На денешен ден: Во Козица е роден војводата Јордан Пиперката, а во Прилеп македонскиот народен херој Кузман Јосифоски – Питу

Во ист ден родени се двајца македонски великани.

Јордан Пиперката роден на 23 јуни во село Козица, е македонски револуционер, учесник во македонското револуционерно движење, член и војвода на Македонската револуционерна организација.

Потекнува од сиромашно земјоделско-сточарско семејство.

Меѓутоа, тој е познат по кратенката од неговото презиме — Пиперковски. Кај народот преовладува мислењето дека оваа кратенка ја добива поради физичкиот изглед (бил црвен, но и лут).

Многумина го поврзуваат со лутината и црвенилото на пиперките. Јордан уште од раните детски денови ја почувствувал сета горчина на тешкиот селски живот.

Детството го минал во времето на немири и превирања во Македонија. Буен и пргав по природа, тој многу се разликувал од своите браќа. Односот на турските власти тешко го поднесувал, а омразата кон нив растела. Познавајќи ја бујноста на својот син Јордан, татко му Силјан, иако притиснат од сиромаштијата и неможноста да го школува, го однел во Битола да учи фурнаџиски занает. Во Битола, Јордан не останал долго.

Опфатен од мислите за тешкиот живот на своето семејство, се вратил во своето родно село. Млад и неискусен, но подготвен да му се спротивстави на непријателот, кај Јордана се јавила желба за самостојност и ајдукување. Причини за ова имало повеќе, но непосреден повод била една неочекувана пресметка со група врсници од муслиманското село Другово.

До неа дошло во еден пазарен ден кога Јордан сам се враќал од Кичево. Иако сам, тој се спротивставил, но од групата бил претепан.

Длабоко навреден од постапката, по враќањето в село, решил да излезе ајдук и да им се одмазди на напаѓачите. Од неговите најблиски бил советуван да не прави така, но Јордан се одлучил да замине на печалба во Софија уште со првата група соселани – печалбари. Таму го продолжил фурнаџискиот занает.

Во Софија, Јордан започнал нов живот. Го научил фурнаџискиот занает и финансиски зајакнал. Од заштедата ги помагал и своите во Козица, но никако не можел да ги заборави тортурите над селаните. За Јордан било можност да стане ајдук. Влегол во Пиринската чета на Дончо Златков.

Запознавајќи го подробно ајдучкиот живот и целта на изведените акции, иако неук, доволно ја презрел заблудата од бугарската владина и дворска ослободителна дејност.

Затоа одлучил да се врати во Македонија. Неколку години престојувал во Македонија, а во 1895 година Јордан повторно се вратил во Бугарија, каде што со Стојко Војвода и Кочо Љутата зел учество во таканареченото Мелничко востание. По повеќегодишното ајдукување низ Бугарија во 1897 година, Јордан Пиперката со својот соборец Марко Лерински пристигнал во Кичевско. Дознавајќи за нивното пристигнување, Организацијата во Кичевско набргу воспоставила контакт со нив. Така во 1897 година била формирана и првата организациона чета на војводата Дуко Тасев во Кичевско.

Убиството на Муарем-бег, во кое учествувал и Јордан Пиперката, го принудило тој да ја напушти Македонија и повторно да замине во Бугарија.

Бил одличен стратег, надарен од природата и вооружен со умствени дарби, иако неук, Јордан станал страв и трепет за турските власти. Во 1901 година бил комита во четата на Никола Русински, а истата година бил наименуван за војвода на Демирхисарскиот реон.

Дејствувал и во Крушевско и Кичевско. Турците во својата немоќ да го фатат, околу него создавале легенда дека го чуваат духови. Сите акции што ги презел Пиперката во текот на 1902 година многу брзо се пренесувале и се разгласувале меѓу народот. Од ден на ден растела неговата популарност. Секаде каде што имало потреба Пиперката итал на помош. Народот во него не гледал веќе ајдук, туку револуционер – борец кој секогаш бил со нив, меѓу нив да им помага, да ги одбрани од напаѓачите.

Со својата брза чета преку ноќта се движел од едно во друго место, минувајќи пат и по 60 километри, само да стаса каде што имало потреба.

Неколку успешни битки го карактеризираат почетокот на Илинденското востание во Демирхисарскиот крај и во Кичевско. Но, неповолните вести за положбата на Крушево продолжиле да пристигнуваат. Републиката вивнала во пламен. Војводата Јордан и другите тргнале кон село Белица.

Преку месноста Скакало и каменестите врвови на село Големо Царско, реонската чета дошла до месноста Грнчарец, над патот Кичево – Битола.

Оттука имале добар поглед на голем дел од реонот, а особено на патот за Крушево преку Цер, С’лп, Големо и Мало Церско. Со востаниците било избегано целото население од Цер. Во селото останале само болни и немоќни старци кои биле ѕверски измачувани од Турците, а селото било запалено.

