дома блог страница 124

Овој викенд “Генералка Викенд” во општина Битола

Пред нас е уште една акција на „Генералка Викенд“ која годинава ќе се одржи од 8 до 10 мај и во Општина Битола.

Акцијата под официјалното име „Генералка Викенд“ започна во 2021 година и со годините прерасна во најголемата еколошка иницијатива во Македонија која истовремено се одвива во голем број општини.
Главна цел е отстранување на отпадот од јавните површини, парковите и дивите депонии во градот и околината.

Но, целта на „Генералка викенд“ не е само собирање на отпадот, туку нешто многу подолготрајно како што е и поддршка на процесот на селекција и рециклирање, поврзувајќи ги граѓаните со локалните комунални претпријатија и приватните собирачи на отпад.

Подигнување на јавната свест преку масовноста (учество на училишта, администрација и волонтери), целта е да се промени менталитетот и да се поттикне грижата за животната средина како секојдневна навика, а не само како викенд настан.

Од Општина Битола годинава вклучени се 15 училишта, основни, средни, градинки, здруженија, културно уметничко друштво, средношколски дом, а определени се 12 локации, односно диви депонии.

„Добра игра. Фер плеј“ – „Лидл“ започнува кампања за вработување

Лидл Македонија ја започнува кампањата за вработување за работни позиции во логистичкиот центар во Куманово, како и во маркетите ширум земјата. Со слоганот: „Добра игра. Фер плеј“, оваа кампања има за цел да ги доближи можностите што ги нуди Lidl како работодавач и да охрабри што поголем број заинтересирани лица да станат дел од тим кој функционира врз принципи на фер однос, транспарентност и почит.

Лидл Македонија нуди јасен и структуриран процес на вработување, како и сеопфатна обука за сите нови вработени. Обуките траат од 6 до 8 недели и се дизајнирани да им овозможат на кандидатите да се стекнат со практични знаења и вештини потребни за успешно извршување на работните задачи. Работењето во Lidl се темели на вредности како што се почит, доверба, високи перформанси, приземност и заедништво. Во таква средина, секој вработен е важен, ценет и поддржан, а тимската работа е клучен фактор за успех.

„Со кампањата ,Добра игра. Фер плеј’ сакаме да испратиме јасна порака дека во Lidl секој има шанса да биде дел од тим кој функционира по јасни правила, со фер однос и со почит кон секој поединец. Нашата цел е да изградиме силен, професионален и посветен тим кој ќе расте заедно со компанијата. Веруваме дека вложувањето во луѓето е клучот за долгорочен успех и токму затоа создаваме средина во која развојот и напредокот се реални и достижни“, изјави Теодора Хаџи-Димова Танаскоска, директорка за човечки ресурси во Лидл Македонија.

Како дел од голем меѓународен малопродажен синџир, компанијата работи според воспоставени системи и процеси кои се развивани со децении и сега се применуваат и на македонскиот пазар. Ова овозможува сигурна и стабилна работна средина, како и јасни можности за учење, професионален развој и напредување.

Компанијата работи транспарентно и во согласност со сите законски норми, обезбедувајќи им на вработените сигурност и стабилност, но и дополнителни придобивки што придонесуваат за подобар квалитет на живот, вклучувајќи приватно здравствено осигурување и проширени здравствени прегледи.

Со своето децениско меѓународно искуство, покрај отворањето нови работни места, Lidl поставува и нови стандарди во однос на работните услови, организацијата и грижата за вработените, активно придонесувајќи кон унапредување на пазарот на труд. Повеќе информации за процесот на аплицирање се достапни на: https://jobs.lidl.mk/mk/karavan

Мај е месец на прослави и убави моменти во Прилеп: Матури, крштевки, родендени, приватни забави…за да се паметат, резервирајте ТУКА

Во Прилеп во месец мај се знае, започнува периодот исполнет со радост, гордост и незаборавни моменти. Ова е месец на матурски и полуматурски прослави, семејни веселби и свечености, животни настани што заслужуваат посебно внимание и совршена организација.

