Албанскиот фактор на Балканот – мит или реалност

image001

Балканскиот полуостров во последните децении на 20 век и првата деценија на 21 век докажа дека претставува место каде што има најмногу митови по км или по жител, како сакате. Секоја држава овде на Балканот има една своја претстава за себе која достига една огромна, митска димензија. Ваквиот мит за секоја балканска држава претставувал една врховна цел што морала по секоја цена да се оствари. Остварувањето на оваа митска цел е задача на секој граѓанин на државата.

20 век започна со Балканските војни кога Србија, Грција и Бугарија речиси ги достигнаа своите митски димензии. Грција отиде најдалеку, па беше и пред создавањето, или поточно кажано повторното возобновување на старата Византија. Не требаше многу и за кратко време беше соочена со реалноста-но соочувањето со реалноста беше тешко и крваво во 1923 година. Митот се распрсна како меур од сапуница. Денес Грција се уште живее во митови кои немаат реални шанси да се остварат, но и се гуши во сопствената агонија која пак произлезе токму од тие мегаломански соништа.

Потоа, во текот на две децении на 20 век Бугарија се обиде да го оствари својот сон-Санстефанскиот. Отрезнувањето за неа беше уште потешко-и тоа на два пати и во 1918 и во 1944 година. Санстефанскиот сон остана само сон.

Крајот на 20 век започна со сонот за Голема Србија. Но, набрзо сонот се претвори во кошмар. Србија до денес не може да се соочи со реалноста. Од Голема Србија остана само Шумадија (добро и Војводина, ама историски Војводина никогаш не била српска земја).

Крајот на 20 и почетокот на 21 век се време кога Албанците се обидуваат да ги живеат своите големи соништа. Почнаа со Косово, се обидоа и во Македонија. Според последните случувања овде во Македонија, Албанците како да се наоѓаат во најубавите сонувања и некако одбиваат да се разбудат и да се соочат со реалноста. Сигурен сум дека разбудувањето ќе биди тешко и мачно.

slikas1

Но, кој е и каков е албанскиот фактор на Балканот? Што е тоа што ги охрабрува Албанците и понатаму да сонуваат?

Албанците денес на Балканот успеаа да формираат две државни творби-една држава со сите нишани-Албанија, но и една, може да се кажи и полудржава Косово (не е призната од сите држави во светот, не е призната од сите 5 постојани членки на Советот за безбедност на ООН и не е членка на ООН).

Албанија е формирана во 1912 година, со силна поддршка на Австро-унгарија и Италија. Албанија е формирана како желба на овие држави да се спротивстават на српскиот излез на Јадранско море, односно да го спречат српското територијално ширење ( а преку него и руското). Од своето формирање до денес Албанија за жал, не успеа да се изгради како една функционална држава. Така, едно време беше кнежевство, па некаква република, па кралство, па италијански фашистички протекторат, па комунистичка земја (изолирана од светот) и денес е т.н. демократска земја каде промената на власта меѓу политичките партии е повеќе преку демонстрации на улица, а помалку на избори (па државата во 1997 година за малку ќе се распаднеше). Албанија економски е најсиромашна држава во Европа. Но, каква-таква, Албанија е денес членка на НАТО.

Косово е втората албанска држава на Балканот. Формирана со откинување на територијата од Србија после бомбардирањето на НАТО врз тогашна СР Југославија во 1999 година. Формално прогласи независност во 2008 година, но оваа независност не му е призната од голем број земји во светот, вклучувајќи и земји постојани-членки на Советот за безбедност на ООН. Косово не е членка ниту на ООН. Косово е економски втора најсиромашна држава во Европа.

На што се должи овој последен бран на големодржавност на Албанците? Прво, пред се, тоа е резултат на „игрите“ на Големите сили. И самата Албанија е формирана благодарение на тогашните Големи сили. Второ, формирањето на Косово како држава е резултат и на погрешните политики на Србија и нејзините тогашни големосрпски соништа. Албанците само ја искористија ситуацијата и се ставија во служба на појаката страна-САД. За жал тогаш Русија не беше во можност на Србија да и даде ефективна и ефикасна помош. Од крајот на 20 века па се до денес Албанците се главен фактор или инструмент на САД во моделирањето на односот на силите на Балканскиот полуостров, а против влијанието на Русија. Албанците на таков начин го најдоа својот спонзор за реализација на нивниот големодржавен сон.

