дома блог страница 1067

Битолчанка и нејзиниот син нападнати во Прилеп, додека пак тројца битолчани сте тепале во Градскиот пазар во Битола

Извадоци од полицискиот билтен на МВР

-На 26.07.2023 во ОВР Прилеп, С.Е. (68) од Битола пријавила дека на ул. „Републиканска“ таа и нејзиниот син биле физички нападнати.

-На 25.07.2023 во СВР Битола било пријавено дека во Градскиот пазар во Битола бил нарушен јавниот ред и мир со физичка пресметка помеѓу две лица на возраст од 53 и 57 години страна и 56 годишно лице од друга страна, сите од Битола.

Се преземаат мерки за расчистување на двата случаи, информираат од СВР Битола.

Се прави репроценка на имотот на прилепчани: Општината планира да собере дополнителни 35 милиони денари од данок на имот

Општина Прилеп започна со репроценка на недвижниот имот на граѓаните и правните лица, со што се утврдува пазарната вредност на недвижниот имот на секој граѓанин.

Ова претставува законска обврска на општините, според Законот за данок на имот донесен во 2021 година, каде секоја општина мора да направи репроценка на имотот на граѓаните, на секои четири години. Во Прилеп, репроценка на имотот не е направена од 2009 година и даночните обврзници се во нерамноправна состојба при плаќањето данок на имот, бидејќи во една иста зграда, со стан од иста квадратура, граѓаните досега плаќаа различен данок на имот поради ниската проценка на вредноста на имотот на дел од становите,- објаснуваат од даночното одделение при Општина Прилеп.

„Со репроценката на имотот, во зависност во која зона припаѓа имотот, Општината ја поделивме на шест зони, вклучително и населените места, граѓаните, даночните обврзници, ќе плаќаат рамноправно, а таа е 0,10 % од проценетата вредност на нивниот имотот, што би значело дека оние граѓани чиј имот им е проценет на пониска вредност, сега имотот ќе им биде проценет според денешната, пазарна вредност и со тоа би се утврдила и висината на данокот на имот. Моментално се случува во иста колективна зграда, со иста квадратна површина на стан, еден станар да плаќа 200/300 денари данок на имот, а друг, кој го стекнал имотот (станот) по 2010 година, поради пазарната проценка на неговиот стан во ова време, да плаќа 700/800 денари данок на имот. И со ова доаѓа до нерамноправна положба на даочните обврзници при плаќањето на оваа даночна обврска. Од оваа година од 1 Јануари 2023 година сите граѓани ќе плаќаат данок на имот според пазарната вредност на имотот со кој што располагаат“ истакна Горан Стојаноски, од даночното одделение при Општина Прилеп.

Со репроценката на имотот на граѓаните и правните лица се воведува воедначување, секој имот кој што се наоѓа во одредена зона да има иста ставка на оданочување, односно вредноста на објектот да биде на исто ниво во зависност од квадратурата. Со репроценка на недвижниот имот на граѓаните, општината ќе го зголеми данокот на облог на имот за околу 35 милиони денари, а тоа во иднина би било основа за креирање на основниот Буџет на Општина Прилеп.

Постапката за репроценка на имот, во која е вклучена и проценителна куќа, Општина Прилеп планира да ја завршена до крјот на оваа година.

Најискусниот и бедемот во одбраната е новиот капитен на РК ПРИЛЕП

Амбициозната екипа на Прилеп во новата сезона ќе има подновен состав, со кој ќе атакува на добар пласман во суперлигашката конкуренција.

Покрај потпис со новајлиите: Владан Кастратовиќ, Драган Јелушиќ, Пеце Рајатовски, Давид Ацевски, Томче Трајчевски и Никола Цветаноски, прилепчани ја продолжија соработката со искусниот дефанзивец Филип Велески и еден од најдобрите поединци, Христи Бикоски.

Од клубот денеска соопштија дека токму Велески и Бикоски ќе бидат капитен и заменик капитен на екипата следната сезона.

Под водство на новиот тренер Боби Мојсов, Велески и Бикоски ќе треба да ја мотивираат екипата од која се очекуваат подобри резултати оваа сезона.

Министерката за култура тврди дека СДСМ е патриотска партија што не работи криминално

Министерката за култура Бисера Костадиновска Стојчевска го обвинува ВМРО-ДПМНЕ за погрешен вид на патриотизам кој не е добар како патриотизмот на СДСМ.