Токму затоа, вистинскиот избор за ваквите пригоди е Ресторан Порта, место каде секоја прослава добива стил, топлина и уникатна атмосфера.

Сместен во срцето на Старата чаршија во Прилеп, Порта веќе повеќе од две децении гради препознатлива приказна за квалитет, доверба и врвна услуга. Овој реномиран ресторан е идеална локација за организирање матурски и полуматурски вечери, но и за сите видови приватни забави и свечености.

Што ве очекува во ПОРТА?

– Простор со капацитет до 100 гости – совршен за организирани и интимни прослави
– Модерен и пријатен ентериер, со комплетно климатизиран амбиент
– Професионален тим кој се грижи за секој детал од вашата прослава
– Флексибилно мени, креирано според вашите желби и вкус
– Врвна услуга и гастрономско искуство што остава впечаток

Особено во периодот кога учениците ги заокружуваат своите важни животни поглавја, Порта нуди идеални услови за прослави кои ќе се паметат – со одлична атмосфера, вкусна храна и беспрекорна организација.

Без разлика дали станува збор за матура, полуматура, роденден или приватна забава, тука секој момент добива посебна вредност.

📞 Резервирајте навреме: 078 368 111

Создадете спомени што ќе траат! Изберете традиција, квалитет и сигурност! Изберете ја ПОРТА.

Перканоска: “Успехот не зависи од пол, туку од визија и истрајност, жената е лидер и во животот и во бизнисот” (ВИДЕО)

Агенцијата „Марили“ годинава, јубилејно, по 30-ти пат ги награди најуспешните жени менаџери од земјава. Манифестација се одржа на 23 април 2026 година, во Хотелот DoubleTree by Hilton во Скопје, како вечерна свеченост, а помеѓу наградените одново се најде и Даниела Перканоска – менаџер на компанијата “Авто Контрол” од Прилеп.

„Авто Контрол“ е препознатлив бренд во областа на безбедноста во сообраќајот, нудејќи комплетни услуги – од технички преглед, хомологација и атест, до современ сервис за возила, со што клиентите добиваат целосна и сигурна услуга на едно место.

По манифестацијата, како дел од промотивно видео за „Авто Контрол“, реализирано од Агенцијата „Марили“, Перканоска ја сподели својата лична и професионална приказна, осврнувајќи се на предизвиците и вредностите што стојат зад успехот.

„11 години ја водам станицата за технички преглед, која денес е препознатлива по сигурност, квалитет и европски лик. Последните две години морав да ја преземам целосната одговорност за авто сервисот, сегмент што ретко го води жена. Тоа беше мојот најтежок предизвик и мојата најголема сила – да ја одржам компанијата во целост и да продолжам да ја развивам.

Денес нашата компанија има европски лик, но со македонско срце, со љубов кон работата, со чесност кон клиентите и со постојана посветеност кон подобрување. Технологијата не движи напред, но вработените се мојата најголема сила – тие се срцето на „Авто Контрол“.

Мојата порака до помладите девојки и жени е: верувајте во лидерство што инспирира, во храброст што создава промени и во истрајност што гради успех. Кога работиш со љубов и визија, успехот е само прашање на време, не на пол.

Сакам нашите ќерки да знаат дека жената може да биде и нежна, и силна, и лидер и мајка, и поддршка и двигател – затоа што жената не е само лидер во бизнисот, таа е лидер и во животот.“

Со ова признание и пораките што ги сподели, Перканоска уште еднаш го потврдува своето место меѓу успешните жени лидери во земјава, како пример за посветеност, храброст и визија во бизнисот.

По апелите на граѓани преку Маркукуле, општината конечно се разбуди – “Отстранете ги за 15 дена, или ние ќе ги отстраниме”

Во голем број улици низ Прилеп можат да се забележат напуштени, хаварисани и неупотребливи возила кои со месеци, па дури и со години, стојат паркирани на тротоарите и јавните површини.

