дома блог страница 892

Нови цени на горивата од полноќ

Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и услуги за управување со комунален отпад на Република Северна Македонија (РКЕ) донесе Одлука со која се врши намалување на малопродажните цени на нафтените деривати во просек за 0,65% во однос на одлуката од 13.11.2023 година.

Референтните цени на нафтените деривати на светскиот пазар во споредба со претходната пресметка бележат зголемување во просек: кај бензините за 0,158%, кај дизелот има намалување за 0,807%, кај екстра лесното масло намалувањето е за 1,158% и кај мазутот намалувањето е за 1,035%.

Курсот на денарот во однос на доларот во изминатиот период по кој беа формирани цените со претходната пресметка е понизок за 0,562%

Од 21.11.2023 година од 00:01 часот максималните цени на нафтените деривати ќе изнесуваат:

Моторен бензин ЕУРОСУПЕР БС – 95 80,00 (денари/литар)

Моторен бензин ЕУРОСУПЕР БС – 98 82,00 (денари/литар)

Дизел гориво ЕУРОДИЗЕЛ БС (Д-Е V) 77,00 (денари/литар)

Масло за горење Екстра лесно 1 (ЕЛ-1) 75,50 (денари/литар)

Мазут М-1 НС 42,773 (денари/килограм)

Малопродажните цени на бензините ЕУРОСУПЕР БС-95 и ЕУРОСУПЕР БС-98 не се менуваат.

Малопродажната цена на ЕУРОДИЗЕЛ (Д-Е V) се намалува за 0,50 ден/лит, додека малопродажната цена на Екстра лесното масло за домаќинство на (ЕЛ-1) се намалува за 1,00 ден/лит.

Малопродажната цена на Мазутот М-1 НС се намалува за 0,559 ден/кг и сега ќе изнесува 42,773 ден/кг.

Напоменуваме дека ова се максималните цени на нафтените деривати од 00:01 часот на 21.11.2023 година. Трговците на големо и трговците на мало со нафтени деривати и горива за транспорт можат да ги формираат цените на одделни нафтени деривати и горива за транспорт и пониско од највисоките утврдени цени.

Важно известување од прилепските црковни храмови за големиот празник Св. Архангел Михаил

-Браќа и сестри во Христа, наши прилепчани, ве известуваме дека ЛЕПЧИЊАТА ЗА СЛАВА ЌЕ СЕ ПЕАТ ИСКЛУЧИВО ВО ЦРКОВНИТЕ ХРАМОВИ. За претстојната слава, на св. арх. Михаил (Арангеловден), во храмот св. Петка во нас. Точила и во храмот Св. Кирил и Методиј (Параклис) лепчиња ќе се креваат преку целиот ден во понеделник (20.11.2023) и тоа од 7:00 – 17.00, И НА САМИОТ ПРАЗНИК (наредниот ден) во вторникот, ПО ЗАВРШУВАЊЕТО на Божествената Литургија.

Честита слава на сите кои го чествуваат св. арх. Михаил како закрилник на нивните домови т. е. домашна слава!

Нека ни е за многу години и на помош!

Фатени тројца крадци од Битола: Краделе по викендици и фирми

Вчера (19.11.2023) полициски службеници од криминалистичката полиција на СВР Битола, во Битола ги лишиле од слобода Г.В.(45), З.М.(22) и Н.М.(18), сите од Битола, поради основано сомнение дека извршиле тешки кражби на подрачјето.

Имено, Г.В.(45) се сомничи дека извршил две тешки кражби во викенд куќи на подрачјето на с.Цапари, битолско, од каде одзел разновиден алат и муниција, додека З.М. и Н.М. се сомничат дека во с.Долно Српци, битолско, извршиле тешка кражба, одземајќи предмети во сопственост на правен субјект.

Приведените во целост ги признале кривичните дела, а пронајдени се и одземените предмети и ќе бидат вратени на сопствениците. По целосно документирање на случајот против трите лица ќе биде поднесена соодветна пријава.

Нема крај на серијата медали за борачките од БК “7-ми Мај” Прилеп: Две бронзи и едно злато од “Трофеј Штипски Боречки Асови”

На турнирот „Трофеј Штипски Боречки Асови” кој вчера се одржа во Штип, Б.К “7-ми Mај” од Прилеп, настапи со 6 борачи: Стефан Аризанкоски, Христијан Аризанкоски во категорија 38кг(пионери), Ангела Трајкоска и Деспина Богеска 50кг(кадети), Јована Тодороска 57 кг(кадети), Тамара Цветаноска 57кг(пионери), и ги забележаа следните резултати:

Ангела Трајкоска во категорија до 50кг освои бронзен медал, како и Јована Тодороска во категорија до 57кг, додека пак шампионката Тамара Цветкоска го освои првото место во категорија до 57кг.

Девојките од NEW GENERATION Прилеп растурија на престижниот STAGE Skopje 2023 – Седум први места и четири пехари!

