дома блог страница 515

Мицкоски разочаран од пресудата за смртта на Теодора: Да се преразгледа работењето на судијата, правдата ќе ја истераме до крај!

„Ова не е правда! Тука имаме потфрлање на системот по сите основи“. Ова го истакна денес премиерот Христијан Мицкоски коментирајќи ја пресудата на судот во Тетово од две години затвор за возачот кој ја усмрти 22-годишната Теодора Ристевска.

-Јас не само што сметам дека правдата не е задоволена, туку и како претседател на Владата, како човек и родител на две деца сум силно разочаран, рече Мицкоски.

Свесен дека можеби ќе следуваат критики, но јавно побара од Судскиот совет да се преразгледа работењето на судијата.

-Јавно барам од Судскиот совет да се преразгледа работењето на овој судија и уште еднаш да се анализира оваа пресуда. Ова не е партиска борба, ова е битка за вистината, за одговорноста, за правдата. Затоа што ова е борба меѓу луѓе и нелуѓе. И луѓето мора да победат. Само така можеме заедно да победиме. Ако овој систем не се ресетира сега, ако не се преземат мерки сега, тогаш за бадијала ни е се. Ова не е прашање за политика, ова е прашање на иднината. Кој бил дел од ова? Кој дозволил? Кој гледал на страна – ќе одговара! И институциите и одговорните лица и сите кои на било кој начин придонеле за оваа трагедија да се случи. Секој што ја злоупотребил својата моќ, секој кој го ставил својот интерес пред безбедноста на граѓаните, ќе се соочи со правдата. Ова нема да биде уште еден случај што ќе се затвори без одговорност. Лично ќе го следам и јас ви ветувам дека правдата ќе ја истераме до крај, рече тој.

По сообраќајната несреќа во август 2022 година, сторителот кој ја прегази 22-годишната Теодора првично беше осуден на три години и шест месеци затвор. Апелациониот суд ја намали казната на две години, но Врховниот суд ги укина пресудите и го врати случајот на повторно судење. Судот во Тетово вчера повторно му досуди две години затвор на сторителот.

Пресудата за случајот на Теодора Ристевска предизвика силни реакции во јавноста. Многу луѓе изразија незадоволство и гнев на социјалните мрежи, сметајќи дека казната од две години затвор е премногу блага за сторителот. Семејството на Теодора е длабоко разочарано од пресудата. Дополнително, судијата кој ја донесе пресудата, Ељведин Ферати, беше критикуван поради сомнежи за неговиот интегритет дека си ги поправал оценките на Тетовскиот универзитет со пречкртување. Државниот просветен инспекторат минатата година утврди неправилности во неговите оценки, што доведе до предистрага од Скопското јавно обвинителство.

Во храмот Св.Пантелејмон во дворот на прилепската болница, отслужена Света Литургија по повод 7. април – Светскиот ден на здравјето (ФОТО)

По повод 7 април – празникот на Светото Благовештение и Светскиот ден на здравјето, во храмот „Свети Пантелејмон“, во дворот на болницата, се отслужи Света Литургија во чест на празникот, а за телесно здравје и духовно спасение на сите вработени од нашата болница, почнувајќи од лекарите, медицинскиот персонал, техничкиот персонал, како и за сите болни кои се хоспитализирани во болницата, но и за сиот правоверен народ. Ова беше прва Литургија по повод овој празник, со надеж дека ова празнување ќе премине во традиција секоја година.

Празнувајќи го денешниот голем ден, Црквата потсетува дека односите со Бога и со луѓето не се загрозени само од болеста, туку пред се’ – од гревот. Затоа, Христос кога лекува болести, Он ги простува и гревовите и на тој начин ја лекува целата личност. Здравјето не е статичка вредност. Тоа е динамично и секогаш може да се подобри! Дури и кога не чувствуваме болка, подобро здравје значи – повеќе енергија! А во Светото Писмо можеме да најдеме многу здравствени правила и упатства, до кои, како православни христијани треба да се придржуваме. Меѓутоа, Светото Писмо не ги дава сите одговори на прашањето за човечкото страдање. Божјите патишта, кога станува збор за болеста, често остануваат многу мистериозни за човекот (Рим. 11: 33) и секогаш не’ ставаат пред предизвикот на верата дека Бог се’ им придвижува кон добро, на оние што Го љубат (Рим. 8: 28).

