Прилеп повторно ќе биде во знакот на рокенролот! Во среда, 12 август, со почеток од 21:00 часот, пред клуб Калинка ќе се одржи големата прослава по повод 18. роденден на The Hounds – најпознатиот рок бенд од градот под Марковите Кули. Настанот кој секое лето ветува незаборавна вечер исполнета со музика, емоции, пријателства и многу изненадувања.
Осумнаесет години Хаундс не се само бројка, туку приказна создадена од генерации љубители на рок музиката, концерти и дружења кои оставија трага во прилепската културна сцена. Од првите свирки до денес, Хаундс прераснаа во симбол на рокенрол духот во градот.
„18 години рокенрол, концерти, дружење и моменти што ќе ги паметиме засекогаш. Сонот трае и го живееме 18 години – благодарение на вас.“ – порачуваат од Хаундс, упатувајќи благодарност до сите кои биле дел од нивното патување низ годините.
Деталната програма ќе биде објавена наскоро, но едно е сигурно – 12 август ќе биде вечер која не смее да се пропушти. Интересот е голем, па организаторите апелираат сите што сакаат да бидат дел од прославата навреме да го резервираат своето место.
„Конечно полнолетни – 18 години Хаундс! Се гледаме на концерт!“ – е пораката со која веќе започна одбројувањето до една од најочекуваните рок вечери ова лето во Прилеп.
Подгответе се за вечер во која рокенролот повторно ќе го освои Прилеп!
