Овие автомобили не само што го нарушуваат изгледот на градот, туку претставуваат и сериозен безбедносен проблем, бидејќи пешаците – меѓу кои има деца, постари лица и родители со колички – често се принудени да се движат по коловозот.

Дополнително, велосипедистите и лицата со инвалидитет се соочуваат со уште поголеми потешкотии, бидејќи тротоарите кои треба да бидат безбедна пешачка зона се блокирани со нефункционални возила.

По голем број од граѓаните кои беа објавени на Маркукуле, општина Прилеп се разбуди и објави известување, “Или тргнете ги сами во рок од 15 дена, или ние ќе ги отстраниме”.

Известувањето од општината го пренесуваме во целост во продолжение:

“Се известуваат сите жители на Општина Прилеп дека согласно Законот за управување со дополнителни текови на отпад и Упатството за постапување на општините, општините во градот Скопје и градот Скопје со напуштени или отпадни возила во чекори (во понатамошниот текст: Упатството), сопствениците, односно носителите на правото на користење на напуштени или отпадни возила во чекори (хаварисани, оштетени и неисправни возила) се должни да ги отстранат истите од природа и јавни површини.

Се повикуваат сите сопственици и корисници на вакви возила, во рок од 15 (петнаесет) дена од денот на објавувањето на ова известување, доброволно да ги отстранат своите напуштени или отпадни возила во чекори (хаварисани, оштетени и неисправни возила) од наведените површини.

Доколку во наведениот рок возилата не бидат отстранети, Општина Прилеп ќе постапи согласно Законот за управување со дополнителни текови на отпад и Упатството за постапување на општините, општините во градот Скопје и градот Скопје со напуштени или отпадни возила во чекори.

Општина Прилеп апелира до жителите да постапат согласно ова известување, со цел обезбедување на безбедност во сообраќајот, заштита на животната средина и зачувување на јавниот ред и уреденоста на јавните површини”.

24 медали од Меѓународниот турнир “Охрид Опен 2026” за прилепските каратисти од “Бонсаи”

На меѓународниот карате турнир Охрид Опен 2026 кој се одржа викендов, натпреварувачите на КК Бонсаи – Прилеп постигнаа извонреден успех, освојувајќи вкупно 24 медали.

-Со одлични настапи, високо ниво на дисциплина и изразен борбен дух, тимот се претстави во најдобро светло, освојувајќи признанија во повеќе категории. Овој резултат претставува јасен показател за напорната работа, посветеноста и континуираниот напредок на каратистите, велат од клубот.

Турнирот уште еднаш се потврди како значаен спортски настан, а освоените 24 медали се силна мотивација за идни успеси и нови предизвици.

Пелистер ќе стане туристички центар за сите четири сезони

Денеска се одржа 3-та работилница за изработка на физибилити студијата за изградба на гондола на „Пелистер“.

На работилницата беше презентирана нацрт верзијата на деталната анализа од подготовката на физибилити студијата од страна на домашни и странски експерти кои доаѓаат од Франција, Андора и Словенија.

„Пелистер да биде четирисезонски туристички центар, не само од регионално, туку од национално значење. Условите се одлични, треба да се направи туристичка инфраструктура која ќе им овозможува на сите луѓе да имаат пристап на Пелистер“, рече Франц Фурлани, експерт од Словенија.

Анализите покажале дека средствата кои би се вложиле брзо може да се вратат. Вредноста на изградбата на гондолата би чинела околу 58 милиони евра. Почетната точка е некаде кај Цапари до Ловечка куќа, а другата траса од Ловечка куќа до Антена.

Едната гондола би била за 10 луѓе до Лочевчка куќа, а поголемата за 80 луѓе до врвот на Пелистер.
Градоначалникот на Битола Тони Коњановски кажа дека изградбата на гондолата би била само еден дел во системот на четисезонскиот туризам на Пелистер како национален парк.

„И овој проект како што слушнавте и самите, не е само локален, општински, ниту регионален, туку можеби треба да биде национален, што ќе значи многу за развојот на овој прв национален парк во Македонија, што ќе го заживее регионот и државата во секој случај, станува збор за голем проект“, рече градоначалникот Коњановски.

