Вистинска драма се одвиваше вчера попладне во Прилеп, откако голем пожар избувна на депонијата кај Текето, а поради ветерот огнената стихија за кратко време се прошири кон пределот на Марковите Кули, Заград и во правец на манастирот „Свети Архангел Михаил“.
Според информациите од Територијалната противпожарна единица – Прилеп, дојавата за пожарот била примена во 15:47 часот, по што веднаш на терен биле испратени пожарникарите.
Во гаснењето на пожарот интервенирале пет противпожарни возила и 17 пожарникари, кои со брза и координирана акција успеале да ја локализираат и целосно да ја изгаснат огнената стихија, спречувајќи нејзино понатамошно ширење кон околните површини.
Од ТППЕ – Прилеп упатија голема благодарност до сите кои се вклучиле и помогнале во справувањето со пожарот.
Благодарение на навремената интервенција, пожарот е ставен под контрола, а засега нема информации за повредени лица или за поголеми материјални штети.




























