дома блог страница 489

Мицкоски: Од април 2.200 денари повисока минимална плата

Од април ќе се исплаќа законски предвидениот минималец или околу 2.200 денари повеќе од сегашната минимална плата, рече денеска премиерот Хртистијан Мицкоски. Според него, доколку следните месеци дојде до договор меѓу работниците и работодавачите за повисок износ, ќе се направат законски измени и дополнително нивелирање.

– Денеска имаме владина седница, разговарав со министерот за економија, ќе поминеме информација. Согласно Законот мислам дека минималната плата ќе се зголеми на ниво од 24 400, така е според Законот. Немаме репрезентативен синдикат во Економско-социјалниот совет, се формираше Комисија која ќе ја утврди репрезентативноста. Се надевам дека наскоро тие што ќе бидат репрезентативни претставници на работниците заедно со работодавачите ќе постигнат консензус, а ние тој консензус ќе го почитуваме. Ако се договарат за поголема сума, ќе го промениме Законот и ќе навлеземе во дополнително нивелирање, истакна Мицкоски, одговорајќи на новинарски прашања по поставувањето на камен-темелникот на мега-паркот во Радишани.

Во врска со вработувањата во Државниот пазарен инспекторат (ДПИ), премиерот напомена дека Владата е должна да ги обезбеди сите капацитети на институциите и тоа ќе го стори.

– Се што е потребно ќе направиме, вклучително и вработување лица во ДПИ. Не станува збор за тоа дека нешто не е спроведено или предвидено. Жалам што мораше ова да се случи за сите да се освестат дека работите повеќе од 30 години биле погрешни и да, ние ќе ги корегириаме. Поразивме судска мафија, врховен судија фативме со мито во џебот и претседател на Советот на обвинители, во постапка се т.н мазут мафија и т.н. енергетска мафија, во бегство е т.н. коцкарска мафија, приведена е уличната мафија и сега на ред дојде и оваа мафија која царувала, но и таа ќе биде пооразена, а ќе следат и други. Македонија мора да биде пристојно место за живеење, а Владата е должна да ги обезбеди сите капацитети на институциите, како на инспекторатите, така и на МВР и на затворската полиција за да може овој систем беспрекорно да функционира. За жал, наследивме девастиран, урнисан систем, но се трудиме и ќе го доведеме во ред, подвлече Мицкоски.

Прашан за најавените измени на Законот за работно ангажирање, објасни дека со него ќе се регулира работниот однос на пензионираните лица и студентите.

– За законските измени добивме делумно поддршка и од опозицијата. Ќе се регулира работниот однос на пензионираните лица и студентите што досега беше дел од сивата економија. Целта е да се зголемат вработеноста и продуктивноста во насока на зголемување на економските перформанси. Задоволни сме од резултатите во третитот и четвртиот квартал, тие се над три проценти, меѓу петте во европа, за првиот квартал годинава очекуваме поволни резултати, задоволни сме од нивото на странските инвестиции кое е историски највисоко, задолвлни сме и од извозот и индустриското производство кои почнуваат да растат. Сите економски перформанси и индикатори покажуваат знаци на консолидирање, истакна Мицкоски.

Со првата претстава изведена на македонски јазик во 1944год., Битолскиот театар ќе го одбележи Светскиот ден на театарот

После една недела пауза поради деновите на жалост во Македонија поради трагедијата што се случи во Кочани, Битолскиот театар продолжува оваа недела со изведба на редовниот репертоар. Вчера на сцената беше изведена претставата „Жиголо“, праизведба на македонскиот текст од авторот Игор Кузмановски, во режија на Благој Мицевски, која ќе се изведе и на 28.март.

Во среда на 26-ти ќе се изведе „Снежана и седумте џуџиња“ во режија на Драгана Милошевска Попова, а во сабота претставата „Хамлет денот на убиствата“ во режија на Марјан Неќак.

Светскиот Ден на театарот на 27- ми март, ќе се одбележи со изведба на претставата со која беше одбележан и 80 годишниот јубилеј на Битолскиот театар, „Ѓоре Магаревски“ во режија на Благој Мицевски, Софија Ристевска Петрушева и Јован Ристовски.

