Кожувчанка ги отфрли обвинувањата на СДСМ: Водата за Гостивар ја понудивме по цена двојно пониска од редовната

Компанијата Кожувчанка денеска преку соопштение реагираше на обвинувањата изнесени од СДСМ во врска со набавката на флаширана вода за потребите на Општина Гостивар. Од компанијата ги отфрлаат, како што велат, „безочните манипулации“ и појаснуваат дека нивната понуда била значително пониска од редовната продажна цена, при што разликата во цената ја преземаат на сопствен трошок.

Во продолжение интегрално го објавуваме демантот на Кожувчанка:

Како општествено одговорна компанија на која здравјето и квалитетот на животот на нашите сограѓани од цела Македонија ни се приоритет пред профитот, со индигнација ги отфрламе безочните манипулации на опозициската СДСМ.

Во име на вистината тврдиме дека учествувавме на јавниот повик на службите на Владата, за набавка на флаширана вода за потребите на Општина Гостивар, при што нашата компанија Кожувчанка од Кавадарци се пријави со понуда од 12,5 денари по шише, цена која е значително пониска од редовната продажна цена на производот која изнесува 25 денари.

Разликата помеѓу редовната продажна цена и понудената цена за оваа набавка компанијата целосно ја презема на свој товар, како наш гест на општествена одговорност, солидарност и филантропија.

Кожувчанка гарантира дека предметната количина на вода ќе биде бесплатно транспортирана до Општина Гостивар, а сѐ со единствена цел навремено да им се помогне на граѓаните во услови кога тоа им е најпотребно.

Уверени сме дека во вакви околности, најголемата корпоративна вредност не смее да биде профитот, туку солидарноста и поддршката на заедницата. Како домашна компанија, Кожувчанка и понатаму ќе остане посветена на својата општествена улога и ќе продолжи да помага таму каде што помошта е најнеопходна.




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.