дома блог страница 486

Основните училишта добиваат фотоволтаици

Помали сметки со соларни панели. Сите основни училишта во Кисела Вода, како и две во Карпош и едно во Зелениково до средината на мај ќе добијат фотоволтаици. Проектот вреден 11 милиони денари се изведува преку Владата и Скопскиот плански регион со кофинансирање на општините кои учествуваат.

„Правиме огромен чекор кон заштеда на енергија, намалување на финансиските трошоци и зачувување на животната средина. Преку користење на обновливи извори на енергија, училиштата стануваат енергетски понезависни, што значи дека значителен дел од средствата кои досега се трошеа за електрична енергија ќе можат да се пренасочат во подобрување на наставните услови и образовниот процес“ вели Орце Ѓорѓиевски, градоначалник на Кисела Вода

Ова е дел од поголем проект на Владата со кој ќе се работи на зголемување на енергетската ефикасност на училиштата низ Македонија.

„Јас како министер за образование и наука, потпишав грант од над милион евра за енергетска ефикасност на над повеќе од 50 училишта ширум државата кој е веќе во процес на обработка. Освен тоа што ќе ја заштитиме животната средина ние придонесуваме и за здрав живот на граѓаните, односно на најмладите што се наоѓаат во овие училишта, што за разлика од претходната Влада не било фокус, вие добро знаете дека таму беа фокус некакви бизнис интереси и дистрибуција на штетни горива и други енергенси“ вели Весна Јаневска, министер за образование и наука

Училиштата се веќе мапирани и обезбедена е потребната документација, како и согласности од ЕВН за поставување на системите.

Случајот со насилникот кој тепаше жена во живо на “Тик-Ток” добива нов пресврт: Жртвата не сака да го гони

Во врска со видео записот кој беше споделен на социјалните мрежи, а во кој се гледа како машко лице насилно се однесува кон женско лице, МВР ја известува јавноста дека СВР Струмица ги презеде сите службени дејствија кои се во надлежност на полицијата, поврзани со конкретниот случај, и насилникот е лишен од слобода.

Имено, настанот во СВР Струмица беше пријавен на 23.03.2025 (недела) во 08.25 часот од страна на мајката на жртвата. Веднаш по добиената пријава, преземени се соодветни мерки и активности од страна на полициски службеници од СВР Струмица-ОВР Радовиш. Утврдено е дека машкото лице е А.А.(35) од Радовиш, кој истиот ден во 09.20 часот е лишен од слобода и задржан во Полициската станица Радовиш. Исто така, бил извршен службен разговор и со нападнатата жена, во присуство на социјален работник од Јавна установа Меѓуопштински центар за социјални работи Радовиш, при што таа кажала дека видео записот е од јули 2024 година.

Бидејќи во конкретниот случај постои сомнение за сторено кривично дело „телесна повреда“ по член 130 став 2 во врска став 1 од Кривичниот закон, каде во став 5 од истиот член стои дека гонењето се презема по поднесување на предлог за гонење, од жртвата било изјавено дека не сака да поднесе предлог и дека видеото било доставено од нејзината мајка.

За настанот бил запознаен јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Радовиш, по чии насоки биле преземени и понатамошните мерки. Врз основа на преземените мерки, од страна на ОВР Радовиш до Основното јавно обвинителство Радовиш на 25.03.2025 е поднесена кривична пријава против А.А. поради постоење на сомнение дека сторил кривично дело „телесна повреда“ по член 130 став 2, а во врска став 1 од Кривичниот закон. Продолжуваат да се преземаат дејствија за целосно испитување на настанот.

Битката за опстанок Прилеп ја започнува со Борец – Ова е распоредот на натпревари во плеј-аут разигрувањето

Денеска во просториите на Ракометната федерација на Македонија се извлекоа редните броеви на екипите што ќе се борат за титула и опстанок во Супер лигата.

И покрај високите амбиции на стартот од сезоната, ракометарите на Прилеп и оваа година ќе водат борба за опстанок во плеј-аут разигрувањето.

Во првото коло кое се игра на 2. април, прилепчани ја пречекуваат екипата на Борец ФЛ.

