Прилепските гимнастичарки блеснаа во Бугарија – „Авангард“ се врати во Прилеп со низа медали и признанија

Младите гимнастичарки од прилепскиот клуб за естетско-ритмичка гимнастика „Авангард“ остварија одлични резултати на меѓународниот турнир „Пирин Куп“, кој на 14 и 15 ноември се одржа во Благоевград, Република Бугарија.

Прилепскиот клуб настапи со своите натпреварувачки во повеќе возрасни и натпреварувачки категории, а двете натпреварувачки вечери донесоа голем број медали, високи пласмани и посебни признанија за младите гимнастичарки.

На првиот натпреварувачки ден, Сања Гулеска го освои првото место со јаже, Калина Петкоска се закити со второто место, додека Галена Јорданоска го освои третото место во изведба без реквизит. Ања Стојаноска го освои осмото место, а покрај пласманите, двете најмлади натпреварувачки добија и посебни признанија – Ања беше прогласена за „Најперспективна гимнастичарка“, а Галена за „Ѕвезда во подем“.

Успесите продолжија и вториот ден, кога гимнастичарките на „Авангард“ освоија нови одличја во различни категории и со различни реквизити.

Илина Кузманоска освои второ место со обрач и трето место со чуњеви, Мелани Ристеска освои две втори места, со обрач и јаже, додека Сара Маркоска се пласираше на третото место со обрач. Лана Петреска освои злато со топка и бронза со јаже, а Јана Димоска освои второ место со обрач и трето место со лента.

Одлични резултати забележаа и Јована Везенкоска, со прво место со лента и трето место со обрач, Милена Нешкоска, која освои второ место со обрач, како и Анастасија Нешкоска, која се закити со златен медал со обрач. Марија Тошеска оствари четврто место со лента и петто место со обрач. Посебно признание „Љубител на публиката“ доби Илина Кузманоска.

Зад овие резултати стојат многу тренинзи, посветеност, дисциплина и љубов кон спортот, но и големата работа на тренерот Александра Стојаноска, која со својата посветеност ги води младите гимнастичарки кон нови спортски достигнувања.

Од клубот упатија честитки до сите натпреварувачки за нивните настапи и постигнати резултати, со посебна благодарност до тренерот за нејзината работа и за начинот на кој ги претставува клубот, Прилеп и Македонија на меѓународната спортска сцена.

Уште едно успешно меѓународно претставување за „Авангард“ и уште една потврда дека во Прилеп растат млади спортски таленти кои со својата работа и посветеност освојуваат медали и признанија и надвор од границите на Македонија!




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.