дома блог страница 893

Сеќавање: 22 години откако не’ напушти еден од најголемите прилепчани на сите времиња

Денеска се навршуваат 22 години од смртта на Илија Милчин – едно од најголемите актерски имиња на македонската актерска сцена.

Милчин е роден во Прилеп во 1918 година. Завршил право на Софискиот универзитет во 1942 година. Во периодот од 1944 до 1947 година работел како драматург, а потоа како глумец и режисер во Македонскиот народен театар во Скопје. Бил уметнички раководител и режисер на Обласниот македонски народен театар во Горна Џумаја, Пиринска Македонија (1947-1948).

Од 1965 до 1968 година бил директор на Драмата на Македонскиот народен театар во Скопје. Неговиот преведувачки опус опфаќа голем број значајни дела од руски, хрватски, бугарски и француски автори. Добитник е на наградите: „11 Октомври“, „Кирил Пејчиновиќ“, „Јован Стерија Поповиќ“, „13 Ноември“, „Војдан Чернодрински“.

Негов син е режисерот Владимир Милчин.

Милчин има остварено бројни филмски улоги: Мис Стон (1958); Мирно лето (1962); Пресметка (1962); До победата и по неа (1966); Македонска крвава свадба (1967); Република во пламен (1969); Човек во црно (1970); Македонски дел од пеколот (1971); Исправи се, Делфина (1977); Пресуда (1977); Црвениот коњ (1981).

Режии: Стаклена менажерија од Тенеси Вилијамс (1954); На дното од Максим Горки (1954); Вештерките од Салем од Артур Милер (1955); Глорија од Ранко Маринковиќ (1957); Школа за озборување од Шеридан (1959); Кога бранот бучи/Деветтиот бран од Никола Јонков Вапцаров (1960); Црнила од Коле Чашуле (1961); Антигона од Софокле (1967); Дабот и ангорските зајаци од Мартин Валзер (1969); Три сестри од Антон Павлович Чехов (1970); Деца на сонцето од Максим Горки (1973); Хеда Габлер од Хенрик Ибзен (1976); Бесови од Фјодор Михајлович Достоевски (1978); Деца на сонцето од Максим Горки (1981/82); Антигона од Софокле (1982/83).

Починал на 11 март 2002 година во Скопје.

220 санкции изминатиот викенд на подрачјето на СВР Битола: Се возело брзо, имало и пијани и без возачки

Секторот за внатрешни работи Битола во текот на викендот (08/09/10.03.2024) продолжи со контролите во областа на сообраќајот. На територија на СВР Битола санкционирани се 220 возачи, меѓу кои 164 мерки за возење повеќе од дозволената брзина, 24 мерки за возење под дејство на алкохол, 18 санкциии за управување без возачка дозвола, 11 мерки за непрописно паркирање…

Сообраќајните контроли продолжуваат и во наредните денови. Апелираме до граѓаните да ги почитуваме сообраќајните правила и прописи за да ја зголемиме безбедноста во сообраќајот и заедно да придонесеме за посигурни патишта.

Во среда крводарителска акција во просториите на општина Прилеп

По повод Меѓународниот ден на крводарителството, 17-ти март, Општина Прилеп во соработка со Црвениот крст на Република Македонија – Општинска организација Прилеп, организира крводарителска акција во среда на 13 март.

-Ги повикуваме сите граѓани кои се во можност да даруваат крв и да спасат нечиј живот. Крводарителската акција ќе се одржи на 13.03.2024 (среда), од 09-14 часот, во просториите на општина Прилеп – стои во соопштението.

ГРОЗНО! 21-годишник од Битола во повеќе наврати силувал 14-годишно девојче

Основното јавно обвинителство Битола донесе Наредба за спроведување истражна постапка против 21-годишник за кого постои основано сомнение дека сторил продолжено кривично дело – Силување дете кое не наполнило 15 години од член 188 став 1 во врска со член 45 од Кривичниот законик.

-Во периодот од август до крајот на декември 2023 година, осомничениот во стан на улицата „Прилепска“ во Битола, во повеќе наврати вршел полови дејствија врз 14-годишно девојче, информираат од Обвинителството.

Јавниот обвинител до Основниот суд во Битола достави предлог за определување мерка притвор за осомничениот.

Вака се прави! Kaj газда Мине во прилепско Десово лебот е бесплатен за месецот Рамазан

Празниците и кај христијаните и кај муслиманите не значат само да ја наполнете својата трпеза и да се нагостите со семејството. Религијата и кај едните и кај другите подучува да го споделуваме тоа што го имаме и да помагаме на оние на кои им е најпотребно.

Газда Мине Рамовиќ од село Десово го знае тоа, па затоа во месецот на Рамазан во неговиот маркет “Табако”, лебот ќе биде бесплатен за сите, и тоа во неограничени количини.

За таа цел сопствениците обезбедиле спонзори за секој ден до празникот Рамазан, па жителите од ова населено место можат бесплатно да ја подигнат оваа најнеопходна намирница.