Но, времињата се менуваат…

Денес речиси ја затвораме и втората деценија на 21 век. Поминаа 18 години од отцепувањето на Косово од Србија и 16 години од воениот судир во Македонија. Денес не се исти ниту меѓународните односи, ниту односот на силите меѓу големите „играчи“ во светски рамки, ниту пак капацитетот и можностите на Албанците, Македонците и Србите.

Да почниме со ред. Русија покажа засилена агресивност и од пасивен стана активен политички, економски и воен „играч“ а САД како да немаат никакви ефективни средства да се спротивстават на тоа. Молскавичната руска интервенција во Грузија во 2008 година, анексијата на Крим во 2014 година и исходот од граѓанската војна во Сирија се доволен доказ за тоа. Со други зборови, Русија на голема врата се враќа на светската политичка сцена и е спрема далеку поагресивно да си ги штити своите национални интереси.

САД во моментов се воено ангажирани до степен како никогаш претходно после Втората светска војна. Се уште не може да ги затвори двата фронта што ги отвори во првата деценија на 21 век-во Авганистан и во Ирак, а хаосот предизвикан преку т.н.Арапска пролет во Либија, Сирија и Јемен никако да се среди. Обоената револуција во Украина се претвори во нов воен конфликт. Од друга страна, САД беа силно погодени од последната финансиска и економска криза од која што се уште не се доволно закрепнати. САД со сите сили се труди да ја задржи позицијата на единствена светска суперсила, но капацитетите за тоа и се ограничени. Предизвикот на глобален план од Русија е надополнет и од страна на Кина, која се наметнува како посериозен „играч“ на светската сцена. САД се соочуваат со доволно проблеми. Во една ваква ситуација, албанските желби нема да му бидат приоритет на новиот претседател Доналд  Трамп.

Албанците, денес живеат во две држави и имаат „ексклузивни“ права во Република Македонија.

Но, какви се државите во кои што живеат. Напреднаа ли Албанците?

Не. Албанците и во Албанија и во Косово се најсиромашни граѓани во Европа. Албанците можеби го живеат сонот на Голема Албанија, но тоа не им носи ништо посебно, особено на економски план. Од своја страна, пак, големата сиромаштија и во Албанија и во Косово го зема својот данок, особено врз наталитетот и миграцијата. Така, ако во Албанија според пописот во 1989 година живееле 3.182.417 жители, според пописот во 2011 година се изброени 2.831.741 жител, односно за околу 350.000 жители помалку. Пописот во 2011 година е една посебна приказна за Албанија. Според резултатите на тој попис во Албанија живеат 2.312.356 жители (споредени со 1989 година -3.117.601 жител) односно 805.000 Албанци помалку. Но најкарактеристично е тоа што на овој попис 390.938 жители одбиваат да ја наведат својата националност,односно одбиваат да се декларираат како Албанци, што е феномен кој треба посебно да се истражува. Наталитетот, иако е позитивен, сепак во континуитет опаѓа. Имено, ако во ’80-тите години на 20 век се раѓале просечно по 77-80.000 жители, во 2015 година тоа изнесува 32.715 жители.

Слична е ситуацијата во Косово. Според пописот во 2011 година на Косово живеат 1.739.869 жители, од кои 1.616.869 се Албанци. Но, економската ситуацијата и зголемената сиромаштија придонесе за огромен миграциски бран на Албанците од Косово во Западна Европа. Се проценува дека околу 400.000 Албанци од Косово живеат и работат во други, претежно Западноевропски држави. Наталитетот на Албанците на Косово е намален од 55.000 жители годишно во ’80-тите години на 20 век, на 31.000 жители во 2015 година. Тенденцијата е негативна, односно наталитетот се очекува да продолжи да опаѓа.

Иако нема официјални податоци за Републлика Македонија,пред се, порадри неизвршениот попис, не е можна поинаква ситуација и овде. Имено, како податок ги земеме резултатите од прочистувањето на избирачкиот список од ланската година според кои 80-90.000 жители, претежно од албанските средини имаат македонски државјанства, но немаат здравствено осигурување. Во ситуација кога секој граѓанин на Република Македонија има здравствено осигурување, овде станува збор за лица кои не се приустни во државата, односно се отселени во странство-привремено или трајно.

