Вечерва премиера на претставата „ЛОВЕЦОТ ВО ‘РЖТА“ на Мартин Кочовски

„ЛОВЕЦОТ ВО ‘РЖТА“, според Селинџер, во режија на Мартин Кочовски, е новата премиера на театарот „Војдан Чернодрински“, што ќе биде изведена вечерва со почеток од 20.00 ч.во големата сала од ЦК”Марко Цепенков”.

По тој повод денеска во фоајето од Центарот за култура се одржа прес конференција на која беше претставена екипата во претставата.

Директорката на Центарот Марија Попова Јованоска, посочи дека претставата е поддржана од Министерството за култура и туризам и дека е трета премиера годинава.

– Го потврдуваме нашиот контиунитет за создавање на квалитетни продукции. Создаваме квалитетен театар и на нашата публика и нудиме репертор кој инспирира, поттикнува размислување и кој отвора важни општествени прашања – рече Јованоска.

Михајло Миленкоски, раководител на театарот, претставувајќи ја екипата во претставата, истакна дека Мартин Кочовски е еден од режисерите со кој театарот ги жнееше најдобрите успеси.

Режисерот Мартин Кочовски, рече дека има чест да работи со најдобрата и уникатна екипа во Македонија, која може да реализира ваков проект.

– Проектот е грандиозен, а основната тема е за конфликтот на индивидуата во општеството – рече Кочовски.
За драматургот Лидија Митоска Ѓорѓиевска, претставата говори за побуната против средината.

Младата актерка Теона Крстеска, студент на ФДУ, истакна дека и било предизвик да биде дел од претставата, да игра со оваа екипа.

– Голем „залак“ за мене беше како студент. но мислам дека ја совладав задачата – рече Крстеска.
Актерот Димитар Ѓорѓиевски изјави дека секоја улога е предизвик, и големо задоволство е да се работи со режисерот Мартин Кочовски, кој експериментира во театарот.

ЛОВЕЦОТ ВО ‘РЖТА

според Џ.Д. Селинџер
Режија: Мартин Кочовски
Драматизација: Лидија Митоска-Ѓорѓиевска
Сценографија: Филип Јовановски
Костимографија и светло: Јулијана Војкова
Музика, кахон: Пеце Брада Трајковски
Пијано, микрокорг: Давид Скерлевски
Вокал, сантур: Ана Митоска
Саксофон, тромбон: Илија Волчески
Гитара: Димитар Ѓорѓиевски

*******
Играат:
Наташа АЧАНСКИ
Илија ВОЛЧЕСКИ
Димитар ЃОРЃИЕВСКИ
Теона КРСТЕСКА
Михајло МИЛЕНКОСКИ
Ана МИТОСКА
Јасмина МИЦОВСКА СТАНКОСКА
Марија СПИРКОСКА ИЛИЈЕСКА
Здравко СТОЈМИРОВ
Александар ТОДЕСКИ
Игор ТРПЧЕСКИ

*****
Инспициент – Елена Иваноска
Суфлер – Кети Јанчески
Тон мајстор – Томе Темелкоски
Светло мајстор – Гоце Ристоски
Сликар исполнител – Пеце Ристески
Реквизитер – Гоце Тодороски
Гардеробер – Снежана Ѓорѓиоска
Фризер-перикер – Даринка Богојеска
Декоратери – Сашо Смоквоски, Роберт Стојкоски, Владимир Владимироски, Јане Јанкулоски
Изработка на сценографија: Живко Илиев, Сашо Неданоски, БОЈТОН
Асистент на сценографија и дизајн на плакат: Димитар Милев
Благодарност до Катерина Маркоска, д-р Билјана Гоцалеска Ширкоска, Јорданчо Бунески

*****
„Ловецот во ‘ржта“ претставува побуна против конвенциите на средината – општествена, економска и интелектуална. Холден Колфилд е осамен и изолиран херој, или антихерој, или ни едното ни другото, кој не сака да ја прифати бесмисленоста на која постојано наидува – како во својата фамилија, така и во училиштата од кои го исфрлаат, во њујоршките локали и секаде каде што се движи. Исклучок од таа бесмисленост е единствено неговата помала сестра Фиби која сака да ја заштити од средината во која тој самиот израснал.

Некаде меѓу детството и зрелоста, човек губи нешто што никогаш повеќе не успева да го има. Не станува збор за невиност, ниту за носталгично гледање кон минатото. Се работи за една форма на непосредност во односот кон светот – способноста да се гледа без однапред прифатени категории, безгрижно и љубопитно, да се именува лицемерието без страв, според сопственото чувство за вистина, правичност и сочувство. Штом созревањето подразбира такви одрекувања и компромиси, прашање е што останува од нас кога ќе ги исполниме сите општествени очекувања.

Холден Колфилд на моменти наликува на детинест, добродушен бељаџија кој постојано ги преиспитува и заобиколува општествените норми, но истовремено покажува раскошна природа на незапирлив багабонт кој предизвикува восхит со својата животна енергија. Неговата нетрпеливост не е насочена кон авторитетот сам по себе, туку кон лицемерието што станало негова основна одлика. Тој нема намера да ја прифати идејата дека сме осудени да живееме во свет во кој искреноста и индивидуалноста мора да бидат жртвувани во замена за сигурност и чувство на припадност. Она што најмногу восхитува кај Холден Колфилд е начинот на кој доживува и раскажува, како и неговата способност вешто да се отараса од светот кога тоа ќе го посака. За некаков дуализам во ликот на Холден, се разбира, не станува ни збор: неговото Јас не е целина туку еден комплексен свет на многукратност и хаос од форми и состојби.

Токму во тоа се состои и длабоката сила на Ловецот во ‘ржта — во можноста да се разбере позицијата на човекот распнат меѓу својата комплексна природа составена од противречности и општеството кое секогаш настојува да ја редуцира и некако да ја вкалапи таа комплексност – Лидија Митоска-Ѓорѓиевска, драматург.




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.