Нека Господ Бог и Пресвета Богородица ни ги чуваат здравствените работници, нека им ги исполни сите добри намери и желби, нека им дарува мир во срцата, спокојство во семејствата и добар и успешен плод во работата.

Почнува трансформацијата во Победа! Филип Мирчески назначен за директор на младинската школа

30-годишниот Филип Мирчески е назначен за нов директор на младинската академија во ФК Победа. Мирчески кој во минатото два пати беше прогласен за спортист на Прилеп, го носеше дресот на Победа и 11-ти Октомври, а во своето фудбалско резиме ја има и шампионската титула како тренер на младинците на Победа во сезоната 2021/22, генерација која потоа Мирчески ја предводеше во младинската Лига на шампиони.

Покрај тоа тој беше и шеф на стручниот штаб во Победа есента 2023 год.

-Квалитетот секогаш испливува на површина. Тренерот којшто ја водеше генерацијата во Лигата на европските шампиони, официјално е назначен за директор на Младинската академија. Со оваа одлука се отвора ново поглавје, со јасна цел – да се искристат неговото искуство, знаење и квалитет во градњењето нови генерациии развојот на младите таленти, напишаа од клубот на социјалните мрежи.

Судијата кој пресуди 2 години затвор за смртта на Теодора сам си преправал оцени на универзитет?

Остри реакции и гнев предизвика пресудата која вчера ја донесе Судот во Тетово, за случајот со 22-годишната Теодора Ристевска која беше прегазена и усмртена во септември 2022 од страна на Менсур Пајазити.

Судијата Ељведин Ферати на вчерашното рочиште донесе одлука обвинетиот Менсур Пајазити, да добие двегодишна казна за смртта на младата Теодора.

Сомнежи за Ферати кој ја донесе одлуката следуваат по веста во јавноста дека додека бил дел од Универзитетот во Тетово, наводно си ги поправал оцените со пречкртување.

Минатата година во септември беше отворена и предистрага откако Државниот просветен инспекторат утврди дека си ги поправил оценките по право на Тетовскиот државен универзитет, со пречкртување. Предистрагата ја води Скопското јавно обвинителство.

– „ОЈО Скопје постапува по доставено известување од Државниот просветен инспекторат и презема дејствија во предистражна постапка со цел да ги испита сите околности“, рече тогаш Обвинителството.

Случајот го откри Антикорупциската комисија лани во декември, во рамки на големата ревизија.

Во септември во 2022 година, 22-годишната Теодора беше прегазена во Тетово од БМВ кое го управувал 44-годишниот Пајазити. Тетовскиот суд во ноември во 2023 година, пресуди три и пол години затвор за возачот. Тој ја обжали казната, Вишото јавно обвинителство во Гостивар ја прифати жалбата, а Апелациониот суд во Гостивар ја намали казната на Пајазити на две години затвор.

Пајазити е обвинет за „Тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот“ од ставот 4 за кој е предвидена затвор од една до пет години.

Ученици од ООУ “Кире Гаврилоски” победници на Европскиот квиз на парите, знаењето ќе го покажат и во Брисел

На 01.04.2025год на Европскиот квиз на парите учениците Марин Христоски и Алексеј Мицковски од 9-5одд при ООУ “Кире Гаврилоски-Јане”, под менторство на наставничката Соња Јорданоска, a во конкуренција од над 400 тимови го освоија ПРВОТО МЕСТO.

На натпреварувањето му следуваше и втор круг, кој се одржа на 04.04.2025, во просториите на Македонска банкарска асоцијација, каде дечките од Прилеп повторно го освоија ПРВОТО МЕСТО.

Со oвој нов успех нашите ученици обезбедија пласман на Меѓународниот натпревар, кој ќе се одржи во Брисел.

Честитки!

