дома блог страница 1425

Бектеши: “Цената на струјата нема да се менува до 31 декември, за потоа ќе видиме”

Министерот за економија Крешник Бектеши денеска соопшти дека измена на цените на регулираниот пазар нема да има до 31 декември.

-Во делот на поддршката на микро и малите компании кои се на регулиран пазар веќе има одлука од РКЕ која важи до 31 декември. Измена на цените на регулираниот пазар нема да има до 31 декември. Со новата одлука на РКЕ согласно податоците што ќе ги дадат ЕСМ, МЕПСО и ЕВН дистрибуција за првите шест месеци од наредната година, тогаш РКЕ ќе излезе и ќе ги каже новите цени за регулираниот пазар, а ние ќе даваме инпут преку ЕСМ со намалување на цената на производство, со намалување на одредени барања на МЕПСО, рече Бектеши, одговорајќи на новинарско прашање по средбата во Стопанската комора со 10-те компании најголеми потрошувачи на електрична енергија.

Како што истакна Бектеши, РКЕ треба да ги признава барањата што ги доставува ЕВН.

-Јас сум убеден дека некои од барањата нема да се прифатат, додаде министерот.

Спроведена истражна постапка за 21-годишниот прилепчанец што силувал малолетничка

Основното јавно обвинителство Прилеп донесе наредба за спроведување истражна постапка против едно лице, на возраст од 21 година, за кое постои основано сомнение дека сторило кривично дело „силување“.

-Осомничениот, на 13 септември, во непосредна близина на мостот пред селото Селце, со употреба на сила и сериозна закана присилил на обљуба 15-годишно девојче. Додека оштетената се враќала од училиштето кон нејзиниот дом, осомничениот ја пресретнал и почнал да ја следи, движејќи се зад неа. Во еден момент се приближил и започнал да ја допира, насилно да ја трга и да ја влече по тревата. И се заканувал да не вика, бидејќи ќе им се случи нешто лошо на нејзините најблиски. Под мостот извршил обљуба врз девојчето, кое постојано се спротивставувало, информираат од Јавното обвинителство.

Надлежниот јавен обвинител до судијата на претходна постапка од Основниот суд во Прилеп поднел предлог за определување мерка притвор за осомниченото лице. Судијата го прифати предлогот и со решение на осомничениот му определи притвор во траење до 30 дена.​​

Регулаторна со нова одлука: Се намалува цената на дизелот

Дизелот поевтинува за 2 денари, цената на горивата не се менува. Ваква одлука донесе Регулаторната комисија за енергетика на седницата одржана денеска.

Oд полноќ, дизелот ќе се продава по цена од 95 денари.

Цените на бенизните остануваат исти односно ЕУРОСУПЕР БС95 ќе се точи за 84,5 денари а ЕУРОСУПЕР БС98 за 87 денари по литар.

Мицкоски: Државата оди кон банкрот, власта мора да најде над 2 милијарди евра за излез од кризата!

Референдумот инициран како одговор на францускиот предлог, енергетската и финансиската криза, политичките цели и амбиции, како и односите во рамки на опозицијата, се дел од темите за кои разговаравме со опозицискиот лидер Христијан Мицкоски. Во интервју за „Фокус“, Мицкоски изразува увереност дека ВМРО-ДПМНЕ ќе ја формира следната влада. Притоа, тој најавува повлекување од политиката, ако макар еден пратеник ја изневери неговата доверба

ФОКУС: Зошто со референдум одлучивте да одговорите на усвојувањето на таканаречениот француски предлог од страна на власта, што предизвика силна политичка поларизација и граѓански протести?

МИЦКОСКИ: Единствениот начин како може опозицијата да дејствува е преку референдумско изјаснување, друг начин не постои. Во современата парламентарна демократија може да спречите нешто само доколку го повикате народот да се произнесе и да даде свој став. Токму од тие причини се одлучивме за задолжителен референдум, а не како што беше со оној манипулативниот за Преспанскиот договор, кога имаше прашање со двојно значење. Референдумот и прашањето се многу прецизни и јасни, се однесуваат на изворот на сите проблеми, а тоа е билатералниот договор со Бугарија.

