дома блог страница 492

Правеле забави додека Македонија тагува, завршија со лисици на рацете

Лишени од слобода две одговорни лица во угостителски објекти затоа што пуштале музика и не ја почитувале одлуката на Владата за седумдневна жалост, соопштија од МВР.

На 21/22.03.2025 во Скопје, во угостителски објекти на подрачјето на Центар, полициски службеници од СВР Скопје ги лишиле од слобода Ф.А.(26) од скопско и В.В.(22) од Скопје поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело по член 387 од Кривичниот законик. Во текот на вчерашниот ден во угостителски објекти каде тие се одговорни лица била пуштена музика односно не била почитувана одлуката на Владата за седумдневна жалост. Веднаш е постапено од страна на полициските службеници на СВР Скопје и одговорните лица се лишени од слобода, а по документирање на случаите ќе бидат поднесени соодветни пријави во врска со чл. 387 од КЗ.

Лишени од слобода две лица поради предизвикување пожар во Прилеп и Ресен

На 21.03.2025 во 15.20 часот полициски службеници од ОВР Прилеп на ул. „Осоговска“ во Прилеп го лишиле од слобода П.К.(51) од Прилеп поради основи на сомнение дека на 21.03.2025 околу 14.30 часот на повеќе места на различни ниви во близина на Прилеп запалил сува трева, при што се запалиле и изгореле дрва, бандера сопственост на ЕВН и сува трева во непосредна близина на куќите.

Пожарот бил изгаснат од страна на Територијалната противпожарна единица Прилеп.

На 21.03.2025 во 13.20 часот во Ресен полициски службеници од ОВР Ресен ја лишиле од слобода Г.М.(60) од Ресен поради основи на сомнение дека на 21.03.2025 во 12.35 часот кај место викано „Бараки” запалила ѓубре, но огнот се проширил и зафатил простор со сува трева. Пожарот бил изгаснат од страна на Територијалната противпожарна единица Ресен. По документирање на случаите, ќе бидат поднесени соодветни поднесоци.

Верниот прилепски народ до последно место ги исполни храмовите на Третиот Акатист посветен кон Пресвета Богородица во Великиот пост (Фото галерија)

Во третиот петок од Великиот Велигденски пост во прилепските црковни храмови, се отслужи Големо повечерие на кое се читаше акатистот посветен кон Пресвета Богородица и се освети петтолебие за здравје и спасение на верниот народ.

Прилепчани до последно место ги исполнија црквите и принесоа петтолебија за здравје и спасение на себе си и своите ближни.

Мајката Црква, премудро одредила, за време на Четириесетницата (Великиот пост), која е време кога ние христијаните треба да вложиме дополнителен труд за духовно усовршување, преку особена служба, која се нарекува Акатист, ние верните да упатуваме молитви и кон Пресветата Богородица.

Црквата од векови не почучувала дека за време на нашиот краток животен век, кој е обременет со многу животни искушенија, за нас е дужеполезно да ја повикуваме за помош Мајката на нашиот Господ Исус Христос, Пресветата Богородица и да ја молиме да го моли својот Син и наш Бог, Исус Христос, да не’ запази од животните бури.

Во деновите, кога се служи овој посебен чин, Акатистот кон Пресвета Богородица (петоците), според православната традиција, верните принесуваат петтолебие од благодарност кон Бога и за здравје на нивните семејства. Меѓу народот, вообичаено се вели: „Испеј си едно петолебие за здравје“

Петолебието е кратка служба на Благодарност, преку која ја изразуваме нашата благодарност кон Бога за сите благослови во животот. Маслото, виното, пченицата и лебовите што се употребуваат во службата ги претставуваат најосновните елементи неопходни за живот. Ова благословување не’ потсетува на чудото на умножување на лебовите и рибите од страна на Христа, со кои нахранил мноштво луѓе.

Ова благословување обично се извршува за време на празнично вечерно богослужение и особено во петоците од Великиот пост.

По службата, лебовите се разделуваат меѓу присутните верници. Овој благословен леб помага против секакво зло, доколку се прима со вера.

Еве како изледаа црковните храмови во Прилеп денеска:

Црква Св. Благовештение – Стара црква

Црква Св. Петка

Црква Св. Кирил и Методиј – Параклис

Прилепчанец сподели одличен ТРИК за да се спречат пожари во ресторани и продавници за брза храна (ФОТО)

Прилепчанец на социјалните мрежи сподели одлично искуство од ресторани во соседна Грција, кое може да помогне да се спречат пожари во угостителските објекти каде се подготвува храна. Имајќи во предвид дека пожарите во кујните се честа појава, овој совет со сигурност може да ја подобри безбедноста во ваквите објекти и кај нас.

-Пред неколку месеци еден пријател ми ги испрати сликиве од соседна Грција. Ги гледав и се чудев зошто и како го поврзале ПП апаратот со хаубата од скарата и оџакот. Имаат поставено и вентил кој е отворен. Кај нас во Македонија немав сретнато нешто слично… гледав само изгорени хауби на скари и црни оџаци. Денес го разбирам значењето колку овој ТРИК можи да помогни во случај на пожар или друга итна ситуација… затоа и го споделувам, кој сака можи лесно да го примени – пишува во својата објава Филип Талески од Прилеп.

