дома блог страница 123

Наспроти Ѓурѓовден се обидел да ја ограби црквата Св. Георгиј – останал заглавен во оградата од храмот

Несекојдневен инцидент ја вознемири јавноста во Кочани, откако ноќеска крадец се обидел да ја ограби црквата „Свети Георгиј“, но при обидот останало заглавено на металната ограда од храмот.

За да го извадат морале да интервенираат и полициски службеници и екипа на противпожарната служба.

Настанот дополнително ги вознемири граѓаните, имајќи предвид дека се случува токму на денот кога се одбележува празникот Свети Георгиј – Ѓурѓовден, кој многумина го слават како семејна слава.

По извлекувањето, лицето ќе се соочи со одговорност согласно законските прописи.

Лишени од слобода четворица прилепчани – се испотепале меѓусебе

-На 05.05.2026 во 19:00 часот на ул.„Марко Деспотоски“ во Прилеп, полициски службеници од ОВР Прилеп ги лишија од слобода К.Ј.(65), Р.Ј.(64), А. Ј.(26) и Г.Д.(25), сите од Прилеп, затоa што го нарушиле јавниот ред и мир со меѓусебна физичка пресметка. По целосно документирање на случајот ќе следува соодветен поднесок, информираат од СВР Битола.

„Мачкина глава“ ќе го отвори, „Црно злато“ ќе го затвори јубилејниот 60. МТФ „Војдан Чернодрински“ – Прилеп

Десет претстави во официјална и четири во придружна програма ќе бидат на програмата на јубилејното 60. издание на Македонскиот театарски фестивал „Војдан Чернодрински“, што ќе се одржи во Прилеп од 5 до 12 јуни 2026 година. Под мотото „Храбриот нов театар“, и тематот „Кризата на човекот во општеството и кризата на општеството во човекот“, уметничката директорка на фестивалот и селектор на програмата, Ана Стојаноска денеска на прес-конференција во Центарот за култура „Марко Цепенков“ во Прилеп ја соопшти програмата.

Фестивалот ќе биде отворен со претставата „Мачкина глава“ на Драмскиот театар, која е селектирана во официјалната програма, а ќе биде затворен со гостување на Београдско народно позориште, кое ќе ја изведе последната праизведба на „Црно злато“ во режија на Оливер Фрлјиќ, по текст на Дејан Дуковски, Авторот во фокус на фестивалот годинава.

Поради јубилејната година, Собранието избра четворица добитници на наградите за животно дело. Тоа се: Атила Клинче, актер, Сашо Миленковски, режисер, Љубомир Чадиковски, основач на Театар за деца и младинци и сценограф и Веби Ќерими, актер.

По предлог на фамилијата на актерот Кирил Ристоски, Собранието на Фестивалот донесе одлука наградата за главна машка улога од годинава да го носи името на големиот актер, заради неговиот придонес кон македонскиот театар, воопшто.

Да се направи селекција за 60-годишниот јубилеј е еден од доминантните предизвици на подготовките на овогодишниот фестивал. Како театролог, писателка и, пред сè, како вљубеник во театарот, оваа сезона за мене беше една од најпредизвикувачките за селекцијата на претставите, вели Стојаноска во експликацијата на програмата.

-Од изгледаните 54 претстави во македонските институционални театри и независната продукција, како главна одлика се гледа дека доминираат мал број режисерски имиња, квазикомедии кои треба да ни покажат дека публиката доаѓа во театар од една причина, како и препрочити на одамна веќе излитени драми. Недостига поголем простор за македонската драма, независно дали е современа или не, а особено претстави кои сериозно би ја поставиле македонската драма во современ контекст. Иако на репертоарите на театрите имаше македонски драми, сепак, недостигаше современ ракопис кој треба да покаже како треба да изгледа денешната современа драма кај нас, а истовремено некои од претставите работени според македонските драми не беа на соодветно ниво во однос на актуелниот театарски контекст – вели Стојаноска и додава:

-За мене, современиот театар денес треба да има став и коментар на состојбата во која се наоѓаме, треба гласно и јасно да ги детектира аномалиите на општеството и да покажува сериозна професионалност. Од она што го видов на македонските театарски сцени, има одлични примери во независната продукција и ретки исклучоци во институционалната продукција. Затоа концептот за ова издание го подредив на тематот – „кризата на човекот во општеството и кризата на општеството во човекот“. Оваа селекција покажува дека има актери кои некако логично доаѓаат до своите претстави и доминираат во нив. Станува збор за неколку избрани актерски креации кои вреди да бидат презентирани.

