Со нова инфраструктура, Крушево дополнително ја зацврстува позицијата на една од најпознатите европски параглајдинг дестинации.
Крушево, еден од најпознатите европски центри за параглајдинг, влегува во нова развојна фаза. Започна изградбата и инфраструктурното проширување на две нови модерни полетувалишта, со што значително ќе се подобрат условите за полетување, безбедноста на пилотите и организацијата на големи меѓународни натпревари.
Проектот предвидува изградба на полетувалишта со висококвалитетна вештачка и природна трева, со што капацитетот на параглајдинг центарот практично ќе се удвои. Новите услови ќе овозможат истовремено полетување на поголем број пилоти за време на светски и европски натпревари, но и подобро искуство за сите љубители на овој спорт.
Активностите се реализираат во рамките на проектот „Крушево и Елбасан – Патување низ природата и авантурата“, финансиран од Европската Унија преку Програмата за прекугранична соработка помеѓу Република Северна Македонија и Република Албанија во рамките на Инструментот за претпристапна помош (ИПА III). Носител на проектот е Општина Крушево, во партнерство со Центарот за одржлив развој АЛКА – Скопје, Општина Елбасан и организацијата Тјетер Визион од Елбасан.
Современа инфраструктура за поголема безбедност
Проектот опфаќа уредување на нови полетувалишта со вкупно 2.008,08 квадратни метри висококвалитетна вештачка трева и 1.503,81 квадратни метри природна трева. Покрај зголемениот капацитет, инвестицијата ќе обезбеди и повисоко ниво на безбедност и функционалност.
Со уредувањето на теренот ќе се елиминираат нерамнините околу полетувалиштата, ќе се намали ризикот од оштетување или заплеткување на параглајдерските крила и јажиња, а пилотите ќе добијат побезбедни услови за подготовка, полетување и собирање на опремата.
Нов поттик за авантуристичкиот туризам
Покрај спортската инфраструктура, проектот има за цел да го зајакне прекуграничниот авантуристички туризам и да го позиционира регионот Крушево – Елбасан како препознатлива туристичка дестинација.
Додека во Крушево инвестициите се насочени кон унапредување на параглајдинг инфраструктурата и спортско-рекреативниот центар „Гумење“, во Елбасан се реализира изградба на авантуристички парк, пристапна зона со паркинг во близина на туристичкиот центар Фунар, како и обележување на пешачки патеки до кањоните Допај.
Со оваа инвестиција Крушево дополнително ја зацврстува својата репутација како домаќин на најголемите светски и европски параглајдинг натпреварувања и една од водечките дестинации за активен и авантуристички туризам во регионот.
Проектот е финансиран од Европската Унија преку Програмата за прекугранична соработка помеѓу Република Северна Македонија и Република Албанија во рамките на Инструментот за претпристапна помош (ИПА III). Содржината на ова соопштение е единствена одговорност на партнерите во проектот и не мора да ги одразува ставовите на Европската Унија.




