Распоредот на натпревари до крајот на сезоната за РК Прилеп е следен:

ВТОРО КОЛО: РК Прилеп – РК Прилет

ТРЕТО КОЛО: МРК Куманово – РК Прилеп

ЧЕТВРТО КОЛО: РК Прилеп – РК Радовиш

ПЕТТО КОЛО: РК Струга – РК Прилеп

ШЕСТО КОЛО: Борец ФЛ – РК Прилеп

СЕДМО КОЛО: РК Пролет – РК Прилеп

ОСМО КОЛО: РК Прилеп – МРК Куманово

ДЕВЕТТО КОЛО: РК Радовиш – РК Прилеп

ДЕСЕТТО КОЛО: РК Прилеп – РК Струга

ОБЈАВЕНИ ЛИСТИТЕ: Eве кој доби субвенции од општина Прилеп за набавка на инвертери

Врз основа на предлогот на Комисијата за спроведување на постапка за субвенционирање /надоместување на дел од трошоците на граѓаните на подрачјето на Општина Прилеп зa набавка на грејно тело со инвертор за 2025 година, а во согласност со Јавниот повик од 2025 година, согласно Правилникот за користење на финансиски средства од буџетот на Општина Прилеп за субвенционирање /надоместување на дел од трошоците на граѓаните на подрачјето на Општина Прилеп за набавка на грејно тело со инвертер  година број 09-595/33 од 15.03.2021 година (Службен гласник на Општина Прилеп бр.3 од 15.03.2021) и Правилникот за измена и дополнување на Правилникот за користење на финансиски средства од Буџетот на Општина Прилеп за субвенционирање/надоместување на дел од трошоците на граѓаните на подрачјето на Општина Прилеп за набавка на грејни тела со инвертер број 09-571/6 од 12.02.2025 година (Службен гласник на Општина Прилеп бр.2 од 12.02.2025) и и Одлуката за определување на максимален износ за доделување на поединечна субвенција/надомест на дел од трошоци на граѓани на подрачјето на Општина Прилеп за набавка на грејно тело со инвертер за 2025 година број  09-571/5 од 12.02.2025 година (Службен гласник на Општина Прилеп бр.2 од 12.02.2025),  Општина Прилеп објавува Финална листа на баратели кои ги исполниле, односно не ги исполниле критериумите субвенционирање / надоместување на дел од трошоците за за набавка на грејно тело со инвертер за 2025 година.

Од вкупно пристигнатите 305 (триста и пет барања), 288 (двесте осумдесет и осум) баратели ги исполниле критериумите, 1 (еден) барател го повлекол барањето, а 16 (шестнаесет) баратели не ги исполниле критериумите за надомест на дел од трошоците за купување велосипеди за 2024 година.

 

Листа на баратели кои ги исполниле условите – преземи

Листа на баратели кои НЕ ги исполниле условите – преземи

 

Напомена:         Листите ќе бидат достапни на веб страницата на Општина Прилеп www.prilep.gov.mk, во период од 15 дена од денот на објавувањето.

Споделени искуства со јапонски компании: Витаминка со учество на Програмата за Иновациски менаџмент за Источна Европа (EEIM)

Во периодот од 2.03.2025 година до 20.03.2025 година, директорот на правни и општи работи Орде Ѓорѓиоски, беше учесник на Програмата за Иновациски менаџмент за Источна Европа (EEIM), која што, во организација на AOTS, се одржа во Токио, Јапонија.

Покрај интензивните предавања од реномирани експерти во областа, во периодот беа организирани средби со јапонски компании, како и посети на четири компании во Осака, кои што применуваат иновативни практики и продаваат иновативни производи.

Дополнително, оваа обука претставува исклучителна можност за запознавање со јапонскиот начин на работа и нивните принципи, што можат да најдат примена во работењето на „Витаминка“ АД Прилеп.

Во рамките на курсот, од страна на директорот на правни и општи работи и неговиот тим, беше изготвен финален проект, кој беше прогласен за најдобар во рамките на завршните презентации.

До овој момент повеќе колеги од „Витаминка“ АД ги имаат посетено програмите организирани од AOTS и нашата компанија останува партнер и понатаму во овој процес на стручно усовршување.

