Прилепската фудбалска историја загуби уште едно големо име. На 76-годишна возраст почина Ристо Глигороски, некогашниот голгетер и еден од најдобрите центарфори кои го носеле дресот на прилепска Победа, фудбалер чии голови, настапи и фудбалска дарба оставија неизбришлива трага во срцата на љубителите на фудбалот.
Роден во Охрид во 1950 година, Глигороски најголемиот дел од својата фудбалска кариера и живот го поврза со Прилеп. Во Победа пристигна од струшки Караорман, а неговиот квалитет многу брзо стана препознатлив за пребирливата прилепска публика. Дебито за Победа го имаше против ЕИ Младост од Ниш, во натпревар кој прилепчани го добија со 4:1, а Глигороски уште на првиот настап постигна два гола.
Тоа беше само најава за она што следуваше.
Во 1970 година, заедно со Живко Ѓорѓиоски, беше еден од најдобрите поединци во нападот на Победа, а сезоната ја заврши како најдобар стрелец на екипата со 19 постигнати голови на 39 натпревари. Неговата брзина, цврстина, снаодливост и извонредното чувство за гол го направија вистински кошмар за противничките одбрани.
Особено впечатлива беше неговата игра со глава. Иако не беше висок фудбалер, Глигороски имаше неверојатен одраз и способност да се извиши над далеку покрупните противници, постигнувајќи голови и во ситуации во кои тоа изгледаше речиси невозможно. Подеднакво опасен беше и со ударите со нога, па со право го носеше епитетот вистински голгетер.
Неговите квалитети не останаа незабележани. За него интерес покажувале големи југословенски клубови, меѓу кои Партизан, Динамо и Црвена звезда. Кон крајот на 1970 година, од белградски Партизан добил покана да биде дел од едномесечната турнеја низ земјите на Јужна Америка, што претставувало големо признание за неговите фудбалски вредности.
Сепак, фудбалската приказна на Ристо Глигороски најсилно остана поврзана со Победа.
Во 1978 година замина во скопски Вардар, каде настапуваше две сезони и имаше можност да игра и во Првата југословенска лига. За Вардар го паметеше и еден од најголемите натпревари во својата кариера, кога во есента 1979 година постигна хет-трик против белградски Партизан, во убедливата победа од 5:0 на скопјани.
По епизодата во Вардар, повторно се врати во Победа, клубот кој, како што самиот знаеше да каже, засекогаш ќе го носи во срцето. Во прилепскиот клуб мина вкупно околу 15 години, настапувајќи во две различни фудбалски епохи, од 1970 до 1978 и повторно од 1980 до средината на осумдесеттите години.
Еден од неговите незаборавни голгетерски настапи во дресот на Победа беше натпреварот против Напредак од Крушевац во пролетта 1976 година. Победа славеше со 5:1, а Глигороски постигна три гола, додека два беа дело на Живко Ѓорѓиоски.
Во сеќавањата на прилепските љубители на фудбалот остануваат и неговите настапи против силни југословенски екипи, меѓу кои и Раднички од Ниш, кој во пријателски натпревар на Градскиот стадион „Гоце Делчев“ беше совладан со 7:3. Глигороски и на тој натпревар се запиша меѓу стрелците со два гола.
Тоа беа времиња кога неговите голови, заедно со успесите на Победа, ги полнеа трибините на стадионот „Гоце Делчев“, каде пред повеќе од 15.000 гледачи се играше фудбал кој се паметеше и за кој се раскажуваше со години.
Глигороски беше дел од генерацијата која имаше квалитет за највисоките дострели. И самиот во своите сеќавања често зборуваше за силниот состав на Победа, но и за пропуштените можности клубот да направи уште поголем исчекор.
Неговата поврзаност со Прилеп не беше само фудбалска. Во градот пристигна во 1970 година, тука го помина најголемиот дел од животот и тука остана до последниот ден. И покрај тоа што беше роден Охриѓанец, прилепчани со години го доживуваа како еден од своите.
Со заминувањето на Ристо Глигороски, Победа и прилепскиот фудбал губат име од едно незаборавно време. Време на големи натпревари, полни трибини, фудбалски мајстори и голови кои се славеа со цело срце.
Ристо Глигороски беше роден голгетер. Неговите голови заминаа во историјата, но спомените за него ќе останат засекогаш дел од фудбалската приказна на Прилеп.
Телото на Ристо Глигороски ќе биде изложено денеска од 8 до 11 часот во црквата „Свето Благовештение“ (Стара црква), по што ќе биде погребан на Новите градски гробишта во Прилеп.
Вечна му слава!
