ФОКУС: Многумина противници на францускиот предлог заговараа борбата да се води преку интензивни протести, па дури и радикализација. Според нив, референдумот е невозможно да успее и ќе ги легитимира политиките на власта.

МИЦКОСКИ: Има и такви, кои претежно се инсталации на власта и имаат цел да заведуваат, а не да помагаат, па повикуваат на радикализација, насилство итн. Современата демократија, таков тип пресметки не познава. Водевме сметка прашањето да биде според Законот и надлежностите на Парламентот, за спикерот да нема изговор дека тоа не е во надлежност на Собранието.

ФОКУС: И во оваа формална иницијатива избегнувате да го користите уставното име. Зошто го правите тоа, со оглед дека веќе соопштивте дека го прифаќате Преспанскиот договор како реалност?

МИЦКОСКИ: Не е така. Законот за ратификација се однесува на Договорот што го потпишала Република Македонија и Република Бугарија, не се однесува на Договорот што го потпишала Република со новата придавка Македонија и Република Бугарија. Референдумското прашање се однесува за тој Закон – Закон за ратификација на Договорот за пријателство, добрососедство и соработка потпишан од Р. Македонија и од Р. Бугарија. Ние не можеме да го менуваме законот како нас ни одговара.

ЦЕЛОТО ИНТЕРВЈУ ПРОЧИТАЈТЕ ГО НА ФОКУС

Уште еден странец потпиша за Победа

Победа се засили со уште еден странец.

Станува збор за 19-годишниот играч од Гана, Ерик Амо кој е четвртиот странец во Победа.

Претходно со црвено-белите потпишаа Амасихоху Акугбе Џејмс од Белгија, Амос Губам Дадет од Нигерија и Огњен Ѓурковиќ од Србија.

Атмосферата во клубот е на одлично ниво, особено по триумфот над Брегалница викендов, а наредниот натпревар за прилепчани е во сабота во Скопје против “романтичарите” oд Работнички.

“Курир”: Данела Арсовска отпушта 100 луѓе од ЈП Водовод и канализација

Околу 100 вработени во ЈП Водовод остануваат на улица, затоа што градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска не сака да им ги продолжи договорите кои им истекуваат утре – дознава Курир.

Ваквата одлука на Арсовска, доаѓа откако таа го разреши директорот на ЈП Водовод од ВМРО-ДПМНЕ, Златко Перински затоа што не постапил по нејзиното барање да влијае на тендерот од над сто милиони евра за изградба на пречистителна станица во Скопје.

Станицата е финансирана со европски пари, па вчера Перински доби поддршка од Европската Инвестициска Банка. Потегот на Арсовска да не ги продолжи договорите на вработените, во кулуарите на компанијата го коментираат како реваншизам.

Лидл распиша оглас – бара работници од Македонија

Меѓународниот ланец на супермаркети „Лидл“ објави конкурс за вработување. Се бараат продажен специјалист, сметководител, бренд стратег, специјалист за човечки ресурси.

Како што може да се види од огласот, се бараат универзитетски образовани луѓе кои ќе ги постават темелите на команијата во Македонија, како во однос на рекламирањето на „Лидл“ , така и во однос на избор на кадар што ќе работи во маркетите.

Од „Лидл“ се уште не открија детали колку продавници ќе има во Македонија и каде ќе бидат лоцирани. Единствено што официјално беше објавено е дека компанијата се интересирала за локација во скопска Кисела Вода.

„Лидл“ работи со околу 11.200 продажни објекти во 32 земји ширум светот, вработувајќи повеќе од 310.000 луѓе на глобално ниво.

(Видео) Спасувачка акција во близина на манастирот “Tрескавец”: Две девојки пропаднале во пресек од карпа

Денеска, успешно се реализираше акција на спасување на две туристки од Полска кај макастиркиот комплекс „Трескавец“, паднати во пресек од карпа над провлија координирани преку дежурните оперативци во Центарот за управување со кризи на Единствениот телефонски број за итни повици на ЦУК – 112, во содејство со Дежурниот оперативниот центар (ДОЦ) на ЦУК и Регионалниот центар за управување со кризи (РЦУК) Битола, а во координција со РЦУК Прилеп со надлежните институции за вакови случаи од Системот за управување со кризи.