ВИДЕОЛОТАРИЈА ГО СЛАВИ УСПЕХОТ НА ЈАНА АТАНАСОВСКА, МАКЕДОНКАТА КОЈА ЈА ПИШУВА ИСТОРИЈАТА ЗА НАШАТА ЗЕМЈА ВО АЛПСКО СКИЈАЊЕ

Видеолотарија Касинос Австрија го слави успехот на Јана Атанасовска- прва ФИС победа. Верувајќи во нејзиниот потенцијал, со гордост споделуваме дека и ја дадовме нашата безрезервна поддршка. Благодарна сум што Видеолотарија Касинос Аустриа го препозна мојот талент и посветеност и одлучи да ми даде несебична поддршка и доверба на мојот спортски пат. Нивната поддршка ми дава можност да ги имам потребните професионални услови за работа и ми дава мотивација за создаваме уште поголеми успеси, изјави Атанасовска.

Јана ја направи Македонија горда. Видеолотарија Касинос Австрија како спонзор на Јана Атанасовска се радува и се гордее на нејзиниот историски успех. Со задоволство споделуваме дека нашата млада и талентирана скијачка, стигна до својата прва ФИС победа. Ова е победа за Јана и за Македонија.

Напорната работа секогаш се исплаќа! Горда сум што овие резултати влегоа во историјата на македонското алпско скијање. Ова е само почеток. Пресреќна сум за постигнатите резултати и би била нескромна ако кажам дека не ги очекував и порано во сезоната. Во текот на оваа сезона имав одлични штопинзи на тренинзите во споредба со некои од светските скијачки, но, некако на трките ми недостасуваше некој клик, за да спојам две добри возења. Како што поминуваше сезоната, мислам дека успеав да направам симбиоза на мојот агресивен темперамент и тактичкото возење. Тоа го работевме последните триесетина дена и ја пронајдовме формулата за успех. Среќна сум што докажав дека и натпреварувач од мала држава како нашата, со труд, работа и посветеност може да се носи рамо до рамо со големите скијачки нации, изјави Јана Атанасовска. Се надевам дека со ова барем малку ќе им помогнам на сите млади спортисти да веруваат во својата спортска приказна. Би сакала да истакнам дека за врвни резултати се потребни професионални услови за работа, додава Јана.

Благодарна сум што Видеолотарија Касинос Аустриа го препозна мојот талент и посветеност и одлучи да ми даде несебична поддршка и доверба на мојот спортски пат. Нивната поддршка ми дава можност да ги имам потребните професионални услови за работа и ми дава мотивација за создаваме уште поголеми успеси, изјави Атанасовска.

„Не можам да бидам погорд на нашата натпреварувачка Јана! Ова беа извонредни трки, во кои покажа огромна посветеност, техничка прецизност и одлучност. Знаевме дека имаме потенцијал за врвен резултат, но сега таа го потврди тоа на најдобар можен начин – со победа. Подготовките беа интензивни, работевме на секој детал, а оваа победа е резултат на напорната работа и дисциплината што ја покажува секој ден. Ова е само почеток – продолжуваме со уште поголема мотивација кон нови предизвици и успеси. Постигнувањето на овие рекордни 25.02 ФИС точки за наредната сезона ни обезбедуваат подобар стартен број и можност за остварување на уште поголеми резултати, изјави Александар Атанасовски – Чаве, претседателот на клубот на Јана-АСК СКАДИ Скопје.

Со ова спонзорство, Видеолотарија Касинос Австрија ја поттикнува кариерата на една од нашите најталентирани скијачи, а едновремено, го поддржува и развојот на македонскиот скијачки спорт. Ние сме горди што можеме да бидеме дел од нејзината патека кон успехот. Уверени сме дека нејзината посветеност и труд ќе донесат големи успеси како за на, така и за Македонија.

Двајца македонски граѓани загинаа во тешка сообраќајна несреќа во Италија, познат нивниот идентитет (ФОТО)

Во тешка сообраќајна несреќа што синоќа се случила во Италија, животот го загубиле двајца иселеници од дебарско.

Станува збор за Бајрам Бајрамоски (53) од село Жировница, општина Маврово и Ростуше, кој според неговите соселани од Жировница, во Италија бил над две децении. Оженет и татко на две деца.

Според полицијата несреќата се случила во близина на Боскалто ди Лореџија кога од работа се враќале во нивниот дом во областа Тревизо.

Возилото, камионче во кое се наоѓале директно се судрило со тешко товарно возило, камион. Двајцата починале на самото место, а третото лице кое било со нив, босански државјанин бил тешко повреден.

