Два ревизорски извештаи за работењето на јавните претпријатија „Македонски железници – Транспорт“ и „Македонски железници – Инфраструктура“, кои се однесуваат на периодот до 2024 година, откриле сериозни аномалии и проблеми во нивното работење. Од Министерството за транспорт обвинуваат дека претходните раководства, назначени од СДСМ и ДУИ, ги игнорирале клучните проблеми и ги довеле двете претпријатија на работ на пропаст.
Оттаму бараат Јавното обвинителство и надлежните институции да постапат по наодите на Државниот завод за ревизија.
Во продолжение интегралното соопштение од Министерството за транспорт:
Двете јавни претпријатија Македонски железници транспорт и Македонски железници инфраструктура ги примија двата ревизорски извештаи за периодот во кој со претпријатијата раководеа кадрите на СДСМ и ДУИ. Во ревизорските извештаи, кои се изготвени на барање на актуелните раководства, се нотирани клучни проблеми, за кои веќе се преземени мерки.
Сметаме дека врз основа на аномалиите кои се нотирани во извештаите и клучните проблеми кои биле игнорирани од претходните раководства, јавните претпријатија биле доведени на работ на пропаст и целосно уништување.
Како Министерство апелираме Јавното обвинителство и надлежните институции да ги проверат наодите на Државниот завод за ревизија. Државниот завод за ревизија по службена должност треба да ги испрати извештаите до надлежните институции, а истите во целост ќе бидат испратени до Јавното обвинителство и апелираме да постапи по овие извештаи.
Извештаите за двете јавни претпријатија, Македонски железници инфраструктура и Македонски железници транспорт, се однесуваат на работењето до 2024 година, а извршена е ревизија на финансиските извештаи, заедно со ревизија на усогласеноста на јавните претпријатија.
























