Младиот шахист oд Прилеп и член на ШК Мулти Есенс, Никола Павлески, минатиот викенд имаше забележителен настап на турнирите кои се одржаа во Алексинац, Србија, па во двата настапи на два пати беше и најдобро пласиран македонски шахист.
Најпрво, на турнирот во стандарден шах „Опен Лав 2026“, каде што темпото на игра беше 60 минути за играч плус 10 секунди за потег, Павлески во шест кола забележа три победи и три реми, односно собра вкупно 4,5 поени. На крајот, за половина поен остана на второто место, откако претходно во директен дуел го совлада првопласираниот Павел Лагашин од Русија, па мораше да се задоволи со наградата за второ место на турнирот, на кој учествуваа 22 шахисти. Зад него остана ИМ Тони Кироски со 4 бода, како и други двајца ФИДЕ мајстори од Србија.
Воедно, Павлески освои нови 36 рејтинг поени, со што ќе се вивне меѓу играчите со рејтинг од 2000 поени или повеќе. Во Алексинац покрај турнирот со стандард темпо, се одигра и турнир во забрзан шах, со време од 10 минути по играч и пет секунди бонификација за секој одигран потег. И тука Павлески беше најдобро пласиран македонски шахист, со 5 бода од 7 партии. Уште еднаш младиот шахист остана непоразен, па со пет поени се најде сам на четвртото место, додека зад него беа поискусните ИМ Тони Кироски и Кирил Николовски, со половина поен помалку.
Со овие настапи Павлески ќе оди на Светското младинско првенство, кое оваа година ќе се одржи во Монтесилвано, Италија, од 14 до 27 јуни, а Никола таму ќе биде единствениот Македонец во својата категорија.

