Претстави во официјалната селекција се:

„Амадеус“ од Петер Шефер во режија на Андреј Цветановски, продукција на Турски театар – Скопје.
„Едмонд“ од Дејвид Мамет, во режија на Оливер Мицевски, продукција на Народен театар – Битола.
„Ивона принцезата на Бургунд“, од Витолд Гомбрович, во режија на Билјана Радиноска, продукција на Театар Комедија – Скопје.
„Калигула“ од Албер Ками, во режија на Ѓорѓи Ризески, продукција на Народен театар – Куманово.
„Мачкина глава“ од Венко Андоновски, во режија на Дејан Пројковски, продукција на Драмски театар – Скопје.
„Носорози“ од Ежен Јонеско, во режија на Васил Василев, продукција на Албански театар – Скопје.
„Случајната смрт на еден анархист“ од Дарио Фо, во режија на Ивана Ангеловска, продукција на НУЦК „Ацо Шопов“ – Театар – Штип.
„Страв и надеж“ по мотивите на Франц Ксавер Крец, во режија на Татјана Мандиќ Ригонат, продукција на Македонскиот народен театар – Скопје.
„Црнила“ од Коле Чашуле во режија на Дејан Пројковски, продукција на Народен театар „Војдан Чернодрински“ – Прилеп.
„Челинџ“, автор и режија Јане Спасиќ, Театар за деца и младинци – Скопје.

Во придружна програма се избрани претставите (подредени по азбучен ред на насловот на претставата):

„Вилицата на Ибен Бајерс“ од Филип Грујиќ во режија на Борис Василевски, продукција на „Штрих“ – Скопје.
„Драга Јелена Сергеевна“ од Људмила Разумовскаја, во режија на Шенај Мандак, копродукција на Факултетот за драмски уметности – Скопје и Македонскиот народен театар – Скопје.
„Невиност“ од Деа Лоер, дипломска претстава на класата по актерска игра, под менторство на проф. м-р Зоја Бузалковска и вонр. проф. м-р Александар Степанулески.
„Сина сенка“ од Брајан Рејнолдс, во режија на Тамара Стојаноска, театар „Златен елец“.

За наградите на фестивалот ќе одлучува жирито во состав: Снежана Конески-Руси, актерка, режисерка, Дарко Лукиќ, театролог, независен театарски научник и автор од Хрватска и Аида Буквиќ, наградувана театарска и филмска режисерка од Хрватска.

Во рамките на големиот јубилеј, ќе биде посветен ден на Авторот во фокус, Дејан Дуковски, ќе бидат организирани три изложби, од кои едната со фокус на 60 години фестивал ќе биде отворена за време на отворањето. И годинава ќе биде организиран Музеј во движење со фокус на творештвото на актерите Благој Ивчески, Лидија Иваноска и Трајче Иваноски.

И годинава фестивалот ќе ја организира Детската зона, студентите на ФДУ ќе учествуваат во улични театарски перформанси, ќе бидат организирани промоции.

Денеска е Ѓурѓовден – еден од најголемите празници во годината! Честит именден Ѓорѓи, Ѓурѓа, Ѓоре, Гоце, Ѓорѓина….

Именден празнуваат: Ѓорѓија, Гоце, Ѓуро, Ѓурѓа, Ѓоре, Ганка, Ганчо, Гинка, Ѓурѓица и др.

Големиот црковен и народен празник посветен на светиот великомаченик Георгиј Победоносец маѓу народот познат како Ѓурѓовден спаѓа меѓу неподвижните празници или меѓу празниците со постојан датум.

Секоја година се паѓа на 6 мај според новиот, или на 23 април според стариот календар. Ѓурѓовден е најголем пролетен празник што го празнува не само христијанското туку и другото население, што од друга страна зборува за фактот дека во неговата основа лежи некој голем претхрстијански празник во чест на пролетта, на разбудувањето на вегетацијата и на животот воопшто.

Како голем празник Ѓурѓовден се поврзува со Велигден, па и во народната песна се пее за нивната поврзаност, за раззеленувањето на вегетацијата и за враќањето на животот по пасивниот зимски период.

На Ѓурѓовден се изведуваат многу и најразлични обичаи. Ниту за еден друг празник ги нема толку со магиско апотропејска цел како што е случајот со Ѓурѓовден. А сето тоа има цел да осигура напредок и плодност на стоката и полињата, здравје, среќа и напредок на луѓето.