Успешната спасувачка акција конкртно и брзо ја реализирал Дарко Недановски со колегата Иван Атанасовски, инаку членови – доброволци од спелеолошкиот клуб „Златоврв“ од Прилеп. Недановки е познат и по многу спасувачки и истражувачки акции во земјава и странство и е држвен рекордер во спуштање во длабочина, а е и претседател на Спелолошката федерација на Македонија

Конкретно, во 16:00 часот двете туристки – млади девојки од Полска, од локација кај манастирот „Трескавец“, преку Единствениот телефонски број за итни повици на ЦУК – 112, побарале помош бидејќи при движење надолу од манастирот кон градот, паднале во процеп на стрмна карпа над провалија и биле во опасност да се повредат, а едната од нив се држела за карпа. Тие биле дел од поголема група туристи и биле заостанати од групата којашто се враќала од посетата на македонскиот прекрасен и познат манастирски комплекс, информираат од ЦУК за Прес 24.

Известени сме дека покрај доброволното друштво „Златоврв“ од Прилеп, на терен излегла екипа и од ТППП Прилеп (4 пожарникари со 1 теренско возило) од 16.10ч. За настанот биле известени и ДЗС – Прилеп и МВР (ЦИК- Битола).

На крај на извештајот, РЦУК – Битола извести дека двете девојки – туристки од Полска кај „Трескавец“, се пронајдени и извлечени во 17:15 часот од доброволното друштво „Златов врв“ од Прилеп и дека се во добра здраствена состојба. Недановски извести дека само на рацете имале неколку гребнатини.

Директорот на “Пазари”- Прилеп: Ќе бидеме приморани да ги зголемиме цените на нашите услуги (Видео)

После вчерашната последна дебата за решавање на проблемот со високите сметки на електрична енергија одржана во хотелот „Континентал“ во Скопје организирана од страна на Здружението на даватели на комунални услуги АДКОМ во кое што и ние како Јавно комунално претпријатие сме член, а на која што дебата имаше и претставници од Владата на Република Македонија како и претставници на Регулаторната комисија за енергетика поточно директорот Марко Беслимовски, чувствувам морална обврска да ги известам нашите граѓани и нашите коминтенти дека не добивме конкретен предлог за решение на нашите проблеми – истакна на денешната прес конференција директорот на ЈКП Пазари Прилеп, Игор Крстески.

Прес конференцијата во целост ја пренесуваме во продолжение:

Притоа сакам да нагласам дека и ние како ЈКП Пазари – Прилеп и покрај сите мерки кои ги спроведуваме за намалување на потрошувачката на електрична енергија се соочуваме со драстично зголемување на сметките за електрична енергија.

Електричната енергија за нас е основен енергенс без кој целосно би се нарушило нормалното работење на пазарот.

ЈКП Пазари не сака и не смее да си дозволи да не ја вклучи електричната помпа и да не го испере пазарот на овошје и зеленчук после пазарниот ден.

ЈКП Пазари и покрај енормното поскапување што ни се случува не сака и не смее да си дозволи да не набави доволно дезинфекциони средства и темелно не го испере пазарот за сирење после пазарниот ден. Замислете само како би изгледало доколку тоа би се случило. Би се ширела непријатна миризба до центарот на Прилеп, а пазарот би бил извор на зарази.

ЈКП Пазари исто така не сака да си дозволи исклучување на осветлувањето во пазарот. Притоа сакаме да нагласиме дека се работи за осветлување на 5.000 метри квадратни пазарен простор секој ден освен во недела.

Кон сето ова кога ќе го додадеме фактот што ЈКП Пазари работи со ценовник за своите услуги кој практично и да не отстапува многу од ценовникот на услугите донесен во 2004 година, можете сами да заклучите какви надчовечки напори вложуваме за обезбедување на нормално работење на претпријатието.