Додека владата е дел од стотици афери во кои се зборува за огромна корупција според неа една од карактеристиките на патриотизмот на СДСМ е некриминално работење.

,,Вториот вид на патриотизам го живееме веќе 7ма година. Зголемени плати, зголемени пензии, рамноправни договори со сите социјални партнери, враќање пари кај граѓаните, стабилен пензиски фонд. Обезбедување европска иднина. Подобрување на животниот стандард. Помош на граѓаните. Економска поддршка. Зголемени субвенции. Некриминално работење. Каде е полначот за овој вид на патриотизам? Во секој еден од нас. Во секој кој сака напредок за државата и иднина за своите деца, внуци, пријатели. Овој патриотизам не ја преслекува историјата и не краде во име на културата. Ги остава да постојат и да се развиваат. Ги остава да биднуваат. Не предизвикува масовна хистерија. Не прави паника. Овој вид на патриотизам само бара храброст, верба и волја. Толку едноставно”, пишува министерката за култура во чие време нејзиниот ресор не го поддржа традиционалниот Илинденски марш а во другите ресори се случуваат десетици корупциски скандали за кои истрага води и европската агенција за борба против корупција ОЛАФ.

Целата колумна на министерката за култура објавена на сајтот на СДСМ.

Колумна на Бисера Стојчевска Костадиновска: Феникс патриотизам!

Путин му подари хеликоптер на претседателот на Зимбабве

Рускиот претседател Владимир Путин му подари хеликоптер на претседателот на Зимбабве, соопшти денеска владата на земјата.

Претседателот на Зимбабве Емерсон Мнангагва е меѓу африканските претставници кои учествуваат на дводневниот самит Русија-Африка, кој, според Франс прес, се смета за тест за поддршка на Путин по руската инвазија на Украина.

„Претседателот Путин му подари претседателски хеликоптер на неговата екселенција, претседателот Емерсон Дамбуџо Мнангагва“, напиша Министерството за информации на Зимбабве на социјалните мрежи.

„Таа птица наскоро ќе биде на нашето небо“, додаде владиниот портпарол преку Твитер

Лидерите на Зимбабве се под американски и европски санкции поради корупција и кршење на човековите права.

По една година ја вратија шампионската титула во Прилеп: Боречкиот клуб “7-ми Мај” шампиони на Македонија со двојно повеќе поени од второпласираните

После завршувањето на натпреварувачката сезона 2023год., и после одржувањето на Управниот одбор и редовното Собрание на боречката федерација на Република Македонија, како и потврдување на официјалните резултати за натпреварувчката сезона, со огромно задоволство ве информираме дека прилепскиот боречки клуб “7 ми Мај – Златна рака” го освои првото место во женско борење, во конкуренција од 10 клубови.

Прилепчани се први со убедливи 212 поени пред второпласираниот “Вардар 1961” со 112 поени и трето пласираните “Бучим шампиони” oд општина Конче со 91 поен.

-Пред почетокот на натпреварувачката сезона имавме ветување дека прилепските девојки од петни жили ќе се борат и ќе ја вратат титулата првак на Македонија во Прилеп, која минатата година со многу тесна разлика беше одземена. По една година титулата шампион на Македонија се враќа во Прилеп, честитки до девојките и најзаслужните за овој успех, тренерите Илчо Маркоски, Стојанче Тушески, Филип Јованоски, Теодора Димеска и Елена Најдоска, изјави секретарот на боречкиот клуб “7-ми Мај Златна Рака”, Душко Стојаноски

Фирма од прилепско бара работници на повеќе позиции: Сигурна плата, одлична работна атмосфера и вреднување на трудот!

Фирмата “ОКИ ДОКИ ФУДС” во село Крушеани, има потреба од работници на повеќе позиции. Отворени се работи места за сезонски работници за пиперки (отстранување на дршки, печење, чистење и за производ од пиперки), вилушкаристи и работници за утовар и растовар.

Покрај работници на овие работни позиции, фирмата има потреба и од возач со Ц категорија, како и технолог во производство на храна за кое работно место почетната плата изнесува 30.000денари (плус бонуси).

Заинтересираните да се пријават на телефонските броеви :
075 235 682 во период од 12.00 до 15.00 часот и
078 714 175 во период од 17.00 до 20.00 часот.