Секоја чест и нека служи за пример за сите стопанственици, газди на маркети…од сите религии!

Фатени на дело: Деветмина прилепчани со три возила фатени како крадат во објекти на ЗИК “Пелагонија”

На 10.03.2024 во 12.30 часот во с.Долно Српци, општина Могила, полициски службеници од СВР Битола ги лишиле од слобода Т.Н.(35), Б.Џ.(37), С.Р.(20), А.Р.(23), А.Р.(45), Е.Б.(32), Д.Д.(24), Е.К.(24) сите од Прилеп и Р.В.(61) од с.Мажучиште, прилепско. Тие биле затекнати при извршување на кражба во објект на ЗИК „Пелагонија“.

Од нив биле одземени патничко возило „фолксваген венто” со прилепски регистарски ознаки, патничко возило „фолксваген венто” со гостиварски регистарски ознаки и патничко возило „форд транзит” со гостиварски регистарски ознаки, натоварени со повеќе предмети сопственост на ЗИК „Пелагонија“.

Предметите биле вратени на сопственикот, а по целосно документирање на случајот, против лицата ќе следува соодветна пријава.

Денеска нови цени на горивата во Македонија

Регулаторната комисија за енергетика денеска ќе одлучува за новите цени на нафтените деривати.

Согласно последната одлука, цената на дизелот се намали за 1 денар, а бензините поскапеа за половина денар.

Ова се актуелните цени на горивата:

Моторен бензин ЕУРОСУПЕР БС – 95 83,00 (денари/литар)
Моторен бензин ЕУРОСУПЕР БС – 98 85,00 (денари/литар)
Дизел гориво ЕУРОДИЗЕЛ БС (Д-Е V) 77,00 (денари/литар)
Масло за горење Екстра лесно 1 (ЕЛ-1) 75,50 (денари/литар)
Мазут М-1 НС 43,752 (денари/килограм)

Денеска се празнува Св. Агатангел Битолски

Овој светител пострада од Агарјаните во 1727 година. Како што пишува на кивотот во кој се чува неговата чесна глава, во тој период од нивното владеење, Агарјаните имаа свиреп обичај за време на тридневното празнување на празникот Рамазан насилно да приведуваат во својата исламска вера некои од поробените христијани.

Во страв и трепет пред нивниот незадржлив гнев, незаштитените и угнетени христијани се сокриваа кој како умееше и можеше.

Раката на друговерните гонители пак, секогаш успеваше да дофати по некоја жртва и да изврши зло. Мнозина од уловените христијани гонителите ги наоѓаа неподготвени да појдат на маченички подвиг, па нивното спасение беше неизвесно. Тогаш Бог разгоре љубов кај Својот храбар следбеник Агатангел, кој реши да се дрзне, та со помош Божја да му стави крај на нечесното затирање на кревките и неопитни души.

Агатангел беше младич, од околу 18 години, по потекло од Лерин, кој работеше како чевлар во Битола.

Поттикнат од благодатта Божја, свети Агатангел појде во царскиот сарај и со богомудри зборови пред турските големци се заложи тоа насилно исламизирање на невините христијани на Рамазан да запре.

Со содејство Божјо светителот успеа да најде милост пред агарјанските првенци и тие го укинаа гонењето на христијаните на Рамазан, и издадоа ферман за таа своја одлука.

А потоа, за да ја открие вистинската верност на Својот ревнител Агатангел, Бог допушти неколкумина Агарјани да му се нафрлат на светиот маж и да го погубат. Светиот Агатангел чесно пострада од нив, простум примајќи небесен венец од Христа, на 17 февруари 1727 година, во градот Битола.

Попладне и во вечерните часови пороен дожд и силен ветер

Времето денеска ќе биде променливо облачно. Попладне и во вечерните часови на повеќе места ќе биде нестабилно со повремени врнежи од дожд, локално пообилни и поројни, над 20 литри на метар квадратен, проследени со појава на грмежи.

Ќе дува засилен до силен ветер од јужен правец, над 70 километри на час. Минималната температура ќе биде во интервал од 4 до 10, а максималната од 13 до 18 степени.

Во Скопје ќе биде променливо облачно, попладне и во вечерните часови со врнежи од дожд. Во делови од котлината врнежите повремено ќе бидат поројни, проследени со појава на грмежи. Ќе дува засилен ветер од југоисточен правец. Минималната температура ќе се спушти до 8, а максималната ќе достигне 17 степени.

Според УХМР, и во деновите потоа ќе се задржи променливо облачно време со повремен локален дожд, но со слаб интензитет.

Прилепчанец фатен со дрога во Скопје

Денеска (10.03.2024) во 02.20 часот во угостителски објект на подрачјето на Карпош во Скопје, полициски службеници од Единицата за недозволена трговија при СВР Скопје го лишиле од слобода Х.П.(24) од Прилеп затоа што кај него била пронајдена и одземена грутчеста материја.

По целосно документирање на случајот ќе следува соодветна поднесок – информираат од МВР.