Во организација на Општина Македонски Брод и здружението “Форум за Авангардна Креативност” викендов во Самоков се одржува петтиот по ред адреналински фестивал SAMOKOV XTREME, на кој одново учество ќе земат неколку стотини спортисти, вљубеници во природата, возачи на џипови, мотокрос, АТВ возила.
Фестивалските случувања започнаа рано утрово со пристигнувањето на учесниците и формирањето на кампот – местото каде ќе се создаваат приказни и пријателства. Следуваше регистрација и подигнување на стартни пакети, по што адреналинот нагло порасна со почетокот на трката за теренски возила, мотокрос и АТВ.
Учесниците со теренски возила (џипови) ја совладуваа рутата Самоков – Бачилиште – Илино – Бенче – Самоков, а возачите на мотокрос и ATV минуваа низ Ковач, Добра Вода, па се до црквата „Св. Никола“, со враќање кон Самоков
Вечерта носи поинаков ритам – во 20:30 часот започнува концертот на КУД „7ми Септември“ од Македонски Брод, а дружењето продолжува до доцна во ноќта.
Случувањата во Самоков продолжуваат утре (НЕДЕЛА) со следната програма:
Денот започнува во 09:30 со поздравен говор, по што следува нова серија активности:
09:45 старт на планинарската тура
10:00 заеднички старт за мотокрос и ATV
Оф-роуд возачите ќе се соочат со нова рута: Требовље – Фојник – Брест – Рамне – Самоков, додека моторџиите и ATV учесниците повторно ќе ја освојуваат патеката преку Бачилиште, Илино и Бенче.
Планинарската тура, долга околу 12 километри, води низ срцето на Порече – од Самоков преку Сливно, Бачилиште и Ковач, па назад до кампот. Лесна, но визуелно импресивна патека, идеална за љубителите на природата и активниот одмор.
Од 16:00 до 18:00 часот следува заеднички ручек за сите учесници – традиционално војничко гравче, како симболично затворање на два дена исполнети со акција, адреналин и незаборавни моменти.
„Samokov Extreme 2026“ не е само настан – тоа е доживување што се памети. Дојдете и бидете дел од викендот каде границите не постојат.
































