дома блог страница 1602

СДСМ ќе честат торта, славеа 31ви роденден

Гордост е на 31 роденден, како претседател, да се зборува за СДСМ. За се она што оваа партија низ годините го направи и го има направено за нашата држава и сите наши граѓани. И треба да бидеме горди, секој социјалдемократ треба да биде горд на резултатите, на придонесот на СДСМ за државата. СДСМ е синоним за државотворност, одговорност, посветеност и синоним за модерна партија, истакна Димитар Ковачевски, премиер и лидер на СДСМ.

Во продолжение проследете го неговиот говор од свечената седница на Централниот одбор по повод 31 роденден на СДСМ:

Речиси и да немаше години на мирно море за СДСМ. Но, сепак, покрај се’ успевавме.

Бевме разум кога други потпалуваа тензии, водевме напред кога други влечеа назад, обединувавме кога други делеа. Така беше, така е и сега. Како што нашите предци во НОБ биле на вистинската страна, СДСМ била и се уште е на вистинската страна.

Од процесот на создавањето независна македонска држава, меѓународно признаена, градењето институции, преку кандидатски статус за членство во ЕУ до решавање на спорот и реализирање на стратешката цел, полноправно членство во НАТО, од борбата со ковид пандемијата, па се до последната економска и енергетска криза. Ние, СДСМ, и се она што означуваат овие 4 букви бевме секогаш предводници во решавањето на овие проблеми.

И еве не повторно, 31иот роденден го одбележуваме во многу сложени општествено економско политички околности предизвикани од глобални процеси.

Целиот свет се соочува со најголема економска и енергетска криза по втората светска војна и тоа особено поради агресијата на Русија врз Украина.

Не се изминати ниту 100 дена откако ја преземав одговорноста да ја водам актуелната Влада предводена од СДСМ.

За само 90 дена, во време на најголема економска и енергетска криза успеавме:

– Да ја стабилизираме цената на струјата, со помош на субвенционирање на сметките на граѓаните и да имаме најниска цена на енергијата во регионот.

– Ја покачивме минималната плата, двојно повеќе од времето на ВМРО-ДПМНЕ, на 18.000 денари.

-Ги покачивме рекордно пензиите и воведовме дополнителна помош за секој пензионер,

-Донесовме 26 мерки вредни 400 милиони евра за поддршка на стандардот на граѓаните и компаниите.

– Спречивме силен ценовен шок, цените ги одржуваме стабилни.

– Финансиски ги поддржавме најранливите категории на граѓани, 35 илјади наши најранливи категории на сограѓани примаат дополнителна месечна помош.

– Нема застој во снабдувањата со храна, со гориво, гас, греење кога гледаме што се се случува околу нас.

И разговараме за нови покачувања на платите, во образованието но и во други сектори.

Република Северна Македонија ќе ги продложи реформите во сите области со кои ќе ја подготвиме земјава за полноправно членство во Унијата. Тоа се процеси кои ги водиме за наше добро, за развој на нашата земја и подобри услови за нашите граѓани но и на идните поколенија.

Ќе продолжиме да бараме решение и понатаму со Бугарија, но ќе го чуваме и нашето достоинство. Никој нема право да си игра со достоинството на нашиот народ и ние сме тие којшто тоа трба да го заштитиме.

Ова го зборувам на роденденот на СДСМ затоа што сите овие државнички, тешки одлуки, се вградени во државноста, тоа е социјалдемократскиот код на нашето општество.

Антифашистичката определба на граѓаните е дел од нашиот национален идентитет со кој се гордееме. Но тоа е и дел од статутот на СДСМ. Ние да не заборавиме од каде е тргната нашата партија и дека најголемите борци за оваа држава и за нејзината слобода всушност ја формирале оваа политичка партија во којашто ние денес седиме на раководните позиции.

Од овде, пред сите вас, на нашиот роденден, како претседател на СДСМ ви велам, повторно ќе успееме.

Заедно, одговорно и посветено. СДСМ ќе остане да биде чуварот на сегашноста, гарантор на стабилноста, напредокот и иднината. Јас сум подготвен, стојам зад ова и подготвен сум да ве водам заедно со сите вас овде во раководството во нови изборни победи за СДСМ и за Република Северна Македонија. И ве уверувам, дека СДСМ после минатите локални избори повторно ќе биде победничка партија на изборите во 2024 година.