Строги контроли на училиштата, градинките и станбените згради во Битола

На одржаниот координативен работен состанок на градоначалникот на општина Битола Тони Коњановски со директорите на основните и средните
училишта во Битола, како и со градинките, се разговараше за состојбите во битолските училишта и градинки. На терен се изведени и вонредни
контроли во изминатиот период, бидејќи сигурноста на децата во овие институции за општина Битола е најважна. Проширените инспекциски надзори опфаќаат проверка на влезовите, ПП апаратите, потребната документација итн.

Од општинскиот инспекторат, преку инспекторот за домување на терен, во координација со станбените сервиси и жителите на зградите, ќе се врши контролирање на ПП апаратите во зградите, нивната исправност и хидрантската мрежа. Од управителите на зградите и станбените сервиси, ќе биде побарано да достават информации за тоа дали зградата има хидрантска мрежа, дали хидрантите имаат црева за вода, колку од зградите поседуваат ПП апарати и дали има лица кои што знаат со нив да ракуваат. Онаму каде што е потребно, општинскиот инспекторат ќе ги задолжи субјектите да постапат согласно законските прописи.

Демант на прилепската болница: Целосно се функционални хидрантите и противпожарните апарати во установата, да не се шири непотребна паника кај граѓаните!

Категорично ја демантираме изнесената објава на социјалните мрежи (21.03.2025 год.), во која е објавена видео-снимка направена во просториите на болницата од страна на лице кое се претставува како „придружник на пациент“. Во врска со наводите изнесени во објавата, ја информираме јавноста дека противпожарната опрема, вклучително и противпожарните апарати и хидрантската мрежа, се целосно функционални. Истите се редовно одржувани и контролирани од овластено друштво за сервисирање на противпожарна опрема – напишаа од прилепската општа болница “Борка Талески”, откако на социјалните мрежи се споделија сомнежи околу исправноста на апаратите за противпожарна заштита во здравствената установа.

Демантот на болницата во целост го пренесуваме во продолжение:
.
Последната контрола и технички преглед на противпожарните апарати и хидрантската мрежа беше извршена на ден 25.12.2024 година, од страна на овластеното стручно лице на компанијата Рени Инженеринг – Скопје, за што постои валидна документација (сервисни картони и фотографии).

За потребите на јавноста, дополнително појаснуваме дека на секое одделение во рамки на установата се наоѓа функционален хидрант, исправен противпожарен апарат, како и соодветен пристап до функционални противпожарни скали.

Оваа установа постојано се придржува до законски пропишаните стандарди и протоколи за заштита од пожари, и ги презема сите неопходни мерки за безбедноста на пациентите, вработените и посетителите.

Апелираме до медиумите да се придржуваат кон професионални и етички стандарди при известувањето и да проверуваат информации пред нивното објавување.

Со почит,
Општа болница Прилеп
21.03.2025 година

Тротоарите ги враќаме на пешаците: Ќе се става ред со паркирањето кој каде ќе стигне во Прилеп

Тротоарите се наменети за безбедно и непречено движење на пешаците, а не за паркирање на возила – информираат од општина Прилеп.

-По одржаниот координиран состанок помеѓу градоначалникот на општина Прилеп, претседателката на Советот, ЈП за ПУП и претставници на ОВР Прилеп, од 24 март започнуваме една недела само со известување до возачите, а потоа ќе следуваат и соодветно пропишаните санкции за сите непрописно паркирани возила на тротоарите каде што нема обележан паркинг простор и на пешачките зони. Безбедноста на граѓаните е наш врвен приоритет! Да ги почитуваме правилата за поуреден и безбеден Прилеп! Апелираме до сите возачи да покажат свесност и одговорност. Тротоарите се за пешачење – не за паркирање – стои во известувањето.

Николоски: “Се проверуваат сите лиценци и во Министерството за транспорт, на 97 фирми ќе им бидат одземени”

Министерот за транспорт и врски и заменик претседател на Владата, Александар Николоски, на денешната прес конференција информираше дека во моментов се врши целосна проверка на сите издадени лиценци од институциите, при што во делот на лиценците кои ги издава Министерството за транспорт и врски, досега одземени им се лиценците на 97 правни лица.

“Во однос на Министерството за транспорт и врски во моментов спроведуваме контрола на сите издадени лиценци согласно Законот за градење и Законот за урбанистичко планирање, и тоа на лиценци за изведувачи на градби од прва категорија, изведувачи на градби од втора категорија, надзор на изградба на градби од прва и втора категорија, проектирање на градби од прва и втора категорија, ревизија на проектна документација за градби од прва и втора категорија, управител за одржување на градби од прва и втора категорија, управител на градба и лиценци за изработка урбанистички планови. Она што можам да го кажам досега е следното. Од издадени над 1.100 лиценци, досега се вкупно проверени 643, проверката продолжува и очекувам до вторник целосно да е завршена. Од овие 643 лиценци кои што се проверени, кај 97 лиценци констатирано е дека по издавањето на истите, правните лица престанале да ги исполнуваат законските услови, врз основа на кои истите се издадени, поради што ќе се донесат решенија за одземање на лиценците”, истакна Николоски.

