Битола ги додели четвртоноемвриските награди: Актерката Соња Михајлова е добитничка на наградата за животно дело

По повод 4 Ноември – Денот на ослободувањето на Битола, вечерва во Центарот за култура се одржа свечена академија на која беа доделени традиционалните четвртоноемвриски награди за 2026 година. Со признанија за своите достигнувања во областа на науката, здравството и спортот беа наградени тројца битолчани, додека наградата за животно дело ѝ припадна на истакнатата актерка и првенка на Народниот театар Битола, Соња Михајлова.

На свеченоста, градоначалникот на Битола, Тони Коњановски, потсети на историското значење на 4 Ноември 1944 година, нагласувајќи дека денот на ослободувањето засекогаш останува дел од колективната меморија на градот и неговите жители.

Тој истакна дека слободата стекната пред 82 години претставува обврска за зачувување на историските, културните и духовните вредности на Битола, но и мотив за нејзин понатамошен развој и напредок.

„Наша должност е да се погрижиме жртвите на нашите предци никогаш да не се заборават, а лекциите од историјата да нè водат во нашата потрага по подобро утре“, порача Коњановски.

Добитниците на овогодинешните признанија ги соопшти претседателот на Советот на Општина Битола, Бојан Бојкоски, кој нагласи дека локалната самоуправа продолжува да работи на подобрување на условите за живот, создавање нови можности и развој на градот.

Овогодинешни добитници на наградата „4 Ноември“ за едногодишни достигнувања се:

Д-р Горан Илиќ – редовен професор на Правниот факултет при Универзитетот „Св. Климент Охридски“ – Битола, проректор за наука и главен и одговорен уредник на меѓународното научно списание „Journal of Liberty and International Affairs“. Награден е за својот придонес во науката, развојот на универзитетот и меѓународната афирмација на Битола.

Д-р Маргарита Камбовска – доктор по медицина, специјалист по педијатрија и субспецијалист по неонатологија, предложена од болницата „Плодност“. Признанието го добива за долгогодишната посветена работа и значајниот придонес во унапредувањето на здравствената грижа за новороденчињата и децата.

Кире Марков – аматерски учител по пливање и скијање, предложен од група граѓани. Оваа година одбележува 60 години активно занимавање со спортот, а награден е за неговиот долгогодишен придонес во спортското воспитување и обучувањето на младите генерации.

Наградите за едногодишни достигнувања се состојат од диплома и паричен износ од 15.000 денари.

Наградата „4 Ноември“ за животно дело за 2026 година ѝ припадна на Соња Михајлова, актерка која цели 42 години остава значаен белег во македонската драмска уметност, од кои повеќе од три децении на сцената на Народниот театар во Битола.

Михајлова е препознаена по својата богата актерска кариера, суптилниот емоционален сензибилитет и впечатливите сценски остварувања. Во текот на кариерата реализирала повеќе од 150 улоги на матичната сцена, со бројни гостувања во земјата и странство.

Нејзиниот уметнички опус е потврден со бројни награди и признанија, меѓу кои и наградата за животно дело на Македонскиот театарски фестивал „Војдан Чернодрински“, како и признанија на фестивалите „Ристо Шишков“, „Стоби“ и „Охридско лето“.

Пошироката публика ја препознава и по нејзините улоги во телевизиските и филмските проекти „Бушава азбука“, „До балчак“, „Кајмак“ и други остварувања.

Покрај актерските достигнувања, Михајлова оставила значаен придонес и преку поддршката и менторството на помладите генерации актери, со што станува дел од театарската историја и културниот идентитет на Битола.

За животно дело, наградата се доделува во вид на плакета и паричен износ од 60.000 денари.

Во име на сите наградени, на свечената академија се обрати актерката Соња Михајлова, која се заблагодари за признанието.

Со доделувањето на четвртоноемвриските награди, Битола уште еднаш им оддаде почит на луѓето кои со својата работа, знаење, талент и посветеност придонесуваат за развојот и афирмацијата на градот.




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.