  • Персонализирана: Точно пресметува колку вода треба да пиете врз основа на вашите лични потреби.
  • Потсетник: Заборавивте да се напиете вода? Нема проблем – апликацијата ќе ви испрати потсетување.
  • Статистика: Следете го напредокот на вашата хидратација на дневно и месечно ниво.

Изворска Апликацијата е достапна за преземање бесплатно на платформите Google Play и App Store: app.izvorska.mk

Компанијата Кожувчанка и брендот Изворска продолжуваат да инвестираат во иновации кои го подобруваат здравјето и квалитетот на животот на своите потрошувачи, а оваа апликација е само еден пример за нивната посветеност.

Прилепчанка заработи кривична пријава: Украла три картички и си пазарела кај ќе стигне

-СВР Битола поднесе кривична пријава против Е.У.(37) од Прилеп поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „изработка и употреба на лажна платежна картичка“.

Пријавената, од домот на едно лице украла три платежни картички и извршила вкупно 12 трансакции на различни локации – информираат од СВР Битола.

Градоначалник ја донираше платата за настраданите во Кочани

Градоначалникот на Општина Центар Горан Герасимовски, синоќа гостуваше во отворената хуманитарна програма „Канал 5 и Македонија за Кочани”, кадешто граѓаните можеа телефонски да донираат средства за настраданите сограѓани од пожарот во Кочани.

Во студиото на Канал 5 телевизија, Герасимовски порача дека во овие тешки денови мораме сите ние да бидеме заедно, сплотени и хумани, а политиката да ја тргнеме настрана. На прашање на новинарката дали општината има донирано, Герасимовски информираше дека Општина Центар донирала, но и тој самиот исто така ја донирал својата плата за настраданите.

„Во овие тешки моменти, во оваа болка со која сите ние се соочуваме да бидеме единствени, да бидеме сплотени, да не ги политизираме работите, да бидеме хумани и да помагаме на оние на коишто им е најпотребно во овој момент”, рече Герасимовски.

Тој истакна дека на Управниот одбор на ЗЕЛС се дискутирало на повеќе точки, меѓукои за подигнување на безбедноста и давање препораки на куќните совети во делот на хидрантите, на ПП апаратите и на заштитата на фасадите коишто се во лоша состојба.

„Дополнително, поразговаравме во делот и на урбаната опрема, угостителските објекти и сите оние услови коишто треба да ги исполнуваат. Направени се посебни комисии коишто ќе спремаат одредена, стандардизирана програма за урбана опрема којашто ќе биде единствена и ќе важи за сите општини во државата. Ја подигнавме безбедноста на нашите најмлади, на учениците во училиштата и децата во градинките. Можам слободно да кажам, родителите да бидат спокојни, нашите училишта и градинки се на највисоко безбедносно ниво и така ќе продолжиме во наредниот период. Во моментов имаме пациенти коишто се лекуваат, треба да најдеме начин сите заедно, сплотено да помогнеме на тие семејства, но и на семејства на трагично загинатите, да искочиме во пресрет на тие семејства”, изјави Герасимовски.

Мостот се сруши како кула од карти: Страшни снимки од земјотресот во Мјанмар (ВИДЕО)

Силен земјотрес со јачина од 7,3 степени според Рихтеровата скала го погоди регионот Сагаинг во северозападниот дел на Мјанмар. Потресите беа почувствувани во неколку градови, вклучувајќи ги Сагаинг, Мандалај, Кјауксе, Пјин У Лвин и Шве Бо.

Геолошкиот институт на САД (USGS) објави дека земјотресот бил со јачина од 7,7 степени, со епицентар на приближно 16 километри југо-југоисточно од Сагаинг и 17 километри источно-југоисточно од Мандалај, вториот по големина град во Мјанмар.

Областа веќе е тешко погодена од тековните судири меѓу отпорот и воените власти.

Во земјотресот целосно беше уништен мост во градот Сагаинг.

Засега нема информации за бројот на жртвите во денешниот земјотрес во Мјанмар.

Викендов започнува летното сметање на времето

Викендов почнува летното сметање на времето, со што ќе имаме подолг ден. На 29. март во 02:00 часот се поместуваат стрелките за еден час нанапред, па така времето во 02:00 часот, се смета како 03:00 часот.

