Од 2023 год. кошаркарските работници во Прилеп се лажени со средства и адекватна сала – До кога вака?

Редица политичари во изминатите години ветуваа подобри услови, финансиска поддршка и соодветна спортска инфраструктура за прилепската кошарка. Но, годините минуваат, ветувањата остануваат, а состојбата на теренот речиси и да не се менува.

Прилеп со децении важи за град со кошаркарска традиција и средина во која се раѓале и развивале голем број млади кошаркарски таленти. Но, и покрај потенцијалот, ентузијазмот на спортските работници и вложениот труд, прилепската кошарка со години се соочува со недостиг од финансиска поддршка и несоодветни услови за работа.

Од 2023 година наваму, кошаркарските работници во Прилеп слушаат најразлични ветувања. Се најавуваа подобри услови, поголема грижа за спортот и поддршка за клубовите, но реалноста покажува дека конкретните резултати изостануваат.

Денес, Прилеп сè уште нема екипа во највисокиот ранг на македонското кошаркарско натпреварување. Градот кој има кошаркарска традиција и млади играчи кои сакаат да се докажуваат, наместо да размислува за враќање на големата кошаркарска сцена, сè уште се бори за основни услови за функционирање.

Особено загрижувачка е финансиската поддршка за КК Мега Баскет, клуб кој работи со сениорска и младинска екипа и претставува еден од носителите на кошаркарскиот спорт во градот.

За двете екипи, општинската поддршка за оваа година изнесува само 5.000 евра. Износ кој тешко може да ги покрие потребите на еден клуб што треба да обезбеди нормално функционирање, натпреварувачки активности, патувања, опрема и развој на младите кошаркари.

Ниту претходните години финансиската слика не била значително поразлична. Наместо системска поддршка и долгорочна стратегија за развој, клубот повторно е оставен во ситуација во која ентузијазмот и пожртвуваноста на луѓето во него треба да надоместуваат за она што недостига од институциите.

Но, финансиските средства не се единствениот проблем.

Прилеп располага со две спортски сали, но кошаркарите на Мега Баскет своите натпревари и активности ги реализираат во училишна сала. Се поставува сосема логично прашање: како е можно град со две спортски сали, со спортска традиција и со амбиции за развој на младите спортисти, да не може да обезбеди соодветен простор за својата кошаркарска екипа?

Најголемата штета од ваквата состојба ја трпат токму младите кошаркари. Прилеп има таленти, има деца кои тренираат, има тренери и спортски работници кои вложуваат време и енергија, но нивниот труд мора да биде проследен со институционална поддршка. Во спротивно, талентите наместо да се развиваат во својот град, ќе бараат подобри услови на друго место.

Не е доволно политичарите да се појавуваат на спортски настани, да зборуваат за спортските успеси и да ветуваат инвестиции кога се бара поддршка. Потребни се конкретни средства, јасна стратегија и реални услови за работа.

Доста е од ветувања. На прилепската кошарка ѝ се потребни дела!




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.