Нека е честит 31оит роденден на нашиот. СДСМ! Да живее партијата! Да живее Република Северна Македонија!

Симболиката на црвеното велигденско јајце, што претставува бојата

Вапсањето црвени јајца за Велигден е најраспространетата традиција во сиот христијански свет. Вапсањето започнува денеска на Велики Четврток. Домаќините, рано наутро, пред изгревањето на Сонцето ги бојадисуваат првите три црвени Велигденски јајца.

– Оваа црковна традиција потекнува од првиот век по Христа, односно тоа се практикувало уште во времето на светите апостоли – христовите ученици и нивните наследници. За тоа ни сведочи Светото Предание. Велигденското јајце е старо колку и Христијанството, вели за МИА професорот на Богословскиот факултет во Скопје, Ратомир Грозданоски.

Објаснувајќи го значењето на црвеното јајце и зошто е земено за традиција, Грозданоски појаснува дека велигденското јајце црквата го прифатила во својата традиција и практика како симбол на Христовото воскресение. Првите Христијани и современици на апостолите почнале да вапцуваат јајца и да ги подаруваат на Велигден, поздравувјаќи се со радосниот поздрав Христос Воскресе! На тоа отпоздравувале: Вистина воскресе!

Така поздравувајќи се, првиот ја соопштува веста за Христовото воскресение, додека вториот ја потврдува, а всушност и двајцата ја исповедуваат својата вера во Воскресението. Оваа практика и до ден -денес е запазена во Светото Православие, па верниците со овој поздрав се поздравуваат се до Вознесението Христово, Спасовден.

Црвената боја има симболика на победа. Нејзиното значење на овој голем Христијански празник е дека Господ Исус Христос со своето воскресение ја победил смртта. Црвената боја ја претставува божјата сила и моќ, а воедно ја симболизира и Христовата крв, која Исус ја пролеал на крстот за спасение на сите луѓе на земјава. Бојата на јајцето не потсетува и на крвта Христова и на спасението.

Според хронологијата на Христовите настани забележани во Евангелието се знае дека на Велики Четврток, Господ Исус Христос на Тајната вечера ја востановил Светата тајна Причест (Евхаристија), земајќи ги за основа лебот и црвеното вино, кои се претвораат во Христовото тело и крв. Оваа света тајна – Евхаристијата е дадена за спасение на луѓето, а за основа ја има Христовата крв. Затоа црвената боја, симболизирајќи ја Христовата крв од светата причесна ги украсува и Велигденските јајца.

Како што бојадисаните црвени јајца од Вели Четврток се јасна најава на блискоста до Велигден, така и тогаш, на Велики Четврток на Тајната вечера, Христос јасно најавил и кажал дека наскоро ќе биде предаден, ќе пострада и ќе воскресне.

– Според Светото Предание, се смета дека Марија Магдалена, една од жените мироносици прва го започнала овој обичај за Велигденските црвени јајца, вели Грозданоски, говорејќи за почетокот на традицијата на вапцување велигденски јајца.

Се вели дека Марија Магдалена наскоро по Христовото вознесение (Спасовден) го напуштила Ерусалим и тргнала по светот да го проповеда Евангелието. Во Рим таа побарала да појде и кај римскиот император Тивериј, со цел да му раскаже на царот за Господа Исуса Христа. На средбата, таа на царот најнапред му подарила едно црвено јајце и го поздравила со зборовите: Христос Воскресе. Потоа му раскажала за се што ги учел Христос, за неговите добри дела и чуда што ги правел на луѓето.

Следејќи го нејзиниот пример, првите христијани започнале да си подаруваат црвени јајца на празникот Велигден и притоа да се поздравуваат: Христос Воскресе – Вистина Воскресе!

Православните христијани на Велигден подарувајќи си црвено јајце еден на друг или кршејќи се со него, всушност го симболизираат Христовото Воскресение и нашето спасение: победата над смртта – смрт на смртта. Затоа, овој обичај е израз на вера во Христовото Воскресение и вера во воскресение на мртвите. Тоа е надежта во спасението и идниот живот.