ПРИЛЕПСКА УБАВИНА: Стара црква исполнета со верници за патрониот празник (Фото)

Празникот Свето Благовештение се вбројува во постојаните празници и секогаш е на 7 април според новиот, (или на 25 март според стариот) календар. Меѓу народот повеќе е познат како Благовец, Благоец, Блошчојне…

Се смета за тежок празник поради што тогаш не се работи. Некои дури го сметаат за голем празник како Велигден поради што се вели: „Благовец, прв ден Велигден“. Тогаш се оди на именден кај оние што имаат име Благоја, Блаже, Благојка, Благица…

Свето Благовештение е празник на Пресвета Богородица, а со тоа е и денот на мајките, затоа што Богородица е заштитничка на сите мајки кои зачнале и станале мајки.

Тоа е ден на мајката која дала нов живот. Тогаш децата и благодарат на мајката, ја гушкаат и и даваат дарови во знак на љубов, почит и внимание. Мајките, пак, ги благословуваат децата и тие да имаат свои рожби и радости.

Денешниот празник е и патрон празник на најстарата црква во Прилеп, Св. Благовештение, каде голем број верници присуствуваа на Светата литургија, со која чиноначалствуваше Владиката Петар.

21 медал за прилепските џудисти од СЕИШИН од Државните првенства за пионери и сениори (ФОТО)

На 06.04.2025 во Скопје во организација на ЏФСМ и техничка организација на ЏК Радишани – Скопје се одржаа Државните првенства за пионери и сениори. Џудо Клубот Сеишин – Прилеп на овие натпревари зеде учество со вкупно 25 натпреварувачи, а освоени се 21 медал (10 златни, 6 сребрени и 5 бронзени).

Резултати поединечно:

Пионери-ки:

1. Ангел Стојовски 1 во место
2. Марко Марковски 1 во место
3. Дино Кулевски 1 во место
4. Ратко Ацески 1 во место
5. Арсениј Димески 1 во место
6. Матеја Николоска 1 во место
7. Дила Пупаловиќ 1 во место
8. Елдина Пупаловиќ 2 ро место
9. Јована Цветкоска 2 ро место
10. Марио Конески 2 ро место
11. Владан Стрезоски 2 ро место

Сениори-ки:

1. Христијан Стојковски -Кико 1 место
2. Михаил Стојановски 1 во место
3. Кристина Мантароска 1 во место
4. Александра Најдоска 2 ро место
5. Теодора Илиоска 2 ро место
6. Тамара Илиоска 3 то место
7. Мартина Јанкоска 3 то место
8. Стефан Талески 3 то место
9. Антонио Талески 3 то место
10. Никола Магдески 3 то место

-Одлични и пожртвовани борби прикажаа и останатите наши членови кои не успеаја да изборат место на пиедесталот. Честитки за сите наши членови. Пионерската екипа денес беше најуспешна со 7 златни и 4 сребрени медали – велат од прилепскиот џудо клуб.

При крај се последните подготовки за 8. Џез фактори фестивал во Битола – Eве што ќе има на програмата!

Годинешното 8.по ред издание на Џез Фактори Фестивал Битола, ќе се одржи од 16-ти до 19-ти Април со настапот на повеќе реномирани џез музичари од Македонија и странство во Народниот театар и Центарот за култура Битола, како и во неколку кафе барови.

Влезниците освен на билетарата на Народниот театар Битола, може да се набават и онлајн преку веб страната на Џез фактори фестивалот како и преку страната на Битолскиот театар.

www.jff.mk

www.narodenteatarbitola.com

Фестивалот ќе биде отворен на 17 Април, од 20:00ч во Народниот театар во Битола со настапот на Laurant Coulondre (Француската Република). Тој е врвен француски џез пијанист, познат по својот иновативен пристап кон музиката. Добитник е на неколку престижни награди и соработувал со истакнати џез уметници како Paul Jackson и Pierre de Bethmann. Од 21 часот е настапот на Corey Wilcox и WORKING CLASS HEROES, (Соединети Американски Држави). Wilcox е мултиинструменталист со неверојатна техничка вештина и музичка разновидност. Како долгого- дишен член на Jazz At Lincoln Center Orchestra, настапувал на светски сцени како Carnegie Hall и Newport Jazz Festival.

