Прилепскиот Вранец освои ЗЛАТЕН МЕДАЛ во светската винска колевка Бордо

Прилепското вино „Вранец со волк“ продолжува да ги освојува највисоките признанија на престижните меѓународни вински натпревари, потврдувајќи го својот врвен квалитет и место меѓу најдобрите вина во светот.

По успесите во Брисел, Дизелдорф и Белград, овојпат прилепскиот Вранец се закити со златен медал во Бордо – град кој со право се смета за светска престолнина на виното и еден од најзначајните центри на винската индустрија.

Наградата е освоена во исклучително престижната категорија на вина со вредност над 50 евра, каде што се натпреваруваат врвни етикети од најпознатите вински региони во светот. Во силна меѓународна конкуренција, „Вранец со волк“ уште еднаш го потврди својот автентичен карактер, висок квалитет и препознатлив вкус.

„По Брисел, Дизелдорф и Белград, нашиот Вранец со волк освои уште едно меѓународно признание – златен медал во Бордо. Во категоријата на вина над 50 евра, прилепскиот Вранец повторно го потврди својот квалитет на светската сцена“, објави Гоце Станоески.

Овој успех претставува уште една значајна потврда за квалитетот на македонското винарство, но и силна промоција на Прилеп како регион кој создава вина способни рамноправно да се натпреваруваат со најреномираните светски вински брендови. Освоеното злато во Бордо е признание не само за производителите, туку и за богатата винска традиција и потенцијал што ги поседува Македонија.




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.