“Сточен пазар” доживува инфраструктурен бум – кеафани, мовче, огромни градби (Фото)

Населбата “Сточен пазар” во Прилеп забрзано се модернизира и урбанизира.

После изградбата на сензационалното мовче на Градската река и отварањето на угостителски објекти, сега во изградба е нов инфраструктурен проект.

Останува да видиме што ќе никне ново во оваа населба на периферијата на Прилеп која го привлече вниманието на инвеститорите.

Цената на маслото се очекува максимално да достигне до 150 денари, ама состојбата била стабилна

Генералниот директор на фабриката „Благој Ѓорев“ во Велес, Горан Лазов кажа дека цената на зејтинот ќе биде меѓу 2,2 и 2,4 евра, односно максималната цената која се очекува е 2,5 евра.

-Не очекувам поскапувања. По празникот цената ќе се стабилизира и маркетите ќе бидат полни со масло за јадење. Нема потреба граѓаните да прават залиха, ќе има доволно зејтин на пазарот, истакна Лазов по средбата со министрите за економија и за земјоделство, Крешник Бектеши и Љупчо Николовски кои ја посетија фабриката.

Според Лазов, во Бугарија цената на зејтинот е 180 денари или шест лева, а во Грција околу четири евра.

Одговорајќи на новинарски прашања, директорот нагласи дека има и доволно суровина. Во континуитет се вршат набавки од Бугарија.

Лазов изрази надеж дека на македонските земјоделски површини сончогледот повторно ќе се врати.

-Порано произведувавме околу 40 000 тони сончоглед, а лани откупивме помалку од 4 000 тони. Тоа е само 10 отсто од она што сме го имале како држава, подвлече Лазов. ад/мч/

Годишно капацитетот на фабриката „Благој Ѓорев“ е 40 000 тони сончоглед, а може да се складираат 16 000 тони сурово масло.

-Ако се зголемат површините, ќе го откупиме целото производство, нема да оставиме ниту едно зрно неоткупено, истакна директорот.

Претходно, министрите уверија дека зејтин има, како и суровина.

МВР со детали за милионската кpaжба во близина на Крушевo

На 19.04.2022 во 11.31 часот во СВР Битола, раководител на агенција за обезбедување пријавил дека во периодот од 18.30 часот на 18.04.2022 до 06.30 часот на 19.04.2022 во фабрика за производство на марихуана во стечај, во близина на с.Алданци, крушевско, било влезено со употреба на сила и подесен алат и биле одземени 108 шишиња масло од канабис и 6 најлонски ќеси со иглички од цветот од растението канабис.

Увид на местото извршиле увидни екипи од Надворешните канцеларии за криминалистички работи Крушево и Прилеп и се преземаат мерки за расчистување на случајот – информираат од МВР.

Претходно пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ Драган Ковачки информираше на својот Фејсбук профил дека од фабриката е украдено масло од канабис во вредност од 2 милиони евра.

Македонска православна заедница во Загреб доби прекрасен храм – Го носи името на Св. Злата Мегленска (Фото)

Македонската православна заедница во главниот град на Хрватска добива нов велелепен храм, посветен на македонската светителка и великомаченичка Св. Злата Мегленска.

Во храмот кој започна да се гради од 2014 година, пред Велигденските празници се финишира внатрешното уредување, се работи фрескоживописот, а беше поставен и централен кристален лустер од познатиот македонски бренд СДК Кристални лустери, украсен со икони на македонски светители.

„Македонците во Хрватска со распадот на Југославија, кога почнаа културно да се организираат, почуствуваа дека без духовно организирање и без црковна општина тоа не би било потполно“, изјави своевремено протојереј ставрофор Кирко Велински кој веќе 15 години е надлежен парохиски свештеник на 4-те црковни општини на МПЦ во Хрватска, додавајќи дека во декември 1993 година регистрирана е првата црковна општина Св. Злата Мегленска во Загреб, а подоцна се формирани и останатите три црковни општини во Пула, Сплит и во Ријека.

Како што ни рекоа од македонската заедница во Загреб, Македонската православна црква имаше голема поддршка од поранешниот градоначалник на Загреб, господинот Милан Бандиќ како и од безброј верници, пријатели и почитувачи на МПЦ кои несебично се вложија во изградбата на првата Македонска православна црква во хрватската метропола.
Храмот се простира на површина од 800м2 и се наоѓа во самиот центар на градот на раскрницата на Загребачка авенија и Савска улица.

