Водата во Прилеп од Нова година ќе поскапи за безмалку 30 проценти, а ЈКП „Водовод и канализација“ се соочува со сериозни финансиски проблеми и долгови од околу 40 милиони денари. Ова го потврди директорот на претпријатието Ѓоко Јочкоски, образложувајќи дека корекцијата на цената е неопходна за да може претпријатието нормално да функционира, да ги сервисира обврските и да ги подобри услугите кон граѓаните.
Според Јочкоски, новите цени се утврдени врз основа на законските препораки и пресметките на претпријатието, при што, како што тврди, предложените износи се минимално пониски од просечните препорачани цени.
„Водовод и канализација мора да пристапи согласно Законот кон утврдување на цените на водните услуги. Така ќе можеме да функционираме непречено, да ги подобриме услугите кон корисниците и да не ги оптовариме граѓаните со екстремно зголемување на цената на водата“, истакна Јочкоски.
Тој предупреди дека доколку не се направи корекција на цените, претпријатието може да се соочи со нефункционалност, посочувајќи дека без доволно средства нема да може да ги подмирува ниту основните трошоци, како горивото за службените возила, што директно би влијаело врз интервенциите при дефекти на водоводната мрежа. Дополнително, значително биле зголемени и цените на репроматеријалите.
Според презентираните податоци, просечната препорачана цена за водоснабдување изнесува 51,4 денари за метар кубен, за одведување отпадни води 7,41 денар, а за третман на отпадни води 27,13 денари. Претпријатието предлага цени од 51,4 денари за водоснабдување, 7,4 денари за одведување и 26,9 денари за третман на отпадните води.
Но, покрај најавеното поскапување, сериозен проблем претставува и финансиската состојба на претпријатието.
ЈКП „Водовод и канализација“ во моментов има долгови од околу 40 милиони денари, од кои 12 милиони денари се кон ЈП „Студенчица“, а останатите кон други добавувачи и доверители.
„Не е добра финансиската состојба. Станува збор за наследени обврски кон добавувачи кои полека се трудиме да ги сервисираме и да ги намалуваме. Кон Студенчица се 12 милиони денари, а вкупно се 40-тина милиони денари“, изјави Јочкоски.
Тој призна дека поради незадоволителната финансиска состојба претпријатието во моментов нема можност да инвестира во реконструкција на водоводната мрежа. Притоа, не беше даден конкретен одговор како претпријатието се довело во ситуација да има вакви високи долгови.
Дополнителен проблем се огромните загуби на вода, кои според податоците изнесуваат дури 53 проценти. Од вкупните загуби, околу 20 проценти отпаѓаат на населбата Тризла и нејзината околина.
Како главни причини се посочуваат застарената водоводна мрежа, за чија целосна замена остануваат уште околу 140 километри цевководи, но и дивите приклучоци, кражбите на вода и несовесното трошење.
Јочкоски посочи дека постојната законска регулатива не дозволува исклучување на корисниците на начин на кој тоа се применува кај кражбата на електрична енергија, поради што побара законски измени и построги санкции.
„Доколку се примени истата регулатива како за кражба на струја и за кражба на вода, каде кражбата на електрична енергија се смета за кривично дело, ве уверувам дека многу од корисниците кои на диво се вклучиле сами ќе се исклучат заради можноста од законска регулатива и казни“, додаде директорот.
Покрај финансиските и инфраструктурните проблеми, Прилеп се соочува и со намалување на количините вода што пристигнуваат од регионалниот водоснабдителен систем „Студенчица“.
Според Јочкоски, дотокот е намален за околу 40 литри во секунда, па во моментов до Прилеп пристигнуваат само 180 литри во секунда од Студенчица, дополнети со околу 25 литри во секунда од старите градски извори. За нормално снабдување, според неговите проценки, потребни се уште околу 40 литри во секунда.
Поради тоа, претпријатието веќе подготвува активирање на алтернативните бунарски постројки.
„Имаме бунарски постројки кои се дополнителни и ќе ги ставиме во функција доколку има потреба од нив. Се работи за бунарското поле Бегова Ливада, а сега работиме и на полето Кешовица – Орушица, така што имаме уште алтернативи. Студенчица е основен извор за град Прилеп, а бунарите се интервентни и може годишно да се употребуваат два до три месеци“, истакна Јочкоски.
Според него, сите бунари заедно имаат капацитет од околу 170 до 180 литри во секунда, но нивното истовремено активирање би претставувало значително оптоварување за водоводниот систем.
























