Во Ликовната галерија на ЦК „Марко Цепенков“ денеска (17 јуни 2026), започна Работилницата за мозаик, што Центарот ја реализира со поддршка на Министерството за култура и туризам, по втор пат. 15 ученици од прилепските училишта, три дена, до петок, ќе се дружат, ќе творат и ќе научат повеќе за мозаикот како ликовна дисциплина.
Мозаикот е уметност од мали делови, но со големи приказни, посочи на стартот на работилницата м-р Александра Димитрова, предавач, која на почетокот ја објасни техниката за создавање на мозаик, како една од најстарите и највпечатливи ликовни техники, уметност во која секое мало парче носи свое значење и придонесува кон создавање на единствена целина.
“Преку оваа работилница учесниците ќе имаат можност да се запознаат со основите на мозаичната уметност, процесот на осмислување на композиција, изборот и обработката на материјалите, како и практичната изработка на сопствени мозаични дела. Мојата цел како ментор е да ги поттикнам креативноста, трпеливоста и индивидуалниот уметнички израз кај секој учесник, овозможувајќи простор за истражување, учење и создавање. Верувам дека мозаикот не е само техника, туку и начин на размислување – процес во кој од многу различни елементи се создава хармонија и убавина” -рече Димитрова.
Координатор на проектот е Марјан Стојаноски.
-Убавото искуство од првата релизирана работилница во 2025 година, придонесе да го продолжиме проектот и годинава, и со тоа да ја поттикнеме мотивацијата, креацијата и желбата кај младите за изучување на оваа дисциплина во ликовната уметност. Интересот за учество на учениците беше голем. Практично младите ќе научат како се создава мозаик – изјави Стојаноски.




























