Коњановски секој ден на терен! Започнува изградба на спортска сала во Бистрица (ФОТО)

Некогашниот руиниран културен дом во населеното место Бистрица, повторно ќе стане привлечно место за спортски и културни активности. Објектот кој иако е поврзан со училишната зграда, со која делат заеднички двор, од 1984 година не е во функција, а низ годините неговата состојба се повеќе се влошуваше.

На барање на жителите на населеното место Бистрица, локалната самоуправа, изготви проектна документација за реконструкција на објектот, а денес започнаа работните активности со кои оваа зграда ќе добие целосно нов лик и функционалност, враќајќи го детскиот џагор, поттикнувајќи го натпреварувачкиот и спортски дух кај младите и создавајќи можности за реализација на културни содржини.

Градоначалникот на општина Битола, Тони Коњановски, при денешниот увид на терен, нагласи дека, на овој начин се создаваат нови можности за младите, но и за повторно заживување на околните населени места.

„После 41 година, овој објект на вкупна површина од 386 м², ќе добие мултифункционалност. Со архитектонскиот проект, предвидена е замена на класичните конструктивни елементи со современи, а просторната организација на објектот интегрира спортски активности со примена на иновативни решенија. Согласно габаритите на постојниот објект, просторните целини ќе се организираат во две доминантни целини: приземје (приближно 280м²) и галерија (приближно 100м²). Приземјето ќе биде поделено на две функционални целини и тоа: мултифункционален простор за спортски активности и помошни простории во функција на тој простор. Галеријата, ќе ја задржи својата намена, како гледалиште за културни манифестации. За овој проект, како локална самоуправа инвестираме 37.599.966 денари и нашата тенденција е да овозможиме негова максимална функционалност, токму онака како што и најавивме, согласно нашите програми за работа“, изјави градоначалникот на општина Битола, Тони Коњановски.

Проектот „Реконструкција на објект – сала Бистрица“, повеќе години наназад беше меѓу приритетните барања на жителите на поранешната општина Бистрица.




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.