Градоначалникот на Битола, Тони Коњановски, на денешната 17-та седница на Советот на Општина Битола направи отчет за сработеното во првата година од новиот мандат, презентирајќи ги реализираните активности, тековните инвестиции и проектите што се во фаза на подготовка.
Како што информираше преку своето обраќање, изминатата година била одбележана со вкупно 180 проекти, од кои 34 проценти се целосно завршени, 27 проценти се во фаза на реализација, за 17 проценти се потпишани договори, додека за преостанатите 22 проценти се подготвува документацијата и се спроведуваат подготвителните постапки.
Коњановски нагласи дека Општина Битола има најголем број аплицирани и добиени проекти во државата од двата владини повици, оценувајќи дека тоа е резултат на административната подготвеност, планскиот пристап и соработката со Советот на Општината.
Меѓу позначајните реализирани и започнати инвестиции се издвојуваат над 10 километри обновена и новоизградена патна инфраструктура, како и повеќе од 3 километри инвестиции во водоводна и канализациона мрежа.
Во делот на спортската инфраструктура, градоначалникот ги посочи реконструкцијата и изградбата на 24 училишни спортски терени и четири типски спортски сали, изградбата на боксерската сала, како и спортската сала во Бистрица. Посебно се осврна и на инвестициите во стадионот „Петар Милошевски“, кој, како што рече, според оценка на босански портал е меѓу најубавите на Балканот.
Значајни активности се реализирани и во образованието, преку подобрување на условите во основните и средните училишта, инвестиции во енергетска ефикасност, реконструкции, нова опрема и современи наставни простори.
Посебен акцент беше ставен и на проширувањето на капацитетите за згрижување деца. Според Коњановски, обезбедени се над 470 нови места во детските градинки, меѓу кои објектот „Пчеличка“, новата градинка кај ОУ „Климент Охридски“, како и градинката во населбата АРМ, каде се очекува да се обезбедат дополнителни 246 места.
Во инфраструктурниот дел беа посочени новиот булеварски влез во Битола од страната на Прилеп, улицата „СТУ 3“ со 100 паркинг места, новите паркинг-простори на „Браќа Џаферови“ и „СТУ 9“, реконструкцијата и асфалтирањето на повеќе улици во градот, но и инвестициите во населените места.
Во однос на економскиот развој, Коњановски ги издвои поставувањето на камен-темелникот на вториот маркет на „Лидл“ во Битола и отворањето на новата фабрика „Брејнчајлд производство“, како чекори кон создавање нови работни места и подобрување на инвестициската привлечност на градот.
Меѓу останатите позначајни проекти и активности беа споменати изградбата на новата противпожарна зграда, за која Општината досега инвестирала над 52 милиони денари, со дополнителен грант од еден милион долари од Министерството за одбрана на САД за нејзино внатрешно опремување, обновата на механизацијата на јавните претпријатија, проектот „Watervill“ за подобрување на водоснабдувањето, како и физибилити студијата за изградба на гондола на Пелистер, со цел планината да се развива како четирисезонски туристички центар.
Градоначалникот се осврна и на културниот живот во Битола, посочувајќи дека во изминатите 10 месеци културните настани ги посетиле над 100.000 лица, а Општината преку Програмата за култура обезбедува околу 45 милиони денари.
Во завршницата од обраќањето, Коњановски ја нагласи важноста од соработката со Советот, граѓаните и стручната јавност, посочувајќи дека развојот на Битола бара континуирана работа, јасна визија и реализација на проекти што ќе донесат подобри услови за живот.
„Предизвици има уште многу, а нивното решавање е можно само со посветена работа, конструктивна соработка и љубов кон градот кој мора да напредува во секоја област“, порача Коњановски.
Обраќањето е објавено на официјалната Фејсбук-страница на Општина Битола, во пресрет на одбележувањето на 4 Ноември – Денот на ослободувањето на Битола.































