Во рамките на проектот WATERVILL, кој го спроведува Општина Битола, ЈКП „Водовод“ – Битола беше домаќин на претставници на Политехничкиот универзитет (UPV) Валенсија од Шпанија и на Универзитетот (UOWM) од Кожани, Грција.
На средбата, проектниот тим на Општина Битола ги претстави активностите на проектот. Директорот на ЈКП „Водовод“ – Битола, Андреј Гинов, и дипломираниот машински инженер Александар Велјановски ги запознаа проектните партнери со состојбата на водоснабдителниот систем, тековните предизвици и плановите на претпријатието за модернизација на опремата за управување со водоводната мрежа.
Посебно внимание беше посветено на примената на дигитални и автоматизирани технологии за континуирано следење на протокот и притисокот во мрежата. Податоците од мерењата ќе помогнат во навременото откривање на загубите и во поекономичното планирање на производството на вода според потребите на корисниците.
На работниот состанок, партнерите се запознаа со функционирањето на системот SCADA и разговараа за десетте локации во руралните подрачја на кои се планира примена на иновативни решенија за подобрување на водоснабдувањето со средства одобрени во рамките на проектот.
Во теренскиот дел од програмата, партнерите ја посетија филтерницата во село Дихово каде заедно со стручниот тим извршија увид на неколку од локациите предвидени за вградување на новата опрема.
Во рамките на проектот, кој е финансиран преку програмата Interreg Euro-MED, партнерите претходно реализираа теренски посети во општините Илирска Бистрица и Теслиќ. Планирана е посета и на Општина Жабљак.
Проектот WATERVILL е насочен кон справување со недостигот на вода во руралните и планинските подрачја на Медитеранот. Тој предвидува истражување и развој на стратегии за поефикасно управување со водните ресурси, како и пилот-примена на напредни решенија во четири општини од четири земји. Меѓу предвидените решенија се дигиталното откривање на загубите на вода и развојот на инфраструктура отпорна на климатските промени. Резултатите и добрите практики ќе се споделат во 14 земји со цел нивна долгорочна примена. Се очекува овие решенија да им помогнат на
локалните власти и водоводните претпријатија да обезбедат подобар пристап до безбедни и одржливи водни услуги за илјадници граѓани.
Покрај активното учество во проектот WATERVILL, ЈКП „Водовод“ – Битола работи и на други проекти за унапредување на автоматизацијата и дигитализацијата на водоснабдителниот систем. Со овие проекти се предвидува попрецизно следење на состојбата во мрежата, навремено откривање и побрзо отстранување на дефектите, како и поефикасно управување со системот. Целта е посигурно водоснабдување за населението.