Овој празник има многу сличности со други празници кај разни народи во разни периоди од развојот на човештвото воопшто. Така на пр. има многу сличности со римскиот празник Палилија (21 април) кога Римјаните ги кителе стоката и шталите со зелени гранки, а овчарите на богот Палес му принесувале жртви за тој да ги заштити и луѓето и стоката од разни несреќи и да обезбеди напредок.

Празници, според обичаите, слични на Ѓурѓовден можат да се сретнат и кај некои други народи. Така на пр. Литванците во 16 век на 23 април му принесувале жртви на богот на пролетта, растенијата и зеленилото.

Кај нашиот народ со Ѓурѓовден започнува летната половина од годината што трае до Митровден. Затоа во една македонска народна пословица се вели: „Дојде ли Ѓурѓовден, чекај си Митровден“. На овој ден се избираат селски одборници, протуѓери, полјаци, потоа се главуваат момоци, овчари, козари, говедари итн.

Заедно со тоа луѓето се подготвуваат за периодот што следува и што е исполнет со многу, пред сè, полски работи. Човекот му се радува на оживувањето на природата, никнувањето на есенските посеви, на разлистувањето на овошките на раззеленувањето на гората и на обновувањето на вегетацијата воопшто, бидејќи тоа значи и негова егзистенција.

Меѓу повеќето обичаи и песни поврзани со овој ден посебно значајно место заземаат оние т.н. билјарски обичаи и песни што се изведуваат при берењето на билките, вечерта спроти празникот и на самиот ден рано наутро.

Берењето на штотуку изникнатите и разлистени растенија е поврзано со обичајот запотнување, како и со обичајот крмење на стоката, а тие пак со верувањето во магичната моќ на билките. На билје се оди во блиските шуми каде што можат да се најдат разлистани некои билки за кои се верува дека поседуваат магиска моќ, како што се кукурекот, здравецот, вратиката, среќата, но и некои други растенија како леската, дренот и сл.

Девојките си ги намачкуваат косите со јајце за да им бидат полни и густи како јајцето и гатаат за да го дознаат идниот брачен другар.

Се изведуваат и обичаи за заштита на стоката особено од преземање на млекото зашто се верува дека на овој ден со магии можело млекото од една млечна крава да се пренесе на помалку млечна или дури и на жена доилка.

Повеќе улици и населени места во Прилеп, утре и другиден неколку часа без ќе бидат без струја

EВН Македонија информира дека во текот на следните денови во Прилеп и прилепско ќе се изведуваат планирани технички зафати на електродистрибутивната мрежа, поради што ќе има временски прекини во снабдувањето со електрична енергија, и тоа:

– ПЛАНИРАНИ ПРЕКИНИ на ЕЛЕКТРИЧНА ЕНЕРГИЈА на 07.05.2026год. (Четврток) од 09.00 ч. до 11.00 часот во следните населени места во Општина Прилеп: с. Алинци, с. Мало Рувци и с. Шелеверци.

– ПЛАНИРАНИ ПРЕКИНИ на ЕЛЕКТРИЧНА ЕНЕРГИЈА на 08.05.2026год. (Петок) од 11.00 ч. до 13.00 часот во следните улици во Општина Прилеп: “Ножот”, “Славеј Планина”, “Октомвриска”, дел од “Александар Македонски” и “Јоска Јорданоски”.

Градоначалникот на општина Битола на средба со амбасадорот на Шведска

Градоначалникот на Општина Битола Тони Коњановски денеска го прими Ола Сулстром, Амбасадор на Шведска во Република Македонија, кој е во официјална посета на Општина Битола.

Разменија мислења за билатералните односи меѓу двете земји, а градоначалникот Коњановски го запозна со Битола градот со богата историја, култура, туристичката мапа и убавините на градот под Пелистер, како и економските потенцијали кои ги нуди Битола и кои се привлечни и за странски инвеститори.

Денеска и градоначалникот и амбасадорот ќе бидат говорници на Националниот настан за вмрежување на Локалните економско-социјални совети (ЛЕСС) со наслов „Праведна енергетска транзиција во Пелагонија – нови вештини, иновации и одржлив економски развој“.

Коњановски му подари пригоден подарок на високиот дипломат, а тој се заблагодари за гостопримството.

Ноќевање во хотел за 800 денари?! Во Прилеп има, и тоа модерно и удобно

Доколку барате пријатно, модерно и достапно сместување во Прилеп, Хотел Салида е вистинскиот избор. Лоциран на самиот влез во градот, кај паркот на „Могила на непобедените“, хотелот нуди совршена комбинација од убава атмосфера, лесна пристапност и врвен комфор.