Тој кажа дека основно е да се зачува животната средина, да се зачува биодиверзитетот, но секако да се даде нова содржина во делот на развојот на туризмот, што овој регион го нуди.

Директорот на националниот парк „Пелистер“ Иванчо Тошевски кажа дека експерската група составен од домашни и странски стручњаци цело време беше во соработка со националниот парк „Пелистер“.

„Ова што денеска го гледаме како финален документ, како финална верзија е во рамки со светските трендови, значи она што е во делот на развојот на еко активниот туризам, а од друга страна во содејство со она што беше кажано дека туристичките економски зони ќе се развиваат надвор од националниот парк, додека ќе се планираат само активностите кои што ќе бидат сериозна туристичка понуда би се реализирале внатре во националниот парк“, рече Тошевски.

Експерите кажаа дека подготовката на планската документација бара неколку години, а реализацијата на терен покусо време.

Тешка сообраќајка во крушевско – Три лица со повреди донесени во прилепската болница

На 03.05.2026 во 13:09 часот во СВР Битола е пријавено дека на крстосница с.Врбоец-с.Свето Митрани се случила сообраќајна несреќа помеѓу патничко возило „фиат пунто“ со крушевски регистарски ознаки, управувано од Д.М.(52) од с.Врбоец и патничко возило „фолксваген голф“ со крушевски регистарски ознаки, управувано од Е.А.(46) од с.Норово. Во несреќата со тешки телесни повреди се здобила сопатничката од патничкото возило „фиат пунто“, Ц.М.(26), додека со телесни повреди се здобиле возачот и другата сопатничка К.М.(19), двете од с.Врбоец, како и возачот на патничкото возило „фолксваген голф“, констатирани во Градска болница Прилеп. По наредба на јавен обвинител, извршен е увид од увидна екипа на ОВР Крушево.

Утре е голем празник: Ѓурѓовден е празник врзан со најголем број обичаи – Еве што треба да знаете

Православните верници утре (среда) 6 мај, го прославаат Ѓурѓовден- празникот врзан со најголем број обичаи што постојат во народното верување.

Големиот црковен и народен празник посветен на светиот великомаченик Георгиј Победоносец маѓу народот познат како Ѓурѓовден спаѓа меѓу неподвижните празници или меѓу празниците со постојан датум.

Секоја година се паѓа на 6 мај според новиот, или на 23 април според стариот календар. Ѓурѓовден е најголем пролетен празник што го празнува не само христијанското туку и другото население, што од друга страна зборува за фактот дека во неговата основа лежи некој голем претхрстијански празник во чест на пролетта, на разбудувањето на вегетацијата и на животот воопшто.

Како голем празник Ѓурѓовден се поврзува со Велигден, па и во народната песна се пее за нивната поврзаност, за раззеленувањето на вегетацијата и за враќањето на животот по пасивниот зимски период.

На Ѓурѓовден се изведуваат многу и најразлични обичаи. Ниту за еден друг празник ги нема толку со магиско апотропејска цел како што е случајот со Ѓурѓовден. А сето тоа има цел да осигура напредок и плодност на стоката и полињата, здравје, среќа и напредок на луѓето.

Овој празник има многу сличности со други празници кај разни народи во разни периоди од развојот на човештвото воопшто. Така на пр. има многу сличности со римскиот празник Палилија (21 април) кога Римјаните ги кителе стоката и шталите со зелени гранки, а овчарите на богот Палес му принесувале жртви за тој да ги заштити и луѓето и стоката од разни несреќи и да обезбеди напредок.

Празници, според обичаите, слични на Ѓурѓовден можат да се сретнат и кај некои други народи. Така на пр. Литванците во 16 век на 23 април му принесувале жртви на богот на пролетта, растенијата и зеленилото.

Кај нашиот народ со Ѓурѓовден започнува летната половина од годината што трае до Митровден. Затоа во една македонска народна пословица се вели: „Дојде ли Ѓурѓовден, чекај си Митровден“. На овој ден се избираат селски одборници, протуѓери, полјаци, потоа се главуваат момоци, овчари, козари, говедари итн.