Следниот ден е резервиран за работилницата во соработка со Здружението Пелагонија, JAZZ FACTORY FOR KIDS од 10 часот. Оваа работилница е посветена на воведување на децата во светот на џез музиката. Преку интерактивни активности, тие ќе се запознаат со основите на импровизацијата и раз- личните инструменти.  Од 11 часот следува претставување на книгата на Ненад Георгиевски, Press and play, книга која ја истражува македонската музичка сцена. Новото издание нуди свеж поглед на трансформацијата на македонската музика во последните години. Веќе во 12 часот во Битолскиот театар е работилницата на светски познатата саксофонистка Swantje Lampert од Австрија. Оваа сесија ќе им овозможи на младите музичари да учат од нејзиното искуство и експертиза.

Концертната програма започнува во 20 часот со настапот на Триото на пијанистот Jaume Miquel од Кралството Шпанија. Ова трио комбинира традиционален и модерен џез. Членовите на бендот се искусни музичари кои настапувале со џез великани како Kurt Rosenwinkel и Dave Holland. Од 21 часот следува настапот на саксофонистката и композиторка Swantje Lampert. Нејзината музика е инспиративен спој на класичен и современ џез стил. Од 22 часот во Паб Бурбон Стрит Битола , настапува квартетот на Јован Цветковиќ од Македонија. Тој е млад и перспективен џез пијанист, наградуван за својот уникатен музички израз. Со својот квартет, носи свеж звук инспириран од традиционалниот и современиот џез.

На 19 Април, од 10:00ч во соработка со Здружението Пелагонија следува Годишна конференција на Асоцијацијата на џез фестивали, со цел размена на искуства и поддршка на европскиот џез. Оваа платформа создава нови можности за уметници, организатори и публика. Во 20 часот во Битолскиот театар, ќе биде доделена наградата „Гоце Димитровски“, која се доделува во чест на еден од најзначајните македонски џез музичари. Таа има за цел да поддржи и инспирира нови генерации џез артисти. Концертната програма започнува со битолчаните КОД 369, македонски џез-фјужн проект со модерен звук и иновативни композиции. Бендот кој е ексклузивец на најреномираната хрватска издавачка куќа Кроација рекордс, стекна популарност со својот деби албум и уникатниот пристап кон џез музиката. Следува настапот на JFF Little Big Band, диригент Тони Китановски од Македонија. Проект на Џез Фабрика Фестивалот кој изведува композиции на истакнати македонски џез автори. Под водство на Китановски, овој ансамбл обединува некои од најталентираните млади македонски џез музичари.

Новитет оваа година е дисперзираниот концерт на Swantje Lampert во Аудиокултура – Скопје на 17. Април со што фестивалот ја продолжува соработката со овој клуб која во континуитет трае 5 години.

Фестивалот се организира под патронажа на Општина Битола и партнерство со НУ Народен Театар Битола, а со поддршка на Министерството за култура и Центарот за култура Битола, како и Францускиот Институт од Скопје, Амбасадата на Шпанија, и Делегацијата на Европската Унија.

Во изминатите години на фестивалот настапија врвни уметници од Македонија и странство меѓу кои: Николас Гардел (Франција), Џулија Сајдл (Австрија), Сакис Пападимитриу (Грција), Анлишт Коорпоратион (Полска), Баба Сиссоко (Мали), Баптист Хербин (Франција), Ермано Панта (Шпанија), Теодосиј Спасов – (Бугарија), Васил Хаџиманов – (Србија), Куарем Квартет (Франција), Наташа Роџерс (Франција), Хјуман Тач (Грција), Фишерманс Оркестар (Швајцарија), Ликвид Карпет (Словенија), Фанфара Статион (Италија), Арменд Џафери (Косово), АЈС Квартет (Албанија), Славен Љујич (Црна Гора), Милан Пертовиќ (Србија), Тони Китановски, Џијан Емин, Гоце Мицанов, и др.