Промените во телесниот часовник може да доведат до проблеми со спиењето кои траат со недели, а научните истражувања покажуваат дека постои зголемен ризик од срцеви и мозочни удари веднаш по преминувањето на новото време. Покрај тоа, летното сметање на времето е поврзано и со пораст на сообраќајните несреќи, особено во утринските часови.

Телесниот часовник, или деноноќниот ритам, се регулира преку изложеноста на светлина. Утринското сонце го ресетира ритамот, додека вечерната светлина го одложува лачењето на мелатонин – хормонот кој предизвикува поспаност. Со поместувањето на времето во март, телото тешко се приспособува на новиот ритам, што доведува до замор, недостаток на концентрација и зголемен ризик од хронични болести.

Истражувањата покажуваат дека недостатокот на сон е поврзан со зголемен крвен притисок, срцеви заболувања, дебелина и когнитивно опаѓање. Сообраќајните несреќи со фатални последици исто така се зголемуваат во првите неколку дена по преминот на летното време. Анализите во САД покажале дека ризикот е најголем во утринските часови, кога возачите се најмалку одморени.

Лекарите предупредуваат: Првиот понеделник по промената е критичен

Според Американското здружение за срце, бројот на срцеви удари значително расте во понеделник по воведувањето на летното сметање на времето, додека мозочните удари се зачестени два дена подоцна. Истражувачите не се сигурни зошто ова се случува, но се претпоставува дека ненадејното нарушување на телесниот ритам дополнително ги влошува веќе постоечките здравствени проблеми како што се висок крвен притисок и срцеви заболувања.

Како да се прилагодите на летното сметање на времето?

Експертите советуваат неколку стратегии за полесно адаптирање на новото време:

– Легнувајте 15-20 минути порано во деновите пред промената.

– Будете се во исто време секое утро за да помогнете во регулирањето на телесниот часовник.

– Изложете се на утринско сонце, особено во првата недела од новото време.

– Прилагодете ги дневните рутини, како што се времето за вечера или вежбање.

Светскиот ден на театарот пред празна сала во Прилеп: “Театарот е мртов, да живее театарот” (ВИДЕО)

Наместо со полна сала, актерите на прилепскиот театар “Војдан Чернодрински” го одбележаа Светскиот ден на театарот со видео порака од празна сала и ги прочитаа светската и македонската порака за театарот.

Ова следува откако деновиве Дирекцијата за заштита и спасување го затвори објектот како небезбеден, констатирајќи низа недостатоци.

Вљубениците во театарската игра и во штиците што живот значат, се надеваат дека оваа тажна слика што поскоро ќе се смени. Барем додека се изгради нова театарска зграда, да се изврши итно реновирање и враќање во функција на старата театарска зграда.

Прилеп живее за театарска игра, Прилеп заслужува нов театар!

Николоски: Охрид преку Истанбул од денеска го поврзуваме со цела Европа и светот

Со обсмислена стратегија успеваме охридскиот аеродром да го развиваме. Денеска ја воспоставуваме новата и најважна линија Охрид-Истанбул со која Охрид преку Истанбул ќе го поврземе со цела Европа и светот, истака вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски на воведувањето на новата авиолинија Охрид-Истанбул.

Во прилог интегралната изјава на вицепремиерот Николоски:

-Ова е комплетно нова димензија за охридскиот аеродром и целосно нов развој на охридскиот аеродром затоа што најголемата светска авиокомпанија Туркиш ерлајнс воведува директна линија, четири пати неделно со најголеиот аеродром во Европа, аеродромот во Истанбул, што многу ќе значи за бројот на патници и не само за туризмот туку и редовното патување, затоа што аеродрмот во Истанбул е со најмногу конектинг летови во Европа. Веќе познавам луѓе кои имаат купено карти од Торонто за Охрид или од Вашингтон за Охрид затоа што преку Истанбул со конектинг летови ќе можат да додјат во Охрид што драстично ќе го зголеми бројот на патници и тоа ќе помогне да се развива тузимот, бизнисот, комуникациите, што е комплетна нова диманзија за охридскиот аеродром.

Ова е резултат на обмислена стратегија, стратегија на субвенционирање што ја водиме откако бевме избрани. Го променивме целосно моделот на субвенционирање, за охридскиот аеродром од претходно 4,5 евра зголемивме на 12 евра по патник. И наместо за заминување, плаќаме за доаѓање затоа што целта е да даѓаат луѓето тука, ги променивме и другите услови и тоа го даваат резултатот. Веќе имаме две нови дестинации до Охрид, тоа е Истанбул и Базел, имаме нови осум дестинации од Скопје. Но од сите 10 дестинации за мене најважна е Истанбул бидејќи отвора нова врата за охридскиот аеродром и за целиот регион. Во преговори сме и тие преговори за брзо време треба да завршат со една голема компанија која што очекувам да донесе две до три нови дестинации и на тој начин да расте бројот на дестинации на охридскиот аеродром.