Со промотивна цена од само 800 денари по лице за ноќ, Хотел Салида отвора врати за сите – за прилепчани кои бараат сместување за гости, до патници од цела Македонија и нашинци од странство кои сакаат сигурно, удобно и пријатно место за престој.

Хотелот располага со современо уредени и чисти соби, опремени со сè што е потребно за пријатен престој – удобни кревети, топла атмосфера и мир кој гарантира вистински одмор.

Посебен акцент се става и на одличната кујна, каде што гостите можат да уживаат во вкусна храна, подготвена со внимание и многу љубов.

Без разлика дали доаѓате деловно, туристички, семејно или само на кратко за одмор, Хотел Салида нуди услови кои одговараат на современиот начин на живеење, а при тоа остануваат достапни за секого.

Оваа промотивна понуда е идеална можност да се уверите зошто Хотел Салида станува сè попрепознатливо име во Прилеп и пошироко.

📍 Локација: Влез во Прилеп – кај „Могилата на непобедените“
💰 Цена: 800 денари по лице/ноќ
📞 Резервации: 070 390 456 | 048 400 333
🌐 www.hotelsalida.com.mk

Хотел Салида – место каде што секој престој станува убаво искуство!

Денот на македонската азбука и на македонскиот јазик oдбележан со работилница во прилепската библиотека (ФОТО)

Денот на македонската азбука и на македонскиот јазик – 5. Мај, во градската библиотека “Борка Талески” во Прилеп, беше одбележан со работилница на тема: “Македонското писмо-писмото на кое твориме”, на која учество зедоја учениците од 6 одделение при ООУ “Блаже Конески”- Прилеп.

Работилницата ја отвори директорката на библиотеката Андриана Ристеска, укажувајќи на важноста на Македонскиот јазик како чувар на идентитетот. На учениците им препорача да го чуваат и почитуваат македонскиот литературен јазик, зашто така ја почитуваат и чуваат својата татковина!

-Благодарност до професорката Виолета Христоска, библиотекарот Верче Искова, до педагогот и директорката на училиштето што ја прифатија поканата од библиотеката за реализација на овој настан на кој се славеше македонската азбука и македонскиот литературен јазик – стои во соопштението од библиотеката “Борка Талески”.

Одлични резултати за прилепските шахисти на Државните првенства во Скопје

Изминатиот викенд во Скопје се одржаа државните шаховски првенства во повеќе возрасни категории, на кои настапија и млади шахисти од Прилеп, остварувајќи солидни резултати.

Во конкуренција на девојки до 18 години, Теодора Ѓорѓиеска од ШК Прилеп го освои второто место и сребрениот медал, со освоени 1,5 поен од вкупно четири партии.

Во категоријата до 16 години настапи Симона Ѓорѓиеска (ШК Прилеп), која го освои четвртото место меѓу пет учеснички, со еден освоен поен.

Најбројна беше категоријата до 10 години, каде настапија 41 млад шахист. Меѓу нив беа и прилепчаните Андреј Печијарески и Дамјан Блажески. Печијарески, член на Пелагон Прилеп, освои 5,5 поени од седум партии и се пласираше високо на табелата, со само еден пораз и едно реми. Блажески (ШК Прилеп) го заврши натпреварувањето на 12. место со освоени четири поени.

Крушево ќе ги награди највредните читатели и млади креативци

Во организација на Домот на култура „Наум Наумовски-Борче“ и Градската библиотека, во Крушево ќе се одржи настан посветен на наградување на највредните читатели и млади креативци од градот.

Како што информира градоначалникот Нико Чонески, на настанот ќе бидат доделени признанија за најмладиот, најстариот и најредовниот читател за 2025 година. Воедно, ќе се врачат благодарници во рамки на иницијативата „Млади библиотекари 2026“, како и дипломи за учесниците на литературниот конкурс по повод Светскиот ден на книгата и авторското право.

Благодарници ќе добијат и учесниците во драмската изведба „Сваќи“, како дел од поддршката за младите и нивната креативност.

Настанот ќе се одржи на 7 мај (четврток) со почеток во 14:00 часот, во Спомен собата на Васил Иљоски, во старото училиште во Крушево.

Од локалната самоуправа упатуваат покана до граѓаните да присуствуваат и да им дадат поддршка на младите, истакнувајќи дека токму тие се иднината и гордоста на градот.