Владините закани направија контраефект кај просветрите – Штрајкот продолжува

Штрајкот во училиштата и градинките ќе продолжи, одлучи Советот на Синдикатот на образование наука и култура (СОНК), откако ги разгледа и донесе свои ставови за заклучоците кои произлегоа од вчерашната владина седница.

„Штрајкот ќе продолжи се дотогаш додека не се договориме по спорните прашања и не потпишеме спогодба за нив“, рече претседателот на СОНК, Јаким Неделков.

Според СОНК, вчерашните владини заклучоци не водат кон решавање на несогласувањата со Владата. Од синдикатот велат дека се врши „огромен притисок“ врз наставниците и воспитниот кадар во градинките.

Наспроти заклучокот на Владата дека Министерството за образование и наука и Министерството за труд и социјална политика ќе им исплатат само придонеси на штрајкувачите, СОНК вели дека не е така и оти министерствата се должи да им исплатат и плати.

Во Битола не си играат општина, се работи турбо: Нов градски парк на површина од огромни 25.000м2 (Видео)

На површина од 25.000 метри квадратни, од денес започнаа работните активности со кои ќе биде уреден нов парк во Нова Битола.

Градоначалникот на општина Битола, Тони Коњановски и Претседателката на Советот, Габриела Илиевска, информираа за динамиката со која ќе се уредува паркот кој покрај хортикултурно и партерно уредување, ќе содржи и спортски и детски реквизити, урбана опрема и соодветно осветлување.

Општина Битола, проектот ќе го реализира во две фази, во соработка со јавните претпријатија од градот.

Со уредувањето на оваа површина, која во досегашниот период воопшто не беше уредена и одржувана, Битола ќе добие нова зелена површина, која е многу значајна за подобрување на квалитетот на животната средина, а граѓаните ќе добијат и ново место за одмор и рекреација, како и за игра и забава на најмладите.

Претседателот на бугарскиот клуб во Битола открива како станал Бугарин: Не спиел два-три месеци, а потоа се разбудил како Бугарин (Видео)

Погледнето го интервјуто за БТВ на претседателот на бугарското здружение во Битола „Иван Михајлов“, Љупчо Георгиевски, за тоа како станал Бугарин.

– Тешко е да си Бугарин во Македонија. Ние не сме се родиле како Бугари во Македонија. И така, така читаш, едно два-три месеци не спиеш и ќе се разбудиш како Бугарин – вели Георгиевски.

Апел за помош: 30-годишна самoxpaна мajка на две деца од Кавадарци моли за помош во бopбата со paкот

30 годишната Златка Маркушева самохрана мајка на 2 деца бори со рак. За нејзино лекување потребно е голема сума на парични средства.

„Здраво, Јас се викам Златка. Имам 30 години, самохрана мајка на две деца, 11 и 8 години. Досега животот беше навистина суров кон нас. За оние кои не ме познаваат, пред 5 години го загубив сопругот во сообраќајна несреќа, а моите деца го загубија својот татко.

После тоа за мене секој момент беше борба, емотивно и финансиски. Се трудев толку многу и се борев со се што имав. Згора на сè, неодамна ми беше дијагностициран метастатски карцином на јајчник стадиум III C (Carcinoma planocellulare cervicis uteri invasium стадиум III C) третманот ќе започне со хемотерапија, зрачење и хируршка интервенција.

Сите медицински процедури чинат многу пари, што не можам да си ги дозволам. Ве молам помогнете ми да соберам пари за моите третмани и помогнете ми да се борам со овој рак. Ќе ви бидам навистина благодарна ако размислите да донирате за моите медицински трошоци и да ми се придружите во мојата борба.

Ако можете да донирате, ве молиме донирајте! Секое малку помага. Секоја донација ќе ми помогне мене и моето семејство. Ако не сте во можност да помогнете, многу би ги заблагодарил вашите молитви во ова време. Ви благодарам!

Со почит,
Златка Маркушева“, се вели во апелот за помош.

https://www.gofundme.com/f/help-zlatka-beat-cancer?utm_source=widget&utm_medium=referral&utm_campaign=p_cp+share-sheet