Годишно фестивалот реализира 9 концерти и 5 пратечки настани на сцената на Народен Театар Битола, како и локалните клубови и културни сцени со посетеност од над 2000 посетители. На покана на ChinaSPAF 2024 и Network of Silk Road Arts Festivals Џез Фабрика Фестивалот Битола беше единствениот фестивал кој ја претставуваше Македонија во рамките на оваа значајна меѓународна конференција на Арт фестивали која се одржа во Шангај, Кина. Имено 4-та годишна конференција, обедини фестивали, институции и културни фондации од 30+ земји и региони. Посветеноста, беспрекорната организација и реализација на Џез Фабрика Фестивал ја препозна и Европската Асоцијација на Фестивали ЕФФЕ и за периодот 2019 – 2024г. на фестивалот му го додели нивниот амблем за “Remarkable Arts Festival”. Џез Фабрика Фестивал во 2020г. е избран од страна на МОСТ – Унгарија во друштво на 10 фестивали од Европа и 9 фестивали од Балканот за учество во програмата за соработка и асоцијација. Од 2022г. фестивалот е дел и од асоцијацијата на џез фестивали – Скопје во партнерство со: Равне џез фестивал (Словенија), Трансилванија џез фестивал (Романија), Кикинда џез фестивал (Србија) и Модоарс фестивал (Македонија). Од 2021 Џез Фабрика Фестивал Битола е дел од проектот Франција – Балкан Џез Мрежа во партнерство со џез фестивалите од Франција: Дижон, Шамбери и Рона-Алпи, како и Балканските џез фестивали: Нишвил, Подгорица и Тирана.

За годинешниот плакат на фестивалот се погрижи Даниел Ѓурчиновски.

Жална слика од ООУ “Климент Охридски” Прилеп! “И од злато цело училиште да го направиш, не вреди кога нема домашно воспитување”

OOУ “Kлимент Охридски” од Прилеп важи за едно од најуредените училишта на ниво на целата држава, образовна институција каде постојано се вложува во осовременување на наставата и условите за работа. Но, сето тоа е безвредно кога доброто домашно воспитување не е одлика на поедини ученици, кои не знаат да се израдуваат на она што е убаво. Директорот на училиштето објави фотографии кои зборуваат сами по себе за она што како општество одамна сме го загубиле, а тоа е почитување на општествените добра.

-И од злато сето училиште да го направиш, не вреди кога домашното воспитување со децении наназад е уништувано. Уништувани се со децении моралните вредности, непочитување на туѓото, непочитување на своите вредности, непочитување на општественото добро… Време е да поработиме сериозно со нашите деца, време е да направиме еден голем рестарт со однесувањето на лошиот пристап кон системот. Едноставно ние сме системот, од нас да тргнеме! Се што ќе оставиш зад себе, ќе си најдеш пред себе… ВРЕМЕ Е! – напиша на социјалните мрежи директорот на училиштето, Ахил Јаков.

Хорор во кривопаланечко: Момчиња бездушно го заклале соседот, телото го запалиле и го закопале

Две момчиња од кривопаланечкото село Луке, на возраст од 19 и 24 години, ќе одговараат за убиство, откако од користољубие – за да го ограбат, со нож убиле 84-годишен старец од нивното село. Момчињата, кои според неофицијални информации се браќа, телото на жртвата го запалиле и потоа го закопале. За крвавото убиство првично беше уапсен и нивниот татко, против кого полицијата не поднесе пријава.

СВР Куманово поднесе кривична пријава по брза постапка против С.Ф.(19) и З.Ф.(24), двајцата од с.Луке, кривопаланечко, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „убиство“. На 24 март 2025 во с.Луке, кривопаланечко, пријавените се договориле да извршат кражба на нивниот сосед Љ.С. и го намамиле да излезе во дворот, при што првопријавениот го нападнал со остар предмет“, пишува во полициското соопштение.

„Од здобиените повреди, тој починал на местото, по што му одзеле пари и телото го запалиле, додека остатоците ги закопале. Од судија на претходна постапка на пријавените им е определена мерка притвор“, додаваат од МВР.