Или кратко кажано, Албанците денес на Балканот имаат две држави (или една држава и една полудржава) кои се политички недоволно функционални и економски се уште заостанати. Ваквата социјално тензична состојба во двете држави несомнено неповолно влије и врз способноста на Албанците да војуваат, врз нивната воена способност. Ако во ’90-тите години имаа позитивен елан и мотив за конфликт со надеж дека едно независно Косово ќе значи решавање на албанското прашање како основен услов за просперитет на сите Албанци, реалноста денес покажува дека независноста на Косово не реши ниту еден егзистенцијален проблем на Албанците. Статистичките податоци, пред се оние од нивни извори покажуваат дека Албанците денес повеќе сакаат да мигрираат отколку да војуваат, дека решавањето на економските проблеми им се поприоритетни отколку големонационалните.

Исто така и способноста за војување не им е на завидно ниво. Ако Албанците од Косово релативно подолг период војуваа против Србите и стекнаа одредено искуство, сега таа генерација е веќе на возраст што не е способна за едно активно војување, а додека новата генерација не е сосема обучена и способна да војува во герилски и фронтални услови. Друга приказна е фактот што и додека активно војуваа и на Косово во 1998-1999 година, и во Македонија во 2001 година, тие не добија ниту една воена битка. Но ја добија политичката битка, пред се благодрение на нивните западноевропски „спонзори“. Денес Косово нема активна армија, додека Албанија има редуцирана армија димензионирана пред се, за потребите на НАТО.

Албанија, како членка на НАТО во никој случај не е можно да се јави како директен агресор, но индиректно може и се обидува да влијае врз Албанците во Македонија или Србија (во Прешевската долина).

Тиранската платформа е класичен пример на мешање на една суверена држава во внатрешните работи на друга суверена држава. Во една нормална држава ваква платформа ќе беше експресно отфрлена и осудена од сите политички фактори во таа држава, додека во Република Македонија се јавуваат политичари кои немаат проблем да отпочнат дијалог по однос на тезите на оваа платформа. Оваа платформа ги дига меѓунационалните односи во Република Македонија до точка на вриење. Последиците од нов меѓунационален судир како оној во 2001 година, несомненео ќе бидат големи. Но, имаат ли Албанците реална основа да си даваат „голема цена“ со помош на оваа платформа, или треба ли ние, Македонците и понатаму да се стравуваме за иднината на нашата држава. Способни ли сме да се одбраниме?

Убеден сум, ДА. Република Македонија, сакале признале или не некои „политичари“ или „аналитичари“, доволно напредна и се стабилизира особено на економски и воен план. За економските ефекти ќе пишувам на друго место, но од воен аспект, Република Македонија изгради една високопрофесионална армија. Ако во 2001 година најголем дел од армиските сили беа резервисти и воени обврзници, а мал дел беа професионални војници, денес речиси 100% се професионални војници, со стекнато искуство на војување во воените мисии во Авганистан и Ирак. АРМ денес има полн капацитет и способност да се спротивстави на воени сили како оние во 2001 година и тоа далеку поефикасно.

Моралот на Македонците за одбрана на својата татковина никогаш не се намалил (се разбира со ретки исклучоци-особено ако имаат слаби кичми со тенденции на виткање). Не се сомневам дека и денес Македонците ќе застаната на браникот на татковината.

Оттука, немаме никаква потреба од стравување и треба едногласно и одлучно да кажиме едно голем НЕ на големоалбанските апетити изразени преку оваа Тиранска платформа. Можеме да разговараме за унапредување на правата на Албанците, но само како граѓани на Република Македонија, а не поинаку. Секако дека никој не смее да им го загрози правото да се декларираат, да се образуваат и да се чувствуваат како Албанци, но тие се само граѓани на Република Македонија. А Република Македонија е и ќе остане држава на Македонскиот народ.

Затоа, појавата на нов конфликт како оној во 2001 година има големи шанси да се претвори во тешко будење на Албанците од нивниот големодржавен сон. Евентуалниот нов конфликт има потенцијал да се развие на поширок фронт, со оглед на фактот што односот на силите на Големите „играчи“ се менува, некои прашања на Балканот не се сосема решени, а има и голем желба кај некои фактори на Балканот (политички и воени) за реванш-партија. Албанците веќе немаат капацитет за вакви судири. Време е да се соочат со реалноста. Или некој сигурно ќе ги соочи…

 

Иле Тасески

Дипл.економист




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.