Фирмата нуди работа во две смени со обезбеден превоз, почитување на договорот за вработување и договорените работни задачи, сигурна плата и одлична работна атмосфера.

Во денешно време кога работната сила станува неопходна, оваа фирма е едно од ретките места каде се почитува работникот и се вреднува неговиот труд.

Бидете дел од нивната успешна приказна! Аплицирајте веднаш!

Поскапуваат бензините и дизелот – ова се новите цени

Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги на Република Македонија донесе Одлука со која се врши зголемување на малопродажните цени на нафтените деривати во просек за 2,72% во однос на одлуката од 24.7.2023 година.

Референтните цени на нафтените деривати на светскиот пазар во споредба со претходната пресметка бележат зголемување во просек: кај бензините за 3,969%, кај дизелот за 4,065% , кај екстра лесното масло зголемувањето е за 4,410% и кај мазутот зголемувањето е за 3,245%.

Курсот на денарот во однос на доларот во изминатиот период по кој беа формирани цените со претходната пресметка е повисок за 0,782%

Малопродажните цени на бензините ЕУРОСУПЕР БС-95 и ЕУРОСУПЕР БС-98, како и на ЕУРОДИЗЕЛ (Д-Е V) и на Екстра лесното масло за домаќинство на (ЕЛ-1) се зголемуваат за 2,00 ден/лит.

Малопродажната цена на Мазутот М-1 НС се зголемува за 1,337 ден/кг и сега ќе изнесува 42,338 ден/кг.

Од 28.7.2023 година од 00:01 часот максималните цени на нафтените деривати ќе изнесуваат:

Моторен бензин ЕУРОСУПЕР БС – 95 84,50 (денари/литар)
Моторен бензин ЕУРОСУПЕР БС – 98 86,50 (денари/литар)
Дизел гориво ЕУРОДИЗЕЛ БС (Д-Е V) 74,50 (денари/литар)
Масло за горење Екстра лесно 1 (ЕЛ-1) 73,50 (денари/литар)
Мазут М-1 НС 42,338 (денари/килограм)

-Напоменуваме дека ова се максималните цени на нафтените деривати од 00:01 часот на 28.7.2023 година. Трговците на големо и трговците на мало со нафтени деривати и горива за транспорт можат да ги формираат цените на одделни нафтени деривати и горива за транспорт и пониско од највисоките утврдени цени, велат од Регулаторна.

Анѓушев и коморите од Прилеп и Битола добија награди од Стопанската комора на Македонија

Коморскиот инвестициски форум (КИФ), Регионалните комори од Битола и од Прилеп и проф.др. Кочо Анѓушев, стопанственик и сопственик на групацијата „Фероинвест“ и „Брако“ се доботници на дел од наградите што Стопанската комора на Македонија ги додели по повод 101-годишнината од нејзиното создавање.

Наградите што беа доделени се во две категории: првата-приоритети на Комората за придонес во развојот на извозот, но и за образованието на кадар за потребите на бизнисот, што им беше врачена на Лулзим Рафуна, претседател на КИФ и Кочо Анѓушев, стопанственик.

А втората, за долгогодишна коморска активност на Регионалните комори од Битола и од Прилеп. Наградите ги додели претседателот на Комората Бранко Азески, кој истакна дека придонесот на Коморскиот инвестициски форум, на проф.д-р Кочо Анѓушев и на Регионалните комори Прилеп и Битола за нашата економија е неспорен и потврден со конкретни резултати.

“Стопанската комора годинава прославува 101 година коморско организирање и денес може да кажеме дека нема институција во државата што поседува капацитет со материјални и човечки добра како нашата Комора. Ние сме партнери на државата, утврдиваме приоритети и остваруваме. На тој пат ние не сме сами, со нас се компаниите членки, меѓународните партнерски асоцијации и институции. Управниот одбор на Комората донесе одлука за доделување на награди за истакнати стопанственици, компани кои на патот на остварувањата покажаа особени резултати. Затоа денес, преку овој пригоден настан, посочувајќи ги главните приоритети на нашата економија, извозот и создавање кадар за неговите потреби, сакаме повторно да укажеме кој е вистинскиот пат за развој на една економија, но и да оддадеме признанија на клучните чинители во остварувањето на приоритетите и нивниот придонес во остварувањето на стратешките цели на делување на Комората, а тоа е нашата насоченост исклучиво кон интересот на компаниите- членки и додадената вредност која ја добиваат“, истакна Азески.