Во саботата во Скопје се одржа еден од најпрофесионалните и најпрестижните танцови натпревари – STAGE SKOPJE 2023, на кој со свои натпреварувачи поединечно и во формации настапија и од прилепското танцово студио “NEW GENERATION”.

-Прилеп треба да се гордее едноставно растуривме, имаме 7 први места, едно второ место и едно четврто место. Си дојдовме со многу медали и 4 пехари – вели тренерот Оливер Богојевски.

Во формации први места освоија:

Во категорија HIP HOP KIDS DANCERS, прво место освои формацијата D.S.N.G I HAPPY GIRLS, кои беа многу високо бодовани од стана на судиите, додека пак формацијата BLOCK 088 освои второ место.

Ивана Богојевска освои прво место во STREET DANCE соло, која доби и награда ваучер за бесплатно учество на натпревар во Словенија.

Во категорија хип-хоп и STREET DANCE за деца, Михаела Јованоска освои прво место, а Магдалена Еленоска беше прва во хип-хоп за јуниори.

Четвртопласирана беше Христина Силјаноска во хип-хоп.

Честитки за нашите натпреварувачки и желби за уште поголеми успеси во иднина!

Премиерот Ковачевски денеска во посета на Прилеп

Премиерот Димитар Ковачевски заедно со министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски и министерот за транспорт и врски Благоја Бочварски денеска ќе престојува во посета на Прилеп.

Тие ќе го посетат ИКТ центарот за чување и заштита на податоци и опоравување од катастрофи каде е предвидено да се обратат премиерот Ковачевски и министерот Спасовски. Потоа ќе извршат увид во реконструкцијата на улицата „Леце Котески” каде ќе се обратат премиерот Ковачевски и министерот за транспорт и врски.

Планинар почина на Пелистер, телото пронајдено на околу 2.000 метри надморска височина

Регионалниот ЦУК Битола информира дека од Министерството за внатрешни работи (МВР) – СВР Битола има известување кај месноста „Ловечка куќа“ на планината Пелистер имало починато лице (планинар). Според првите сознанија, се работело за повозрасно лице од Скопје, со иницијали А.С..

-Центарот за управување со кризи (ЦУК) веднаш ја извести Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС) од Битола коишто имаат тим за интервенции во планински услови, за истиот тим да го ангажираат и телото на починатото лице да го транспортираат до првото место каде што може да дојде возило на Итна медицинска помош за да го преземе, информираат од ЦУК.

За подобра координација, од ЦУК е направен и контакт помеѓу дежурните лица во МВР-СВР Битола и ДЗС ПО Битола. Екипа на МВР треба да изврши увид.

Инаку, местото каде што било пронајдено лицето било на околу 2.000 метри надморска височина.

57-годишна прилепчанка нападната среде бел ден од своја сограѓанка

На 18.11.2023 во 13.00 часот во ОВР Прилеп, Л.Т.(57) од Прилеп пријавила дека околу 13.00 часот на ул.„Васко Карангелевски“ била физички нападната од В.А. – женско лице од Прилеп.

Се работи на расчистување на случајот.

БРАВО! Грст награди за прилепските гимназијалци од 45-та по ред Школа за млади физичари

Гимназијалците од гимназијата „Мирче Ацев“ – Прилеп се вратија со три освоени награди од 45 – тата Школа „Млади физичари“ која се одржа на 17 ноември во просториите на Природно – математичкиот факултет во Скопје.

Во конкуренција од прва година под менторство на проф. Димовска Соња учениците Михаил Ѓорѓиески и Софија Димитриеска со својот експеримент „Двојната природа на светлината“ освиоија прва награда, а ученикот Андреј Вршкоски со „Прекинувач на ѓезве“ ја освои втората награда.

Во конкуренција од втора година под менторство на проф. Марина Попоска ученикот Георги Николоски со експериментот „Забележување на бојата на светлината што се пропушта низ различни обоени филтри” ја освои втората награда.

Учениците Софија Настоска и Ивана Атанасоска со Симулацијата за „Зелен водород како алтернативно гориво“ имаа успешно учевство на 45 –тата Школа „Млади физичари“. На натпреварот учествуваа и учениците Христијан Илиоски и Филип Темелкоски од трета година.

Швајцарец со прилепски моторцикл завршил со тешки повреден, откако паднал на коловоз во Битола

На 18.11.2023 во 10.32 часот во СВР Битола било пријавено дека на крстосница од ул.„Партизанска“ и ул.„Тодор Паница“ во Битола, А.Ј.(24) од Швајцарија, управувајќи мотоцикл со прилепски регистарски ознаки, изгубил контрола и паднал на коловозот, информира МВР.

Во несреќата А.Ј. се здобил со тешки телесни повреди, констатирани во Клиничката болница Битола.

Увид на местото извршила екипа на СВР Битола.