„Да се обединиме околу Македонија“ – силна илинденска порака од градоначалникот на Крушево, Нико Чонески

Во пресрет на 2 Август, од Гумење во Крушево беше испратен повик за единство, достоинство и почит кон илинденскиот завет

Од историското Гумење во Крушево, во пресрет на големиот празник Илинден, градоначалникот Нико Чонески одржа емотивен и силен говор во кој испрати пораки за национално единство, почитување на илинденскиот завет и изградба на подобра Македонија.

Обраќањето го започна со стихови од народна песна посветена на Илинденското востание, истакнувајќи дека македонскиот народ низ вековите својата болка, жртва и надеж ги преточил во песни кои и денес сведочат за непокорот и стремежот кон слободата.

„Илинден е кулминација на вековниот стремеж на македонскиот народ да биде свој на своето, да живее слободно и сам да одлучува за својата иднина“, истакна Чонески.

Во говорот тој потсети дека, иако Илинденското востание било задушено во крв, неговата идеја никогаш не била поразена. Посебно се осврна на Крушевската Република, оценувајќи ја како прва македонска визија за слободна, организирана и праведна држава, а Крушевскиот манифест го посочи како документ што повикувал на еднаквост, братство и заедничка борба без разлика на верата и припадноста.

Според него, државотворната нишка на Илинден продолжила преку АСНОМ и создавањето на независна Република Македонија, поради што Илинден претставува еден од најцврстите темели на македонската државност.

Во вториот дел од обраќањето, Чонески направи паралела меѓу предизвиците со кои се соочувале илинденците и денешното време, оценувајќи дека и денес Македонија се соочува со политички, економски и општествени поделби, како и со предизвици поврзани со идентитетот, јазикот и историјата.

„На сето тоа постои само еден вистински одговор – обединување. Не обединување околу една партија или еден човек, туку обединување околу Македонија“, порача градоначалникот.

Тој нагласи дека вистинската почит кон илинденците не се покажува само со положување цвеќе и свечени говори, туку со создавање држава во која младите ќе гледаат иднина, трудот ќе биде вреднуван, а секој граѓанин ќе има можност достоинствено да живее.

На крајот од своето обраќање, Чонески повика да не се заборави историското наследство на македонскиот народ и порача дека идеалот на Илинден мора да продолжи да живее низ идните генерации.

„Нека е вечен идеалот! Вечен да е Илинден!“, заврши градоначалникот на Крушево.




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.