Мене ми е целта во рок од две години да имаме најмалку десет нови дестинации од Охрид, што целосно ќе го трансформирам туризмот во Охрид, бизнисот и комуникациите и тоа што е особено важно, оние чартери кои што почнаа на Флајбирд во следната година наместо еден да се два дневно и да слетуваат во Охрид наместо во Скопје. И пуштањето на автопататот на тие 40 -тина километри од Врбјани до Охрид секако многу ќе значи за охридскиот аеродром, истакна вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски.

Основните училишта добиваат фотоволтаици

Помали сметки со соларни панели. Сите основни училишта во Кисела Вода, како и две во Карпош и едно во Зелениково до средината на мај ќе добијат фотоволтаици. Проектот вреден 11 милиони денари се изведува преку Владата и Скопскиот плански регион со кофинансирање на општините кои учествуваат.

„Правиме огромен чекор кон заштеда на енергија, намалување на финансиските трошоци и зачувување на животната средина. Преку користење на обновливи извори на енергија, училиштата стануваат енергетски понезависни, што значи дека значителен дел од средствата кои досега се трошеа за електрична енергија ќе можат да се пренасочат во подобрување на наставните услови и образовниот процес“ вели Орце Ѓорѓиевски, градоначалник на Кисела Вода

Ова е дел од поголем проект на Владата со кој ќе се работи на зголемување на енергетската ефикасност на училиштата низ Македонија.

„Јас како министер за образование и наука, потпишав грант од над милион евра за енергетска ефикасност на над повеќе од 50 училишта ширум државата кој е веќе во процес на обработка. Освен тоа што ќе ја заштитиме животната средина ние придонесуваме и за здрав живот на граѓаните, односно на најмладите што се наоѓаат во овие училишта, што за разлика од претходната Влада не било фокус, вие добро знаете дека таму беа фокус некакви бизнис интереси и дистрибуција на штетни горива и други енергенси“ вели Весна Јаневска, министер за образование и наука

Училиштата се веќе мапирани и обезбедена е потребната документација, како и согласности од ЕВН за поставување на системите.

Случајот со насилникот кој тепаше жена во живо на “Тик-Ток” добива нов пресврт: Жртвата не сака да го гони

Во врска со видео записот кој беше споделен на социјалните мрежи, а во кој се гледа како машко лице насилно се однесува кон женско лице, МВР ја известува јавноста дека СВР Струмица ги презеде сите службени дејствија кои се во надлежност на полицијата, поврзани со конкретниот случај, и насилникот е лишен од слобода.

Имено, настанот во СВР Струмица беше пријавен на 23.03.2025 (недела) во 08.25 часот од страна на мајката на жртвата. Веднаш по добиената пријава, преземени се соодветни мерки и активности од страна на полициски службеници од СВР Струмица-ОВР Радовиш. Утврдено е дека машкото лице е А.А.(35) од Радовиш, кој истиот ден во 09.20 часот е лишен од слобода и задржан во Полициската станица Радовиш. Исто така, бил извршен службен разговор и со нападнатата жена, во присуство на социјален работник од Јавна установа Меѓуопштински центар за социјални работи Радовиш, при што таа кажала дека видео записот е од јули 2024 година.

Бидејќи во конкретниот случај постои сомнение за сторено кривично дело „телесна повреда“ по член 130 став 2 во врска став 1 од Кривичниот закон, каде во став 5 од истиот член стои дека гонењето се презема по поднесување на предлог за гонење, од жртвата било изјавено дека не сака да поднесе предлог и дека видеото било доставено од нејзината мајка.

За настанот бил запознаен јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Радовиш, по чии насоки биле преземени и понатамошните мерки. Врз основа на преземените мерки, од страна на ОВР Радовиш до Основното јавно обвинителство Радовиш на 25.03.2025 е поднесена кривична пријава против А.А. поради постоење на сомнение дека сторил кривично дело „телесна повреда“ по член 130 став 2, а во врска став 1 од Кривичниот закон. Продолжуваат да се преземаат дејствија за целосно испитување на настанот.