Жителите од типската населба во Прилеп деновиве се соочуваат со несекојдневна, но сè почеста глетка – коњи кои слободно се движат низ улиците, пасат по дворовите и зелените површини, а зад себе оставаат и големи количини коњски измет.
До редакцијата на Маркукуле пристигнаа фотографии од наша револтирана сограѓанка. На фотографиите јасно се гледа како коњи непречено се движат низ населбата, па дури и во паркот кај „Футура“.
Според жителите, не станува збор за изолиран случај, туку за проблем кој подолг период се повторува. Освен што уништуваат тревници и влегуваат во приватни дворови, животните оставаат и измет по улиците и парковите, што создава нехигиенски услови и непријатна слика за целата населба.
Се поставува прашањето кој е одговорен за овие животни. Дали се напуштени или, пак, нивните сопственици свесно ги пуштаат слободно да пасат низ градските населби без никаков надзор?
Жителите апелираат до надлежните институции и инспекциските служби да преземат соодветни мерки, да ги утврдат сопствениците и да спречат вакви ситуации, бидејќи градските улици и паркови не се место за неконтролирано движење на добиток.
































