Во Битола започна со работа фабриката „Брејнчајлд“, инвестиција вредна околу 11 милиони евра, во која веќе се вработени околу 230 лица. Фабриката ќе произведува опрема за спортови на вода и ветер, производи кои, како што истакна премиерот Христијан Мицкоски, не се користат многу често кај нас, но имаат широка примена на светските пазари.
Мицкоски, кој присуствуваше на отворањето на фабриката, порача дека секогаш кога се гради нешто ново, тоа треба да биде во функција на подобрување на квалитетот на животот на граѓаните, како во Битола, така и во целата држава.
„Денеска имаме приватна иницијатива која на почетокот на оваа влада започна со процесот на реализирање на оваа инвестиција. Станува збор за една ретка инвестиција, за производи коишто кај нас не така често се користат, но во светот и тоа како се користат во делот на спортовите на вода“, изјави Мицкоски.
Премиерот нагласи дека Владата имала чест и задоволство да ја поддржи оваа инвестиција, која, според него, претставува додадена вредност за македонската економија.
„Нас како Влада ни претставуваше особена чест и задоволство да можеме да поддржиме една ваква инвестиција, каде што веќе околу 230 луѓе се вработени, инвестиција во вкупна вредност од околу 11 милиони евра, и на тој начин да продолжиме да поддржуваме инвестиции коишто ќе бидат додадена вредност во македонската економија“, рече Мицкоски.
Тој му честиташе на сопственикот на фабриката за одлуката да инвестира во Битола, посочувајќи дека градот и државата покажале дека се добри домаќини.
„Битолчани се познати како добри домаќини, така се надевам и во периодот кој што следи ќе продолжиме и со реализирање и на други инвестиции“, истакна премиерот.
Мицкоски упати благодарност и до градоначалникот, општинската администрација, пратениците и сите кои помогнале инвестицијата да се реализира побрзо.
Тој најави дека Владата работи на уште најмалку две заинтересирани инвестиции кои би се реализирале во Битола во наредниот период.
„Можам да кажам дека работиме уште на најмалку две заинтересирани инвестиции коишто би се изградиле во периодот којшто следи овде во Битола, но ајде да ги завршиме прво и тие да ги објавиме кога ќе се потпишуваат договорите за поддршка во рамките на Владата“, додаде Мицкоски.
Премиерот посака уште многу вакви инвестиции и моменти да се случуваат во државата, оценувајќи дека отворањето на „Брејнчајлд“ е позитивен пример за соработка меѓу приватниот сектор, локалната самоуправа и Владата.

























