Организаторите на AirFlow Music Festival продолжуваат да ја збогатуваат програмата за второто издание на фестивалот, откривајќи нови звучни имиња кои ова лето ќе настапат на сцената на Спортскиот аеродром во Прилеп.
По најавата дека пред прилепската публика ќе настапат македонската музичка ѕвезда Каролина Гочева и легендарниот прилепски рок бенд The Hounds, денеска беше потврдено и едно од најатрактивните интернационални имиња во програмата – светското електронско дуо MĪMĪ x FY.
Станува збор за артисти кои зад себе имаат настапи на некои од најголемите музички фестивали и настани во светот, меѓу кои Tomorrowland, Zamna Festival, Exit Festival, како и Formula 1 настаните во Монако и Абу Даби. Во својата кариера настапувале и заедно со едни од најголемите имиња на современата електронска музика, како Keinemusik, Black Coffee, Adriatique и Argy.
Со ова, AirFlow Music Festival уште еднаш покажува дека амбициите се фестивалот да понуди програма која ги надминува локалните рамки и да донесе светски музички имиња во Прилеп.
Второто издание на AirFlow Music Festival ќе се одржи на 28 и 29 август на Спортскиот аеродром во Прилеп. Минатогодишното премиерно издание привлече илјадници посетители и остави силен впечаток, не само по музичката програма, туку и по својот хуман карактер.
И оваа година фестивалот ќе има хуманитарна мисија – дел од средствата од продадените влезници ќе бидат наменети за лекувањето на малиот Никодим Мидоски, што значи дека секоја купена влезница ќе претставува и директна поддршка за оваа благородна цел.
Со веќе потврдените Каролина Гочева, The Hounds и MĪMĪ x FY, очекувањата за второто издание на AirFlow Music Festival дополнително растат, а организаторите најавуваат дека наскоро ќе бидат објавени уште неколку домашни и светски музички имиња кои ќе ја комплетираат фестивалската програма.
