Играат актерки и актери од сите генерации, вклучувајќи ги и пензионираните. Во три кратки едночинки улогата на Ѓоре ја играат актерите од НТБ, Марјан Ѓоргиевски кај режисерот Благој Мицевски, Александар Димитровски кај Софија Ристевска, и Никола Пројчевски кај Јован Ристовски. За сценографијата се погрижи Валентин Светозарев, костимографија Благој Мицевски, Андреј Папаз Ѓоргиевски, драматург Билјана Крајчевска,
светло мајстор Игор Мицевски, Горан Петровски, тон мајстор Александар Димовски, шминка Стефанија Илиевски, видеооператор Владимир Переловски, автор на плакат Сашо Илковски, инспициент Димитар Михајловски.

Влезниците за оваа претстава ќе бидат по цена од 100 денари, а целиот приход од продадените влезници ќе биде наменет за настраданите во Кочани. Ќе бидат прочитани и пораките по повод Денот на театарот, светската ќе ја прочита Ана Грамосли, а македонската Никола Стефанов.

Се работи за првата претстава која се одиграла на македонски јазик во слободна Македонија, на 14 ноември, 1944 година. Тогаш беше одиграна едночинката „Ѓоре Магаревски“ или „Петтоимениот Ѓоре“ од Владо Малески, во режија на Димче Стефановски. Во првото театарско јадро на овој град тогаш беа Јорго Цаца, Вера Вучкова, Димче Стефановски, Ацо Стефановски, Мери Бошкова, Симо Георгиевски,Славче Матевски, Георги Карев, Јован Бејко.

Во меѓувреме од одбележувањето на јубилејот до денес, во НТБ се потпишаа и Меморандуми на соработка со Здружението на пензионери, Македонското научно друштво Битола, Државното музичко училиште, беше промовирано историското катче на НТБ, во кое децата и посетителите се запознаат со историјата на Битолскиот театар, се гостуваше во Прилеп по повод јубилејот на театарот со претставата „Кокошка“, како и во Штип со претставата „Којзнае зошто“. Во завршна фаза е и опремувањето на новата просторија во која ќе се чува архивата на НТБ, проектирана според барањата на Државниот архив на Република Македонија. Оваа година ќе биде промовирана и Монографијата „Народен театар Битола“, на авторот Иван Додовски, испишана на 310 страници, испечатена од Графопром Битола.

Mладиот херој кој спаси 20 животи во Кочани, пречекан со аплаузи и прегратки од своите соученици (ВИДЕО)

Деветнаесет годишниот Јован Костадинов кој спаси 20 животи во пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани денеска се врати во средното училиште „Ванчо Прќе“ во Виница.

Младиот херој, како што го нарекуваат, во училишниот двор беше пречекан од соученците со аплаузи, транспаренти и прегратки. Горди на него, учениците и наставниот кадар му посакаа топло добредојде.

Јован беше пуштен на домашно лекување откако лежеше на Клиниката за токсикологија. Денеска, во своето училиште, доби она што најмногу му требаше – поддршка, љубов и признание за своето големо срце.

1.000 денари месечно за струја: Кој има право и како да аплицира?

Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини објави Јавен оглас за финансиска поддршка за потрошена електрична енергија за 2025 година, наменета за лица кои спаѓаат во категоријата ранливи потрошувачи на енергија. Оваа мерка е дел од Програмата за заштита на ранливи потрошувачи на енергија за 2025 година (“Службен весник на Република Македонија” бр. 34/25), со цел да се обезбеди директна поддршка за граѓаните на кои им е најпотребна.

Кој има право на финансиска поддршка? Финансиската поддршка е наменета за следните категории граѓани:

Домаќинства со едно или повеќе деца со попреченост, корисници на посебен додаток согласно Законот за заштита на децата, чиј вкупен нето доход во 2024 година на месечно ниво не го надминувал износот од:

-42.000 денари за домаќинство со два члена,

-60.000 денари за домаќинство со три члена,

-80.000 денари за домаќинство со четири и повеќе члена.

