„Скопје Виа“ на 17. јули во Битола

Од 16 до 18 јули, Битола ќе живее со звуците на уникатниот музички фестивал, спој на традиција, емоција, богатство на музички влијанија, обичаи, мултикултуралност, преку еден од ретките фестивали во регионов кој сеуште, успешно опстојува 20 години со истиот концепт како во своите почетоци, Балканскиот етно-фјужн фестивал. „Локум фест – музика и традиција“.

Веќе вториот и третиот ден се резервирани за автентичната атмосфера на Старата битолска чаршија.

На 17.јули настапуваат „Скопје Виа“, новата музичка сензација на овие простори. Етно акустичен состав со препознатлив џипси џез звук. Се работи за група која го спојува традиционалниот џипси џез со современиот урбан звук, создавајќи автентична музика што ја освојува публиката. Нивните видеа на социјалните мрежи имаат десетици илјади прегледи, а од бендот велат дека им е драго што интересот за нивните настапи расте.

Минатата година ја промовираа својата прва авторска песна ,,Под ова небо”. Оваа уникатна комбинира и театарска експресија и современ балкански звук. Членови на групата се: актерката Јана Стојановска – вокал, Мишел Трајковски – хармоника, Хилми Баки – виолина, Никола Петрушевски – кларинет, Влатко Пате– ударни инструменти, Кирил Златановски – контрабас, Ташко Грујоски – гитара и Васил Потиров – гитара.

Фестивалот е една од ретките манифестации која доследно се држи до јавниот карактер и е не се приклонува кон естрадизација на културата. Се одржува на јавни простори и е проект од национално значење финансиран од Министерство за култура и туризам и Општина Битола, а се одржува во рамките на Бит фест 2026 г.




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.