Со прекрасна видео репортажа, “Туркиш Ерлајнс” ја најави новата авиолинија Охрид-Истанбул

-Туркиш Ерлајнс од утре започнува со новата авиолинија Охрид – Истанбул. Прекрасна реклама на Туркиш Ерлајнс која значи многу за привлекување нови туристи во Охрид – напиша вечерва на социјалните мрежи министерот за транспорт и врски и заменик претседател на Владата, Александар Николоски, кој неодамна ја најави оваа нова авиолинија, а сега тоа се потврди.

Николоски напиша дека Владата и ќе продолжи со субвенционирање на нови авиолинии и подобрување на авиосообраќајот во Македонија во периодот кој следи.

Прилеп ќе добие владини пари за 11 проекти: Две детски игралишта, мост, водоводни мрежи, осветлување…

Локалната самоуправа на Општина Прилеп подготвена за реализација на нови капитални проекти – напиша на социјалните мрежи градоначалникот на општина Прилеп, Борче Јовчески, најавувајќи 11 проекти кои ќе бидат финансирани од Владата.

-Општина Прилеп продолжува со интензивна работа за унапредување на инфраструктурата и подобрување на квалитетот на живот на граѓаните! Во рамките на Јавниот повик објавен од Министерството за Локална самоуправа, поднесовме 11 значајни проекти, кои ќе бидат финансирани со поддршка на Владата на Република Македонија. Ова се проекти од витално значење за сите граѓани, а нивната реализација ќе значи поквалитетен живот, подобра инфраструктура и современи урбани решенија – напиша Јовчески.

Проектите кои во Прилеп ќе се реализираат со владини пари се следните:

✅ Реконструкција на дел од плоштад Методија Андонов-Ченто (пред хотел Скопје) и поставување на урбана опрема
✅ Изградба на мост на ул. Победа над река Оревоечка
✅ Реконструкција на ул. Орде Чопела – влез на градот од Македонски Брод
✅ Комплетна реконструкција, вклучително со електротехника, на улицата Трајко Николоски
✅ Изградба на ново детско игралиште во центарот на градот (позади Участакот)
✅ Изградба на ново детско игралиште на улицата Борка Талески во населбата Типски
✅ Изградба на водоснабдителен систем во село Лениште
✅ Реконструкција на главен потисен цевковод за водоснабдување на Индустриската зона и комплексот на Манастирот Св. Димитрија во село Селце
✅ Изградба на фотонапонска централа која се поставува на објекти (на Пречистителната станица)
✅ Интеграција на дистрибуирани локации од водоснабдителен систем на град Прилеп во постоечки SCADA систем и интеграција со ГИС систем
✅ Проект за промена на водоводна мрежа од јазол на Бул. “Гоце Делчев” со улица “Кузман Јосифоски” (бр. 1-55) до јазол на улица “Кузман Јосифоски” со ул. “Ленин” (бр. 1-72) – фаза Хидротехника

-Дополнително, во завршна фаза е и подготовката за уште еден капитален проект – Обиколница – Исток (од Сивец до А1), кој е во постапка за добивање на одобрение за градба. Изминатиот период, тимот на Општина Прилеп работеше со максимална посветеност на подготовка и апликација на овие проекти, со цел да реализираме што повеќе значајни инфраструктурни зафати и да ги решиме приоритетните прашања од интерес за граѓаните. Изразувам огромна благодарност до претседателот на Владата на Република Македонија, г. Христијан Мицкоски, за оваа значајна поддршка кон сите општини, со цел да овозможиме историски развој на локалните заедници. Нашите граѓани заслужуваат развиена и модерна Општина Прилеп! Продолжуваме посветено и одговорно – стои во објавата на Јовчески.

Сегде гнило! Кривична за вработен во УЈП, на менаџер на казино му кажувал кога ќе има контрола

-СВР Тетово поднесе кривична пријава против Г.О.(50) од Тетово поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „злоупотреба на службената положба и овластување’’. На 21.01.2025, пријавениот – вработен во регионалната дирекција на УЈП – Тетово, искористувајќи ја својата положба и овластување, го известувал менаџерот во казино во Тетово и оддавал службени информации за планираните контроли во казиното – информираат од МВР.