Ако кон оваа ситуација на енормно покачување на овој енергенс, се додаде отсуството на поддршка од страна на Централната кон Локалната власт, вклучително и поддршката на Јавните претпријатија од страна на Централната власт, се чини дека ЈКП Пазари како и сите други јавни претпријатија од градов и од Македонија, ќе бидеме приморани да бараме излезни решенија, кои вклучуваат и корегирање на постојните цени, односно ќе бидеме приморани да ги вклучиме во цената на нашите услуги новите пазарни вредности на енергенсите.

Почитувани сограѓани. Ова е уште еден случај каде се потврдува незаинтересираноста на Владата за решавање на проблемите што се во интерес на граѓаните. Дали ова се прави намерно при што се сака да се прикажат јавните претпријатија како помалку успешни или неуспешни, се со цел да се остварат политички поени, ве оставаме сами да донесете заклучоци?!

Притоа уште еднаш сакаме да ве информираме, дека што и да биде преземено од наша страна со цел прилагодување на конкретната ситуација, во прв план ќе бидат интересите на нашите коминтенти и граѓаните на нашата општина. Ви благодарам.

Радикални промени кај земјоделските субвенции – вложените пари да обезбедат значително поголем ефект

Деновиве се претстави нов систем за субвенционирање кој треба да почне да се применува од 1 јануари 2023 година. Ќе има авансни исплати од 30 проценти пред да завршат административните проверки од Платежната агенција.

Во првичната верзија на новиот модел на субвенционирање се предлага разграничување меѓу неврзаните и врзаните директни плаќања. Тоа значи дека кај растителното производство, земјоделците ќе добиваат основни директни плаќања за површината што ја обработуваат, без оглед што произведуваат и во колкава количина. Дополнителни парични средства ќе се исплаќаат само за некои земјоделски култури кои државата заедно со земјоделците ќе ги оценат дека се со стратешко значење. Овие дополнителни исплати ќе бидат условени од прикажување на доказ за продажба на земјоделските производи на регистриран трговец или производител. Вака ќе се намали сивата економија и ќе се оневозможи исплата на некој што, на пример, не го работи лозјето, а го користи за да добива субвенции, примиер што го почочи министерот за земјоделие Николовски.

Кај сточарското производство се предлага исплатата да се однесува по грло, за основно стадо, а се предлага сите исплати да бидат по количина, со што овозможуваме олеснети административни постапки, почести и брзи исплати на субвенциите, но и полесна можност за дополнување на програмата во зависност од потребите. На пример,кај сточарството ова би значело исплатата за сесекој литар предадено млеко да се врши секој месец. На овој начин, стремежот е целото домашно прооизводство да се преработи во домашната преработувачка индустрија.

Програмата за рурален развој треба да прерасне во Инвестициска програма, што се поклопува со новата седумгодишна програма ИПАРД, со која на располагање ни се 97 милиони евра, а заедно со кофинансирањето ќе значат 210 милиони евра инвестиции во земјоделскиот сектор.

Во Програмата за рурален развој останува поддршката за млад земјоделец и за руралните жени, а новина е поддршка за бизнис-план до 10.000 евра, која може да ја искористат регистрираните земјоделци за проширување на нивната дејност.

Од министерството најавуваат дека интензивно ќе се работи на развој на земјоделските задруги за да може производителите да работат здружено и заедно да бараат пласмани.

За проблемите со малиот интерес за осигурување на земјоделското производство, прстот вперен кон осигурителните компании. Иако државата субвенционира 60 проценти од вредноста на полисите за осигурурвање интерес нема и за ова заслуни се агенциите. Затоа од 1 јануари 2024 година осигурувањето во земјоделството ќе биде задолжително, со што би требало да се надминат проблемите од климатските непогоди. Во првите три години полисите целосно ќе бидат субвенционирани, за што се преговара за пари од ФАО.

Со измените во Законот за земјоделство исто така се подготвува основа за давање под наем на напуштено приватно земјоделско земјиште. Во услови кога цел свет се бори за секој грам зголемено земјоделско производство, со цел да се прехрани човештвото, потребно е и кај нас да се обработи секоја педа распложливо земјиште и ништо да не остане напуштено и запуштено. Во законските измени се предвидува и напуштеното приватно земјоделско земјиште да може државата да го даде под наем под соодветни услови откако тоа земјиште ќе биде евидентирано дека е напуштено или не се обработува од сопствениците.