Згрижувачи кои згрижуваат едно или повеќе лица во своето семејство и се корисници на надоместок за згрижување согласно Законот за социјалната заштита, при што нивниот вкупен нето доход на месечно ниво не го надминувал предвидениот праг според бројот на членови во домаќинството (од 42.000 до 160.000 денари).

Износ и времетраење на поддршката Министерството доделува финансиска поддршка преку намалување на месечната сметка за потрошена електрична енергија во износ од 1.000 денари месечно, сметано од денот на поднесување на барањето. Поддршката ќе се доделува во текот на 12 месеци или до исцрпување на предвидените средства согласно програмата.

Лицата кои веќе користат гарантирана минимална помош и добиваат паричен додаток за енергенси во согласност со Законот за социјална заштита, како и старите лица кои користат финансиска поддршка согласно Законот за социјална сигурност на стари лица, не се опфатени со оваа мерка.

Процедура за аплицирање Рокот за поднесување на барањата изнесува 30 дена од денот на објавување на јавниот оглас. Заинтересираните лица треба да поднесат пополнет образец за барање (Образец 1 или Образец 2, во зависност од категоријата) достапен во архивата на Министерството или на официјалната веб-страница: https://www.ea.gov.mk/

Со барањето е потребно да се достават следните документи:

Изјава заверена на нотар за точност на приложената документација;
Фотокопија од Решение за стекнато право на посебен додаток или надоместок за згрижување;
Фотокопија од последната сметка за потрошена електрична енергија;
Фотокопија од лична карта на барателот;
Доказ за членовите на домаќинството.
Министерството ги повикува сите граѓани кои ги исполнуваат условите да аплицираат навремено и да ја искористат оваа можност за намалување на трошоците за електрична енергија.

За повеќе информации, посетете ја веб-страницата на Министерството: www.ea.gov.mk или контактирајте на [email protected] за прашања во врска со јавниот оглас.

ВИДЕОЛОТАРИЈА И ГОДИНАВА СПОНЗОР НА ХРИСТИЈАН БУЗАЛКОВСКИ

Видеолотарија Касинос Австрија ја продложува соработката со македонскиот мотоциклистички шампион Христијан Бузалковски, кој е член на Здружение Мото клуб СЕВЕНТУ ОНЕ TEAM Скопје. Со најновото спонзорство, ќе овозможиме учество на Бузалковски на ФИМ Европскиот шампионат во брзински мотоциклизам.

Благодарност до Видеолотарија Касинос Австрија за поддршката која ми ја даваат веќе неколку години. Ова спонзорство ќе ми овозможи да се натпреваруваме на ФИМ Европскиот шампионат во брзински мотоциклизам во класата Супер сток 1.000цц. Покрај ова натпреварување, ќе учествуваме и во светскиот Ендуранс шампионат, 24хч Ле Манс, која важи за најтешка трка по изджливост. Очекуваме сериозен успех, изјави македонскиот мотоциклистички шампион Христијан Бузалковски.

Белами: Сочувство за Македонија, Велс жали со вас

Крег Белами, селекторот на Велс, ја сподели својата солидарност за трагедијата што ја погоди Македонија пред натпреварот во Скопје.

„Пред се, би сакал да изразам сочувство на семејствата на жртвите на трагедијата во Македонија. Знаеме низ што поминува земјата и целиот народ, ние во Велс се имаме соочено со многу трагедии, па сакам во името на целиот Велс да кажам дека жалиме со вас заради трагедијата. Тешко е да се зборува за фудбал во ова време“, изјави Белами.
Белами исто така истакна дека во последните денови направиле анализа на Македонија како екипа, нагласувајќи ги нивните добри контра напади. Тимот ќе мора да ги задржи и добрите поединци на составот. Тој истакна дека Македонија ќе биде многу мотивирана.

Најавата на Маркукуле за новите сопственици и светлата иднина на Победа, стана реалност – Во сабота да го преполнеме Градски, целта е благородна!

Во моменти кога фудбалскиот миленик на прилепчани се наоѓа во незавидна позиција, без сериозни спонзорства и без квалитетни засилувања, можностите се само да се избори опстанок во Втората фудбалска лига.

