Летото 2026 година во Македонија се очекува да биде значително потопло од повеќегодишниот просек.
Според најновите прогнози, земјава ќе биде под влијание на чести и интензивни топлотни бранови од Африка, кои ќе донесат екстремно високи температури.
Во поголемиот дел од државата температурите често ќе надминуваат 35 степени Целзиусови, додека во Повардарието, Скопската Котлина и југоисточните предели тие неретко ќе се искачуваат над 40 степени, особено во текот на јули и август.
Се очекува појава и на таканаречени тропски ноќи, кога температурите ниту во текот на ноќните и раните утрински часови нема да се спуштаат под 20 степени, што ќе биде најизразено во Повардарието, Скопската Котлина и југоисточниот дел.
И покрај доминацијата на топлото време, повремено се очекуваат и освежувања проследени со развој на конвективна облачност, што ќе создава услови за поројни врнежи од дожд, силни грмежи и засилен ветер.
Во текот на летото ќе има и временски непогоди со појава на град и интензивни електрични празнења, а на одредени места тие може да бидат и поизразени.
„– Инаку, највисоката температура измерена во Македонија е регистрирана на 24 јули 2007 година во Демир Капија, кога биле измерени рекордни 45,7 степени Целзиусови. Истата дата го носи и температурниот рекорд за Скопје, каде биле измерени 43,4 степени“, утрово соопшти Славчо Попоски.
Сепак, според метеоролозите, нема простор за паника кај граѓаните.
Ваквите екстремно високи температури се карактеристична појава за летниот период во Македонија и биле забележувани и во минатото, како дел од климатските услови со кои земјата се соочува во најтоплиот дел од годината.
