Тој потенцираше дека законите во делот на контрола не се јасни, и дека после овие проверки ќе следуваат соодветни законски измени, со кои ќе се создаде законска обврска на секои шест месеци да се врши контрола на се’ што е издадено од страна на институциите.

Согласно досегашната проверка, Николоски информираше дека на 13 правни лица одземена им е лиценцата за А изведувач на градби, на 34 правни лица одземена им е лиценцата за Б изведувач на градби, на две правни лица за А надзор на градби, на 6 правни лица за Б надзор на градба, на 3 правни лица за А проектирање, на 20 правни лица за Б проектирање на градби, на 2 правни лица за Б ревизија на проектна документација, на едно правно лице за управител за одржување на објекти од прва и втора категорија и на 16 правни лица одземена им е лиценцата за изработка на урбанистички планови

Николоски потенцираше дека паралелно со оваа постапка, се врши контрола и на сите издадени лиценци и овластувања во делот на патниот превоз

Во Битола инспекторите на терен: Се проверуваат сите угостителски објекти

Деновиве, во рамките на законските надлежности, истовремено во соработка со Државниот пазарен инспекторат и СВР Битола, општина Битола презема низа активности во однос на контрола на угостителските објекти во градот.

1.Општинскиот инспекторат од почетокот на работната недела на терен врши проверка на сите категоризирани објекти на физички лица што се под
општинска надлежност дали ги исполнуваат минимално техничките услови согласно правилникот за минимално технички услови донесен од министерот за економија и дали ги поседуваат сите документи потребни за дејноста.

Доколку им недостига одреден документ, имаат даден рок за обезбедување, во спротивно, ако не ги обезбедат ќе бидат избришани од регистарот за вршење на угостителска дејност.

Според Законот за угостителска дејност, за физичките лица, општината е надлежна да издаде категоризација за конфекционирани угостителски услуги во наменски подвижни објекти, угостителски услуги за сместување и исхрана во куќи, угостителски услуги во апартмани и соби за одмор,
угостителски услуги во селски домаќинства и угостителски услуги во пловни објекти.

2.Општинскиот инспекторат во соработка со Државниот пазарен инспекторат и СВР Битола вршат проверка на терен, дали ноќните клубови во Битола имаат важечки лиценци за работа и дали ги имаат сите елаборати кои што треба да ги поседуваат, вклучувајќи и елаборати за бучава, за
противпожарна заштита, за животна средина итн.

3. До Владата и до Министерството за економија и труд, доставени се податоци по извршениот увид од страна на овластениот градежен инспектор
на општина Битола, согласно деталните урбанистички планови на општина Битола, Генералниот урбанистички план на општината и податоците запишани во Агенцијата за катастар на недвижности, на правните субјекти со капацитет над 50 лица кои вршат угостителска дејност на територијата на општина Битола. На овој начин треба да се изврши проверка со вмрежување на податоците и соодветната издадена категоризација/лиценца, за правните субјекти кои вршат угостителска дејност на територијата на општина Битола.

4. До Државниот пазарен инспекторат, Одделение за инспекциски надзор Битола, доставен е допис дека општина Битола достави известување до
угостителските објекти на територијата на градот Битола, дека не постапиле согласно чл. 7 и чл. 25 од Законот за угостителска дејности.
Од нив е побарано во рок од 3 дена да достават Лиценца/Дозвола за работа на објектот согласно Законот за угостителска дејности и работно време на објектот, согласно истиот закон. Од Одделението за инспекциски надзор

Битола доставена е листа на објекти со која располага општината и побарано е да се изврши вмрежување на податоците преку заедничка
координација.

5.Согледувајќи ги сите аспекти од законските регулативи, постојат одредени недоречености, односно неусогласености помеѓу Законот за
угостителство во однос на Законот за градење и Законот за животна средина. Оттука, општината испрати допис до наделжните институции во
кој нагласи дека се потребни законски измени, пред се во регулативата со документите, кои што се пополнуваат за вршење на одредената угостителска дејност, како и во делот на надминување на недореченостите во законските одредби.

Во наредните денови, продолжуваат координираните активности на терен со надлежните инспекциски служби и СВР Битола.

Бог да им помогне на сите останати! 10 пациенти ќе бидат пуштени од болница, изјави министерот Таравари

Министерот за здравство Арбен Таравари денеска на прес конференција по состанокот со Кризниот штаб, информираше дека моментално се лекуваат 162 лица од пожарот во Кочани.

Добра вест, како што кажа, е што денеска се испишуваат 10 пациенти.

„Вчера имаше три пациенти што ги испишавме. Моментално во Клинички центар лежат 25 пациенти, во „8 септември“ се 12, во Градска општа болница 11 и во Штип 1 пациенти. Исписи имаме еден пациент од Штип, еден од Детска Хирургија, три ќе се испишат од Торакална хирургија. Во Систина и Жан Митрев се лекуваат 10 пациенти, од нив 5 денеска се испишуваат“, порача Таравари.