Но, како што најавивме пред неколку месеци, се чини дека на агонијата се гледа крајот. Светло на крајот од тунелот се новите акционери кои во моментов работат на примопредавање на сопственичката структура во клубот.

Пред согледувањето на можностите и капацитетите на клубот и пред донесување на долгорочен план, новите акционери донесоа одлука средствата од продажбата на билети за престојниот натпревар помеѓу Победа и Башкими, да бидат наменети за помош на семејствата на жртвите и повредените од трагичниот настан во Кочани.

Натпреварот се игра во сабота (29.03.) со почеток од 15:00 часот, а билетите ќе се продаваат по цена од 100 денари. Билети ќе бидат во продажба од среда, а ќе можат да се купат од штанд, кој ќе биде поставен на градскиот плоштад “Методија Андонов-Ченто”.

Да покажеме хуманост и сплотеност, во сабота да го исполнеме градскиот стадион “Гоце Делчев” до максимум!

Полициски инспектор од Прилеп заработи кривична пријава

-СВР Битола поднесе кривична пријава против С.Д.(44) од с.Дебреште, општина Долнени, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело ,,кражба“ и против С.Д.(55) од Прилеп поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „несовесно работење во службата“.

На 03.11.2020 првопријавениот во атарот на с.Пешталево, пријавениот бил затекнат како управува товарно возило „ман“ натоварено со букови дрва на кои немало и не поседувал документација.

Додека, второпријавениот – главен инспектор за општ криминалитет во Надворешна канцеларија за криминалистички работи при ОВР Прилеп, не се придржувал на прописите и стандардите, со што овозможил кривично правен настан, за кој биле обезбедени докази, да не биде процесуиран до надлежното Основно јавно обвинителство и на тој начин овозможил да течат роковите за кривично гонење – информираат од СВР Битола.

Бензините од полноќ поскапуваат, дизелот поевтинува

Бензините од ноќеска на полноќ поскапуваат за половина до еден денар, а цената на дизелот се намалува за половина денар по литар, одлучи денеска Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и услуги за управување со комунален отпад (РКЕ). Со одлуката се врши намалување на малопродажните цени на нафтените деривати во просек за 0,04 отсто во споредба со претходната пресметка.

Малопродажната цена на бензинот ЕУРОСУПЕР БС-95 се зголемува за половина денар по литар и ќе изнесува 75 денари за литар, ЕУРОСУПЕР БС-98 поскапува за еден денар и ќе се продава за 77,5 денари по литар, додека цената на ЕУРОДИЗЕЛ (Д-Е V) се намалува за поливина денар и ќе изнесува 68 денари за литар.

Со одлуката на РКЕ не се менува малопродажната цена на Екстра лесното масло за домаќинство (ЕЛ-1) и останува 68 денари за литар, а цената на Мазутот М-1 НС се намалува за 0,590 денари за килограм и ќе изнесува 40,755 денари.

Од РКЕ велат дека референтните цени на нафтените деривати на светскиот пазар во споредба со претходната пресметка бележат зголемување кај бензините во просек за 2,721 отсто и кај екстра лесното масло за 0,706 отсто, додека кај дизелот има намалувањето за 0,522, а кај мазутот за 1,881 отсто. Курсот на денарот во однос на доларот по кој беа формирани цените со претходната пресметка е понизок за 0,1162 отсто.

И’ влегол во канцеларија и испукал два куршуми: Ова се деталите за денешниот грозоморен чин во социјални грижи Прилеп

Денеска околу 14 часот пред Центарот за социјална работа Прилеп, A.J.(50) oд Прилеп влегол во канцеларија на службеничка вработена во институцијата и испукал два куршуми од огнено оружје кон нејзе.

Од испуканите куршуми, службеничката М.Ѓ. (38) од Прилеп, се здобила со прострелна рана, според неофицијални информации, во стомакот и е примена во градската болница “Борка Талески”

Според информации од болницата М.Ѓ. е моментално во стабилна состојба.

Од ОВР Прилеп пак информираат дека А.Ј. е приведен, а кај него освен огнено оружје пиштол, бил пронајден и нож.

Според неофицијални информации, службеничката работела на предмет на осомничениот, а тој не бил задоволен од исходот и подолго време ја демнел.