Заедно со тоа луѓето се подготвуваат за периодот што следува и што е исполнет со многу, пред сè, полски работи. Човекот му се радува на оживувањето на природата, никнувањето на есенските посеви, на разлистувањето на овошките на раззеленувањето на гората и на обновувањето на вегетацијата воопшто, бидејќи тоа значи и негова егзистенција.

Меѓу повеќето обичаи и песни поврзани со овој ден посебно значајно место заземаат оние т.н. билјарски обичаи и песни што се изведуваат при берењето на билките, вечерта спроти празникот и на самиот ден рано наутро.

Берењето на штотуку изникнатите и разлистени растенија е поврзано со обичајот запотнување, како и со обичајот крмење на стоката, а тие пак со верувањето во магичната моќ на билките. На билје се оди во блиските шуми каде што можат да се најдат разлистани некои билки за кои се верува дека поседуваат магиска моќ, како што се кукурекот, здравецот, вратиката, среќата, но и некои други растенија како леската, дренот и сл.

Девојките си ги намачкуваат косите со јајце за да им бидат полни и густи како јајцето и гатаат за да го дознаат идниот брачен другар.

Се изведуваат и обичаи за заштита на стоката особено од преземање на млекото зашто се верува дека на овој ден со магии можело млекото од една млечна крава да се пренесе на помалку млечна или дури и на жена доилка.

Се подготвува стазата – Прилеп викендов ќе биде домаќин на адреналински спектакл (ВИДЕО)

Прилеп повторно ќе биде центар на адреналинските спортови со одржувањето на мото настанот „Топташ Родео“, единствен од ваков вид во Македонија, кој годинава ќе се одржи на 9 и 10 мај.

Станува збор за трка во дисциплината хард ендуро – спорт кој во последните години бележи сè поголема популарност низ Европа и Балканот. Организатор на настанот е мото клубот „Хард Ендуро Прилеп“, кој со оваа иницијатива има за цел да придонесе кон развој и промоција на овој екстремен спорт во земјава.

Името „Топташ Родео“ потекнува од локацијата каде што се одржува трката – месноста Топташ во Прилеп, која нуди идеални услови за ваков тип натпреварување.

По успешното деби минатата година, кога на еднодневниот настан учествуваа 32 натпреварувачи и беше забележан голем интерес од публиката, годинава организаторите го подигнуваат нивото. Настанот ќе трае два дена, а пријавени се вкупно 67 натпреварувачи од Македонија и Косово.

Програмата започнува на 9 мај со пролог – специјално подготвен полигон на Топташ, изграден со дозвола од Општина Прилеп. Полигонот содржи 20 хард ендуро препреки поставени на површина од 1.500 метри квадратни, каде натпреварувачите ќе се борат за што подобри времиња и позиционирање.

Главната трка ќе се одржи на 10 мај (недела), кога натпреварувачите, поделени во групи според резултатите од прологот, ќе се соочат со исклучително тешка планинска кружна патека во должина од 3,4 километри. Трката се вози во два круга, а шесте најдобри возачи ќе обезбедат пласман во супер финалето, каде ќе се возат дополнителни два круга за конечен победник.

Организаторите ги покануваат сите љубители на мотоспортот и адреналинските доживувања да присуствуваат на настанот. Влезот е бесплатен, а покрај возбудливата трка, посетителите ќе можат да уживаат во добра храна и музика.

Настанот е поддржан од Општина Прилеп, како и од повеќе локални компании и поединци, меѓу кои Крин КГ, Донти Мото, Кабелнет, Греен Мобиле, Витаминка, Прилепска пивара, ЕМБ масониер, како и Влатко Андреески, кој стои зад промотивните видеа и постери.

„Топташ Родео“ претставува уште еден чекор кон позиционирање на Прилеп како дестинација за спортски и адреналински настани, со надеж дека ваквите иницијативи ќе поттикнат и други клубови низ Македонија да го следат примерот.