Јордан Пиперката застанал на чело на една група и се упатил кон Цер, но биле забележан и биле нападнати. Меѓу селата С’лп, Големо и Мало Церско започнала борба, а асекрот започнал да стрела и со топови.

Четите од Грнчарец се упатиле на помош и судирот се засилил. Сите опколени успеале да се повлечат, освен тројцата загинати, меѓу кои бил и војводата Јордан Пиперката.

Тој бил закопан во местоста Черешна во блиската околина на село Велмевци, место од каде што се гледа целата околина како на дланка а на војводата му е подигнат споменик кој се посетува од мештаните на околните села секоја година, традиционално на 2 август — Илинден.

Кузман Јосифоски-Питу е роден во Прилеп на 23 јуни 1915 – македонски комунист, еден од главните организатори на антифашистичкото движење (1938 — 1941) и на НОБ во Македонија (1941 — 1944). Бил прогласен за Народен херој на Југославија на 2 август 1945 година, како еден од првите борци од Македонија кои го добиле тоа одликување (заедно со Стеван Наумов – Стив, Орце Николов, Страшо Пинџур, Христијан Тодоровски – Карпош и Мирче Ацев). Поради својата неуморна народно-ослободителна дејност многу луѓе го нарекуваат Гоце Делчев на НОБ (Вториот Гоце Делчев)

Тој е роден како трето дете на родителите Лефта и Цветан Јосифоски. Семејството на Кузман било работничко – тутунопроизведувачко. Домашните, како и прилепчаните го викаат со името Борко. Основното образование го завршува во родниот град Прилеп. Веднаш по воведувањето на монархо-фашистичката диктатура, ненародниот режим на стара Југославија, укинува голем број на средни школи, гимназии и учителски школи во Македонија. Така во Прилеп ce укинува Учителската школа и вишите класови на гимназијата. Семејството на Кузман не располага со големи материјални средства, меѓутоа, сепак, успева да го испрати да го продолжи своето образование во Битолската гимназија. Во учебната 1931/32 година Кузман Јосифовски ce запишува во V-ти клас гимназија во Битола.

Студирал на Универзитетот во Белград каде бил еден од предводниците на напредната студентска младина. Станал член на КПЈ во 1938 година. Бил еден од организаторите на студентско друштво „Вардар“ и на македонското национално движење МАНАПО. Од 1939 година бил испратен на партиска работа во Прилеп каде бил поставен за секретар на Месниот комитет на КПЈ. Бил организатор и учесник на повеќе национални манифестации и демонстрации за подигање на национално-револуционерната свест за продолжување на ослободителната борба против окупаторскиот режим. Поради несогласување со политиката на Методија Шаторов-Шарло бил исклучен од Партијата. Бил говорник на Илинденската демонстрација (1940), на која била барана промена на режимот, национално-политички права, ослободување на Македонија и др. Од 1940 година член бил на ПК на КПМ, на Главниот штаб, на ЦК на КПМ и на Иницијативниот одбор за свикување на АСНОМ.

Во октомври 1941 земал активно учество во организирањето и дејствувањето на првиот прилепски партизански одред, кој почна со нападот на участокот на 11 октомври 1941. Неговата активност во 1942та година, е забележана во западните делови на Македонија, каде успева да ги возобнови старите и да оформи нови ограноци низ Тетово, Гостивар, Мавровско, Дебар, Кичево и Струга. Тој е еден од иницијаторите за издавање на партискиот леток “Востаник”, кој подоцна е преименуван во “Братство”. Весникот претставувал единствен весник во тој период кој излагал со статии напишани и на македонски и на албански јазик, бидејќи бил дистрибуиран низ региони каде живееле и Македонци и Албанци. По Преспанското советување на 2 август 1943 година дошол во Скопје да раководи со борбата на македонскиот народ, во заднината на фашистичкиот окупатор. Упорен борец за создавање на самостојна македонска држава, во својата илегална работа патувал честопати во западните делови на Македонија, тогаш окупирани од Италија. Во текот на бугарската окупација на Македонија живеел илегално во населбата Буњаковец.

Во февруари му било кажано дека бугарската полиција дознала за неговата активност и тој морал да замине во партизани. Но, на 25 февруари 1944 при обидот да го напушти Скопје, во Козле во близина на некогашната фабрика „Алумина“ бил убиен од бугарски војник.Таму денес постои спомен-плоча.

Во центарот на неговиот роден град Прилеп веднаш до Музејот на 11 октомври (поранешниот бугарски участок), постои негов споменик од мермер, а во Скопје постои споменик во студентскиот дом кој го носи неговото име, а има уште една спомен-плоча на Кузман Јосифовски-Питу, во дворот на бугарската амбасада.




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.