Во рамките на Светската недела на доењето, ЈЗУ Општа болница со проширена дејност „Борка Талески“ – Прилеп организираше едукативна и практична работилница посветена на најмладите и нивните мајки, со цел да се истакне значењето на доењето за здравиот развој на новороденчињата.
На работилницата беа опфатени повеќе теми поврзани со правилната грижа за бебињата и придобивките од доењето.
Неонатологот д-р Лилјана Христоска зборуваше за клучната улога на доењето во правилниот раст и развој на новороденчето, зајакнувањето на имунитетот, како и за позитивното влијание врз здравјето на мајката. Таа потенцираше дека е особено важно доењето да започне уште во првите часови по раѓањето.
Педијатрискиот невролог д-р Габриела Тавчиоска ја истакна важноста на доењето за правилниот развој на мозокот, а со присутните мајки разговараше и за принципите на правилно постапување со новороденчето (baby handling), кои имаат значајна улога во психомоторниот развој.
Практичен дел од работилницата одржаа медицинските сестри Марина и Анета, кои демонстрираа правилни техники на доење и им дадоа корисни совети на младите мајки, нудејќи им дополнителна поддршка и сигурност.
Од болницата нагласуваат дека поддршката на доењето претставува инвестиција во здравјето на идните генерации, а благодарност упатија до сите мајки кои активно учествуваа на работилницата.
Во објавата болницата потсетува и на препораките на Светската здравствена организација (СЗО), според кои исклучивото доење во првите шест месеци од животот е најдобар извор на исхрана и заштита за новороденчето, а се препорачува доењето да продолжи и по воведувањето на цврста храна, до двегодишна возраст или подолго.
Воедно, од прилепската болница споделија и охрабрувачка статистика. Заклучно со денот на одржувањето на работилницата, во споредба со истиот период минатата година, во болницата се родени 32 новороденчиња повеќе, што претставува пораст од 14 проценти – позитивен показател кој носи оптимизам и убави вести за Прилеп и регионот.
