Коморскиот инвестициски форум, асоцијација која го обезбедува гласот на бизнисот во регионот и застапува 350 илјади компании од подрачјето на Западен Балкан, минатата година забележа видливи резултати со конкретни придобивки за македонските компании.

Со поддршка од Европската Унија се реализираше Програмата за развој на добавувачи, преку која се мапираа добавувачите од регионот во секторите на автомобилската индустрија, лесната преработувачка индустрија и на земјоделско-прехранбената индустрија, при што во дат а-базата Market Access вклучени се 483 македонски компании. Истовремено КИФ обезбеди поддршка и пристап до финансии, грантови и саемско претставување на извозно ориентирани македонски компании. Преку Регионалниот фонд за предизвици, КИФ активно придонесува и за поддршка на дуалното образование при што досега е одобрено финансирање за вкупно 14 проекти од Северна Македонија, во вредност од 6,13 милиони евра.

Стопанската комора му додели награда и на Анѓушев, кој во своето портфолио, преку успешни деловни потези, има значајна улога во зголемувањето на извозот. Кочо Анѓушев преку диверзификација на палетата на извозните производи во пет сектори и диверзификацијата на извозните пазари на три континента, но и во образовниот процес преку профилирање кадар за потребите на своите компании во рамки на групацијата, претставува успешен пример кој треба да биде и основата на која ќе се темели нашиот економски развој како држава.

Наградите на Регионалните комора од Битола и од Прилеп им беа врачени на претседателите Ирена Јакимовска, сопственик/управител на „Комфи ангел“ и на Мирко Велковски, сопственик на „Хемометал“ и ВЕМИЛК- Битола. Наградите се резултат на нивниот несебичен ангажман во последните 10 години. Двете комори покриваат околу 8. 000 активни компании, со вкупен придонес на БДП во текот на претходните години од 12%.

Од Зубовце до Крушево: Коњаниците од „Здружението Бигорски Манастир Патот на Црешовото Топче“ по 14-ти пат тргнаа на Илинденски марш

Коњаниците од „Здружението Бигорски Манастир Патот на Црешовото Топче“ по 14-ти пат го започнаа традиционалниот илинденски марш на пат за Крушево.

Денес од с. Зубовце коњаниците од „Здружението Бигорски Манастир Патот на Црешовото Топче“ по 14-ти пат го започнаа традиционалниот илинденски марш на пат за Крушево.

Во с. Зубовце коњаниците се поклонија на гробот на Ненад Серафимоски, кој загина во вооружена престрелка кај кумановско Диво Насеље, бранејки ја Македонија.

Од с. Зубовце Коњаниците го посетија с. Тумчевиште каде се приклучија на Селската слава и патронот на црквата „Свети Архангел Гаврил“, а потоа заминаа за Гостивар.

Во Гостивар коњаниците ги посетија градските гробишта и се поклонија на гробот на Горан Илијески кој загина бранејки ја Македонија во Диво насеље-Куманово. Во Диво насеље животот го загубија 8 припадници на македонската полиција.

Коњаниците помина низ градските улици низ Гостивар, ја посетија Црквата „Св. Богородица“ каде добија благослов од свештеници на гостиварското намесништо, а после тоа трнаа на пат за Бигорски Манастир.
Утре над 45 коњаници од Гостиварско, Струмица и Битола од Бигорски Манастир, ќе го започнат годинешниов марш за Крушево.

Агенда на движење на коњаниците за Четврток 27 јули:

10.00ч. Во манастирската црква „Св. Јован Крстител“ во Бигорски Манастир, ќе се одржи Литургија и Благослов од монашкото братство за успешен пат кон револуционерното Крушево.
10.30ч. Заклетва
11.00ч. Коњаницата од Бигорски Манастир тргнувана на пат за с. Јанче.
12,00ч. Од с. Јанче, коњаницата тргнува кон с.Галичник.
13.30ч. Пристигнување во с.Галичник.
15.30ч. Од селска ливада во Галичник тргнува за бачило Салтаница.
20.00ч. Пристигнување во бачило Салтаница.

Коњаниците и оваа година ќе поминат пет дена-двеста километри, низ планините на западна Македонија, на пат за Крушево.

ФОТО/Фејсбук/Мане Јаковлески